Секундарен пазар на капитал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Секундарниот пазар на капитал го опфаќа купувањето и продажбата на веќе издадените хартии од вредност. Равиениот секундарен пазар претставува клучен сегмент за ефикасниот пазар на капитал. Постојат многу начини на кои секундарните пазари можат да бидат организирани. Во основа, постојат четири видови пазарни структури на пазарот на секундарни хартии од вредност: пазар со директно барање, брокерски пазари, дилерски пазари и аукциски пазари.[1]

Пазар со директно барање[уреди | уреди извор]

На пазарот со директно барање, продавачот или купувачот на дадена хартија од вредност, мора директно да ја бара другата страна на тргувањето. Во овој случај, целокупните трошоци во поглед на времето и парите, за лоцирање на соодветен трговски партнер паѓаат на товар на поединците кои сакаат да го извршат тргувањето. Тие можат да бараат трговски партнер, користејќи ја вербалната комуникација, рекламирањето, или некој друг неформален механизам. Со оглед на посебните карактеристики на секоја индивидуална хартија од вредност што нејзиниот сопственик настојува да ја продаде, овие трошоци можат да бидат значителни. Тој не само што мора да најде личност заинтересирана за тргување со конкретна хартија од вредност, туку, исто така, треба да најде поединец кој е подготвен да ја плати цената за хартијата што ги исполнува неговите очекувања. Ако, пак, некој сака да купи хартија од вредност, тој се наоѓа во слична тешка ситуација, настојувајќи да најде личност подготвена да му понуди прифатлива цена. Поради овие тешкотии, пристапот со директно барање е вообичаен за хартии од вредност што се само од локален или регионален интерес.[2]

Брокерски пазари[уреди | уреди извор]

Ако обемот на тргување или интересот за некоја хартија од вредност стане доволно висок, ситуацијата се менува. Во таков случај, услугите на брокерите стојат на располагање. Сè додека овие услуги можат да бидат искористени за да се пронајде партнер за тргување кој е подготвен да ја изврши трансакцијата по цена која е барем толку поволна колку би можела да се најде преку директното барање и сè додека услугите се поевтини отколку трошоците на директното барање, ќе постои побарувачка за брокерски услуги.

Таквите брокерски услуги ќе бидат обезбедени секогаш кога за брокерот постои економски интерес да ги понуди. Генерално земено, ова значи дека треба да постои соодветно ниво на интерес на инвеститорите за хартијата од вредност, што се манифестира преку обемот на тргување со неа. Доколку ова е задоволено, брокерот може да ги оправда времето и напорот поврзани со пружањето на неговите услуги на страните заинтересирани за одделна хартија од вредност. Инаку, тој би требало да наплати превисока цена за неговите услуги и инвеститорот би поминал подобро, ако би ги нашол партнерите преку директно барање.

Постојат две причини поради кои обемот на тргување влијае на одлуката на брокерот да стане активен:

  • Прво, постојат високи фиксни трошоци за вложување во комуникациони технологии и трговска инфраструктура, што му овозможува на брокерот да биде во контакт со голем број инвеститори, дилери и други брокери заинтересирани за хартијата од вредност.
  • Второ, често пати е потребно да се направат високи трошоци за добивање на инвестициона анализа и други информации потребни за брокерот да има потребен увид за вредноста за финансискиот ризик со кој сака да тргува.

Примери за брокерски пазари се: малопродажниот пазар за поединечни инвеститори во општински обврзници, пласманот на средствата на меѓубанкарскиот пазар за периоди подолги од еден ден и пазарот за некои договорни депозитни сертификати.[3]

Дилерски пазари[уреди | уреди извор]

Иако брокерите можат да постигнат неколку предности над пазарите со директно барање, тие имаат и еден недостаток, во поглед на тоа што не можат да го гарантираат брзото извршување на наредбите на инвеститорот. Додека тие бараат алтернативни потенцијални партнери за клиентот, пазарните цени можат да се придвижат во неповолен правец, или продавачот може едноставно да стане нестрплив поради неговата или нејзината критична потреба од пари. Така, инвеститорот кој е зависен од брокерските услуги, се соочува и со ценовен ризик и со потенцијални доцнења, што произлегуваат од несигурноста околу потребното време да се открие соодветен партнер за тргување и да се изврши трансакцијата.

Ако тргувањето со хартијата од вредност е доволно интензивно, би можеле да се појават дилери кои би ја искористиле ситуацијата, одржувајќи сопствена залиха од хартијата од вредност. Тоа ќе им дозволи да продаваат и да купуваат хартии од вредност за сопствена сметка. Дилерите би ги котирале куповните и продажните цени и би биле подготвени да ги извршат налозите по тие котирани цени. Во таква ситуација, дилерот нуди две цени: една по која тој е подготвен да ја купи хартијата од вредност, и друга по која тој е подготвен да ја продаде неа. Котираните цени можат да се разликуваат од еден до друг дилер, бидејќи тие можат да имаат различно ниво на залихи, различни инвестоициони цели, или бидејќи нивните мислења во поглед на хартиите од вредност со кои се тргува, се разликуваат.

Примери за дилерски пазари вообичаено се пазарите на државни хартии од вредност, пазарите за повеќето корпоративни обврзници и шалтерските пазари за обични и приоритетни акции.[4]

Аукциски пазари[уреди | уреди извор]

Покрај дилерските пазари, постојат и аукциски пазари, каде тргувањето е почесто. Постојат причини поради кои се јавува оваа пазарна структура. Дилерските пазари ги пружаат предностите на брзо извршување на тргувањето и на пониските трошоци за барање, отколку брокерските и пазарите со директно барање. Сепак, тие носат две неповолни страни. Човек никогаш не може да биде сигурен дека поповолна цена не можела да биде постигната преку контактирање со други дилери. Понатаму, инвеститорот секогаш ќе се соочи со трошокот на дилерската разлика помеѓу продажниот и куповниот курс.

Еден аукциски пазар нуди централизиран пазар каде тргувањата се одвиваат на поединечна локација по јавно огласени цени. Во таква ситуација, сите учесници, без оглед дали тие се дилери или други инвеститори, имаат пристап до тргувањето. Аукцискиот пазар ги избегнува и двете претходно наброени неповолности. Постигнатите цени ги претставуваат најповолните расположливи цени на аукцискиот пазар и тие со себе не ја носат разликата помеѓу продажната и куповната цена.

За еден аукциски пазар да биде успешен, сепак, висок паричен износ на тргување со една хартија од вредност не е доволен. Она што е потребно се голем број трансакции. Онаму каде што се јавуваат аукциските пазари, тие бараат чести презентации на куповните и продажните налози, во рамките на некој поединечен пазар. Такви се пазарите на државни хартии од вредност, како и компјутеризираните шалтерски пазари. Во Република Македонија, државните записи и благајничките записи на НБРМ се продаваат по пат на аукција.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр.176-177.
  2. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр.177-178.
  3. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр.178-179
  4. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр.179-180.
  5. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр.180-181.