Македонска песнарка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
'Македонска песнарка'  
Автор Ѓорѓија Пулевски
Земја Бугарија
Јазик македонски - мијачки говор со архаизми
Жанр(ови) стихозбирка
Издадена прво издание: 1879 година во Софија.

Македонска песнарка е стихозбирка напишана од македонскиот национален и револуционерен деец Ѓорѓија Пулевски. Стихозбирката Македонска песнарка се состои од два дела (две книшки) и е објавена во 1879 година во Софија[1]. Како и во својата поема Самовила Македонска, Ѓорѓија Пулевски и во ова свое дело со силен македонски патриотски набој ги повикува Македонците да се кренат во борба за својата слобода и слобода на Македонија. Во песните тој вклучува обраќања кон Македонците, но и кон европската јавност, реаѓирајќи против решенијата на Берлинскиот конгред во 1878 (по Руско-турската војна и ослободувањето на Бугарија) со кои се оставила Македонија пак под турското ропство[1]. Исто така и во песните на оваа стихозбирка Ѓорѓија Пулевски ја истакнува непосредната поврзаност на Македонците со Античките Македонци, а Александар Македонски и Филип Македонски ги споменува како наши македонски цареви.

Песни[уреди | уреди извор]

Како и насловите на претходно објавената поема Самовила Македонска и на песнарките, така и првите три целсно негови стихотворби во првата стихозбирка се одликуваат со изразито потенцирани национално интонирани наслови кои ги содржат зборовите Македонија, македонско/и, Македонци[2]. Меѓу овие песни се вбројуваат: Плачење македонско, Македонцим ув прилог и Жаљост македонска[2]. Додека првите две песни се со еден специфично негов изразен стил, сличен на оној на Григор Прличев, третата патриотска песна е напишана наполно во духот на македонската народна песна, заради што е прифатена во народот до денешни дни[2]. Песната „Жаљост македонска“ претставува присопособување, односно адаптација, на постара народна песна кое е успешно актуелизирано со тековните случувања при што таа започнува со познатите стихови: Не жали, Стано мори, не плачи, не рони тије с'лзи крвави[2]. Слични потфати Ѓорѓија Пулевски има правено и во другите навистина народни умотворби што ги објавува во продолжение. Сите тие носата и една специфична графика за укажување на мелодиската линија при вокалното исполнување: со своевидно повторување на вокалите (наместо со нотација) авторот сака да укаже како треба да се пее стихот, а тој исто така изречно наведува со каква инструментална придружба се пеат одделни песни[2]. Мечтата за Кралевина Македонија со децидната потенцирана национална идеологија ја покривала рапавоста на стиховите и несмасноста на одделни јазични конструкции[2].

Македонцим ув прилог[уреди | уреди извор]

Една од песните во стихозбирката Македонска песнарка е песната Македонцим ув прилог. Во оваа песна Ѓорѓија Пулевски повторно се повикува и ги потсетува Македонците на нивното славно минато и историја со нивните кралеви Филип Македонски и Александар Македонски. Понатаму тој реагира против решенијата од Берлинскиот конгрес со кои Македонија била оставена под турското ропство, за на крај да ги повика своите сонародници - Македонци да се кренат и јуначки да се борат како под цар Александар и историјата стара да ја оживеат.

Татковина ја ово место мило Македонцим,
кралевина била под краљом Филипом,
старо царство, јесте од цара Александра,
наш цар македонски, познат Александар велики ув вселену.
Он је наше царство во Полостров Балкански
је го оставил все горским Славјаним[1] [3].
Чујте, браќа наши јевропски христијани,
да ја наша судбина нами досадила
мије хоштеме нашу домовину.
Ево днеска в македонскеј кралевини наши браќа тужат
зашто само назе под ропство оставајет
зато и мије хоштеме своју домовину[1] [4]!
Братије наши Македонци од православну веру,
да се сви сложиме, јуначки бориме,
како наши стари под цар Александром,
повтор спомен своим имјам по нас оставиме!
Историју стару да ју оживиме,
мије глејте сега да ју исполниме[5].

Одглас[уреди | уреди извор]

Оваа збирка македонски народни песни била многу позитивно прифатена, а нејзините песни биле мошне популарни во Македонија, особено во Мијачијата и посебно меѓу македонската емиграција во Бугарија[2]. Одгласот меѓу емиграцијата бил доста голем и позитивен, при што дел од овие песни доживувале и второ објавување во 1884 година. Константин Везенков бил еден од оние што билe воодушевен од патриотизмот на својот познаник Пулевски искажан во неговите авторски песни за Филип и Александар Македонски, па решил дел од нив да објави во весникот „Марица“.[6]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Ристовски, Блаже (1995) (на македонски). Македонија и македонската нација. Детска радост. стр. 134. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Ристовски, Блаже (1996) (на македонски). Ѓорѓија М. Пулевски - меѓник во нашата култруно-национална историја. Македонска академија на науките и уметностите. стр. 18-19. 
  3. кај него преземено од Македонска песнарка отъ Георгьа Пулевски, б.в.м. Софiа 1879, стр.5-6
  4. кај него преземено од Македонска песнарка отъ Георгьа Пулевски, б.в.м. Софiа 1879, стр.5-6
  5. Исто
  6. К. Иречекъ: Български дневникъ томъ ІI - Октомври 1881 - октомври 1884 (23 април / 6 май)