Македонски глас (1913-1914)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Насловната страница на првиот број на „Македонски глас“, од 9 јуни 1913 година

Македонски глас (руски: (изворно) Македонскій голосъ, (современ правоп.) Македонский голос) бил „орган на приврзаниците на независна Македонија“ кој излегувал во С. Петербург во периодот од 9 јуни 1913 до 20 ноември 1914. Списанието го уредува Редакциски совет на Македонската колонија во руската престолнина. Издавач бил Д. Д. Павле Чуповски, а одговорен редактор И. П. Кулезнев (во последните два броја Д. Д. Архангелски).

Најавено било дека ќе излегува „од еднаш до петпати во месецот“, но се појавуваат само 11 броја на вкупно 220 страници.

Како мото под насловот на корицата на првиот број, стоеле зборовите на Борис Сарафов: „Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите и на Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците“.

Во списанието, покрај Македонци, соработуваат и голем број Руси и балканци, а се публикуваат и бројни официјални акти (меморандуми, апели и соопштенија) на Македонската колонија во Петроград, потпишани од Д. Чуповски, д-р Г. Константинович, Н. Димов, Г. А. Георгов, И. Г. Георгов, П. Божидарски, Гр. Н. Угриновски, Д. Пешковски, Г. А. Стојанов, К. Георгиев и др. Тоа е всушност најзначајниот печатен архив на македонската национална мисла во периодот на Балканските војни и почетокот на Првата светска војна за одбрана на целоста на Македонија и слободата и обединувањето на македонскиот народ.

По барање на Српската легација во С. Петербург списанието е привремено запрено по бројот 8 (22 декември 1913). Со ново решение на Градоначалството (1 февруари 1914) се дозволува продолжувањето, но и по следниот бр. 9 (2 март 1914), по петмесечна пауза, се објавени само уште два броја.

Бидејќи публикацијата во големи тиражи продира и на Балканот, под притисок од балканските монархии, списанието е конечно запрено, иако Редакцијата постои.

Литература[уреди | уреди извор]