Дримкол
- За други значења на поимот Дримкол, видете на појаснителната страница
Дримкол — етногеографски предел во југозападниот дел на Македонија, на границата со Албанија. Името го добил од реката Дрим и турскиот збор „кол“ што значи „одред“, „војска“ или „стража“, „жупа“.[1]
Географски карактеристики[уреди | уреди извор]
Се простира на запад од реката Црн Дрим, по источните страни на планината Јабланица. На југ допира до брегот на Охридското Езеро, а на север до Дебарска Жупа. Се дели на Струшки или Горни Дримкол[2] на југ и Дебарски или Долни Дримкол[2] на север. Струшкиот Дримкол е поголем и се шири на дел од Струшкото Поле, а дебарски Дримкол е планинско-ридест крај. Покрај источната периферија на двата Дримкола води регионален пат кој го поврзува пределот на север со Дебар и на југ со Струга. На запад, од Струга преку Ќафасан, води меѓународен пат кој го поврзува со Албанија. Во Дримколската Клисура се изградени две вештачки акумулации, Глобочица и Шпилје, на кои се подигнати и две електроцентрали. Кај селото Пискупштина е откриен јаглен со резерви од околу 3,5 милиони тони и тој се исцрпува. Главно занимање на дримколци во Струшко Поле е земјоделството, а во јабланичките села сточарството. Значаен дел од населението е заминато на привремена работа во странство.[3]
Населени места и население[уреди | уреди извор]

Во Дримкол има 23 села, од кои 15 се во Струшки, а 8 во Дебарски Дримкол. Главно административно и стопанско средиште на Дримкол е Струга.
Струшки Дримкол: Боровец, Вевчани, Велешта, Враништа, Вишни, Горна Белица, Долна Белица, Добовјани, Заграчани, Калишта, Лабуништа, Октиси, Подгорци, Радолишта и Шум.
Дебарски Дримкол: Јабланица, Безово, Дренок, Лакаица, Луково, Модрич и Нерези, Пискупштина.
Најголемо село е Лабуништа, со 5.936 ж. (2002 г.), додека селото Вевчани е самостојна општина. Населението го сочинуваат Македонци, Македонци муслимани (Торбеши) и Албанци, кои се поделени на Геги и Тоски.
Вкупното население на Дримкол според последниот попис од 2002 година изнесува 30.269 жители, од кои 28.790 живеат во Струшки, а само 1.479 во Дебарски Дримкол.