Девизни резерви на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Девизните резерви на Македонија ги сочинуваат финансиските средства изразени во странски валути, сфатени во најширока смисла на зборот (странски ефективни пари, депозити во странски банки, странски хартии од вредност, монетарно злато, специјални права за влечење итн.) со кои располага Република Македонија.

Девизните резерви на Македонија може да се набљудуваат во потесна и во поширока смисла: во првиот случај, девизните резерви ги сочинуваат само оние странски финансиски средства со кои располага државата, додека во поширока смисла, девизните резерви ги опфаќаат и странските финансиски средства кои ги поседуваат комерцијалните банки во Македонија. Иако девизните резерви се сопственост на Република Македонија, но нив ги чува и со нив раководи Народна банка на Република Македонија.

Раководење со девизните резерви[уреди | уреди извор]

Девизните резерви, според Законот за НБРМ, претставуваат финансиски средства деноминирани во странска валута со коишто располага Народна банка и кои може да ги користи за директно финансирање на платните нерамнотежи или за индиректно регулирање на големината на овие нерамнотежи, преку интервенции на домашниот девизен пазар, во насока на обезбедување на стабилност на девизниот курс на денарот.

Согласно со Законот за Народната банка на Република Македонија, Народната банка на Република Македонија управува и ракува со девизните резерви на Република Македонија. Ракувањето и управувањето со девизните резерви поблиску се уредува со Политиката на управување и ракување со девизни резервите на Република Македонија донесена од Советот на Народната банка, со која се утврдени инструментите и начинот на пласирање на девизните резерви, раководејќи се од критериумите на сигурност, ликвидност и рентабилност. Гувернерот на Народната банка донесува посебни Правила за пласирање и чување на девизните резерви, со кои попрецизно ги определува инструментите во кои се пласираат девизните резерви, како и начинот на кој се управуваат (контролираат) и се следат кредитниот, валутниот, ликвидносниот и каматниот ризик.

Во 2005 година, НБРМ започнала да развива процедури за унапредување на ракувањето со девизните резерви и да подготовува нови Правила за пласирање и чување на девизните резерви. Со овие правила, кои се донесени во 2006 година, попрецизно се определиле инструментите во кои се пласираат девизните резерви, како и начинот на кој се управува и се мери кредитниот, валутниот, ликвидносниот и каматниот ризик. Вкупните девизни резерви биле поделени на три портфолија: ликвидносно, инвестиционо и злато, со цел да се зголеми ефикасноста и флексибилноста при управувањето. Инвестициското портфолио се пласирало на подолг рок заради остварување на стабилни и повисоки приходи, со цел одржување на вредноста на девизните резерви. Најголем дел бил пласиран во депозити со дисперзирано достасување заради поголема флексибилност со управувањето и дел во висококвалитетни хартии од вредност за кои постојат ликвидни секундарни пазари.

НБРМ врши трансакции со странски средства кои се во портфолиото на девизните резерви, почитувајќи ги првенствено принципите на сигурност и ликвидност, а потоа и принципот на профитабилност. Инвестирањето на девизните резерви се врши во финансиски институции и инструменти во земји-членки на ОЕЦД и ЕУ со долгорочен кредитен рејтинг од најмалку А-/А3 или рејтинг утврден од неколку меѓународни признати рејтинг-агенции.

При чувањето и управувањето со должничките хартии од вредност, како дел од средствата од девизните резерви, НБРМ врши трансакции со купопродажба, репо и обратни репо трансакции и трансакции за позајмување со хартиите од вредност, применувајќи ја утврдената рамка за управување со ризиците, и тоа:[1]

  • Управување со кредитниот ризик – преку воспоставување на критериуми за определување на минималниот кредитен рејтинг на земјите, финансиските институции и хартиите од вредност каде што се инвестира, со определување на квантитативни ограничувања на изложеност;
  • Управување со каматниот ризик – преку определување на изменето времетраење (Duration) на инвестираните девизни резерви во хартии од вредност за тргување;
  • Ликвидносниот ризик – преку утврдување на лимити по финансиски инструменти во зависност од нивната ликвидност, и
  • Валутниот ризик – преку утврдување на лимити на учество на поединечните валути во валутната структура на девизните резерви.

Со цел чувањето и управувањето на девизните резерви да биде ефикасно, во рамките на НБРМ постојат четири нивоа на донесување на одлуките:[2]

  • Советот на Народната банка,
  • Гувернерот на Народната банка,
  • Комитетот за инвестирање, и
  • Организациските единици.

Народната банка управува со девизните резерви преку три портфолија: ликвидносно портфолио, инвестициско портфолио и злато. Одржувањето на портфолиото во злато е во функција на обезбедување сигурност и ликвидност на девизните резерви преку диверзификација на инвестициите, имајќи предвид дека златото претставува значајно средство во услови на глобална, економска или политичка нестабилност на пазарите. Ликвидносното портфолио ги покрива потребите за ликвидни средства на Народната банка при интервенции на девизниот пазар и за остварување плаќања на државата кон странство, додека инвестициското портфолио обезбедува стабилен и предвидлив приход и одржување на вредноста на девизните резерви преку инвестирање на средствата на подолг рок. Народната банка го контролира кредитниот ризик преку пласирање на девизните резерви во согласност со утврдени критериуми за избор и лимити на изложеност кон земји, финансиски институции и издавачи на хартии од вредност. Народната банка го контролира ликвидносниот ризик преку одржувањето соодветно ниво на ликвидносно портофлио, пласирано во краткорочни инструменти со рамномерна распределба на достасувањето, како и преку пласирање на инвестициското портофлио во пазарни и ликвидни инструменти. Народната банка го контролира каматниот ризик преку определување и одржување на основното прилагодено времетраење (target modified duration) на инвестициското портфолио, како стратегиска цел која го одразува оптималното ниво на очекуван поврат од инвестирање на девизните резерви, при дефинирано прифатливо ниво на ризик. Покрај квантитативното ограничување на валутниот и на каматниот ризик, Народната банка дополнително ја мери изложеноста на девизните резерви кон овие пазарни ризици со користење на концептот „вредност изложена на ризик“ (Value at Risk).

Унапредувањето на институционалниот капацитет при раководењето со девизните резерви[уреди | уреди извор]

Кон средината на 2014 година, НБРМ ја започна соработката со Светската банка во рамки на советодавната програма за управување со девизните резерви, РАМП (RAMP - Reserves Advisory and Management Program), којашто е специјализирана за обезбедување техничка помош и размена на искуства во доменот на управување и инвестирање на девизните резерви. Во август 2014 година, со експертите биле разгледани основите на стратегиската распределба на девизните резерви и можностите за унапредување во оваа почетна и можеби најзначајна фаза од инвестицискиот процес. Исто така, беа согледани можностите за примена на активно управување и заземање позиции, заради подобрување на остварувањата од инвестираните девизни средства. Кон крајот на 2014 година била одржана втората работна средба, при што биле разгледани можностите за примена на најдобрите практики во сметководствената област, како и во доменот на правната поддршка на инвестирањето. Кон средината на 2015 година, фокусот на дискусиите во рамки на третата работна средба со експертите на Светската банка бил во делот на заднинските операции и начините за зголемување на флексибилноста во овој сегмент. Покрај тоа, во септември 2015 година НБРМ била домаќин, организатор на меѓународната работилница за теми во областа на спроведување на заднинските активности во процесот на управување со девизните резерви.

Како последица на соработката со Светската банка, кон крајот на 2015 година била донесена нова Политика за управување и инвестирање на девизните резерви согласно со која се поставила поширока и појасна дефиниција на основната улога на девизните резерви, се дефинирале насоките за утврдување на основната валутна структура, а значајна новина била поставувањето единствен критериум за најнизок дозволен кредитен рејтинг и дефинирањето на толеранцијата за пазарните ризици. Исто така, биле донесени и нови Правила за управување и инвестирање на девизните резерви, каде што се вградиле зададените насоки од Политиката, а се донеле и стратегиските насоки за управувањето со девизните резерви за 2016 година.[3]

Структура на девизните резерви[уреди | уреди извор]

Портфолиото на странски средства со кои управува НБРМ може да ги содржи следните средства:[4]

  • злато и други благородни метали;
  • книжни и ковани пари деноминирани во слободно конвертибилни странски валути;
  • побарувања и меѓубанкарски депозити платливи на барање или во краток рок деноминирани во слободно конвертибилни странски валути;
  • капитални учества во меѓународни финансиски институции;
  • специјалните права на влечење и резервната позиција на Република Македонија во Меѓународниот монетарен фонд;
  • должнички хартии од вредност со кои може да тргува на пазарот, деноминирани во слободно конвертибилни странски валути, кои се издадени од или зад кои стојат влади на други земји, странски централни банки, странски финансиски институции или меѓународни финансиски институции; како и
  • побарувања од меѓународни финансиски институции кои произлегуваат од реоткуп, продажба и повторно купување и договори за давање на заем на хартии од вредност за наведените должнички хартии од вредност.


Табела бр. 1: Девизни резерви на Македонија, 2003-2018 (во милиони евра)[5]

Година Монетарно злато Специјални права за влечење Валути и депозити Хартии од вредност Вкупно
2003 29,7 0,3 615,1 69,9 715,0
2004 63,6 0,6 635,8 17,0 716,9
2005 94,9 0,7 998,7 28,6 1 122,9
2006 105,4 2,3 1 150,5 158,5 1 416,7
2007 124,3 1,0 900,5 498,5 1 524,4
2008 133,9 1,0 245,3 1 114,7 1 494,9
2009 168,1 63,5 464,8 901,2 1 597,5
2010 231,8 0,9 348,0 1 133,8 1 714,5
2011 267,0 0,6 407,0 1 394,3 2 068,9
2012 275,6 1,2 424,3 1 492,2 2 193,3
2013 190,3 3,3 171,7 1 627,7 1 993,0
2014 215,6 4,3 272,8 1 943,7 2 436,5
2015 212,8 4,8 285,3 1 758,9 2 261,8
2016 243,2 4,7 264,1 2 101,4 2 613,4
2017 239,4 4,1 366,5 1 726,2 2 336,3
2018 247,9 3,5 389,4 2 226,3 2 867,1

Динамика на девизните резерви на Македонија[уреди | уреди извор]

Во периодот по осамостојувањето, Македонија не поседувала сопствени државни девизни резерви. Во април 1992 година започнала првата антиинфлациона програма, која се покажува како неуспешна, а една од главните причини било тоа што НБРМ не располагала со сопствени девизни резерви со кои би го бранела фиксниот курс на денарот. Поради тоа, Македонија започнала да остварува акумулација на првите средства во официјалните девизни резерви, во износ од 59,8 милиони долари. Основен извор за пополнување на девизните резерви било задолжителното издвојување на 30% од девизниот прилив на македонските извозници, од кои 12% биле употребувани за пополнување на постојаните девизни резерви, а 18% за девизни резерви со кои централната банка можела да интервенира на пазарот за задоволување на побарувачката за девизи и одржување на курсот. Значаен понатамошен чекор била легализацијата на менувачкиот пазар, со што значително се придонело за пополнување на девизните резерви на државата. Во овој период, 1/4 од акумулацијата на девизните резерви се вршела врз основа на откупот од менувачкиот пазар.

Исто така, покрај задолжителното издвојување од девизниот прилив на извозниците и приливот од ефективни странски пари на менувачкиот пазар, се остварувал прилив и од продажбата на општествените станови на граѓаните за ефективни странски пари. Порастот на девизните резерви се остварувал и со донации од меѓународната заедница за поддршка на платниот биланс и со земање кредити од мултилатералните и билатералните кредитори. Во 1999 година, девизните резерви на Македонија се зголемиле значително од неколку извори: бил остварен висок нето-прилив од девизниот пазар, како резултат на позитивните платно-билансни резултати, од приватизацијата и продажбата на државниот капитал во поголемите стратешки фирми.[6]

Подоцна, најголем раст на девизните резерви се случил во 2005 и 2006 година. Во периодот 2003-2006 година, значително зголемување се забележало кај монетарното злато, специјалните права за влечење и девизните резервни средства, при што, вкупните девизни резерви пораснале од 715 милиони евра во 2004 година на 1.122 милиони евра во 2005 и 1.416 милиони евра во 2006 година. Во овој период, најголемо учество во вкупните девизни резерви имала категоријата „валути и депозити“, кои се зголемиле од 615 милиони евра во 2003 година на 1.150 милиони евра на крајот на 2006 година. Значајната промена во износот бил забележан кај сите елементи на девизните резерви, така што, монетарната злато се зголемило од 30 на 105 милиони евра, а хартиите од вредност од 70 на 158 милиони евра.

Во 2007 година, НБРМ продолжила со зголемување на инвестициите во хартии од вредност во рамките на инвестициското портфолио, со основна цел намалување на изложеноста на девизните резерви кон банкарските депозити и кон кредитниот ризик. По избувнувањето на Глобалната финансиска криза, НБРМ продолжила со повлекување на пласманите од комерцијалните банки, пропратено со пренасочување кон пласмани во централните банки. Зголемувањето на инвестициите во хартии од вредност имало влијание на рочната структура и на структурата на пласманите по инструменти, при што, пласманите во хартии од вредност достигнале вредност од скоро 500 милиони евра на крајот на 2007 година, додека учеството на депозитите се намалило на 900 милиони евра. На крајот на 2007 година, вкупниот износ на девизните резерви достигнал 1.524 милиони евра. Во 2008 година, како одраз на финансиската криза, инвестициската стратегија на НБРМ предвидувала зголемување на нивото на висококвалитетни хартии од вредност за кои постојат ликвидни секундарни пазари, што довело до доминантно учество на државните хартии од вредност во девизните резерви. Притоа, НБРМ значително го намалила учеството на депозитите во девизните резерви, на 245 милиони евра и го зголемила учеството на хартии од вредност на 1.115 милиони евра. На крајот на 2008 година, вкупните резерви забележале мало намалување во однос на претходната година и достигнале 1.495 милиони евра. На инвестициската стратегија на НБРМ во 2009 година, покрај случувањата на меѓународните финансиски пазари, влијание имале и движењата во домашната економија, односно повисоката побарувачка на домашниот девизен пазар и интервенциите на НБРМ во насока на продажба на девизи. НБРМ го задржала високото учество на хартиите од вредност, со големина од 900 милиони евра, но се забележал мал, пораст на другите видови средства во девизните резерви (пораст на валутите и депозитите на 464 милиони евра, како и порастот на златото и специјалните права за влечење).

Во текот 2010 година, најзначајниот дел од девизните резерви биле инвестирани во државни хартии од вредност, во износ од 1.134 милиони евра. Инвестициите во висококвалитетните хартии од вредност придонело за пофлексибилно управување со ликвидноста и кредитната изложеност на девизните резерви. Во однос на претходната година, вкупните девизни резерви забележале мала промена, т.е. се зголемиле за околу 100 милиони евра зголемување. Во 2011 година, НБРМ ги насочувала инвестициите на девизните резерви во земји со ниска кредитна изложеност. Учеството на одделните инструменти во девизните резерви останал речиси непроменет во однос на претходната година, а вкупниот износ на девизните резерви забележал благо зголемување. Во 2012 година, најзастапени биле инвестициите во хартии од вредност – речиси 1.500 милиони евра, а вкупните девизни резерви оствариле промена од помалку од 100 милиони евра во споредба со 2011 година. Во 2013 година била продлабочена диверзификацијата при инвестирање на девизните резерви, во согласност со основните принципи на управување со девизните резерви. Покрај дисперзијата на инвестиции во повеќе валути, била извршена и распределба на девизните резерви во поширок опфат на финансиски инструменти. Забележано е позначително намалување на монетарното злато, од 275 милиони евра во претходната година на 190 милиони евра во 2013 година. Исто така, категоријата „валути и депозити“ се намалила од 424 милиони на 170 милиони евра. Вкупниот износ на девизните резерви во 2013 година забележал умерено намалување од околу 200 милиони евра.

Во август 2015 година девизните резерви изнесувале 2.114 милијарди евра. Во структурата на македонските девизни резерви доминираат три ставки: монетарно злато, валути и депозити и хартии од вредност, од кои најголем дел се германски државни обврзници. Според официјалната евиденција, дури 1.554 милијарди евра од македонските девизни резерви се чуваат во хартии од вредност кои Народната банка ги купува на светските финансиски пазари. Ставката валути и депозити во странски банки крајот од септември 2015 година изнесувала 248,1 милиони евра, додека во монетарно злато Македонија чувала 300,7 милиони евра.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. НБРМ, Политика за чување управување и со девизните резерви на Република Македонија, Службен весник на Република Македонија, бр.126/11 и 26/14, стр. 37.
  2. НБРМ, Политика за чување управување и со девизните резерви на Република Македонија, Службен весник на Република Македонија, бр. 126/11 и 26/14, стр. 2.
  3. НБРМ, Годишен извештај за 2015 година (пристапено на 2.9.2016)
  4. Закон за народната банка на Република Македонија, Службен весник на Република Македонија, бр.158/10,123/12 и 43/14.
  5. www.nbrm.mk (пристапено на 15.9.2019)
  6. Емилија Нацевска, „Девизните резерви и денарот симболи на јакнењето на македонската самостојност“, Економски истражувања IV/2002, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2002, стр. 41-42, 45-46.
  7. „www.mkd.mk, Девизните резерви на ново рекордно ниво" (пристапено на 2.9.2016)“. Архивирано од изворникот на 2013-01-02. Посетено на 2016-09-26.