Славјанско-маќедонска општа историја

Од Википедија — слободната енциклопедија
Славјанско-маќедонска општа историја
Книгата "Славјанско-маќедонска општа историја" (кликнете на сликата за да ја отворите и читате во целост)
АвторЃорѓија Пулевски
ЗемјаБугарија
Јазикмакедонски - мијачки говор со архаизми
Жанристорија
ИздавачМАНУ и „Фондација Трифун Костовски“ (печатено издание од 2003)
Издадена
1892
Страници1005 (1688 во ракопис)

Славјанско-маќедонска општа историја — обемно дело на 1688 ракописни страници, посветено на историјата на Македонија, напишано од Ѓорѓија Пулевски во 1892 година. Ова е првиот труд посветен на Македонската историографиjа.

Создавање и значење[уреди | уреди извор]

Констатирајќи дека туѓите историчари не ја прикажале вистинската историја на Македонија и дека е неопходно самите Македонци да го сторат тоа, Ѓорѓија Пулевски со многу напори и со патриотски жар во ова дело ја претресува целата балканска и словенска историја и ги бара нишките на македонскиот развиток[1]. Во оваа своја Историја, Ѓорѓија Пулевски ја прави првата периодизација на македонскиот развиток, давајќи ја паралелно и историјата на соседните народи за да се разберат историските процеси во Македонија, но навлегува и во прашања од секојденвието, во обичаите на нашите луѓе од разните краишта, па дава дури и граматички преглед на македонскиот јазик и ветува преглед и на македонската книжевност[2]. За пишување на историјата Ѓорѓија Пулевски скоро три децении стрпливо собирал материјали, проучувајќи ги достапните извори и литература, при што во текстот постојано се повикува и цитира педесетина автори[1]. Пишувањето на ова големо и значајно дело за македонската историја, Пулевски го започнал во Белград во 1865 и потоа го продолжил и завршил во Софија во 1892[3]. Самиот автор го создал ова дело со цел да служи и како наставно помагало во образованието на идната слободна и независна македонска држава. Обемниот и навистина опширен ракопис посветен на минатото на Македонија, кој во огромна мерка опфаќа и историски настани од историјата на цела Европа и делови од Азија и Северна Африка (раскажувања за англиските интереси - „желји“ во Индија и Египет), всушност претставува и воопшто првата концепција на македонската историографија која националната историја ја смета како непрекинат след уште од времето пред и на античка Македонија.

По првото разгледување на ракописот, делови и одломки од содржината на обемната „Славјанско-маќедонска општа историја“ биле објавувани во 1973 и 1974 година, додека по обезбедувањето на микрофилмирана копија од целиот ракопис во 1992 година започнало негово уредување, при што ова капитално дело беше објавено во целост од МАНУ и Фондацијата „Трифун Костовски“ во 2003 година, а еден негов дел односно „Царственикот Велики Александров“ бил издаден од Институтот за национална историја во 2005 година во Македонија со наслов „Македонска Александрида“, и двете изданија под редакција на академик Блаже Ристовски и проф. д-р Билјана Р. Јосифовска[4].

Содржина[уреди | уреди извор]

Текстот на историјата ги опфаќа настаните кои започнуваат уште од 131 година по Вселенскиот (библиски) потоп па сè до 1892 година, односно до времето во кое живеел и ја напишал самиот автор - Ѓорѓија Пулевски. За подробно разбирање, содржината на историјата е поделена на пет историски временски периоди:

  • 1) од 131-ва година по Вселенскиот потоп до 900 години пред Христа кога се плоделе односно размножувале и населувале Македонците,
  • 2) од 900 година до 148 година пред Христа кога Македонија и Македонците имале свои сопствени цареви и свое царско управување (царство) сè до потпаѓањето под Римјаните,
  • 3) од 148 година пред Христа по сè до 395 година по Христа кога се разделило Римското Царство на две царства,
  • 4) четвртиот дел го опфаќа периодот од 395-та до 1360 година односно времето кога дошле Турците во Македонија и
  • 5) петтиот временски период е од 1360 година односно од завладувањето на Турците со Македонија па сè до актуелниот миг на крајот на XIX век [2].

На крајот на делото, во XI книга се содржани раскажувања за народите односно племињата (соевите) полуостровски кои живеат на Балканот при што Пулевски наведува дванаесетина македонски етнографски групи од различни области и предели на Македонија како и граматички дел за времињата и падежните облици на различни именки, броеви и зборови[2]. Племињата односно етнографските групи на Македонците, но и на другите балкански словенски и несловенски народи, точно ги определува со нивната географска местоположба, места и градови на живеење, одликите на нивниот живот, сфаќања, говор, стопанство и историски белешки за нивното доселување (за несловенските народи). Меѓу нив тој ги опишува следните македонски племиња (етнографски подргупи): Брсјаци, Мијаци, Мариовци, Шопи (Црни и Бели), Пчинци, Врбаци, Кардалиња, Свеневци итн.

За пишување на историјата Ѓорѓија Пулевски скоро три децении стрпливо собирал материјали, проучувајќи ги достапните извори и литература, при што во текстот постојано се повикува и цитира педесетина автори[1] меѓу кои познати светски, византиски, руски историчари како Мауро Орбини, Ломоносов, Гибон, Дуфресне и др. Иако, главно коректно ги пренесува и толкува старите извори, Ѓорѓија Пулевски во текстот не испушта да направи оддели пасуси на Исправка како одговор на тие историчари, но и како разјаснување на самата Историја[2].

Во првиот дел Пулевски ги опфаќа и обработува настанокот на Македонците и Словените како потомци од Дедо Мосох, шестиот син Јафетов и нивното доаѓање на денешните простори преку Азија и Сарматија при што се осврнува на темите за настарите места и престолнини на Македонците и Словените, од што произлегува словенското име, когашен е словенскиот јазик и посебни докази (документи) за славјанско македонската историја[2]. Вториот дел го обработува во три посебни книги од кои една насловена како Царственик Велики Александров“ го опфаќа сето влаадеење на Александар Македонски вклучувајќи голем број вистинити настани, но и фантастични натприродни случки и легенди. Во вториот дел од Историјата се обработени темите за македонските граници (меѓи, синори), основањето на македонското царство, подробно кажување за македонските цареви, раскажување за влаадеењето на Филип II Македонски, цела книга за владеењето на Александар Македонски и раскажување за разделувањето на царството по неговата смрт, поводот и завладувањето на Римјаните со македонската држава и владеењето на римските цареви со Македонија[2]. Во третиот историски период одделно се раскажува за потпаѓањето на Грција под римска власт, поделбата на Источно и Западно Римско Царство, владеењето на Константин Велики и триумвиратот на Октавијан Август. Четвртиот историски дел опфаќа раскажување за основањето и забраната на Охридската Архиепископија и се обработуваат бугарската, српската и влашката (романската) историја. Послениот историски период го опфаќа доаѓањето на Турците и сите воени судири кои ги имале со европските царства и држави како руско-турските, турско-унгарските и други војни, ослободувањето на Грција, Србија, Романија и Бугарија. Посебна вредност во овој дел имаат поглавјата кои се однесуваат за времето што Ѓорѓија Пулевски го опишува како личен сведок или учесник[2]. Тоа особено се однесува за оние делови во кои се раскажува за битките од руско-турската војна и албанските качачки напади во востанието под водство на Дервиш Царе, при што Ѓорѓија Пулевски дава и доста ретки податоци за случувањата во Галичник и Западна Македонија, кои се опеани и во познатите народни песни. Текстот на историјата завршува со насловот на поглавјето За поносење маќедонско односно за македонското однесување, под кој страницата е оствавена празна, бидејќи по неколку месеци авторот починал, но следејќи го текот на опишувањето на историските настани и самиот наслов најверојатно тука тој сакал да ги обработи случувањата во Македонија за време на Големата источна криза и Руско-турската војна кога биле кренати Разловечкото и Македонското востание во Кресна во кое самиот Ѓорѓија Пулевски земал активно учество како војвода.

Мисли и извадоци[уреди | уреди извор]

За автохтоноста на Македонците како староседелци на Балканот:

... А Македонци оту се староместни полострофски жители и гостопријемци и болгарски и српски и горцки и од други народности, а суседи елински, затоа во оваја книга кажуваме Славјанско-маќедонска историја и за од сви живуштих пришелци полострофски - да си знојат кој когашен је[5].

Ѓорѓија Пулевски, „Славјанско-маќедонска општа историја“, 1892

За настанокот на името Македонија:

... А за производот имево Македонији по сказни го наодиме оваке:

Теменидската мајка, оту се велела Дона, а сиот баба Донин род си ја викале Мајка Дона. А живујуштите фамилии во Азиска Дарданија сева страна полостровска ја велеле Мајкина Донина. Тики од горе речена Мајкина Донина, по многу време после се превртела во наречение Македонија...

... А живуштите Славјани во Азиска Дарданија, като преминувале во Јевропеиска Дарданија на видување или на гости при бабиниот Донин род, а баба Дона ги прашала за како преминале преку море, заре во старо време, ка што знојеме и сега, оту немале доволно средства за преминување преку море, а дојдените гости баба Доне като је одговориле је велеле: Мака Доно. Тики за от Мака Дони се учиме оту се произвело име Македонија

А за од горе речена Македонија се учиме за сите жители стари оту носиле производно име Мијаци...

... А од треќи сказни се учиме во најстаро време по Потопот оту Солунско Поле до Воден било п'лно со море... а баба Дона воденка била една у мајка, а заљубеникот като ја грабил баба Дона и ја скрил во еден кораб и тргнал по море да бегат со коработ. А мајка је Донија, като си ја посакала ќерка си Дона, тики трчаешти кон море затожила Мајкина Доно, Мајкина Доно!... Тики за от тожењето мајкино је Донина се учиме за производот Македонија. [5].

Ѓорѓија Пулевски, „Славјанско-маќедонска општа историја“, 1892

За грчката омраза (пизмење) против старите Македонци:

... А Македонци оту биле по одлични и по мужествени и по храбри и не страшливи ни од кого - затова Грците им велеле Варвари и Авари[5].

Ѓорѓија Пулевски, „Славјанско-маќедонска општа историја“, 1892

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Ристовски, Блаже (1996). Ѓорѓија М. Пулевски - меѓник во нашата културно-национална историја (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 20–26.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Пулевски, Ѓорѓија (1892 (2003)). Славјано-маќедонска општа историја (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 1–1003. ISBN 9989-101-21-3. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  3. Ристовски, Блаже (1983). Македонскиот народ и македонската нација. Скопје: Мисла. стр. 251.
  4. „Македонска Александрида“ (Извадок од „Славјано-маќедонската општа историја“ од Ѓорѓија М.Пулевски). Институт за национална историја, Скопје, 2005. стр. 5
  5. 5,0 5,1 5,2 Пулевски, Ѓорѓија (1892). Славјанско-маќедонска општа историја (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 38, 46–47.