Вестминстерска палата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Вестминстерска палата
Westminster Palace
*
Светско наследство на УНЕСКО

Вестминстерската палата наутро
Држава Flag of the United Kingdom.svg Обединето Кралство
Тип
Критериуми i, ii, iv
Навод 426
Регион** Европа
Записно минато
Запис 1987  (XI заседание)
* Име според официјален запис на списокот.
** Регион според класификацијата на УНЕСКО.

Вестминстерската палата, позната и како Палата на парламентот е дворец кој се наоѓа во Лондон, Англија. Во нејзиниот комплекс се наоѓаат градбите на Парламентот на Обединетото Кралство, Домот на Лордовите (Горен дом) и Општинскиот дом (Долен дом). Дворецот се наоѓа на левиот брег на реката Темза, во регионот на Вестминстер, близу до државните згради на Вајтхол.

Палатата се состои од околу 1100 простории, 100 скалишта и ходници, долги 4,8 km. Првите делови од градбата биле Вестминстерската сала, која била изградена околу 1097 година и Кулата на Скапоценостите, која била изградена околу 1365 година. Вестминстерската сала, денес се користи за повеќе државни церемонијални настани како што се изложувањата на посмртни останки.

Надзорот на Вестминстерската палата и нејзината околина со векови биле задача на управникот на кралскиот имот, кој бил назначен директно од кралското семејство. Во согласност со кралската власт, во 1965 година, надзорот го презеле двата дома. Сепак, одредени простории за церемонии продолжиле да бидат под контрола на управникот на кралскиот имот.

По пожарот во 1834 година, сегашниот дом на парламентот се градел повеќе од 30 години. Обновената градба била дело на архитектот Сер Чарлс Бери и неговиот помошник Августус Велби Пуџин. Планот ги вклучувал и Вестминстерската сала и остатоците од капелата Св. Стефан.

Историја[уреди]

Првобитната палата[уреди]

Окружувањето на Вестминстерската палата имало стратешко значење во средниот век, бидејќи бил сместен на брегот на реката Темза. Во овој предел имало градби, уште од времето на Саксонците. Познат во средновековието како Торни Ајленд, пределот бил користен како кралска резиденција од страна на кралот Кнут Велики. Претпоследниот крал на Англија, Едвард Исповедникот, изградил кралска палата на Торни Ајленд, за време коешто му било потребно да ја изгради Вестминстерската опатија. Торни Ајленд и предградието наскоро станале познати како Вестминстер (кратенка на зборовите Вест и Минстер). По освојувањата на Викинзите во 1066, кралот Вилијам I се вдомил во Лондонската кула, но подоцна се преселил во Вестминстер. Ниту една од градбите што ги користеле Саксонците или оние што биле користени од страна на Вилијам I, не останале. Најстариот дел од палатата што постои (Вестминстерската сала) датира од периодот на владеење на наследникот на Вилијам I, кралот Вилијам II.

Детал од Џон Роковата карта на Лондон од 1746

Вестминстерската палата во средновековниот период била главна кралска резиденција. Претходникот на парламентот, Curia Regis (кралски совет), се состанувала во Вестминстерската сала, иако по обичај го следела кралот, доколку тој се преселувал во други палато. Во 1295 година, во палатата била одржана прават седница на првиот официјален парламент на Англија,[1] каде се одржале речиси сите идни седници на парламентот.

Кулата на Скапоценостите била изградена околу 1365 година, со цел во неа да бидат преместени скапоцените предмети на кралот Едвард III.[2]

Вестминстер останал главна кралска резиденција во Лондон, сè до пожарот кој уништил дел од градбата во 1512 година. Во 1530, кралот Хенри VIII ја добил Јоркшката палата од кардиналот Томас Волсеј,[3] влијателен министер кој ја изгубил кралската наклонетост. Преименувајќи ја во Вајтхол, Хенри VIII ја користел како главна резиденција. Иако Вестминстер официјално останал кралска палата, се користел од двата дома на парламентот како судска зграда.

Бидејќи, првобитно била кралска резиденција, палатата не вклучувала специјално изградени сали за двата дома. Важните свечени церемонии, вклучувајќи го и свеченото отворање на парламентот, се одржувале во Насликаната сала, додека горниот дом, првобитно се состанувал во Салата на кралицата, едноставен средновековен ходник на јужниот крај од комплексот пред одржувањето на состаноците во поголемата сала, наречена Белата одаја во која формално бил сместен Судот за барања.

Долниот дом, кој немал своја сопствена сала, понекогаш седниците ги одржувале во филијалната зграда на Вестминстерската опатија. Домот добил постојано место во палатата, проанешната кралска капела, капелата Свети Стефан, но само за време на владеењето на наследникот на Хенри VIII, кралот Едвард VI. Законот за капели од 1547 година (спроведен како дел од протестантската реформација) ја поништил религиозната наредба на каноните на Свети Стефан, меѓу други институции. Според тоа, капелата станала достапна за потребите на Долниот дом. Во следните векови, биле направени промени во капелата, поради прилагодување на потребите на Долниот дом, во што учествувале и истакнати архитекти, меѓу кои бил и Кристофер Рен.

Комплексот на палатата бил значително променет на почетоткот од 19. век од страна на Џон Соан. Дел од зградата на средновековниот Горен дом, кој бил цел на неуспешна барутна завера во 1605, бил демолиран, со цел да се создаде нов кралски влез на јужниот дел од палатата, каде што Гај Фoукс бил откриен како чува буриња со барут, кои биле загубени за време на реконструкцијата. Работата на Соан на палатата вклучувало нови градби, кои биле додадени до Вестминстерската сала и нов влез за членовите до капелата.

Пожар и реконструкција[уреди]

„Горењето на Горниот и Долниот Дом“ од Џозеф Тарнер, кој бил сведок на пожарот пожарот

На 16 октомври 1834, во дворецот избувнал пожар, откако печката што се користела за уништување на записите од државната благајна ја запалила ламперијата во Горниот дом. Како резултат на пожарот, заедно со другите градби во комплексот биле уништени и двата дома на парламентот. Вестминстерската сала била спасена, главно поради историските напори за справување со пожари. Кулата на скапоценостите, гробницата на капелата Св. Стефан и манастирите биле единствените делови од палатата што не изгореле.

Во еден момент, кралот Вилијам IV мислел Бакингамската палата, која се реновирала во тоа време, да ја претвори во нови два дома на парламентот.[4]

Кралската комисија била одбрана да ја анализира повторната изградба на палатата и жестоката јавна дебата околу предложените стилови. Неокласичниот архитектонски стил, сличен на оној во Белата куќа и Конгресот во САД, бил популарен во тоа време, но будел сеќавања на револуција и републиканство, додека готскиот стил ги опфаќа конзервативните вредности. Во јуни 1835, комисијата објавила дека „стилот на градбите би бил или готски или елизабетски”.[5]

Сер Чарлс Бери победил на конкурсот за обнова на палатата

Во 1836 година, по анализата на 97 конкурентски предлози, кралската комисија го избрала готскиот стил од планот на Чарлс Бери. Каменот-темелник бил поставен во 1840,[6] канцеларијата на управникот била завршена во 1847, а зградта на долниот дом во 1852 година. Поради ова, Бери бил прогласен за витез. Иако голем дел од работата била заврешна до 1860, конструкцијата била завршена една декада подоцна. Чарлс Бери, чиј архитектонски стил бил повеќе класичен отколку готски, цврсто се потпирал на Августус Пуџин за раскошниот и карактеристичен готски ентериер, вклучувајќи тапети, гравури, витражи и мебел, како и кралските тронови и сводови.

За време на Втората светска војна, палатата била четиринаесет пати погодена од бомби. Најопасно било на 10 мај 1941, кога згрдата на долниот дом била уништена и тројца луѓе биле убиени.[7] Зградата на домот била повторно изградена од архитектот Џaјлс Гилберт Скот. Активностите биле завршени во 1950 година.[1]

Со зголемувањето на потребата за канцелариски простор во палатата, парламетот добил канцелариски простор во соседната зграда, Норман Шо, во 1975 година[8] и во неодамна изработената, Порткулис, завршена во 2000 година. Ова проширување дозволи сите членови на парламентот да имаат своја сопствена канцеларија.[1]

Надворешност[уреди]

Вертикалниот готски стил на палатата на Чарлс Бери бил популарен во 15. век и бил повторно оживеан во 19. век. Бери бил класичен архитект, но бил потпомогнат од готскиот архитект Августус Паџин. Вестминстерската сала, која била изградена во 11. век и не била зафатена со огнот од пожарот во 1834 година била вклучена во планот на Бери. Паџин бил незадоволен од резултатот на работата, особено со симетричниот распоред проектиран од Бери. Тој дал одлична забелешка, велејќи:

„Потполно грчко, господине, тјудорски детали на класичното тело.“[9]

Камени ѕидови[уреди]

Камените ѕидови на градбата, првобитно биле од „анстон“, магнезиумов варовник со боја на песок, кој потекнувал од селото Анстон во Јужен Јоркшир, по кое и го добил името.[10] Каменот, сепак, набргу почнал да се распаѓа поради загадувањето и слабиот квалитет на дел од употребениот камен. Иако таквите дефекти биле отстранети пред 1849, во преостанатиот период од 19. век ништо не било направено. Во 1910, станало очигледно дека делови од камените ѕидови мора да се заменат. Во 1928, се чинело дека е неопходно да се употреби каменот „клипшам“, варовник со медова боја од Рутланд, кој го заменил оштетениот анстон. Проектот започнал во 1930 година, но бил прекинат поради Втората светска војна и бил завршен во 1950 година. Сепак, до 1960, поради загадувањето, ѕидовите повторно биле оштетени. Програмата за одржување и реставрација на камењата на надворешните нивоа и тврдини започнала да се спроведува во 1981, а била завршена во 1994 година. [11]Зградата на управата ја презела задачата за обновување на надворешноста на повеќе делови од градбата, што трае до 2010.

Кули[уреди]

Вестминстерската палата на Чарлс Бери вклучува неколку кули. Највисока е Викториината кула, која е висока 98,5 метри,[10] има страна со облик на правоаголник и е сместена на југозападниот дел од палатата. Именувана е по владетелката во времето на реконструкцијата на палатата, кралицата Викторија. Денес, кулата е дом на архивите на парламентот. Врвот на Викториината кула е железен јарбол од кој се веат знамиња. Кралското знаме се вее, доколку владетелот е присутен во палатата, а доколку не е, знамето на Велика Британија. Во подножјето на кулата се наоѓа кралскиот влез во палатата, кој го користи владетелот секогаш кога влегува во Вестминстерската палата.

Вестминстерската палата, поглед од панорамското тркало „Лондонско Око“; Викториината кула е од левата, а Саат-кулата од десната страна.

На средина од палатата, веднаш над главното предворје се наоѓа Централна кула со страна со осмоаголна основа. Кулата е висока 91,4 метри,[10] и е најниска од трите главни кули во рамките на дворецот. За разлика од другите тврдини, Централната кула поседува шилеста купола и била изградена како квалитетен вшмукувач на воздух.

На северноисточниот крај од палатата е сместена најпознатата од кулите, Саат-кулата, општо позната како Биг Бен, по нејзиното главо ѕвоно. Саат-кулата е висока 96,3 метри.[10] Цртежите на Пуџин за кулата биле последната работа што тој ја направи за Бери. Во Саат-кулата е сместен голем часовник со четири страни, кој исто така бил проектиран од Пуџин. Во кулата исто така се сместени пет ѕвона, кои отчукуваат четири пати во секој час. Најголемото и најпознатото ѕвоно е Биг Бен (големото ѕвоно на Вестминстер), кое чука еднаш на секој час. Тешко 13,8 тони, тоа е третото најтешко ѕвоно во Англија.[10] Иако, Биг Бен се однесува всушност само на ѕвоното, вообичаено името се употребува за целата кула.

Малата кула е наречена Кула Св. Стефан и е сместена на предниот дел од палатата Палатата, меѓу Вестминстерската сала и стариот двор на палатата. Кулата содржи главен влез до Долниот дом, познат како влез на Св. Стефан.[12] Другите кули ги вклучуваат кулите на говорникот и канцеларот, кои се наоѓаат на северните и западните делови од дворецот, налегнати над Темза. [13] Тие се именувани по службениците кои претседавале со двата дома на парламентот во времето на реконструкцијата на палатата, говорникот на Долниот дом и претседавачот на Горниот дом.

Градини[уреди]

План со нацрт на Вестминстерската палата

Вестминстерската палата е опкружена со мал број на градини. Градините околу Викториината кула се сместени јужно од палатата, долж брегот на Темза и претставуваат отворен парк за јавноста. Градината Блек Род (именувана по службата на благородникот Ашер на Блек Род) е затворена за јавноста и се користи како приватен влез. Стариот двор на палатата, во предниот дел на палатата, е поплочен и покриен со бетонирани безбедносни блокови. Кромвел Грин (исто така предниот дел), новиот двор на палатата (на северната страна) и Спикрс Грин (северно од палатата) се приватни и затворени за јавноста. Колеџ Грин, сместен спроти Горниот дом е мал триаголен тревник кој обично се користи за телевизиски интервјуа со политичари.

Внатрешност[уреди]

Вестминстерската палата содржи 1100 простории, 100 скалишта и ходници, со вкупна должина од 4,8 километри.[10] Градбата е на четири ката. На приземјето се наоѓаат канцеларии, ресторани и барови. На првиот кат (познат како главен кат) се наоѓаат главните простории во дворецот, вклучувајќи ги библиотеките, гардеробата, кралската галерија, одајата на принцот, Горниот дом, фоајето на благородниците, централното фоаје, фоајето на пратениците и Долниот дом. Сите тие се наоѓаат на иста страна на првиот кат и се распоредени акко што се наведени. Вестминстерската сала се наоѓа на страната каде што е Долниот дом. Останатите два ката се користат како простории на комисии и канцеларии.

Порано, кога палатата била кралска резиденицја, била управувана од управникот на кралскиот имот. Во 1965 година, било одлучено дека секој дом треба да управува со своите сопствени простории. Денес, управникот на кралскиот имот управува само со одредени церемонијални простории.

Сала на Горниот дом[уреди]

Горниот дом е сместен на јужниот дел од Вестминстерската палата. Богато декорираната просторија има димензии: 13,7 и 24,4 метри.[10] Клупите во домот, како и другиот мебел во тој дел од палатата се црвени. Горниот дел на палатата е декориран со витражи на прозорците и шест алегорични фрески што ги претставуваат религијата, витештвото и законот.

На јужниот дел од палатата се наоѓаат украсен златен свод и трон. Иако кралот теоретски може да го заземе своето место на тронот за време на која било седница, тој или таа присуствуваат само на свеченото отворање на парламентот. Другите членови на кралското семејство кои присуствуваат на свеченото отворање, се качуваат по свечени скали до тронот. Пред тронот, има вулсак (англиски:Woolsack), црвено перниче наполнето со волна без потпирачи, претставувајќи ја историската важност на трговијата со волна. Од 2006, вулсакот го користи службеник кој претседава со домот. Жезолот на домот, кој го претставува кралскиот авторитет се наоѓа на задната страна на вулсакот. Пред вулсакот се наоѓаат столчињата на судиите, поголемо црвено перниче што го заземаат министерите за правда за време на свеченото отворање и масата на домот на која седат писарите.

Пратениците во парламентот ги заземаат црвените клупи што се арспоредени на три страни на домот. Клупите од десната страна на претседавачот на Горниот дом ја формираат спиритуалната страна, а оние од неговата лева страна ја формираат земската страна. Свештениците (архиепископот и епископите на заснованата Црква на Англија) ја заземаат спиритуалната страна. Членовите на Горниот дом (благородниците) седат според тоа на која партија и припаѓаат: членовите на владеачката партија седат на спиритуалната страна, додека опозицијата седи на земската страна. Некои благородници, кои не припаѓаат на некоја партија седат на клупите во средината на домот, спротивно на вулсакот. Според тоа, тие се познати како независни пратеници.

Горниот дом е место за важни церемонии, меѓу кои и најважната, свеченото отворање на парламентот, кое се одржува на почетокот на секоја годишна парламентарна седница. Кралот седи на тронот и држи говор, при што дава краток преглед на дневниот ред на законодавната власт за претстојната парламентарна седница. Членовите на Долниот дом не влегуваат во просторот за дебата на претставниците на Горниот дом. Наместо тоа, тие ги следат расправите во внатрешниот дел, веднаш зад оградата. Слична церемонија се одржува на крајот од парламентарната седница, меѓутоа, кралот вообичаено не присуствува и него го застапува група ополномоштени членови на Горниот дом.

Сала на Долниот дом[уреди]

Салата на Долниот дом се наоѓа во северниот дел од Вестминстерската палата. Отворена е во 1950 година, откако била уништена Викторијанската сала во 1941 и повторно изградена од архитектот Џaјлс Гилберт Скот. Салата има димензии 14 и 20,7 метри[10] и е многу поедноставна од салата на Горниот дом. Клупите, како и другиот мебел во салата се зелени. На народните пратеници им е забрането да седат на црвените клупи, кои се наменети за пратениците на Горниот дом. Другите парламенти на нациите на земјите во Комонвелтот, вклучувајќи ги и оние на парламентите на Канада и Австралија ја презеле шемата на бои според која залената боја асоцира на Долниот дом, а црвената на Горниот.

Вестминстерска палата, заедно со Саат-кулата гледани од Парламентарниот плоштад

Во северниот дел на салата се наоѓа столото на претседавачот со домот, а истата е подарок за парламентот на Комонвелтот од Австралија. Сегашниот стол на британскиот претседавач е копија на стол на претседавачот даден на Автралија, од Долниот Дом на прославата на отворањето на австралискиот Парламент. Пред столот на претседавачот се наоѓа масата на домот, на која седат писарите и на која се наоѓа церемонијалниот жезол на министрите на Долниот дом. Кутиите за официјални документи, на кои министрите од Парламентот, често се потпираат или ги положуваат забелешките за време на прашањата и говорите, се подарок од Нов Зеланд. На обете страни на домот има зелени клупи. Министрите на владеачката партија ги заземаат клупите од десната страна на претседавачот, додека опозицијата ги зазема клупите од левата страна на претседавачот. Во Долниот дом нема клупи за независни пратеници како што е тоа случај во Горниот дом. Салата е релативно мала и може да смести од 427 до 646 пратеници.[14] За време на расправите на премиерот и повеќето дебати, министрите стојат на обете страни на домот.

По традиција, британскиот крал не влегува во салата на Долниот дом. Последниот крал кој влегол бил кралот Чарлс I во 1642 година. Кралот барал да се уапсат пет министри, обвинети за велепредавство, но кога тој го прашал претседавачот, Вилијам Лентхол, дали би знаел каде живеат овие простории, Лентхол одговорил:

Нека го задоволи вашето Височество, немам ниту очи да гледам ниту јазик да зборувам на ова место, но како што на Домот му се допаѓа нека ме посочи, чиј слуга сум еве тука.

[15]

Двете црвени линии на подот на Долниот дом се на растојание од 2,5 метри[10] и по традиција не се наменети да бидат само две линии што се вкрстуваат. Протоколот бара министрите да не ги преминуваат овие линии додека зборуваат. Историски гледано, ова требало да ги спречи дискусиите во домот да преминат во дуели. Ако се случи некој министер да ја пречекори оваа линија додека држи говор тој или таа ќе биде нападнат од министрите на опозицијата. Ова најверојатно е потеклото на изразот „застани во строј”.

Вестминстерска сала[уреди]

Вестминстерската сала на почетокот од 19. век

Вестминстерската сала е најстариот дел од Вестминстерската палата, којшто опстоил до денес. Била изградена во 1097 година[16] и била најголемата сала во Европа. Покривот, најверојатно се издигал над столбови, давајќи три премини, но за време на владеењето на кралот Ричард II, кровот бил заменет со засводена дрвенарија од кралскиот дрводелец Хју Херланд, „најголемото дело на средновековната дрвена архитектура“, со што првобитните три премини биле заменети со еден отворен голем простор со подиум. Ричардовиот архитект Хенри Ивеле ги оставил првобитните димензии, обновувајќи ги ѕидовите со петнаесет статуи на кралеви со природна големина, поставени во вдлабнатини.[а] Повторната изградба ја започнал кралот Хенри III во 1245 година, но за време на Ричард била запоставена повеќе од еден век.

Вестминстерската сала го има најголемиот средновековен покрив без потпирачи, чии димензии се 20,7 и 73,2 метри.[10] Според една легенда, познато е дека дрвената контрукција на покривот била целосно завршена во 1395 година во Фарнхам, 56 километри северозападно од Лондон.[17] Извештаите го евидентираат големиот број на вагони и шлепери кои ги пренеле склопените дрва до Вестминстер за монтажа.[18]

Вестминстерската сала извршувала бројни функции. Првенствено се користела за судски цели. Во неа биле сместени три од најважните судови во земјата: кралскиот суд, судот за општи жалби и судот на претседавачот на Горниот дом. Во 1875 година, овие судови се интегрирале во Врховниот суд,[19] кој продолжил да се состанува во Вестминстерската сала, сè додека во 1882 година, не бил преименуван во Кралски врховен суд.[20] Освен регуларните судови, во Вестминстерската сала исто така се воделе и важни судски процеси, вклучувајќи ги процесите на отповикување и државните процеси на кралот Чарлс I, на крајот на граѓанската војна во Англија, случаите против Вилијам Валас и случајот против Гај Фоукс.

Прославата, по повод крунисувањето на Џорџ IV се одржала во Вестминстерската сала во 1821 година

Вестминстерската сала се користела и за извршување на церемонијални функции. Од12. до 19. век, банкетите по повод крунисувањето на новите кралеви се одржувале во салата. Последниот банкет одржан во салата бил по повод крунисувањето на кралот Џорџ IV, одржан во 1821.[21] Неговиот наследник, кралот Вилијам IV, ја отфрлил идејата, бидејќи сметал дека е премногу скапа. Вестминстерската сала се користела и за изложување на посмртните останки, за време на државните и церемонијалните погреби. Таква чест, обично имале монарсите со своите рбачни партнери. Единствените посмртни останки што биле изложени во 20. век, а кои не припаѓаат на член на кралското семејство се оние на Фредерик Слеj Робертс во 1914 и Винстон Черчил во 1965. Последните посмртни останки што беа изложени се оние на мајката на кралицата Елизабета II, Елизабета Бaус-Лејн, во 2002 година.

Претставници од двата дома одржуваат церемонијални говори во Вестминстерската сала, но само во јавни околности. На пример, говори се одржале поради Сребрениот јубилеј во бракот на кралицата Елизабета II во 1977 година и нејзиниот Златен јубилеј во 2002, 300-годишниот јубилеј од Славната револуција во 1988 и петнаесетгодишниот јубилеј од завршувањето на Втората светска војна во 1995 годиа.

Со реформите во 1999, Долниот дом користи специјално уредена просторија до Вестминстерската сала како дополнителна сала за дебати. Просторијата има облик на издолжена потковица и е во спротивност со главната сала, во која клупите се сместени една спроти друга. Моделот настојува да прикаже беспристрасна природа на дебатите од оние што се одржуваат во Вестминстерската сала. Седниците во Вестминстерската сала се одржуваат три пати секоја седмица и вообичаено на нив не се дискутира за спорни прашања.

Други простории[уреди]

Во дворецот има и други важни простории, кои се наоѓаат на првиот кат. На јужниот крај од палатата се наоѓа гардеробата, просторија во која монархот се подготвува за свеченото отворање на парламентот, облекувајќи официјална облека и носејќи ја кралската круна. Сликите на Вилијам Дајс од гардеробата прикажуваат сцени од легендата за кралот Артур. Веднаш до гардеробата е сместена кралската галерија, која понекогаш ја користат странски функционери кои сакаат да се обратат на двата дома. Ѕидовите ги декорирале двајца големи сликари: Даниел Меклис: „Смртта на Нелсон” (опишувајќи ја смртта на Хорацио Нелсон во битката кај Трафалгар) и „Средбата на Велингтон и Блихер” (прикажувајќи го Артур Вејлсли кој се среќава со Гефарт Леберехт фон Блихер во битката кај Ватерло).

Веднаш до салата на Горниот дом се наоѓа одајата на принцезата, која претставува мала чекална која ја користат пратениците на Горниот дом. Одајата е декорирана со слики на членови од династијата Тјудор, насликани од Ричард Буршет и неговите ученици и со мермерна статуа на кралицата Викторија. Во горниот дел, веднаш до салата на Горниот дом е сместено фоајето на благородниците, каде министрите на Горниот дом неформално дискутираат или преговараат за време на седниците на домот.

Украс на Вестминстерската палата е осмоаголното централно фоаје, кое се наоѓа веднаш зад фоајето на благородниците. Фоајето кое се наоѓа директно под Централната кула е украсено со статуи на државници и мозаици, кои ги претставуваат националните светци и покровители на Обединетото кралство: Свети Ѓорѓи за Англија, Свети Андреј за Шкотска, Свети Давид за Велс и Свети Петар за Ирска. Избирачите може да се среќаваат со нивните членови на парламентот во Централното фоаје. Зад Централното фоаје до далата на Долниот дом се наоѓа фоајето на пратениците, во кое членовите на парламентот ги одржуваат дискусиите или преговараат. Фоајето на пратениците содржи статуи на неколку поранешни премиери, вклучувајќи ги Дејвид Лојд Џорџ, Винстон Черчил, Клемент Етли и Маргарет Тачер.

Има две групи на библиотеки на главниот кат од дворцот, кои се во делот, веднаш до реката Темза. Библиотеките се поделени по двата дома, па така постојат библиотеки на Горниот и библиотеки на Долниот дом.

Вестминстерската палата исто така вклучува свечени апартмани за службениците кои претседаваат со двата дома. Официјалната резиденција на претседавачот на Долниот дом се наоѓа на северниот крај од палатата, а апартманите на претседавачот на Горниот дом се наоѓаат на јужниот крај. Секој ден, претседавачот на Долниот дом и претседавачот на Горниот дом учествуваат во формални поворки од нивните апартмани до нивните соодветни сали.[22][23]

Во Вестминстерската палата има 19 барови и ресторани,[24] а многу од нив не се затвораат додека домот заседава. Исто така, има и фискултурна сала, а дури и фризерски салон. Во минатото имало и стрелиште, кое било затворено во 1990-тите.[25] Парламентот има продавница за сувенири, каде се продаваат предмети како привезоци за клучеви, но и шампањ.

Обезбедување[уреди]

Блек Род го надгледува Горниот дом, а редарот го надгледува Долниот дом. На овие службеници примарни им се церемонијалните функции надвор од салите на соодветниот дом. Безбедноста на Вестминстерската палата е одговорност на дивизијата на Вестминстерската палата од Метрополитската полиција, полициска сила задолжена за поголем дел од околината на Лондон. По традиција само редарот може да влезе вооружен во Долниот дом.

Редици од бетонирани блокови беа поставени на коловозот во 2003 година, поради зголемената загриженост од можноста камион полн со експлозив да биде внесен во зградата.[26] На реката постои зона која се наоѓа на 70 метри од брегот, која претставува исклучок и во која не е дозволено да влегуваат бродови.[27]

И покрај неодамнешните прекршоци на безбедноста, министрите и понатаму имаат пристап до галеријата Стрејнџерс, која се наоѓа во Долниот дом. Посетителите поминуваат покрај металните детектори и сето она што го носат се скенира. Полицијата од Вестминстерската дивизија на Метрополитската полиција, подржана со дел од вооружената полиција на дипломатската безбедносна група, секогаш се на должност во и околу палатата.

Од 1 август 2005, со одредбата на законот за тежок организиран криминал и полиција од истата година, незаконски е одржување на протест без претходна дозвола од Метрополитската полиција во одреден простор кој се простира во радиус од 1 километар околу палатата.[28]

Инциденти[уреди]

Најпознатиот обид за нарушување на безбедноста на Вестминстерската палата, најверојатно била заверата со барут во 1605 година.[29] Заверата била меѓу римокатоличкото ситно благородништво, кое поставило големи количини барут под палатата и ја детонирала за време на свеченото отворање на парламентот. Ако наредбата била извршена, екплозијата ќе ја уништела палатата, убивајќи го протестантскиот крал Џејмс I, неговото семејство и поголем дел од аристократијата. Заверата била откриена кога римокатоличкиот благородник, Вилијам Паркер, добил анонимно писмо псо предупредување да не присуствува на свеченото отворање. Властите со Питер Хејвуд од градот Хејвуд, извршиле претрес на палатата и го откриле барутот како и еден од заговорниците, Гај Фокс. Заговорниците подоцна биле осудени за велепредавство во Вестминстерската сала и биле тешко измачувани до смрт (четвртување). Од 1605 година, припадник на кралската гарда води церемонијален претрес на визбите на палатата пред секое свечено отворање на парламентот, иако денес службеници на Метрополитската полиција се приклучуваат во истрагата.

Убиството на премиерот Спенсер Персивал во 1812 година во лобито на Долниот дом.

Претходната Вестминстерска палата била, исто така место на убиство на премиер во 1812 година.[30] При парламентарна истрага во лобито на Долниот дом, Спенсер Персевал бил застрелан и убиен од Џон Белигхам. Персевал е единствениот британски премиер кој бил убиен.

На 17 јуни 1974 година, во Вестминстерската сала експлодирала бомба, тешка 9 килограми, поставена од страна на член на ИРА.[31] На 30 март 1979 година, бил извршен уште еден напад, во кој, Ајри Нив, истакнат политичар од Конзервативната партија, бил убиен со автомобил-бомба, излегувајќи од новиот паркинг на палатата.[32] Ирската национална ослободителна армија и ИРА презеле одговорност за убиството, додека безбедносните сили верувале дека виновни за експлозијата се само првите.

Палатата била центар и на бројни дела на политички мотивирани „директни дејствувања“. Во 1970 година, во салата за седници на Долниот дом бил фрлен солзавец како протест против состојбата во Северна Ирска. Во 1978 година, Јана Минтоф и уште еден дисидент фрлиле гноиво.[33] Во 2004 беше конструиран стаклен ѕид низ галеријата Стрејнџерс поради страв од ваквите напади и можни хемиски или биолошки напади.

Новата граница не ги покриваше страничните галерии, а во мај 2004, од овој дел на градбата, фгрупа Протестанти, откако претходно се стекнале со влезници за хуманитарна аукција во галеријата за посетители, го нападнаа премиерот Тони Блер со бомби од брашно.[34] Подоцна, беа променети правилата за доделување пристапници за влез во галеријата за посетители, а сега секој кој сака да добие место во галериите мора прво да добие напишана пропусница од член на комората, кој потврдува дека таа личност му е лично позната. Во септември истата година, пет Протестанти се спротивставија на предложената забрана за лов на лисици и со јуриш во салата за седници ја прекинаа седницата на Долниот дом.[35]

Правила и традиции[уреди]

Храна, пијалоци и пушење[уреди]

Поглед на Вестминстерската палата, ноќе

Со палатата се поврзани бројни правила и традиции, кои биле воведени во историјата. Пушењето во сите простории на обата дома е забрането уште од 17. век.[36] Наместо тоа, членовите можат да шмркаат бурмут, а чуварите сè уште чуваат кутии со бурмут за таа намена. И покрај упорните гласини од медиумите, во 2005 година пушењето беше забрането во целата палата.[37] Членовите не смеат да јадат ниту да пијат во комората, но исклучок е канцеларот на државната благајна, кој смее да пие алкохол додека ја доставува пресметката за државниот буџет.[38]

Начин на облекување[уреди]

Лицата кои влегуваат во палатата не смеат да носат капи (иако во минатото било дозволено),[39] а исто така членовите не смеат на носат ниту воени декорации или значки. Членовите не смеат да ги чуваат своите раце во џебовите. Поради тоа на 19 декември 1994 годиа, опозициските членови на парламентот му дофрлале на Ендру Робатан.[40] Во палатата не смее да се носат мечеви, а секој член на парламентот во својата гардероба има место за чување на оружјето.

Начин на ословување[уреди]

Членовите не смеат да се ословуваат меѓу себе со име, ниту со „мој ценет пријателе“ (ако се сопартијци) или „ценета госпоѓо/господине“ (меѓу членови од различни партии). Алтернативно се користи „ценет член на изборната единица“. Членовите на државниот совет се ословуваат со the right honorable. На членовите правници им се дозволува да се ословуваат со my learned friend или “the learned lady/gentleman. Во Горниот дом, членовите се обраќаат со the noble lord/lady или my noble friend.

Други традиции[уреди]

Во Вестминстерската палата е забрането да се внесуваат животни, со исклучок на кучиња-водачи, кои смеат да ги внесуват слепите лица.[36] Кучињата-трагачи и полициските коњи може да се чуваат во парковите.[41]

За време на дебата не е дозволено да се читаат говори, но дозволено е да се користат забелешки. Исто така, не е дозволено да се читаат весници. Визуелни помагала не се претпочитаат.[42]

Аплаузот, вообичаено не е дозволен во обата дома. Исклучок на ова беше 2003 година и поднесувњето на оставката на Робин Кук[43] при што премиерот Тони Блербеше грмогласно поздравен со силен аплауз пред да ја постави последната серија на прашања.[44] Членовите на парламентот не смеат да го споменуваат кралот, ниту за време на дебата да го користат неговото име без претходно одобрение од говорникот. Ова е воведено 19. век од страна на конституционалистот Ерскин Меј, кој рекол:

Незаконска е нерегуларната употреба на името на кралицата, со цел да се влијае на одлука на домот и противрекува на независноста на парламентот... Секој обид да се употреби нејзиното име за време на дебата за да се влијае на мислењето на парламентот, веднаш ќе се забележи и ќе се осуди.

Во 2008, Винсент Кејбл беше прекорен поради кршење на ова правило за време на поставувањето на прашања на премиерот.[45]

Во дворецот, не е лагално ниту да се умре. Но, доколку некој ненадејно умре, ќе биде погребан со државни почести. Како, творците на овој закон имале намера да го спроведат истиот, не е целосно јасно.[46][47]

Култура и туризам[уреди]

Лондонскиот парламент, Клод Моне, 1903, Национална галерија на уметноста, Вашингтон

Надворешноста на Вестминстерската палата, особено Саат-кулата е позната во светот и е една од најпосетуваните туристички атракции во Лондон. УНЕСКО ја вклучи палатата на Вестминстер, заедно со Вестминстерската опатија и црквата Света Маргарет во списокот на светско природно и културно наследство. ГРадбата, исто така е дел и од списокот на градби од прв степен. Не е дозволен влез, но внатрешноста може да се види на повеќе начини:

  • Следење дебати од јавните галерии (ходници) на домовите. Граѓаните на Обединетото кралство може да набават влезници. Исто така, тие и странците можат да чекаат ред за влезница истиот ден, но местата се ограничени и не се гарантира дека ќе добијат влезница. Може да се види само мал дел од палатата. Било кој од домовите смее да ги отстрани „странците“, ако е потребна приватност.
  • Посета за време на седниците на парламентот. Граѓаните на Обединетото кралство може да поднесат барање за посета на парламентот за време на седница. Исто така, и британските образовни институции може да закажат посета. Странците може да го посетат парламентот, само за време на летниот одмор.[48]
  • Летно отварање. Посети се дозволени во период од два до три месеци за време на летото, кога парламентот не заседава. Овие посети се дозволени за граѓаните на Обединетото кралство и за странците.[49]
  • Телевизиски пренос. Пренос од седниците на парламентот може да се следи на телевизискиот канал BBC Parliament, а кога парламентот не заседава, се прикажува снимка. Повремено седници се пренесуваат и во САД, на телевизискиот канал C-SPAN.
  • Посета на Саат-кулата. Досега, само граѓаните на Обединетото кралство можеле да ја посетат Саат-кулата и тоа со претходно закажување.[50]

Историчарот на архитектура, Ден Крикшенк го избрал дворецот за еден од петте за неговиот документарен филм Најдобрите градби во Британија, кој се емитуваше на BBC во 2006.[51]

Најблиската подземна станица во Лондон е Вестминстер на линиите District, Circle и Jubilee.

Белешки[уреди]

  • а  Само шест статуи останале, а дијаскопот бил обновен. Сето друго во салата останало како што го оставиле кралот Ричард и неговиот архитект, Хенри Јевел.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 „A Brief Chronology of the House of Commons“ (PDF). House of Commons Information Office. ноември 2006. http://www.parliament.uk/documents/upload/G03.pdf. конс. 30 мај 2008. 
  2. „Jewel Tower“. English Heritage. http://www.english-heritage.org.uk/server.php?show=nav.12757. конс. 31 мај 2008. 
  3. Fraser, Antonia (1992). The Wives of Henry VIII. New York: Alfred A Knopf. ISBN 0-394-58538-0
  4. Ziegler, Phillip (1971). „King William IV“. Collins. стр. 280. ISBN 0-00-211934-X. 
  5. David Watkin. „An Eloquent Sermon in Stone“. City Journal Summer 1998. http://www.city-journal.org/html/8_3_urbanities-an_eloquent.html. конс. 31 мај 2008. 
  6. Riding „Westminster: A New Palace for a New Age“. BBC. 7 февруари 2005. http://www.bbc.co.uk/history/trail/church_state/westminster_later/westminster_new_palace_02.shtmlAauthor=Christine Riding. конс. 31 мај 2008. 
  7. „Bombed House of Commons 1941“. UK Parliament. http://www.parliament.uk/about/images/historical/1941bombed.cfm. конс. 31 мај 2008. 
  8. „The Norman Shaw Buildings“ (PDF). House of Commons Information Office. April 2007. http://www.parliament.uk/documents/upload/g13.pdf. конс. 30 мај 2008. 
  9. Peter Devey (февруари 2001). „Commons Sense“. The Architectural Review. http://findarticles.com/p/articles/mi_m3575/is_/ai_72302588. конс. 31 мај 2008. 
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 10,6 10,7 10,8 10,9 „The Palace of Westminster“ (PDF). House of Commons Information Office. март 2008. http://www.parliament.uk/documents/upload/G11.pdf. конс. 31 мај 2008. 
  11. „Restoration of the Palace of Westminster: 1981-94“ (PDF). House of Commons Information Office. август 2003. http://www.parliament.uk/documents/upload/g12.pdf. конс. 31 мај 2008. 
  12. Department of the Serjeant at Arms Annual Report 2001-02, секција: "St Stephen's Tower": "This project involved the renovation and re-modelling of offices on four floors above St Stephen's Entrance."
  13. Restoration of the Palace of Westminster: 1981-94, House of Commons Information Office, август 2003, стр. 6
  14. „House of Commons Chamber“. UK Parliament. http://www.explore.parliament.uk/Parliament.aspx?id=123&subSection=true. конс. 5 јули 2008. 
  15. Some predecessors kept their nerve, others lost their heads“, Telegraph, 18 октоври 2000 (конс. 31 мај 2008).
  16. Herbert Cescinsky; Ernest R. Gribble (February 1922). „Westminster Hall and Its Roof“. „The Burlington Magazine for Connoisseurs“ (The Burlington Magazine Publications, Ltd.) 40 (227): 76–84. http://www.jstor.org/pss/861585. конс. 31 мај 2008. 
  17. Dana Bentley-Cranch (2005). „Roof Angels of the East Anglican Churches“ (PDF). http://www.roof-angels.org.uk/RoofAngelsText.pdf. конс. 31 мај 2008. 
  18. Salzman, LF (1992). „Building in England down to 1540“. Oxford University Press, USA. ISBN 978-0198171584. 
  19. „Judicature Act 1873, Section 16“. 
  20. „Royal Courts Of Justice visitors guide“. HM Courts Service. http://www.hmcourts-service.gov.uk/infoabout/rcj/history.htm. конс. 19 јануари 2009. 
  21. „History of Westminster Hall“. UK Parliament. http://www.parliament.uk/about/history/westminsterhall.cfm. конс. 31 мај 2008. 
  22. Speaker's procession“, „BBC News“, BBC, 26 јануари 2006 (конс. 29 мај 2008).
  23. „Companion to the Standing Orders and guide to the Proceedings of the House of Lords“. UK Parliament. 19 февруари 2007. http://www.publications.parliament.uk/pa/ld/ldcomp/ldctso05.htm#a23. конс. 31 мај 2008. 
  24. „The House of Commons Refreshment Department“ (PDF). House of Commons Information Office. 19 февруари 2007. http://www.parliament.uk/documents/upload/g19.pdf. конс. 31 мај 2008. 
  25. „National Rifle Association, UK - Death of Lord Swansea“. http://www.nra.org.uk/common/asp/content/content.asp?site=NRA&type=8. 
  26. Security tightens at Parliament“, „BBC News“, BBC, 23 мај 2003 (конс. 29 мај 2008).
  27. „Notices to Mariners - P27“. Port of London Authority. http://www.portoflondon.co.uk/notice2mariners/index_perm.cfm/flag/2/id/1090/site/navigation. конс. 31 мај 2008. 
  28. „The Serious Organised Crime and Police Act 2005 (Designated Area) Order 2005“. Office of Public Sector Information. http://www.england-legislation.hmso.gov.uk/si/si2005/20051537.htm. конс. 14 јуни 2008. 
  29. „The Gunpowder Plot“ (PDF). House of Commons Information Office. септември 2006. http://www.parliament.uk/documents/upload/g08.pdf. конс. 31 мај 2008. 
  30. Prime Ministers and Politics Timeline, BBC
  31. On This Day 17 June - 1974: IRA bombs parliament“, „BBC News“, BBC (конс. 29 мај 2008).
  32. On This day 30 март - 1979: Car bomb kills Airey Neave“, „BBC News“, BBC (конс. 29 мај 2008).
  33. „6th July - This day in history“. The History Channel. http://www.thehistorychannel.co.uk/site/this_day_in_history/this_day_July_6.php. конс. 31 мај 2008. 
  34. Blair hit during Commons protest“, „BBC News“, BBC, 19 мај 2004 (конс. 29 мај 2008).
  35. Pro-hunt protesters storm Commons“, „BBC News“, BBC, 15 септември 2004 (конс. 29 мај 2008).
  36. 36,0 36,1 „Some Traditions and Customs of the House“ (PDF). House of Commons Information Office. јануари 2008. http://www.parliament.uk/documents/upload/G07.pdf. конс. 31 мај 2008. 
  37. Parliamentary Debates, House of Commons, 11 јуни 2007, column 736W
  38. „Frequently Asked Questions: The Budget“. UK Parliament. http://www.parliament.uk/faq/budget.cfm. конс. 31 мај 2008. 
  39. Points Of Order“, „BBC News“, BBC, 24 јануари 2006 (конс. 29 септември 2008).
  40. Parliamentary Debates, House of Commons, 19 декември 1994, column 1380
  41. MP's Commons cow protest banned“, „BBC News“, BBC, 3 јуни 2008 (конс. 10 јуни 2008).
  42. Parliamentary Debates, House of Commons, 12 февруари 1992, column 983
  43. Cook's resignation speech“, „BBC News“, BBC, 18 март 2008 (конс. 4 март 2008).
  44. „Blair resigns, Brown takes power“. „The Age“. The Age. 27 јуни 2007. http://www.theage.com.au/news/World/Blair-resigns-Brown-takes-power/2007/06/27/1182623982652.html. конс. 4 март 2008. 
  45. Cable anger over Queen reprimand“, „BBC News“, BBC, 3 април 2008 (конс. 24 април 2008).
  46. UK chooses 'most ludicrous laws', BBC News, BBC, 7 ноември 2007
  47. Did you know it's illegal to die in the Houses of Parliament? Britain's silliest laws revealed, Mirror.co.uk
  48. „Arrange a tour“. UK Parliament. http://www.parliament.uk/about/visiting/tour.cfm. конс. 31 мај 2008. 
  49. „Summer Opening“. UK Parliament. http://www.parliament.uk/visiting/summer_opening.cfm. конс. 31 мај 2008. 
  50. „Climb the Clock Tower (Big Ben)“. UK Parliament. http://www.parliament.uk/about/visiting/big_ben.cfm. конс. 31 мај 2008. 
  51. Cruickshank, Dan. „Britain's Best Buildings“. BBC Four. http://www.bbc.co.uk/bbcfour/documentaries/features/bbb-parliament.shtml. конс. 3 јуни 2008. 

Литература[уреди]

  • Bradley, Simon, and Pevsner, Nikolaus. (2003). The Buildings of England: London 6: Westminster. New Haven, Connecticut: Yale University Press.
  • Cooke, Sir Robert. (1987). The Palace of Westminster. London: Burton Skira.
  • Fell, Sir Bryan, and K. R. MacKenzie. The Houses of Parliament: A Guide to the Palace of Westminster. (1994). London: Her Majesty's Stationery Office.
  • Jones, Christopher. (1983). The Great Palace: The Story of Parliament. London: British Broadcasting Corporation.
  • Port, M. H. (1976). The Houses of Parliament. New Haven, Connecticut: Yale University Press.
  • Riding, Christine, and Jacqueline Riding. (2000). "The Houses of Parliament: History Art Architecture." London: Merrell.

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Вестминстерска палата“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).