Хорацио Нелсон

Од Википедија — слободната енциклопедија

Хорацио Нелсон, Прв Виконт Нелсон, и постхумно Прв Војвода од Бронте, (29 септември 1758 г. – 21 октомври 1805 година), бил британски адмирал во Кралската морнарица. Како инспиративен лидер, вешт стратег и со своите неконвенционални тактики придонел во извојувањето на бројни одлучувачки победи на британската морнарица за време на Француските револуционерни војни и Наполеоновите војни.

Нелсоновата јуначка смрт во битката кај Трафалгар го издигнале како еден од најголемите херои во Британија. Неговите зборови непосредно пред биткатата, „Англија очекува дека секој човек ќе ја заврши својата работа“, е честопати цитирана и парафразирана. Во чест на победата во оваа битка и смртта на адмиралот Нелсон, во 1843 г. на плоштадот Трафалгар во Лондон е поставен Нелсоновиот столб, дело на архитектот Вилијам Реилтон, и споменикот на Нелсон во Единбург.

Раниот живот[уреди | уреди извор]

Хорацио Нелсон е роден на 29 септември 1758 година, во Бурнам Торп, Норфолк, Англија; како шесто од единаесетте деца на свештеникот Едмунд Нелсон и неговата сопруга Кетрин Саклинг.[1]

Нелсон до својата 12-годишна возраст го посетувал граматичкото училиште во Пастон, а исто така го посетувал и Граматичкото училиште на кралот Едвард VI во Норвич. Поморската кариера ја започнал на 1 јануари 1771 година, кога се пријавил како морнар на бродот Рејсонабл, каде што капетан бил вујко му Морис Саклинг. Набрзо по пријавувањето, Нелсон бил унапреден и започнал обука за офицер. На почетокот од неговата служба, Нелсон открил дека страда од морска болест, која што го мачела до крајот на животот.[2]

Западни Инди, 1771-1780[уреди | уреди извор]

Oткако Саклинг бил префрлен на бродот „Триумф“, Нелсон бил испратен на бродот „Мери Ен“, во сопственост на трговската фирма Пуриер и Хортон, во Западните Инди за да стекне поголемо поморско искуство.[3] На 25 јули 1771 година, Хорацио од Кент се упатувал кон Јамајка и Тобаго, а се вратил во Плимут на 7 јули 1772 година.[4] Тој се вратил да служи како командант на бродот од неговиот вујко Саклинг, кој превезувал луѓе и пратки. Нелсон разбрал за планираната експедиција, под команда на Константин Фипс, која требало да пронајде премин низ Арктикот преку кој се надевале дека ќе можат да стигнат до Индија: легендарниот Североисточен премин.[5]

Саклинг договорил неговиот внук да учествува во експедицијата како кадет на обновениот брод „Каркас“ [5] под команда на Лутвиџ. Експедицијата стигнала на десет степени од Северниот пол, но не можела да ги пробие густите ледени санти, и била принудена да се врати назад.

По враќањето на експедицијата во Британија, во септември 1773 година, Нелсон накратко се вратил на бродот „Триумф“, а потоа се префрлил на бродот Морско коњче“ (HMS Seahorse) кој требало да замине за Источните Инди.[6]

Капетан Хорацио Нелсон, слика од Џон Френсис Ригауд во 1781 година. Сликата била нацртана пред битката во Сан Хуан, кога Нелсон имал чин поручник; по враќањето на Нелсон, уметникот ги додал ракавите со златни плетенки на новиот капетан.[7]

На 19 ноември 1773 година Нелсон тргнал за Источните Инди и пристигнал во Мадрас на 25 мај 1774 година.[8] Останал таму до крајот на годината, крстарејќи покрај брегот и придружувајќи ги трговските бродови. На почетокот од 1775 година, по избувнувањето на Првата англо-маратска војна, британската флота ја поддржувала Источноиндиската компанија, а Морското коњче требало да ги пренесе парите на компанијата во Бомбај. На 19 февруари, Хајдер Али го нападнал бродот, но по кратка пресметка си заминал. Ова било прво борбено искуство на Нелсон.[9]

Остатокот од годината го поминал придружувајќи конвои, и продолжил да ги развива своите вештини за навигација и управување со брод. На почетокот од 1776 година, Нелсон заболел од маларија. На 14 март бил отпуштен од Морското коњче и со бродот Делфин се вратил во Англија.[10] Нелсон шестмесечното патување го искористил за да закрепне и кога во септември 1776 година пристигнал во Британија речиси бил опоравен. Неговиот вујко и заштитник, Саклинг, во 1775 станал контролор на морнарицата и своето влијание го искористил за да му помогне на Нелсон да добие понатамошно унапредување.[11] Нелсон беше назначен за вршител на должноста поручник на бродот „Ворчестер“, кој требало да оди за Гибралтар.[12]

Ворчестер, под команда на капетанот Марк Робинсон, на 3 декември заминал за Гибралтар како придружба на конвој и се вратил со друг конвој во април 1777 година.[13] На 9 април, Нелсон во Лондон го положил испитот за поручник, а следниот ден добил провизија и следниот ден ја добил својата задача во „Ловестоф“, кој требало да оди за Јамајка, под команда на капетанот Вилијам Локер.[14] Бродот испловил на 16 мај, и по пристигнувањето на 19 јули крстарел по Карибите. По избувнувањето на Американската војна за независност, Ловестоф заробил неколку брода, е еден од нив бил ставен во служба на морнарицата под името „Малата Луси“. Нелсон побарал и му била одобрена командата на овој брод и го однел на две крстарења.[15]

За време на неговото прво крстарење како командант на Малата Луси, Нелсон повел експедиција на островите Кајкос,[16] каде што направил детални белешки за дивиот свет.[17] Локер, импресиониран од вештините на Нелсон, го препорачал на новиот врховен командант на Јамајка, Сер Питер Паркер. Паркер го зел Нелсон на својот брод „Бристол“.[18] Откако Французите се приклучиле во војната на страна на Американците, многу други бродови станале цел на флотата на Паркер. До крајот на 1778 година, заробиле многу бродови, а Нелсон со тоа заработил околу 400 фунти (околу 52.100 денешни фунти) како парична награда. На 8 декември Паркер го назначил Нелсон за господар и командант на бриганскиот брод „Јазовец“ (HMS Badger).[19]

Нелсон поголемиот дел од 1779 година го поминал на „Јазовец“ крстарејќи покрај брегот на Средна Америка, по британските населби во Британскиот Хондурас (денешен Белизе) и Никарагва, но не успеал да пресретне непријателски бродови.[20] Кога се вратил во Порт Ројал, дознал дека Паркер на 11 јуни го унапредил во пост-капетан. Додека Нелсон чекал да пристигне неговиот нов брод Хинчинбрук (Hinchinbrook) кој бил одземен од Французите, му го предал Јазовец на Катберт Колингвуд.[21] Тогаш пристигнала веста дека француската флота напредува кон Јамајка. Паркер ја организирал одбраната и го поставил Нелсон на чело на Форт Чарлс, кој ги покривал приодите кон Кингстон.[22] Но француската флота скршнала на север, и немало напад. Нелсон на 1 септември ја презел командата на Хинчинбрук.[23]

Хинчинбрук на 5 октомври 1779 година испловил од Порт Ројал и, со многу други британски бродови, продолжил да заробува американски бродови.[24] Кога во декември се вратил во Јамајка, Нелсон повторно го мачела маларија. Нелсон останал во Западните Инди за да учествува во обидот на Џон Далинг да ги заземе шпанските колонии во Средна Америка, и да ја нападне Тврдината на безгрешното зачнување, викана и Кастиљо Виехо, на реката Сан Хуан во Никарагва.[25]

Во февруари 1780 година, Нелсон како придружба за инвазивните сили на Далинг пристигнал до устието на реката Сан Хуан. По двонеделна опсада, Нелсон го освоил Кастиљо Виехо.[26] Британците при нивното повлекување шест месеци подоцна ја разнесле тврдината, поради многуте смртни случаи поради болест кои ги претрпиле. Нелсон бил пофален за неговото залагање.[27]

Паркер го повикал Нелсон и му ја дал командата на фрегатата со 44 топа, „Јанус“ (HMS Janus).[28] Во 1780 година, во џунглите на Костарика Нелсон сериозно се разболел од нешто што изгледало како дизентерија [29] и веројатно жолта треска [30] и не бил во можност да ја преземе командата. Тој бил однесен во Кингстон на лечење.[30][31] Во август истата година бил отпуштен и тргнал за Британија на бродот „Лав“,[32] каде што пристигнал кон крајот на ноември. Нелсон постепено се опоравувал во текот на неколку месеци и набрзо потоа почнал да бара команда на брод. На 15 август 1781 година ја добил командата на бродот  „Албемарл“ (Albemarle).[33]

Команда, 1781–1796 година[уреди | уреди извор]

Капетан на Албемарле[уреди | уреди извор]

На 23 октомври, Нелсон добил наредба да го однесе новоопремениот Албермарл на отворено море и да се приклучи на конвојот на руската компанија во Хелсингер и да ги придружува до Британија. За оваа операција Адмиралитетот под негова команда ги поставило фрегатите „Арго“ и „Претпријатие“.[34] Нелсон успешно го организирал конвојот и го придружувал во британските води. Откако го напуштил конвојот не можел да се врати во пристаништето, поради силно невреме.[35] Бурите за малку ќе го потонеле Албемарл, затоа што тоа бил лошо дизајниран брод и бил веќе оштетен во претходна несреќа, но Нелсон сепак во февруари 1782 година успеал да стигне во Портсмут.[36] Таму, Адмиралитетот му наредил да го прилагоди Албемарл за пловење и да се приклучи на придружбата на конвој кој се собирал во Корк и требало да плови Квебек.[37] Нелсон кон крајот на мај пристигнал до Њуфаундленд, а потоа се одвоил за да трага американски гусари. Нелсон не бил успешен; тој само вратил неколку заробени британски трговски бродови и успеал да зароби многу мали рибарски чамци и различни пловни објекти.[38]

Во август 1782 година, Нелсон едвај побегнал од многу помоќните француски сили под водство на Луј-Филип де Водрој.[39] Нелсон стигнал во Квебек на 18 септември.[40] Повторно бил дел од придружбата на конвој за Њујорк. По пристигнувањето (во средината на ноември) се пријавил кај адмирал Самуел Худ, командант на станицата во Њујорк.[41] Тој побарал од Худ да го префрли во неговата флота и да отпатуваат за Западните Инди.[42] По пристигнувањето, британската флота зазела позиции кај Јамајка во очекување на силите на Де Водрој. Но до почетокот на 1783 година им станало јасно дека Французите го избегнале Худ.[43]

За време на своите извиднички операции, Нелсон направил план за напад на францускиот гарнизон на Островите Туркс. Утрото на 8 март, ги нападнал Французите,[44] но тие биле силно утврдени и по неколку часа Нелсон се повлекол. Остатокот од војната Нелсон го поминал крстарејќи по Западните Инди, каде што заробил многу француски и шпански бродови.[45] Откако пристигнала веста за примирјето, Нелсон се вратил во Британија кон крајот на јуни 1783 година.[46]

Островот Невис, брак и мир[уреди | уреди извор]

Лејди Нелсон, сопругата на Нелсон, поранешна Френсис „Фани“ Низбет од островот Невис, Западна Индија . Слика на британското училиште; околу 1800 година, претходно му се припишува на Ричард Косвеј, од претходна копија

Кон крајот на 1783 година, Нелсон ја посетил Франција и со познаници бил во Сен Омер; пробал да научи француски за време на престојот. Во јануари 1784 година се вратил во Англија и присуствувал во судот како дел од придружбата на Лорд Худ.[47] Под влијание на фракционерски политичари, се кандидирал за пратеник во британскиот парламент на изборите истата година, како поддржувач на Вилијам Пит, но не добил мандат.[48]

Наместо тоа, му била дадена команда на фрегатата Бореас, со задача да ги спроведе актите за навигација во околината на Антигва.[49] Во тоа време, на американските бродови им било забрането да тргуваат со британските колонии на Карибите, непопуларно правило меѓу колониите и Американците.[50] Нелсон служел под адмиралот Сер Ричард Хјуз и често доаѓал во конфликт со неговиот претпоставен офицер поради различното толкување на Актите.[51] Капетаните на американските бродови кои Нелсон ги запленил го тужеле за незаконско запленување. Бидејќи трговците од блискиот остров Невис го поткрепиле американското тврдење, Нелсон бил во опасност да биде затворен; затоа останал на бродот Бореас осум месеци, додека судовите не донесле одлука во негова корист.[52]

Во меѓувреме, Нелсон се запознал со Френсис „Фани“ Низбет, млада вдовица од Невис.[53] Нелсон се вљубил во неа, а нејзиниот вујко, Џон Херберт, му понудил огромен мираз. И Херберт и Низбет го криеле фактот дека богатството е измислено, а Фани не му кажала дека е неплодна поради инфекција на утробата.

Во тој период раскинувањето на свршувачката се сметало за нечесно,[54] и така Нелсон и Низбет се венчале на островот Невис, на 11 март 1787 година, непосредно пред да заврши неговата должност на Карибите.[55] Нелсон се вратил во Англија во јули, а по него пристигнала и Фани.[56]

Додека Нелсон бил на Карибите, се спријателил со сопственици на плантажи и почнал да верува дека економиите на островите во голема мера се потпираат на трговијата со робови во Атлантикот. Нелсон се обидел да го искористи своето влијание за да го спречи движењето за аболиција во Британија.[57]

Нелсон бил исплатен за службата со Бореас во ноември 1787 година.[58] Тој и Фани потоа времето го минувале во Бат и Лондон, повремено посетувајќи ги роднините на Нелсон во Норфолк. Во 1788 година, тие се преселиле во Нелсоновиот дом од детството во Бурнам Торп.[59] Адмиралитетот не му давал брод под команда затоа што биле мирновременски услови.[60]

Во 1792 година, Француската револуционерна влада ја анектирала Австриска Холандија (денешна Белгија), која традиционално се чувала како тампон држава. Адмиралитетот го повикал Нелсон на служба и му дал команда на „Агамемнон“ (јануари 1793 година). На 1 февруари Франција објавила војна.[61]

Служба во Медитеранот[уреди | уреди извор]

Во мај 1793 година, Нелсон како дел од дивизија под команда на вицеадмиралот Вилијам Хотам заминал[62] до Гибралтар за да воспостават поморска супериорност во Медитеранот. Стигнале до Тулон, каде што се закотвиле во јули.[63] Тулон бил под контрола на умерените републиканци и ројалисти, но бил под закана од силите на Националната конвенција, кои марширале кон градот. Британците требало да го заштитат градот, а Нелсон бил испратен да побара засилување од Сардинија и Неапол.[64]

По посетата на Сардинија, Агамемнон пристигнал во Неапол на почетокот на септември. Таму, Нелсон се сретнал со кралот Фердинанд IV од Неапол,[65] а потоа и со Вилијам Хамилтон, британскиот амбасадор во кралството.[66] Додека преговарале за засилување, Нелсон се запознал со новата сопруга на Хамилтон, Ема Хамилтон.[67]

Преговорите биле успешни, а до средината на септември биле собрани 2.000 луѓе и неколку бродови. Нелсон тргнал во потера по француска фрегата, но откако не успеал да ја фати, отпловил за Легорн, а потоа за Корзика.[68] Во Тулон се вратил на 5 октомври, и забележал дека на ридовите околу градот има голема француска војска, бомбардирјќи го. Худ се надевал дека може да го одбрани градот ако добијат поголемо засилување, и го испратил Нелсон да се приклучи на ескадрилата што одела во Каљари.[69]

Корзика[уреди | уреди извор]

Утрото на 22 октомври 1793 година, Агамемнон забележал пет едрилици. Нелсон им се доближил и сфатил дека се француска ескадрила. Почнал да ги гони, и со 40 топови пукал во Мелпомена.[70] За време на акцијата од 22 октомври 1793 година, тој нанел голема штета, но останатите француски бродови се свртеле за да се приклучат во битката. Кога видел дека Французите се побројни, Нелсон се повлекол и продолжил за Каљари, каде што пристигнал на 24 октомври.[70] По поправките на бродот, Нелсон со Агамемнон на 26 октомври, со ескадрила под командорот Роберт Линзи тргнале за Тунис.[71]

Таму Нелсон со мала требало да го блокира францускиот гарнизон на Корзика.[71] Падот на Тулон, кон крајот на декември 1793 година, сериозно ги разнишало британските позиции во Средоземното Море. Притоа 18 француски бродови паднале во рацете на републиканците.[72] Корзика била значајна затоа што Британците би имале поморска база блиску до францускиот брег.[72] Затоа Худ со дополнителни бродови во текот на јануари 1794 година му се придружил на Нелсон.[73]

Британските стигнале на островот на 7 февруари, а Нелсон се преселил за да ја интензивира блокадата кај Бастија. Кон крајот на февруари, британските трупи, под команда на генерал-полковник Дејвид Дандас, влегле во предградијата на Бастија.[74] Сепак, Дандас се повлекол, затоа што сметал дека Французите биле добро вкопани за да ризикуваат напад. Но Нелсон го убедил Худ дека може да ја освои Бастија, и добил дозвола за напад кон крајот на март. Нелсон почнал да растовара топови од бродовите и да ги поставил на ридовите околу градот. На 11 април, британската ескадрила влегла во пристаништето и отворила оган, а Нелсон ја презел командата на копнените сили и започнал со бомбардирање.[75] По 45 дена, градот се предал.[76] Нелсон потоа се подготвил за напад врз Калви заедно со Чарлс Стјуарт.[77]

На 19 јуни Британските сили стигнале до Калви и веднаш почнале да растовараат топови на брегот и да ги носат на височините околу градот. Додека Нелсон постојано ги бомбардирал непријателските позиции, војниците на Стјуарт почнале да напредуваат.[78] На 18 јули, Стјуарт - поддржан од Нелсон - упаднал во главното одбранбено упориште и го зазел. Британците постојано го бомбардирале Калви, а градот се предал на 10 август.[79] Во оваа битка Нелсон бил ранет во десното око при што делумно го загубил видот.

Џенова и битката со Ча Ира[уреди | уреди извор]

Битката со Ча Ира

По окупацијата на Корзика, Худ му наредил на Нелсон да отвори дипломатски односи со градот-држава Џенова — стратешки важен потенцијален сојузник.[80] Набргу потоа, Худ се вратил во Англија и бил наследен од адмиралот Вилијам Хотам, како врховен командант во Медитеранот.

На 8 март, Хотам добил вест дека француската флота е на море и тргнала кон Корзика. Тој тргнаl да ги пресретне, а Нелсон со нетрпение ја очекувал првата битка со сопствена флота. На 12 март флотите се пресретнале. Следниот ден, два од француските брода се судриле, а Нелсон го нападнал бродот со 84 топа Ча Ира. Ова траело два и пол часа, сè додека не пристигнале два француски брода кои го принудиле Нелсон да се оддалечи, нанесувајќи му огромна штета со многу жртви.[81]

На 14 март, во битката кај Џенова, Нелсон заедно со други британски бродови го нападнале веќе разрушениот брод Ча Ира, која бил влечен од бродот Censeur. Многу оштетени, двата француски брода биле принудени да се предадат, а Нелсон го зазел Censeur . Поразени на море, Французите се откажале од нивниот план да ја нападнат Корзика и се вратиле во пристаништето.[82]

Повлекување од Италија[уреди | уреди извор]

Нелсон продолжил да оперира околу од Џенова, пресретнувајќи и проверувајќи трговци и отсекувајќи сомнителни бродови по пристаништата.[83] Во ноември, Хотам бил заменет со Сер Хајд Паркер, но ситуацијата во Италија се влошувала: Французите ја напаѓале Џенова и а имало и побуни во самиот град.[84]

По еден француски напад кон крајот на ноември, сојузничките линии биле пробиени, и Британците биле принудени да се повлекуваат кон Џенова. Нелсон имал премалку бродови за да на некој начин влијае врз стратешките позиции на Британците. Британците биле принудени да се повлечат од италијанските пристаништа. Нелсон се вратил на Корзика на 30 ноември, лут и депресивен поради британскиот неуспех и ја доведувал во прашање својата иднина во морнарицата.[85]

Џервис и евакуацијата на Медитеранот[уреди | уреди извор]

Во јануари 1796 година, Џон Џервис станал врховен командант на флотата во Медитеранот. Тој го назначил Нелсон за комодор.[86] Нелсон извршувал задачи кои го спречувале напредувањето на Французите и ги зајакнувал италијанските сојузници на Велика Британија. Но, Нелсон почнал да смета дека британското присуство на италијанскиот полуостров станува бескорисно.[87] Во јуни, Агамемнон бил однесен на поправка во Британија, а на Нелсон му го дале бродот „Капетан“ со 74 топа.[87]

Истиот месец, Французите го нападнале Легорн (Ливорно) и било сигурно дека ќе го заземат градот. Нелсон отишол таму за да ја надгледува евакуацијата на Британците и да ги пренесе на Корзика.[88] Во јули, тој ја надгледувал окупацијата на Елба, но во септември Џеновјаните преминале на страна на Французите.[89] Ваквата позиција на Џенова и постојаниот напредок на Французите, ги навеле Британците да сфатат дека флотата во Средоземното Море не може повеќе да се снабдува. Тие наредиле евакуација во Гибралтар. Нелсон го надгледувал повлекувањето од Корзика и евакуацијата на гарнизонот во Елба. Кон крајот на јануари и тој заминал за Гибралтар.[90]

Адмирал, 1797-1801 година[уреди | уреди извор]

Битка кај 'Ртот Сао Висенте[уреди | уреди извор]

Нелсон, портрет од 1806 година од Ричард Вестал

Нелсон се придружил на флотата на Сер Џон Џервис кај 'ртот Сао Висенте и забележал шпански движења.[91] На 14 февруари 1797 година, двете флоти се сретнале, а Нелсон кој бил во задните британски сфатил не може да стапи во акција за брзо време.[91] Затоа, Нелсон не ги послушал наредбите, се оддвоил од линијата и се упатил кон шпанските бродови Сан Јозеф, Сан Николас и Сантисима Тринидад. Бродот на Нелсон ги нападнал трите брода, потпомогнат од бродот Калоден, кој му дошол се придружил на Нелсон.[92]

По едночасовно разменување оган, по што и Капетан и Калоден биле тешко оштетени, Нелсон се приближил до Сан Николас и го принудил да се предаде.[92] Нелсон со својата група преку палубата на Сан Николас се качил на Сан Јозеф и исто така го заробил.[91] Вечерта, шпанската флота се одвоила и заминала за Кадиз. Британците заробиле четири бродови, од кои два самиот Нелсон.[93]

Оваа победа била добро прифатена во Британија; Џервис бил прогласен за Виконт на Сао Висенте, а Нелсон, на 17 мај,[94] бил прогласен за Витез на Бат.[95] На 20 февруари, во рамките на редовни промоции според стажот и неповрзано со битката, Нелсон бил унапреден во Адмирал.[96]

Акцијата крај Кадиз[уреди | уреди извор]

На Нелсон му го дале бродот Тезеј, и на 27 мај 1797 година, му било наредено да замине за Кадиз; да ја следи шпанската флота и да го чека пристигнувањето на шпанските бродови со богатство од американските колонии.[97] На 3 јули започнал со амфибиски напад. Во нападот Нелсон бил прободен два пати и животот му го спасил морнарот Џон Сајкс. Британските сили го заробиле шпанскиот брод и го одвлекле до Тезеј.[97][98] Тогаш, Нелсон направил план за освојување на Санта Круз де Тенерифе, за да го заплени богатството од бродот Австрискиот Принц (Principe de Asturias), за кој било објавено дека пристигнал неодамна.[99]

Битката кај Санта Круз де Тенерифе[уреди | уреди извор]

Нелсон ранет за време на битката кај Санта Круз де Тенерифе; Слика од 1806 година од Ричард Вестал

Планирано било Тенерифе да се нападне со комбинација од поморски бомбардирања и амфибиска инвазија. Иако Нелсон лично раководел со еден од баталјоните, операцијата завршила неуспешно, затоа што Шпанците биле многу добро подготвени и завзеле добри одбранбени позиции.[100]

Бродот на Нелсон стигнал до брегот, но штом тој зачекорил на брегот, бил погоден во десната рака со мушкета, која предизвикала фрактура на надлактицата на повеќе места.[100] Нелсон се вратил во Тезеј кај неговиот хирург, Томас Ешелби.[101]

Му бил ампутиран поголемиот дел од десната рака, и за половина час Нелсон се вратил да издава наредби до своите капетани.[102]

Во меѓувреме, силите под водство на Томас Трубриџ стигнале до главниот плоштад, но не можеле да продолжат понатаму. Не можејќи да се вратат во флотата бидејќи чамците им биле потопени, Трубриџ бил принуден да стапи во преговори со шпанскиот командант, а на Британците им било дозволено да се повлечат.[103] Со овој напад не се постигнала ниту една претходно зацртана цел, а една четвртина од Британците кои го нападнале Тенерифе биле ранети или мртви.[103][104]

По три дена крај Тенерифе, на 16 август ескадрилата се вратила во Кадиз да се придружи на флотата на Џон Џервис.

На 1 септември Нелсон се вратил во Англија, на бродот Морско Коњче. Бил пречекан како херој; Британската јавност ја славела победата на Нелсон кај Сао Винсенте, а неговата рана предизвикувала сочувство.[105] За поразот кај Тенерифе, пронашле други виновници.[105]

Враќање во Англија[уреди | уреди извор]

Нелсон заедно со Фани се вратил во Бат, а во октомври 1797 година се преселиле во Лондон, за да побара стручна медицинска помош за неговата ампутирана рака. Додека бил во Лондон, дознал дека адмиралот Данкан ја победил холандската флота во битката кај Кемпердаун.[106] Нелсон рекол дека би ја дал и другата рака за да присуствувал во победата.[106] Последните месеци од 1797 година ги поминал закрепнувајќи во Лондон, и тогаш му била доделена наградата Слобода на Град Лондон и пензија од 1.000 фунти годишно. Со овие пари купил фарма, во близина на Ипсвич, и сакал да се пензионира таму.[107]

Нелсон почнал брзо да закрепнува. Бил нестрплив да се врати на морето, и почнал да бара команда и му бил даден бродот Авангарда, на која го назначил Едвард Бери за свој капетан.[108]

Француските активности во Медитеранот го загрижувале Адмиралитетот. Наполеон собирал сили во Јужна Франција, но не било познато кон каде ќе се упатат. Нелсон со Авангарда требало да оди во Кадиз за да ја зајакне флотата. На 28 март 1798 година, Нелсон го подигнал своето знаме и отпловил за да му се придружи на Виконт Сао Висенте. Тој пак го испратил во Тулон во извидничка мисија.[109]

Средоземно Море[уреди | уреди извор]

Потера по Французите[уреди | уреди извор]

Кога Нелсон го минал Гибралтарскиот Теснец неговата ескадрила ја зафатило бура.[110] Додека Британците се бореле со бурата, Наполеон заминал со својата флота под команда на вицеадмиралот Франсоа-Пол Бруи д'Аигалје. Нелсон, засилен со многу бродови од Сао Висенте, тргнал во потера.[111]

Нелсон ја барал флотата на Наполеон по италијанскиот брег, но немал многу брзи извиднички бродови. Наполеон веќе пристигнал на Малта и, откако демонстрирал сила, островот му се предал.[112] Кога Нелсон пристигнал таму, Французите веќе биле заминати. По состанокот со своите капетани, сфатиле дека најверојатно Наполеон бил во Египет и се упатил кон Александрија. Кога на 28 јуни, Нелсон пристигнал таму, не нашол никаква трага од Французите. Вознемирен, се повлекол и почнал да пребарува источно од пристаништето. Во меѓувреме, на 1 јули, флотата на Наполеон пристигнала во Александрија и ги истоварил своите сили.[113] Брујс ја закотвил својата флота во заливот Абу Кир, подготвен да го поддржи Наполеон, доколку е потребно.[114]

Нелсон, во меѓувреме, повторно го преминал Медитеранот, во безуспешниот обид да ги пронајде Французите, и се вратил во Неапол.[115] Кога повторно испловил, сакал да оди кон Кипар, но решил уште еднаш да помине крај Александрија. По патот, неговите сили пронашле и заробиле француски трговски брод, кој им дал податоци за француската флота: поминале југоисточно од Крит пред еден месец - упатувајќи се кон Александрија.[116] Нелсон пошол до Александрија, но таму не биле Французите. Пребарувајќи го брегот, конечно на 1 август 1798 година, ја нашол француската флота во заливот Абукир.[117]

Битката кај Нил[уреди | уреди извор]

Битката кај Нил, 1 август 1798 година во 10 часот попладне, слика од Томас Луни, 1834 година

Нелсон веднаш се подготвил за битка.[118] Французите биле закотвени на многу добра позиција и биле понадмоќни од флотата на Нелсон - тие не очекувале дека Британците ќе нападнат.[119] Но, Нелсон наредил напад на своите бродови. Француските бродови биле закотвени блиску до еден спруд, и верувале дека тоа ќе ја заштити едната страна да биде нападната. Сепак, капетанот Томас Фоли, на бродот Голијат, открил јаз меѓу спрудот и француските бродови и го насочил Голијат во овој канал. Неподготвените Французи се нашле нападнати од двете страни; британската флота се разделила, некои го следеле Фоли, а други минувале по десната страна од француската линија.[120]

Додека бил на палубата на Авангарда, и давал команди, Нелсон бил погоден во челото од француски истрел. Бил однесен подолу за да го прегледа хирургот.[121] По прегледот, хирургот рекол дека раната не е опасна и ставил привремен завој.[122]

Французите, напаѓани од британскиот оган од две страни, почнале да се предаваат, а британските бродови го нападнале бродот на Брујс Ориент. Ориент се запалил од ова бомбардирање, а подоцна експлодирал. Нелсон се искачил на палубата да ја насочи битката, но се вратил кај хирургот откако го гледал уништувањето на Ориент. [123]

Битката кај Нил била голем удар за амбициите на Наполеон на исток. Флотата била уништена; Ориент, друг брод и две фрегати биле изгорени, а девет брода биле заробени. Само два брода и две фрегати избегале.[124] Силите кои Наполеон ги довел во Египет биле блокирани.[120] Наполеон нападнал на север долж средоземниот брег, но турските бранители поддржани од капетанот Сер Сидни Смит ја поразиле неговата војска при опсадата на Акре. Потоа Наполеон ја напуштил својата војска и се вратил во Франција.

Поради стратешката важност, достигнувањето на Нелсон на Нил се смета како најзначајно во неговата кариера, поголемо дури и од она кај Трафалгар, седум години подоцна.[125]

Награди[уреди | уреди извор]

Лејди Хамилтон слика од Елизабет Луиз Виже Ле Брун, о. 1790 ; слика во сопственост на Нелсон, која висела над неговиот кревет до неговата смрт

Кралот Фердинанд IV од Неапол, лично го пречекал кога пристигнал во пристаништето, а Сер Вилијам Хамилтон го поканил Нелсон да остане во неговиот дом.[126] Имало прослави во чест на роденденот на Нелсон во септември 1798 година, а тој присуствувал на банкет кај Хамилтонови, каде што другите службеници почнале да забележуваат како тој се интересира за Лејди Ема Хамилтон. И Лорд Џон Џервис станувал загрижен за однесувањето на Нелсон, но на почетокот на октомври, веста за победата на Нелсон стигнала до Лондон и се било заборавено.

Победта се славела низ целата земја; се одржувале балови и победнички гозби и биеле камбаните. Градот Лондон на Нелсон и на неговите капетани им доделил мечеви, а кралот наредил да им се дадат посебни медали. Рускиот император Павле I му испратил подарок, а султанот Селим III од Отоманското Царство на Нелсон му го доделил Орденот на турската полумесечина, како и дијамантскиот челенг од неговиот турбан,[127] за улогата на Нелсон во возобновувањето на отоманската власт во Египет.

Нелсон ја добил титулата Барон Нелсон од Нил.[128][129]

Неаполска кампања[уреди | уреди извор]

Од Адмиралитетот пристигнала наредба да се блокираат француските сили во Александрија и Малта. Таа задача Нелсон им ја делегирал на своите капетани, Семјуел Худ и Александар Бол. Нелсон почнал да размислува да се врати во Англија.[130] Но, кралот Фердинанд IV веќе подолг период бил притискан од својата сопруга, Марија Каролина од Австрија, која се залагала за агресивна надворешна политика кон Франција; земја која пет години претходно ги обезглавила нејзината сестра и нејзината кралица Марија Антоанета.[127] Сер Вилијам Хамилтон се договорил со кралицата Марија Каролина, а кралот конечно се согласил да ѝ објави војна на Франција.[131]

Наполитанската армија, предводена од австрискиот генерал Мак, и поддржана од флотата на Нелсон, го завзела Рим од Французите кон крајот на ноември 1798 година. Французите се прегрупирале во околината на Рим и откако добиле засилување, ги поразиле Наполитанците. Неаполската армија бегала кон Неапол, а Французите ги гонеле.[131] Нелсон организирал евакуација на кралското семејство, неколку благородници и британски државјани - меѓу нив и Хамилтонови. Евакуацијата започнала на 23 декември и на 26 декември безбедно стигнале до Палермо.[132]

Откако кралското семејство си заминало, Неапол бил во анархија, а во јануари во Палермо стигнала веста дека Французите влегле во градот под команда на генералот Шампионе и ја прогласиле Партенопската Република.[133] Популарната контрареволуционерни сили, под водство на кардиналот Руфо, позната како Санфедисти, тргнале да го повратат градот. Кон крајот на јуни, армијата на Руфо влегла во Неапол, принудувајќи ги Французите и нивните поддржувачи да се повлечат во утврдувањата на градот.[134]

Нелсон како мотив во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „Трошки од кифла“ — кус расказ за деца на ангискиот писател Доналд Басет од 1967 година.[135]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Sugden, 2004, p. 36
  2. Sugden, 2004, p. 56
  3. Hibbert 1994, p. 13
  4. „Joining the Royal Navy“. Nelson, Trafalgar and those who served. National Archives. Посетено на 28 July 2015.
  5. 5,0 5,1 Pettigrew 1849, p. 4
  6. Sugden 2004, p. 81
  7. Sugden 2004, p. 464
  8. Sugden 2004, pp. 92–93
  9. Sugden 2004, pp. 95–97
  10. Sugden 2004, p. 103
  11. Britannica 11th edition, p. 352
  12. Sugden 2004, p. 106
  13. Sugden 2004, pp. 109–11
  14. Sugden 2004, p. 113
  15. Sugden 2004, p. 126
  16. White 2006, p. 87
  17. Nelson. Nelson: The New Letters (2008). стр. 166.
  18. Sugden 2004, p. 128
  19. Sugden 2004, p. 131
  20. Sugden 2004, p. 135
  21. Goodwin 2002, p. 81
  22. Sugden 2004, p. 143
  23. Sugden 2004, p. 145
  24. Sugden 2004, p. 147
  25. Oman 1987, p. 30
  26. Sugden 2004, p. 163
  27. Report from Colonel Polson on the capture of the fort at San Juan. „No. 12101“. The London Gazette. 18 July 1780. стр. 3.
  28. Sugden 2004, p. 168
  29. White, Colin (2002). The Nelson Encyclopedia. Royal Naval Museum. Stackpole Books. стр. 106. ISBN 9780811700139.
  30. 30,0 30,1 Coleman, Terry (2004). The Nelson Touch: The Life and Legend of Horatio Nelson. Oxford University Press, USA. ISBN 9780199924059.
  31. Robinson, Jane (2019). Mary Seacole: The Charismatic Black Nurse Who Became a Heroine of the Crimea. Little, Brown Book Group. ISBN 9781472144904.
  32. Sugden 2004, p. 182
  33. Sugden 2004, p. 187
  34. Sugden 2004, p. 190
  35. Sugden 2004, p. 195
  36. Sugden 2004, p. 197
  37. Sugden 2004, p. 202
  38. Sugden 2004, pp. 204–05
  39. Sugden 2004, p. 206
  40. Sugden 2004, p. 209
  41. Sugden 2004, p. 215
  42. Sugden 2004, p. 219
  43. Sugden 2004, p. 220
  44. Sugden 2004, pp. 222–23
  45. Sugden 2004, p. 225
  46. Sugden 2004, p. 227
  47. Sugden 2004, pp. 241–43
  48. Sugden 2004, p. 243
  49. Sugden 2004
  50. Sugden 2004, p. 265
  51. Sugden 2004, p. 292
  52. Coleman 2001, p. 67
  53. Sugden 2004, p. 307
  54. Williams, Kate (2009). England's Mistress: The Infamous Life of Emma Hamilton (Large Print. изд.). BBC Audiobooks Ltd by arr. with Random House. ISBN 9781408430781.
  55. Sugden 2004, p. 351
  56. Sugden 2004, p. 366
  57. Grindal 2016 p.14
  58. Sugden 2004, p. 371
  59. Sugden 2004, pp. 378–80
  60. Sugden 2004, p. 397
  61. Sugden 2004, p. 412
  62. Sugden 2004, p. 422
  63. Sugden 2004, p. 427
  64. Sugden 2004, p. 429
  65. Sugden 2004, p. 431
  66. Sugden 2004, p. 434
  67. Sugden 2004, p. 437
  68. Sugden 2004, p. 444
  69. Sugden 2004, pp. 445–46
  70. 70,0 70,1 Sugden 2004, pp. 446–447
  71. 71,0 71,1 Sugden 2004, pp. 452–53
  72. 72,0 72,1 Sugden 2004, p. 455
  73. Sugden 2004, p. 461
  74. Sugden 2004, p. 471
  75. Sugden 2004, p. 487
  76. Sugden 2004, p. 493
  77. Oman 1987, p. 127
  78. Sugden 2004, pp. 509–10
  79. Sugden 2004, pp. 513–14
  80. Sugden 2004, p. 522
  81. Sugden 2004, p. 546
  82. Sugden 2004, p. 550
  83. Sugden 2004, p. 574
  84. Sugden 2004, p. 584
  85. Sugden 2004, p. 588
  86. Sugden 2004, p. 594
  87. 87,0 87,1 Sugden 2004, p. 603
  88. Sugden 2004, p. 641
  89. Sugden 2004, p. 647
  90. Sugden 2004, p. 683
  91. 91,0 91,1 91,2 Coleman 2001, p. 126
  92. 92,0 92,1 Coleman 2001, p. 128
  93. Coleman 2001, p. 127
  94. The Complete Peerage, Volume IX. St Catherine Press. 1936. стр. 463.Edited by H.A. Doubleday and Lord Howard de Walden.
  95. Coleman 2001, p. 130
  96. Coleman 2001, p. 131
  97. 97,0 97,1 Hibbert 1994, p. 118
  98. Reports of the attack from Jervis and Nelson. „No. 14032“. The London Gazette. 1 August 1797. стр. 716–17.
  99. Coleman 2001, pp. 133–34
  100. 100,0 100,1 Hibbert 1994, p. 122
  101. "."
  102. Hibbert 1994, p. 123
  103. 103,0 103,1 Bradford 2005, p. 160
  104. Reports of the battle from Earl St Vincent and Nelson. You must specify issue= and date= when using {{London Gazette}}.
  105. 105,0 105,1 Bradford 2005, p. 164
  106. 106,0 106,1 Bradford 2005, p. 166
  107. Bradford 2005, p. 167
  108. Bradford 2005, p. 168
  109. Bradford 2005, p. 172
  110. Lavery 2003, pp. 65–66
  111. Lavery 2003, p. 101
  112. Bradford 2005, pp. 176–77
  113. Bradford 2005, pp. 188–89
  114. Bradford 2005, p. 192
  115. Bradford 2005, pp. 193–94
  116. Bradford 2005, p. 196
  117. Oman 1987, p. 252
  118. Bradford 2005, p. 198
  119. Bradford 2005, p. 200
  120. 120,0 120,1 Bradford 2005, p. 203
  121. Bradford 2005, p. 205
  122. Hibbert 1994, p. 142
  123. Bradford 2005, p. 209
  124. Reports of the battle from Nelson. „No. 15065“. The London Gazette. 2 October 1798. стр. 915–17.
  125. Bradford 2005, p. 209. Bradford describes it as "the most complete victory ever recorded in naval history".
  126. Hibbert 1994, p. 153
  127. 127,0 127,1 Оксфордски речник на национални биографии (online. изд.). Oxford University Press. 23 September 2004. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: ref=harv (link) (бара Претплата или членство во британска јавна библиотека .)
  128. „No. 15067“. The London Gazette. 6 October 1798. стр. 931.
  129. Hibbert 1994, p. 160
  130. Hibbert 1994, p. 162
  131. 131,0 131,1 Hibbert 1994, p. 165
  132. Hibbert 1994, p. 170
  133. Hibbert 1994, p. 178
  134. Hibbert 1994, p. 181.
  135. Доналд Бисет, Разговори со еден тигар. Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1993, стр. 32-34.