Македонски Телеком

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Македонски Телеком АД
Oснована1 јануари, 1997
СедиштеСкопје, Македонија
Опслужувано
подрачје
Македонија Република Македонија
Клучни личностиНикола Љушев (Главен извршен директор)
Славко Пројкоски (Главен директор за финансии)
Мирослав Јовановиќ (Главен директор за техника и ИТ)
Бранко Станчев (Главен комерцијален директор)
Назим Буши (Претседател на одбор на директори)
ДејностКомуникациски сервиси
Производимобилна телефонија, Фиксна телефонија, широкопојасен интернет пристап, интегрирани решенија, мрежи, IPTV оператор
Вработени1300 (септември 2017)
Порталhttp://www.telekom.mk


Македонски Телеком АД е трговско друштво за телекомуникации во Македонија, со седиште во Скопје. Друштвото, основано на 1 јануари 1997 година, претставува дел од Групацијата „Маѓар Телеком“ која е целосно консолидирана подружница на меѓународната групација „Дојче Телеком“ (Deutsche Telekom Group). „Македонски Телеком“ уди широк опсег на телекомуникациски услуги и услуги од забавен карактер, како што се мобилни и фиксни телефонски услуги, опсег на услуги за интернет пристап вклучувајќи широкопојасен интернет (ADSL), IPTV производи и управува со националната телефонска мрежа. „Македонски Телеком“ е едно од најуспешните и најголемите трговски друштва во Македонија.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Формирање на Македонски телекомуникации[уреди | уреди извор]

АД Македонски телекомуникации е компанија во државна сопственост, основана на 1 јануари 1997 година, како компанија независна од Поштата. Претходникот на компанијата кој обезбедувал телекомуникациски, поштенски, банкарски и други услуги во Република Македонија под називот „ПТТ Македонија“ се поделил на два нови правни субјекти: АД „Македонски телекомуникации“ и АД „Македонски пошти“. Ова резултирало со одделување на поштенските операции од оние за телекомуникации и телеграфија, како и со одделување на релевантните средства и обврски. Во март 1998 година, компанијата се регистрирала како акционерско друштво во јавна сопственост со цел да се подготви за приватизацијата.

Приватизација[уреди | уреди извор]

Приватизацијата се случи на 15 јануари 2001 година, кога Владата на Република Македонија и конзорциум предводен од унгарскиот давател на телекомуникациски услуги, Матав, потпишаа договор за аквизиција на акциите на Македонски телекомуникации при што Матав влезе во акционерската книга на Македонски телекомуникации како сопственик на 51 % од акциите со што стана доминантниот сопственик на компанијата. Од октомври 2008 година, македонската влада се уште држи директен удел во акциите на компанијата. Од 1 јуни 2001 година, давателот на услуги за мобилна телефонија T- Mobile (поранешен Мобимак) почна да функционира како посебен правен субјект (ќерка компанија).

Ребрендирање[уреди | уреди извор]

На 1 мај 2008 година, АД Македонски телекомуникации официјално станаа дел од групацијата „Дојче Телеком“, со прифаќање на новиот „Т“ бренд. Од овој датум, компанијата работи како правен субјект под името „Македонски Телеком“, акционерско друштво за електронски комуникации – Скопје или под скратениот назив, Македонски Телеком АД – Скопје. Со имплементацијата на „Т“ брендот, што ги покривало двата посебни бренда T-Home и T- Mobile, „Македонски Телеком“ го презел корпоративниот идентитет и дизајн на групацијата „Дојче Телеком“.

Консолидација и згаснување на „T-Mobile“ и „T-Home“[уреди | уреди извор]

„Македонски Телеком“, „T-Home Македонија“ и „T-Mobile Македонија“ од 1 јули 2015 година официјално се споиле во едно трговско друштво. Одлуката била донесена на собранието на акционерите, одржано на 17 јуни, со прифаќање на Спогодбата за присоединување. Фирмите „T-Mobile Македонија“ и „T-Home Македонија“ од 1 јули 2015 година престанале да постојат како правни лица, а сите вработени, како и целокупниот имот и обврски биле преземени од „Македонски Телеком“. На 3 септември 2015 година, „Македонски Телеком“ најавил дека ги избришал двата продуктни бренда „Т-Home“ и „T-Mobile“ и вовел еден бренд - „Телеком“ кој го применувал сите комуникациски услуги за дома и во движење: мобилни и фиксни интегрирани услуги, решенија за деловни корисници и Cloud-решенијата.[2] [3]

Работење и услуги[уреди | уреди извор]

„Македонски Телеком“ е оператор на мобилни и фиксни линии на македонскиот пазар, работи и како давател на интернет услуги и како давател на интегрирани телекомуникациски и телевизиски услуги. Со понуда на комуникациски услуги и забавна содржина се осигуруваат приходите во иднина, компанијата ја подобрува и конкурентноста во Македонија, како и порастот на мобилните и широкопојасните услуги на национално ниво.[4] Компанијата нуди портфолио на услуги што се базираат на Интернет-протокол, услуги за комуникација на податоци, продажба и изнајмување на опрема и услуги за системска интеграција.

Мобилна телефонија[уреди | уреди извор]

Telekom.mk е првиот GSM мобилен оператор во Македонија. Компанијата е активна од септември 1996 година, под тогашниот назив МобиМак пред да биде купена од Дојче Телеком. Во 2006 година, „МобиМак“ станал дел од Т-Mobile а во 2015 година го променил називот во Telekom.mk, синхронизирајќи ја работата со останатите фирми ќерки на „Дојче Телеком“. Мрежата на „Телеком“ покрива 99.9% од населението и преку 98.5% од територијата на Македонијa. Компанијата прва ги претставила GPRS. EDGE, 3G и 4G LTE мрежите на македонскиот пазар.

Фиксна телефонија[уреди | уреди извор]

Компанијата обезбедува услуги на фиксна телефонија претежно преку VoIP и нуди различни тарифни планови. Во првиот квартал на 2017 година, со 214.000 корисници, „Македонски Телеком“ имал пазарно учество од 59,1% во областа на фиксната телефонија во Македонија.[5]

Интернет[уреди | уреди извор]

Телеком нуди портфолио од интернет-протокол базирани сервиси, комуникациски мрежи, опрема за продавање и изнајмување како и системски интегрирани сервиси. Телеком се стреми да ја модернизира мрежата и да постигне високо технолошко ниво. Еден од главните фокуси е модернизација на оптичката мрежа позната како fiber-to-the-home (FTTH). Во ноември, 2011 Телеком започна проект за модернизација на мрежата преку нова интернет-базирана мултимедијална платформа. Платформата се употребува за VoIP и миграција од PSTN кон целосна IP мрежа. Денес над 290.000 фиксни линии се мигрирани кон новата платформа.[6] Во првиот квартал од 2017 година, Македонски Телеком имал 189.000 претплатници на широкопојасен интернет, со што заземал пазарно учество од 47,25 во Македонија.[7]

IPTV[уреди | уреди извор]

IPTV услугата на „Македонски Телеком“ започнала со работа во ноември 2008 под брендот MaxTV како прва понуда за дигитална телевизија во Македонија. MaxTV нуди +150 тв канали и интерактивни услуги преку IPTV платформата. „MaxTV“ се употребува во близу 100.000 домаќинства.

Веб портали[уреди | уреди извор]

Првиот веб-портал, дизајниран од страна на МТнет (поранешниот давател на интернет услуги на Македонски Телеком), беше пуштен во употреба на 7 декември 1999 година. Во тоа време, тоа била комбинација на портфолиото на веб производи на МТнет и општ портал за Интернет содржина. Тоа бил првиот портал од таков вид, и нудеше скоро дневно ажурирани новости и информации на интернет корисниците во Македонија.

ИДИВИДИ (www.idividi.com.mk), бил пуштен во употреба во февруари 2004 година за воведување нови видови на содржини и додавање функционалности поврзани со издавање на содржини и интеракција со посетителите. Темите вклучуваат: вести од светот и од земјата, деловни информации, спорт, стил, забава, здравје, технологија. До 2008 година, ИДИВИДИ имал просечно 35 илјади посетители и имал највисок број од 60 илјади посетители во еден ден. ИДИВИДИ објавува 200 нови написи во ден. Порталот ги нуди и следните услуги: Речник за десет различни јазици; Лични огласи; Електронски честитки; услуги за Online chatting; Форум заедница; Преземање на софтвер од различни категории; Online образовни курсеви (едукација); Услуги за дневни информации; Вести од дневните весници и електронските медиуми (ИДИВИДИ медиуми); 24 часа камери во живо.

Под доменот на ИДИВИДИ постојат неколку други портали: Мултимедијален портал (Мултибокс); Портал за содржина генериран од корисниците (Мое Видео); Портал за заедницата за online игри (МаксАрена).

Организација и менаџмент[уреди | уреди извор]

На 1 мај 2017 година, за главен извршен директор на „Македонски Телеком“ бил назначен Андреас Елснер. Во јули 2018 година, за главен извршен директор бил назначен Никола Љушев.[8]

Општествена одговорност[уреди | уреди извор]

Македонскиот Телеком е основач на Фондацијата „Телеком за Македонија“ чиј претседател е Никола Љушев. Во 2019 година, оваа фондација воспоставила партнерство со УНИЦЕФ кое се однесува на две иницијатици за помош на децата и младинците со попреченост во развојот.[9]

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Во 2016 година, на Светскиот конгрес за информатичка технологија, одржан во Бразилија, „Македонски Телеком“ добил награда од Светската алијанса за информатичка технологија и услуги (WITSA) за проектот „Паметен град“ (Smart City), во категоријата „Решение за одржлив раст“.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Најголеми фирми во Македонија
  2. telekom.mk
  3. „Т-Мобиле и Т-Хоме влегуваат под една капа - Телеком“, Економија и бизнис, година 18, број 207, 11 септември 2015, стр. 10.
  4. Оптички кабел до дома
  5. Мирослав Саздовски, „Македонски Телеком ја задржа водечката позиција на пазарот и во 2017 година“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 12.
  6. MakTel completes IP migration
  7. Мирослав Саздовски, „Македонски Телеком ја задржа водечката позиција на пазарот и во 2017 година“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 12.
  8. Мирослав Саздовски, „Никола Љушев, нов главен извршен директор на Македонски Телеком“, Економија и бизнис, година 20, број 241, јули/август 2018, стр. 8.
  9. Мирослав Саздовски, „Партнерство на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија“, Економија и бизнис, година 20, број 252, јули/август 2019, стр. 6.
  10. „Македонски Телеком доби награда за проектот Паметен град“, Економија и бизнис, година 18, број 221, ноември 2016, стр. 10.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]