Македонски извори за македонскиот идентитет

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мајка Македонија - персонификација на Македонија
“Дали има народ кој толку многу страдал од своите синови изроди, како македонскиот!“ - Гоце Делчев

Македонски извори за македонскиот идентитет се пишани документи или изјави на видни македонски национални дејци кои говорат за посебноста на македонскиот национален идентитет.

Запис на учителот Ѓорѓи Македонски за своето потекло, 1846 година[уреди | уреди извор]

Да се знае кога селаните од моето родно село Радибуш, Криворечка Паланка, ме главија за учител во нашето селско училиште и за Ранковце и за Криви Камен, за 1800 гроша годишно. Роден сум од татко ми свјаштеник Димитрија и мајка Варскија како 7-мо дете од дванаесетте деца, пет машки седум женски . Славјанското писмо го изучив од татко ми Димитрија Маќедонски, кој така се вика зашто сме Маќедонци, а не Грци, а неговиот татко се викал Јосиф свјаштеник, а неговиот дедо Стоимен, свјаштеник. И ја прекарот си го земав Маќедонски, а не по дедо ми, за да се знае оти сме Славјани од Маќедонија. Ден Голема Богородица на 1846 година.

Учителот Ѓ. Маќедонски, родум од с. Радибуш (Кривопалнечко), по повод настапувањето на учителската должност во родното с. Радибуш, го оставил овој запис со фразата вообичаена за тоа време „Да се знае” (Знано будет ...)

Ѓорги Пулевски[уреди | уреди извор]

Во своето второ објавено дело „Речник од три јазика“ (тријазичник) од 1875 Ѓорѓија Пулевски првпат ја изложува македонската национална идеологија за македонска посебност и самобитност:

„и Македонциве се народ и местото нивно е Македонија”
„Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме Македонци“

Ѓорѓи Пулевски, во песната „Македонска самовила и еја посестрима“, печатена во неговата книга „Македонска песнарка“, Софија 1879, кн. I. стр. 17, пишува:

„Да ли сте чуле, Македонци, стари људи што говорат Од Македонци по јунаци над них не било. Цар Александар Македонски триста лета пред Христа Со Македонци сви вселену повладал. Наш крал Филип - Славјанин е, цар Александар - Славјанин е Наши баби славјански ги родиле. Македонци! Сетите се за јунакство македонско, Та спроти старих вие сега да следувате!“

Во своето обемно, капитално дело Славјанско-маќедонска општа историја од 1892 година, Ѓорѓија Пулевски пишува:

А Македонци оту се староместни полострофски жители и гостопријемци и болгарски и српски и горцки и од други народности, а суседи елински, затоа во оваја книга кажуваме Славјанско-маќедонска историја и за од сви живуштих пришелци полострофски - да си знојат кој когашен је[1]

Атанас Раздолов[уреди | уреди извор]

Атанас Раздолов е македонски револуционерен писател и поет, автор на написи, стихотворби и брошури со теми од револуционерната борба. Близок пријател и приврзаник на Гоце Делчев, којшто пак од своја страна, насекаде топло ги препорачувал неговите дела.[2][3] Во својата брошура ‘Иднината на Балканскиот полуостров’, издадена во Варна, во 1914 г., Раздолов вели:

"Сè водеше кон автономија на Македонија, кон слоганот „Македония за Македонците“, т.е. секој да има еднакви права на граѓанин и да живее слободен живот - таков, какoв што се родил, а не Србинoт да го прави насила ,србин', Гркoт - ,грк', Бугаринoт - ,бугарин'..." [4]

Ѓорче Петров[уреди | уреди извор]

"Положбата на нас Македонците во последниов период сѐ повеќе се влошува... соседните ослободени држави го прибираат македонското население, од кое што половината не се ни враќа на својата земја, а нив ги заменуваат заселници турци и черкези - маџири. Отоманските власти дозволуваат да се разгоруваат разните пропаганди на соседите, дозволуваат разни убиства и грабежи врз христијанското население. Сето тоа јасно ја покажува положбата на нашата ни мила татковина Македонија, а така е и во Одринскиот вилает... Ние мора да преземеме дејства за да го свртиме вниманието на цел Свет, одново да го актуелизираме македонското прашање, патем и прашањето на Одринско. Но, за таа цел нужно е сите Македонци да се обединиме, и здружно да дејствуваме." [5]
„Денешните историски докажувања и расправии како тоа дека тука владеела Србија, дека српскиот дух е силен и други такви со кои се служат „браќата“ за да докажат дека сме Срби и обратно, тврдењата на „Новини“ врз основа на некои факти од „Бугарската историја“ и врз мислењата на разни историчари и патеписци, дури врз историските спомени на населението за српските владетели на кои спомени многу се силат „браќата“ или големото влијание на мизиските и тракиските Бугари врз Македонците и нивното заемно учество во разни движења, нивната нова заедничка историја, најпосле „славата“ на Милоевиќ и „курбанот“ на г.Шопов, сето тоа се бессодржински докажувања и аргументи кои можат да даваат материјал на секојдневните весници и списанија наменети за масата, но за науката не вредат ни луле тутун“[6]

Ѓорче Петров, За српските и бугарските тврдења во однос на народноста на Македонците, во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, 1896

Гоце Делчев[уреди | уреди извор]

“Cѐ додека моето рамо крепи пушка, Македонија ќе биде недостапна за било кој бугарски офицер.“ [7] ;
“Ослободението на Македонија лежи во внатрешно востание. Доколку можеше поинаку, Македонија одамна ќе беше слободна државичка.“ [8] ;
“Дали има народ кој толку многу страдал од своите синови изроди, како македонскиот!“ [9] ;
"Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?" ;
"...Tоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците."

Петар Попарсов[уреди | уреди извор]

“Порано златото на нашиот земјак Филип ја поткупи разединетата атинска интелигенција и ја пороби Грција, а сега дојде друго време со сосема спротивни услови - братот брата си го продава… И Егзархијата дава пари и купава ветер зашто народноста со пари не се купува - тоа е такво деликатно нешто, кое штом сети дека го пазариш изветрува… Што сакате впрочем од куклите што ги создава егзархискиот режим?! – ‘Дај ми пари, и ќе се чинам бугарин’…” [10][11]

Јане Сандански[уреди | уреди извор]

"И Бугарија и Србија досега се раководеа од своите најтесни интереси. Ним главна цел не им беше слободата на овој народ овде, туку нивните себични интереси – проширување на нивните држави. По овие случувања тие ќе си останат каде што се, а ние овде ќе создадеме своја татковина... нивната пропагандна девиза “ослободување на своите браќа“ изгуби секаква смисла и сега е беспредметна." [12] ;
"Mакедонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот. Tреба да се бориме за издвојување на својата слобода без да се надеваме на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да не ослободат, всушност ќе дојдат да не заробат."
"Македонците не се ниту Бугари, ниту Грци ниту Куцовласи, туку се чисти Македонци, потомци на античките македонци на Филип II и на Александар, кои што ги подјармија Грците." [13];

Toдор Паница:

"Јане Сандански беше еден национален револуционер, апостол на идејата за македонска нација.”

Никола Карев[уреди | уреди извор]

"...Морам да нагласам дека Комитетот не е бугарски. Ако Бугарија мисли да нè претвори во нејзина провинција, си направила лоша пресметка... Нас нè интересира нашата слобода, а не бугарските интереси. Ние сакаме автономна република... Не нè интересира дали ќе нè ослободи Грција или Бугарија. Единствено што може да добие секоја од нив е само наша благодарност." [14]

Борис Сарафов[уреди | уреди извор]

"Ние Македонците се сметаме за целосно одделен национален елемент и нема да дозволиме нашата земја да биде зграпчена од Бугарија, Србија или Грција." [15] ;
"Ние Mакедонците не сме ни Срби, ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои одделно и од српскиот и од бугарскиот... Србите и Бугарите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците." [16]

Во списанието Македонски глас, 1914

Даме Груев[уреди | уреди извор]

"Ако постои грчка и српска пропаганда, зошто да не може да постои и бугарска. Таа постои. Има бугарски политичари кои се поголеми наши непријатели од Грците и Србите. Под имињата на мошне познати шефови тие испраќаат чети во Македонија да агитираат за анексионистичката идеја... Тука има место само за една организација, а тоа е народната, македонската."

Обраќање на Павел Шатев, Петар Делииванов и Божин Проданов[уреди | уреди извор]

„Македонскиот народ денес е расцепкан од "миротворците" на Балканот - Грција, Србија и Бугарија... Новите владетели на Македонија ги гонат носителите на македонската национална мисла, и со тоа ја уништожуваат полувековната националноослободителна борба на Македонците." [17]
„Македонското прашање произлезе од борбата на македонскиот народ за слобода и независност!" [18]

Крсте Мисирков[уреди | уреди извор]

Крсте Мисирков во една своја статија за софиски весник во 1925 вели:

„Дозволете ни слободно да се нарекуваме и да се чувствуваме како Македонци, просто Македонци, без додавката ,б'лгари’.“ [19]

Во својата статија „Самоопределување на Македонците“ од 25 март 1925, објавена во весникот „Мир“, Крсте Мисирков пишува:

...Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично.
Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сѐ треба да биде оценувано од македонско гледиште.
Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува сѐ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.

Признание на Димитар Ризов[уреди | уреди извор]

Димитар Ризов е по потекло Македонец, но бугарски агитатор и националист. Целата своја политичка кариера ја посветил на Бугарија работејќи за бугарските интереси. Но, во еден разговор со хрватскиот публицист Иван Мештровиќ во 1912 вели дека Македонците

“не биле ни Срби, ни Бугари, туку - Македонци (македонски христијани), а отпосле станувале “бугари„ и “срби„“.

...Понатаму, Ризов вели дека во егзархиските гимназии Македонците морало да бидат запишани и да се изјаснуваат како „бугари“, но и дека пред да го продолжи школувањето, “домашните му говореле дека се Македонци, без разлика што велат другите“, итн. [20]

Признанија на Тодор Александров[уреди | уреди извор]

”Болшевикот Хаџидимов, aнaрхистот Герџиков, Ѓорче Петров и Санданистите, „предавниците на бугарскиот народ“ се борат и отсекогаш се бореле и агитирале за автономија на Македонија како одделна економска и географска единица, со посебен македонски народ, со посебна историја од векови наназад... Тие дури и се заканауваат дека со оружје в рака би се бореле против обединувањето на Македонија со Бугарија.” [21];
"Македонците никогаш нема да прифатат да бидат управувани од Грци, Срби или Бугари … Организацијата е народот, и народот е Организацијата...“ [22]

Д-р Христо Татарчев[уреди | уреди извор]

“Божествениoт дар на слободата пламти во градите на Македонецот и ги поткрева неговата енергија и дух, за да може, каде и да се наоѓа, да го зададе смртоносниот удар во срцето на тиранијата…” [23]
“Легендарната непрекината упорност, којашто македонскиот народ ја пројавува за извојување на својата национална слобода и независност, наоѓа силен одзвук во културниот свет, за когошто македонскиот народ е синоним за маченик, фрлен во тиранија и неправда…” [24]

Димитрија Чуповски за македонскиот континуитет[уреди | уреди извор]

“…Македонија, прославена од Александар Македонски, осветена од апостол Павле, облагородена од дејноста на светите браќа Кирил и Методиј, обединета од славниот Цар Самоил, бранета од храбриот Добромир Хрс, обесмртена од Марко Крале, облеана од крвта на милиони маченици за слобода…” [25]

Реч на Исаија Мажовски[уреди | уреди извор]

Реч одржана од име на "заробените славјано-бугари македонци" на 18 јули 1888 година на Парабродот "Рицар" насред реката Днепар, во градот Киев, Русија, од Исаија Радев Мажовски од село Лазарополе, Македонија [26].

Многупочитувани господа и словенски браќа,
Дознавме во нашиот крај, во Македонија, во Дебар и Кичево, за големиот радосен настан – 900 годишнината од покрстувањето на братскиот руски народ од големиот руски кнез св. Владимир и се подготвивме неколкумина од нас да дојдеме во словенска голема Русија за да присуствуваме на овој голем руски празник, но за голема жал не можеме да добиеме паспорти за Русија. Но јас се осмелив и решив да дојдам сам и народот ме испрати со солзи на очи, сожалувајќи дека повеќе луѓе не можат да дојдат во Русија...
...Многупочитувани господа
Македонскиот старословенски народ уште пред 2.500 години е доведен во Македонија од цар Каран, кој како цар Филип и цар Александар бил чист словен. Не повеќе од 500 години поминаа откако Македонија и македонскиот стар словенски народ се потиснати и се наоѓаат под тесшиот турски јарем. Ние, клетите Македонци, офкаме и плачеме, но никој не сака да не чуе, дури самите наши браќа ни пречат.
Браќа Словени,
Македонскиот словенски народ е окружен од најлути и отровни змии, тој се дави и се измачува од најлути и неумоливи ѕверови...
...Браќа, руски Словени,
Цели петстотини години станаа веќе откако целиот македонски народ и целата негова земја се опфатени од црни и мрачни облаци кои не ни даваат можност да ја видиме сончевата светлина...

Григор Прличев[уреди | уреди извор]

Григор Прличев во 1885 година во Солун, по повод 1000-годишнината од смртта на свети Методиј:

Мајка Македонија е многу ослабната. Откако го роди големиот Александар, откако ги породи светите Кирил и Методиј, оттогаш мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнемоштена. Но мајка што роди вакви синови, во иднина ќе роди и други како нив... Ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, кои ќе бидат светилници на нашите училишта и столбови на нашата вера и кои ќе го прославуваат македонското име!

Весник „Македонија“[уреди | уреди извор]

Во весникот "Македонија" на Коста Шахов, број 4, Русе, 11. ХI.1888 година, во непотпишаниот уводник, секако од перото на самиот редактор - тогаш 26-годишниот Шахов, се повлекува мислата дека на пример:
„Нашата татковина Македонија си има историја за своето минато, каде што се гледа нејзината моќ, величина, како и нејзиното политичко потчинување под власта на тогаш моќната Турска империја... Денес, секој Македонец, кога го спомнува Александар Македонски, вели: Ние сме го имале цар Александар Велики. Со тие зборови тој си припомнува за блескавиот период и величието на Македонската држава. Александар Македонски стои пред лицето на секој Македонец како национална гордост!“

Марко Цепенков[уреди | уреди извор]

Марко Цепенков, во една сопствена творба од 1899 година запишал:

"Помислете Вие, мили чеда: за велика цара Александра што се слави и до ден денеска!" [27]

Иван Хаџиниколов[уреди | уреди извор]

"Какви ли не навредувачки зборови паѓаа на адреса на Македонците: „Македонци - гнили конци“, „дај ми пари за да станам Бугарин“, „муур ми е, и овде го клавам и онде го клавам“ итн. итн. - Воопшто, како да се Македонците без патриотизам, несвесни, ете така - дивјаци, без секакво национално чувство. Овие обвинувања и навредувања се слушнаа главно од Васил К’нчев и Петко Машев, луѓе за првпат дојдени во Македонија, и тоа само во Солун, и кои не ја знаат и не ја познаваат вистинската положба на Македонија во минатото и сегашноста.“ [28]

Блаже Крстев – Биринчето[уреди | уреди извор]

Блаже Крстев – Биринчето, крушевски војвода на ВМОРО, во едно свое писмо до про-српски војвода од Српското четничко движење вели:

"Македонски борачи бевне и до крај ка се бориме за македонскио народ, а не се бориме за Бугарија или за Србија и Грција, тија сат слободни и си живеат меѓу ними и си пијат по ладните меани, имат прао да пијат оти побрго туриле крфта. Ни треба што сме от македонската земија, треба за Македонија да работиме оти македонските браќа гинат по патиштата и македонските сестри сет обесчестени от клетио Турчин, от мрсниот Турчин... Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме, тогај се види да на еден збор не сме можиле да се разбереме за да не се бијеме."[29][30]

Стефан Димитров[уреди | уреди извор]

Стефан Димитров е македонски револуционер од с. Зелениче, Леринско, Беломорска Македонија и војвода на Македонската револуционерна организација. Во едно писмо до своите родители тој запишал:

„Долг на секој Македонец, било тој да е интелигентен, прост, богат или сиромав, е да жртвува сѐ пред олтарот на татковината!”[31]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Пулевски, Ѓорѓија (1892). Славјанско-маќедонска општа историја. Скопје: МАНУ. стр. 38, 46-47. https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/c/c9/%D0%A1%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D1%98%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%BE-%D0%BC%D0%B0%D1%9C%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0_%D0%BE%D0%BF%D1%88%D1%82%D0%B0_%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. 
  2. Енциклопедија Македоника, Скопје, 2009, том II, стр. 1247
  3. Петър Карчев, "През прозореца на едно полустолетие" (1900-1950), стр. 1011
  4. Атанас Раздолов, „Бѫдащето на Балканския полуостров“ („Иднината на Балканскиот полуостров“), Варна, 1914, стр. 4
  5. весник ’Лоза’, бр. 5, 1894
  6. Петров, Гьорче (1896) (на бугарски). Материали по изучванието на Македония. София: Печатница Вълков. стр. 711-712. 
  7. 'Револуционен Лист', 1905, пренесено од Димо Хаџидимов
  8. Изјава од писмо до Ефрем Каранов, 1895 г.
  9. Изјава од писмо до Никола Малешевски, 1897 г.
  10. Вардарски (Петар Попарсов), „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, превод, редакција, коментар и предговор д-р Ванчо Ѓорѓиев, стр. 77
  11. Исто, стр. 102-103
  12. Интервју co Јане Сандански, весник "Политика", јули 1908 година
  13. "Τα Παρασκηνια του ΚΚΕ" ("Зад Кулисите на К.П.Г."), стр 213 - Елефтериос Ставридис, 1953, пренесено од Тодор Паница во 1924
  14. весник „Акрополис“, 8 мај 1903
  15. The Times, Лондон, 12 април, 1901
  16. “Македонски Глас“, Санкт Петербург
  17. Објаснување од македонската јавност до светското јавно мислење (Обраќање на Павел Шатев, Петар Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ), стр 2
  18. Објаснување од македонската јавност до светското јавно мислење (Обраќање на Павел Шатев, Петар Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ), стр 3
  19. „ПАТОТ НА ПОМИРУВАЊЕТО“, К. Мисирков ; в. "Илинден", V, бр. 5, 30 јануари 1925
  20. Ivan Meštrović , "Uspomene na političke ljude i događaje", 1961 Buenos Aires
  21. Писмо от Т. Александров до Владимир Карамфилов, София, 6 юли 1919 г.
  22. весник 'The Тimes', Лондон, 5 jaнyapи 1924
  23. весник „Зарја“, год. VIII, бр. 2624, С., З јули 1930 г., стр 1-2.
  24. весник „Македонија“, год. VI, бр. 1647, Софија, 16 април 1932 г., стр. 1
  25. весник „Македонски глас“, бр. 1, стр 18 Санкт Петербург, 1913 г.
  26. Исаија Радев Мажовски, „Възпоминания“, Софија 1922, стр. 24-27
  27. „Майка Македония ги съветува своите чеда да востанат против тиранията на Турците“, весник „Автономия“, I, 28, София, 12.II. 1899, стр. 3
  28. „Спомени“ - Иван Хаџиниколов
  29. Документи, Том I, Скопје, 1981
  30. ДА ССИД - Фонд Извршног одбора Српске народне организације Ф-6 (1906 година)
  31. Стефан Аврамов: “Революционни борби въ Азоть (Велешко) и Порѣчието”, Македонски Научен Институт, Софија 1929 г., стр 38