За Македонската нација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
За Македонската нација  
За Македонската нација.pdf
Книгата "За Македонската нација" (кликнете на сликата за да ја отворите и читате во целост)
АвторДраган Ташковски
ЗемјаМакедонија
Јазикмакедонски
Жанр(ови)историја, политика
ИздавачНаша Книга
Издадена1976
Страници173

За Македонската нација — книга и научен труд-студија во вид на историско-политиколошки и социолошки есеистички трактат, посветена на одбраната на постоењето и посебноста на македонската нација. Напишана е од македонскиот историчар и социолог Драган Ташковски во 1976 година како одговор на отворените и засилени напади на негирање од бугарската држава и нејзината влада и највисоки научни установи.

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата е составена од 7 делови, кои започнуваат со актуелните состојби во кои се наоѓа македонската нација во рамки на СР Македонија како единствен ослободен дел на Македонија конституиран како национална држава на Македонците и сè уште поробените делови на Пиринска Македонија под Бугарија и Егејска Македонија под Грција, по што преку историски преглед на настанокот и етногенезата на македонската и бугарската нација и појавата и изблиците на македонската национална свест, дава аргументирани одговори на нападите на негирање на постоењето и посебноста на македонската нација од страна на БКП и БАН. Повикувајќи се на различниот историски пат и процес на создавање на македонската и бугарската нација уште од раниот Среден век со доселувањето на Словените на Балканот и нивното мешање со домородните и романизирани антички Македонци во Македонија и мешањето со Турано-бугарските племиња во Бугарија и спротиставеноста на нивните државни творби Самуловото и Аспаруховото царство, книгата продолжува кон разгледување процесот националното будење и преродба во Македонија истакнувајќи ги јасните истакнувања на свеста за припадност и посебност на Македонците, со посебен нагласок на повикувањата на поврзаноста со „старите Македонци и Античка Македонија“ на славните цареви Филип II и Александар Македонски[1], црковно-просветната и учебникарска дејност и спротиставувањето на големобуржоаските-националистички грчки, бугарски и српски претензии и тврдења. Преминувајќи на спротиставеноста во времето на создавањето и дејствувањето на МРО и осврт кон борбата за национално ослободување и афримација во меѓувоениот период и Втората светска војна, трудот завршува со оцена на правилното марксистичко-ленинистичко постапување на Коминтерната и КПЈ во признавањето на македонската нација истакнувајќи ја и исправната политика на БКП и бугарската држава во периодот на владеење на Георги Димитров во 1946 - 1947 кога со законски одредби биле признаени македонската национална посебност - потврдена со слободното изјаснување како Македонци на 70% од населението нa Пиринска Македонија на пописите во 1946 и 1956 година, и националните права на степен на културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија преку отворање на училишта со настава на македонски јазик, македонски книжарници, библиотеки и театар, како преодна фаза кон законски предвидена територијална автономија за нејзиното припојување и обединување со СР Македонија, што било официјално изгласано од Народното собрание на Бугарија, а било потврдено и со Бледската спогодба помеѓу владите на Бугарија и ФНР Југославија во 1947 година[2].

Мисли и извадоци[уреди | уреди извор]

За настанокот и процесот на етногенезата на македонскиот народ:

... Македонската нација, која израснува од овој „етнографски материјал“, не настанала од вакуум, туку своите корени ги влече длабоко во историјата на оние словенски племиња, кои кон крајот на VI и почетокот на VII век од нашата ера ги населиле просторите на денешна Македонија, односно просторите на некогашната татковина на Филип II и Александар Македонски[1]

Драган Ташковски, „За Македонската нација“, 1976

За прифаќањето на името Македонија и неговото значење за настанувањето и постоењето на македонската нација:

... преку оживеаната антика, го повратија македонското име на автохтоните старомакедонски простори, па словенското население на теренот на Македонија почна постепено да го усвојува тоа име, отпрвин како географско, а потоа како етничко, за на крајот со навлегувањето на капитализмот на македонска почва, кон средината на XIX век да прерасне во национално. Со тоа име словенскиот елемент на територијата на Македонија не само што се „огради“ од од другите народи на Балканот, туку и ги положи темелите на својот натамошен развиток како посебна македонска нација на Балканот[3].

Драган Ташковски, „За Македонската нација“, 1976

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Ташковски, Драган (1976) (на македонски). За Македонската нација. Скопје: Наша Книга. стр. 63–64. 
  2. Ташковски, Драган (1976) (на македонски). За Македонската нација. Скопје: Наша Книга. стр. 14-15 и 167-170. 
  3. Ташковски, Драган (1976) (на македонски). За Македонската нација. Скопје: Наша Книга. стр. 65.