Исаија Мажовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Isaya Mazhovki2.jpg
Роден 1852
Лазарополе, Отоманска империја (денес Република Македонија)
Починал 1926
Угрчин, Бугарија
Занимање македонски револуционер


Исаија Мажовски (Исаија Радев Мажовски) (18521926) бил македонски национален преродбеник,[1] политички агитатор и мисионер, поборник на идејата за автономна Македонија во рамките на јужно-словенската заедница на народите и борец против турското политичко и грчкото духовно ропство.

Исаија Мажовски е роден во селото Лазарополе во 1852 година, второ по големина мијачко село во западна Македонија. Поради своите скромни интелектуални капацитети не можел поевидентно да влијае на својата генерација, но според својот национален ентузијазам тоа е една од најимпозантните личности во македонската историја.

Застапник е на тезата дека денешните Македонци се Словени и истовремено директни потомци на Античките Македонци и дека македонските цареви Каран, Филип Македонски и Александар Македонски се чисти Словени и Македонци кои пред 2500 години први ги донеле и населиле Македонците на балканските простори.

Патувања во Русија, со барања за поддршка за ослободувањето на Македонија[уреди | уреди извор]

Насловната страна на Спомените на Исаија Мажовски издадени 1922 год. во Софија

На петнаесетгодишна возраст доаѓа во светогорскиот манастир „Зограф“ во потрага по пошироки знаења од оние што ги стекнал во родното село. Под непосредно влијание на својот воспитувач, отецот Натанаил, кој ќе му вдахне љубов кон за поблиско поврзување со матицата на словенството Русија, Исаија неколку пати оди во Русија за да испровоцира нејзина поддршка за неговата поробена татковина - Македонија. Макар што е следбеник на тезата дека ослободувањето на Македонија е задача на самите Македонци, сепак остварувањето на тој идеал не го замислува идеалистички - туку како заеднички потфат на македонските револуционерни сили и Русија. За време на својата посета на Петербург (1885) му предава молба на рускиот цар Александар III од името на македонското (словенското) население од Дебарскиот крај со надеж дека ќе го заинтригира за состојбата во Македонија.

Слично патешествие има и во 1897 година, кога сакајќи да се види со рускиот цар Николај II, ќе му биде ветена морална и материјална поддршка во борбата за ослободувањето на Македонија. За остварување на таа цел ќе контактира со руските претставници во Цариград - Н.П.Игнатиев и Букурешт - М.А.Хитрово.

Мажовски и неговите домашни во носии карактеристични за дебарскиот крај

Говор на бродот Рицар, прокламација на македонската национална посебност[уреди | уреди извор]

Своевидна прокламација на македонскиот национален индивидуалитет и засебност претставува неговиот говор на бродот „Рицар“ на 18 јули 1888 година, на пат за Киев по повод прославата на 900-годишнината од покрстувањето на Русите. Токму во овој свој говор, од име на „заробените славјано-бугари македонци“, Исаија Мажовски ќе ја истакне својата теза дека Македонците (односно македонскиот старословенски народ) се донесени на балканските простори од цар Каран пред 2500 години, кој исто како Филип и Александар бил чист Словен.[2] Својата теза за античко-македонското потекло на Македонците ќе ја поткрепи со повеќе македонски народни песни и преданија поврзани со македонските цареви Филип и Александар. Со овој свој говор, тој повторно сакал да издејствува поддршка и помош од Русија за ослободувањето на Македонија.

Во рамките на борбата против грчкиот владика на Дебарската епархија, Антим, тој ќе развие широка пропаганда која ќе резултира со протерување на владиката од Дебар и Дебарско. Неговата благонаклоност кон Бугарската Егзархија не значи скршнување од македонските национални залагања и позиции и иако до крајот на својот живот ќе престојува во Бугарија, тој не станува нејзин емисар и помагач.

Соработка со Албанско-македонската лига[уреди | уреди извор]

Значаен е и неговиот ангажман во работата на Албанско-македонската револуционерна лига, формирана во 1887 година како резултат на заложбите на македонските и албанските патриоти за борба против Отоманската Империја. За таа цел тој по порачка на бугарскиот премиер Стефан Стамболов често комуницирал со видни албански првенци, патувајќи на релацијата Софија - Дебар - Тирана, каде што постојано бил следен од турски шпиони за што неколку пати бил затворан и жестоко мачен од турските власти. Соработката со албанските патриоти ја прекинува во 1908 година, по кревањето на Младотурската револуција. Уставот на младотурците го доживува како уште еден заговор против вистинските интереси на македонскиот народ.

Починал во с. Угрчин, Ловечко, Бугарија во 1926 година.

Бугарски став[уреди | уреди извор]

Според бугарскиот став, кој се базира на книгата на самиот Мажовски која е печатена во Бугарија, во својот живот Мажовски се изјавувал како Македонски Бугарин. На повеќе места во книгата се зборува за бугаро-македонци, бугари или словено-бугарски народ во Македониjа. Исаија Мажовски го нарекува цар Каран "први бугаро-македонски цар",[3] а во молбата до рускиот цар при втората посета на Русија ги опишал турските злосторства над "словено-бугарскиот народ во Македонија".[4]

Цитати[уреди | уреди извор]

Многупочитувани господа, Македонскиот старословенски народ уште пред 2.500 години е доведен во Македонија од цар Каран, кој како цар Филип и цар Александар бил чист словен. Не повеќе од 500 години поминаа откако Македонија и македонскиот стар словенски народ се потиснати и се наоѓаат под тешкиот турски јарем. Ние, клетите Македонци, офкаме и плачеме, но никој не сака да не чуе, дури самите наши браќа ни пречат. Браќа Словени, Македонскиот словенски народ е окружен од најлути и отровни змии, тој се дави и се измачува од најлути и неумоливи ѕверови. [5]


Едваj по 18 дена ме повикаа во Светиот Синод, кадешто кога отидов, влегов во просторијата во којашто заседаваше Синодо. Таму се беа собрале: Петербуршкиот Митрополит, двајца архимандрити, Победоносцев и двајца цивилни членове на синода, имено генерал Гесеј и професор Плетнев… Започнаа да ме прашуваат од каква народност сме - Срби или Бугари, и кого сметаме за наш духовен поглавар. Им одговорив дека ние сме старославјански народ, преселени од „мајка Велика Русија“ во Македонија многу порано од Бугарите и од Сърбите, но говорот ни е поблизу до булгарскиот, па освен тоа, ние се сметаме себеси за духовни чеда на светата бугарска Егзархија, и затоа подадовме молба на Негово Императорско Величество, да ни помогне со неговата моќ и влијание, да се здобиеме со егзархиски владика.[6]


Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Исаија Мажовски, "ВОЗПОМИНАНИЈА", Софија, 1922 г., стр. 26, стр. 45
  2. Исая Мажовски - „Възпоминания“, София, 1922, Печатница на Ив. К. Божинов, стр. 26
  3. Мажовски, Исая. Възпоминания, София 1922, с. 5
  4. Исто, с. 20
  5. Исаија Мажовски, Спомени, Софија, печатница на Ив. К. Божинов, 1922, стр 26.
  6. Исаија Мажовски, Спомени, Софија, печатница на Ив. К. Божинов, 1922, стр 45.