Анастасија Николаевна Романова
Анастасија Николаевна Романова | ||
Родена | Анастасија Николаевна Романова 18 јуни 1901 Петерхоф | |
---|---|---|
Починала | ноќта 16 спроти 17 јули 1918 Екатеринбург |
Анастасија Николаевна Романова (руски: Великая Княжна Анастасия Николаевна Романова) (родена на 5 јуни 1901 во Петерхоф - починала ноќта на 16 спроти 17 јули 1917 во Екатеринбург) била најмладата ќерка на Николај II, последниот руски цар. Анастасија била помлада сестра на големата кнегиња Олга, големата кнегиња Татјана и големата кнегиња Марија. Била постара сестра на престолонаследникот на рускиот престол Алексеј Николаевич. Се претпоставува дека ја убиле болшевиците на 17 јули 1918 година заедно со целото нејзино семејство. Сепак, постојано кружеле гласини дека таа успеала да побегнe. Неколку жени тврделе дека всушност тие се Анастасија. Најпозната од нив била Ана Андерсон, чие тело е кремирано во 1984 г. Неколкумина кои ја познавале вистинската Анастасија ги поддржале тврдењата дека Ана Андерсон е Анастасија, но со ДНК тестирање на парче коса од Ана Андерсон во 1994 година, се покажало дека таа не е Анастасија, ниту во роднинска врска со Романови.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Детство
[уреди | уреди извор]Анастасија се родила како четврта ќерка, па нејзините родители и роднини биле разочарани, бидејќи очекувале престолонаследник. Царот Николај II пред првата посета на новородената ќерка направил долга прошетка за да се смири.[2] Децата на рускиот цар биле одгледувани на наједноставен начин. Спиеле на тврди кревети без перници, освен кога биле болни, наутро се капеле и миеле со ладна вода, од нив се очекувало сами да ги чистат своите соби и плетеле џемпери, кои се продавале на добротворни настани. Во дворот, вклучувајќи ги и слугите, ја викале со нејзиното име Анастасија Николаевна, а титулата „ваше кралско височество“ не ја користеле. Повремено ја викале со француската верзија на нејзиното име „Anastasie“ или пак со руските прекари „Настаськой“, „Настей“, „Маленькой“ (малечка).[3] Младата Анастасија израснала во енергично дете. Опишана е како ниска, со сини очи[4] и црвенкасто[5]-кафена коса.[6] Гувернантата Маргарита Игер рекла дека Анастасија била најшармантното дете кое го познавала.[7] Често е опишувана како надарена и паметна, но нејзините тутори нагласувале дека не покажувала интерес при услови на школско ограничување.
Анастасија повремено се осудувала да ги премине границите на дозволеното однесување. Синот на дворскиот лекар, Глеб Боткин за неа рекол: „Таа без сомнение го држи рекордот за казниви дела во нејзиното семејство, а за непослушност таа е вистински гениј“.[8] Им подметнувала сопки на слугите, се качувала на дрво и одбивала да слезе. Во текот на една игра со снег, таа во снегот замотала камен и ја погодила својата постара сестра Татјана.[6] Далечната роднина, Нина Георгиевна, подоцна се сеќава дека Анастасија била непријатна до граница на злоба, мамела, удирала и гребела со играчките во текот на игрите. Тоа го правела бидејќи била навредена оти помладата Нина била повисока од неа.[5] За својот изглед била помалку заинтересирана од своите сестри. Жената на еден американски дипломат ја опишала Анастасија на десетгодишна возраст како јаде чоколадо во Петербуршката опера, без да ги извади долгите, бели, оперски ракавици.[9] Анастасија и нејзината постара сестра Марија во семејството биле познати како „Малиот пар“. Тие делеле иста соба, често носеле варијации на исти фустани и голем дел од времето го поминувале заедно. Постарите сестри Олга и Татјана исто така делеле иста соба и биле познати како „Големиот пар“. Четирите девојки се потпишувале со почетните букви од своите имиња, „ОТМА“.[10]
Иако била енергична, Анастасија имала слабо здравје. Боледувала од буниони, кои ги напаѓале нејзините два палци.[11] Имала слаби грбни мускули, па двапати неделно одела на масажа, меѓутоа, се сокривала под креветот или во ормарот за да избегне да оди таму.[12] Постарата сестра, Марија, многу крварела кога во 1914 г. ѝ биле оперирани крајниците. Тетката на Анастасија од таткова страна, големата кнегиња Олга Александровна, мислела дека сите четири нејзини внуки многу крвареле и дека го носеле генот на хемофилија, како и нивната мајка.[13]
Поврзаноста со Григориј Распутин
[уреди | уреди извор]Нејзината мајка, царицата Александра се држела до советите на Григориј Распутин, руски селанец, кој се претставувал како „свет човек“ и исцелител. Таа верувала дека Распутин со своите молитви го спасил младиот, болен престолонаследник Алексеј Николаевич. Големата кнегиња Олга Александровна се сеќава дека Распутин го сакале сите деца и дека се чувствувале добро со него.[14] Една од гувернантите, Софија Ивановна Тјучева, била ужасната кога во 1910 г. на Распутин му бил дозволен пристап до девојчињата додека биле во пижами. Таа барала да му се забрани пристапот, па царот побарал од Распутин тоа во иднина да го избегнува. Децата биле свесни за напнатата ситуација до која дошло и се плашеле дека нивната мајка ќе биде лута поради постапката на гувернантата. Дванаесетгодишната Татјана Николаевна ѝ пишувала на мајка си како се надева дека во иднина гувернантата ќе биде добра спрема Распутин.[15] Подоцна гувернантата била отпуштена.
Тјучева својата приказна ја раскажала на останатите членови на царското семејство.[16] Иако распутиновите посети на децата биле потполно невини по природа, царското семејство било скандализирано. Тјучева раскажала на сестрата на царот Николај, големата кнегиња Ксенија Александровна, дека Распутин ги посетувал девојчињата и зборувал со нив додека тие се спремале за в кревет и притоа ги прегрнувал и милувал. Тјучева нагласила дека на децата им било речено да не дискутираат за Распутин со неа и вниимателно да ги прикриваат распутиновите посети од останатата послуга. Ксенија на 15 март 1910 г., запишала дека не може да го разбере однесувањето на Александра и децата спрема Распутин, кого го сметале за светец, иако тој не бил ни свештеник.[15]
Царската гувернанта Марија Ивановна Вишњакова тврдела дека Распутин ја силувал, пролетта 1910 г. Вишњакова тврдела дека царицата не ѝ поверувала и дека говорела како Распутин прави само свети дела.[17] Големата кнегиња Олга Александровна рекла дека тврдењата на Вишњакова веднаш биле испитани, но наместо Распутин, Вишњакова е фатена во кревет со еден Козак од царската гарда. Вишњакова повеќе не го видела Распутин, а во 1913 г. била отпуштена.[18]
Сепак, подоцна се ширеле озборувања дека Распутин не само што ја завел царицата, туку и нејзините четири ќерки.[19] Тој трач добил на тежина кога Распутин дозволил околу да кружи писмото од царицата и нејзините ќерки испратено до него. Анастасија напишала: "Мој драг, ценет, единствен пријателу. Колку долго сакам повторно да те видам. Денес ми се појави во сонот. Секогаш ја прашувам мама кога ќе дојдеш... Секогаш мислам на тебе, мој драг, бидејќи ти си толку добар кон мене."[20]
После тоа кружеле порнографски цртежи, на кои Распутин е прикажан во сексуални односи со царицата и нејзините четири ќерки и со Ана Вирубова.[21] После скандалот, царот му наредува да го напушти Санкт Петербург одредено време. Царицата била незадоволна, а Распутин заминал во Палестина.[22] Без оглед на гласините, поврзаноста меѓу Распутин и царското семејство продолжила сè до неговата смрт на 17 декември 1916 г. Четирите кнегињи биле вознемирени од смртта на Распутин. Тој бил погребан со икона, која ја потпишале Анастасија, нејзините сестри и нивната мајка. Тие присуствувале на погребот, а на неговиот гроб планирале да изградат црква.[23]
Првата светска војна и револуцијата
[уреди | уреди извор]За време на Првата светска војна, Анастасија заедно со сестрата Марија ги посетувале ранетите војници во приватната болница во Царское Село (резиденцијата на царското семејство во близина Санкт Петербург). Тие двете биле премлади да бидат болничарки, па настојувале со ранетите војници да играат шах или билијард. Царот Николај II Романов абдицирал во февруари 1917 г., а Анастасија и нејзиното семејство за време на октомвриската револуција биле ставени во куќен притвор во Александровскиот дворец во Царское Село. Бидејќи се приближувале болшевиците, претседателот на привремената влада, Александар Керенски, ги преместил во Тобољск во Сибир. Кога болшевиците го зазеле поголемиот дел од Русија, Анастасија и царското семејство биле префрлени од страна на болшевиците во Ипатиевиот дом, куќа која се користела за посебни потреби од страна на тајната болшевичка полиција, Чека, во Екатеринбург.[24]
Стресот и неизвесноста за животот без слобода имале влијание врз целото семејство. Анастасија, во зимата 1917, ѝ напишала на една пријателка „Довидување. Не нè заборавај“."[25] Од Тобољск, на својот тутор му напишала една меланхолична сцена за една девојка која „кога умрела имала само шеснаесет години“.[25]
Во Тобољск, таа и нејзините сестри ги вшивале дијамантите во облеката, надевајќи се дека така ќе ги сокријат од стражарите. Таа, Олга и Татјана во мај 1918 г., биле малтретирани од стражарите кои барале дијаманти, додека се возеле со парен брод до Екатеринбург, за да им се придружат на родителите и сестрата Марија. Нивниот англиски тутор тогаш го слушнал врискањето на големите кнегињи, но не можел да им помогне.[26] Во Екатеринбург, локалниот свештеник подоцна се сеќава како на 14 јули 1918 г. вршел приватна црковна литургија за царското семејство и како, спротивно од обичаите, Анастасија и семејството клекнале за време на молитвата за мртвите.[27]
Таа и во последните месеци од својот живот нашла начин како да се забавува. Заедно со другите во куќата изведувала претстави и така ги развеселувала родителите, во пролетта 1918. Нејзиниот тутор Сидни Гибс рекол дека глумата на Анастасија предизвикува громогласна смеа кај сите присутни.[28] Во писмо од Тобољск со датум од 7 мај 1918 г., на својата сестра Марија ѝ ги опишала моментите на уживање и задоволство, иако била тажна и загрижена за болниот брат Алексеј.[29] Еден од стражарите во Ипатиевата куќа, Александар Стрекотин, во своите мемоари напишал дека Анастасија била многу пријателски расположена и многу весела. Друг стражар рекол дека Анастасија е шармантен ѓавол, секогаш е спремна за непослушност и ретко е уморна. Рекол дека е многу жива и со кучињата правела претстави, слични на оние од циркусот.[8] Трет стражар рекол дека големата кнегиња била терорист и многу навредувала.[30]
Според повеќето тврдења Анастасија е стрелана заедно со целото царско семејство, утрото на 17 јули 1918. Смртната казна била изведена без претходна судска постапка, а ја извеле силите на тајната болшевичка полиција, Чека, под команда на Јаков Јуровски.
Заробувањето и стрелањето
[уреди | уреди извор]По болшевичката револуција, во Русија настанува граѓанска војна. Преговорите за ослободување на Романови се воделе меѓу болшевиците (нарекувани „Црвени“) и поширокото царско семејство, од кое повеќето биле истакнати членови на европските кралски куќи. Меѓутоа, преговорите западнале во ќорсокак.[31] Кога Белите, лојални на царот, напредувале кон Екатеринбург, така црвените станувале непопустливи што се однесува до прашањето за ослободување на Романови. Црвените знаеле дека Екатеринбург ќе падне во рацете на побројната и подобро опремена Бела армија. Кога Белата армија дошла во близина на Екатеринбург, царското семејство исчезнало. Најшироко прифатено мислење е дека Романови биле стрелани. Истражителот на Белата армија, Никола Соколов дошол до тој заклучок бидејќи предметите кои припаѓале на Романови биле пронајдени фрлени во рударско окно.[32]
Болшевикот Јаков Јуровски, убиството го опишал во белешка до своите претпоставени, а таа белешка била пронајдена дури во 1989 г., а исто така е опишано во книгата на Едвард Радзински, „Последниот цар“. Според таа белешка, ноќта кога е извршено убиството, Романови биле разбудени и им било речено да се облечат. Кога Романови прашале зошто ги будат, им рекле дека треба да ги преместат на посигурна локација, бидејќи Белата армија се приближувала кон Екатеринбург. Кога се облекле заедно со неколкуте слуги кои останале, биле одведени во една мала визба во куќата и им било речено да почекаат. На барање на царицата им биле донесени столици, таа и Алексеј да седнат. По неколку минути во собата влегле џелатите предводени од Јуровски. Без двоумење, Јуровски кратко ги информирал царот и семејството дека ќе бидат убиени. Царот имал време само да каже „Што?“ и да се сврти кон семејството, пред да биде убиен со куршум во главата. Царицата и Олга се обиделе да се прекрстат, но биле убиени со првите куршуми кои биле испукани, во главата. Остатокот од семејството биле убиени кратко после тоа, со исклучок на Ана Демидова, собарката на Александра. Набргу, откако пробала да се одбрани со перница во која имало дијаманти и скапоцени камења, била убиена.[33]
Во белешката на Јуровски стои дека во малата просторија веднаш се кренал густ дим и дека забележал дека куршумите се одбивале од корсетите на двете кнегињи. Подоцна џелатите откриле дека тоа било бидејќи во нив имало дијаманти и скапоцени камења, кои ги криеле од стражарите. На тој начин корсетите послужиле како оклоп против куршумите. На Анастасија и Марија им било речено да се свртат до ѕидот и додека ги прекривале главите биле убиени. Друг стражар, Петар Јермаков, ѝ раскажал на својата жена дека Анастасија ја докрајчиле со бајонети. Како ги изнесувале телата, едно од девојчињата плачело и се тепало по главата, напишал Јуровски.[33]
Лажни извештаи за преживувањето
[уреди | уреди извор]Потоа веднаш започнале легендите за можното преживување на Анастасија и нејзиното бегство. Ана Андерсон со години тврдела дека таа е вистинската Анастасија Николаевна, но по нејзината смрт со ДНК-анализа е докажано дека таа не е Анастасија. Ана Андерсон тврдела дека одглумила смрт, а потоа со помош на еден стражар, кој се сожалил и воочил дека е жива, успеала да побегне.[34] Најмалку десет жени тврделе дека се Анастасија. Надежда Ивановна Васиљевна [35] и Евгенија Смит тврделе дека тие се Анастасија и нејзината сестра Марија. Тие живееле во Урал до 1964 г., кога биле погребани под имињата Анастасија и Марија Николаевна.
Гласините за преживувањето на Анастасија се зголемиле со различни тогашни тврдења дека биле пребарувани возови и куќи во потрага по Анастасија.[36] Кнегињата Елена од Србија која била жена на подалечниот роднина на Анастасија, кнезот Јован Константинович, во 1918 г. кратко била затворена во Перм. Стражарите ѝ донеле една девојка, која се викала Анастасија Романова и ја прашале дали тоа е ќерката на царот. Елена Петровна рекла дека не ја препознава девојката и стражарите ја однеле.[37]
Иако постоеле сведоци кои тврделе дека ги виделе Анастасија, царицата Александра и сестрите во Перм, веднаш по стрелањето, за таа приказна се смета дека е најобична гласина.[37]
Во еден друг извештај од еден историчар стои дека една млада жена била фатена по обидот за бегство во септември 1918 г. на железничка станица северозападно од Перм. Некои од сведоците откако добиле фотографии од Анастасија ја идентификувале девојката како Анастасија.[38] Тоа го направиле истражителите од Белата армија. Еден од сведоците бил лекарот Павел Уткин, кој на истражителите на Белата армија им рекол дека повредена девојка која чека во главното седиште на Перм, рекла „Јас сум ќерката на царот, Анастасија". Уткин, по налог на тајната полиција добил лек во аптека за пациентот под име „Н“. Подоцна истражителите на Белата армија независно го откриле рецептот.[39]
Во текот на истиот период, во средината на 1918 г., имало неколку случаи за млади луѓе во Русија кои се претставувале како Романови. Сопругот на Распутиновата ќерка Марија излажал неколку богати Руси, барајќи им пари за наводно бегство на Романови во Кина. Тој користел една млада девојка која се маскирала како големата кнегиња, за полесно да ја изведе измамата.[39]
Сепак, според некои голема е веројатноста еден или повеќе стражари да им помогнале на преживеаните, доколку ги имало. Јаков Јуровски побарал од стражарите да појдат во неговата канцеларија за да ги предадат работите кои биле украдени по убиството. Наводно имало доволно време кога телата никој не ги чувал во приземјето и ходникот и во камионот. Некои од стражарите, кои не биле џелати и имале симпатии кон големите кнегињи, ги чувале телата во приземјето одредено време.[40] За време на судењето за идентитетот на Ана Андерсон во Германија 1964-67, виенскиот кројач Хајнрих Клајнбецл сведочел дека ја видел ранетата Анастасија веднаш по убиството во Екатеринбург на 17 јули 1918. Тој тврдел дека неговата газдарица ја лекувала Анастасија во куќата наспроти Ипатиевата куќа. Рекол дека горниот дел од телото и бил покриен со крв. Клајнбецл сведочел дека Анастасија поминала три дена кај неговата газдарица. Црвените не ја пребарале нивната куќа, бидејќи многу добро ја познавале неговата газдарица. После тоа Анастасија исчезнала и повеќе никогаш не дознал за нејзината судбина.[41]
Клајнбецл ја познавал кнегињата, а за повредената девојка рекол дека е една од ранетите кои ги видел во Ипатиевиот дом.[41]
Можното преживување на Анастасија е една од најголемите мистерии на 20 век. Ана Андерсон во 1922 г. се појавила во Германија и тврдела дека таа е Анастасија. Некои роднини на Романови поверувале дека таа е Анастасија, а некои не. Таа ги полнела насловните страници и со тоа ја направила Анастасија уште пославна, иако била многу контроверзна личност. Таа започнала службена битка за својот идентитет и тој бил еден од најдолгите спорови во германските судови. Спорот започнал во 1938 г., а конечната пресуда не била донесена до 1970 г. Конечната пресуда била дека Ана Андерсон не дала доволно докази за да се потврди дека таа е големата кнегиња Анастасија.[42]
Ана Андерсон умрела во 1984 г., а нејзиното тело било кремирано. На примероци од нејзините остатоци биле направени ДНК тестови во 1994 г. Се проверувале со крвта на најблиските сродници на Романови и се докажало дека веројатноста Ана Андерсон да е Анастасија е занемарливо мала.[43]
Гробот на Романови
[уреди | уреди извор]Конечно во 1991 г. била пронајдена масовната гробница на Романови и нивните слуги, во месноста Ганина јама. Ексхумацијата била извршена во шума надвор од Екатеринбург. Гробницата била пронајдена цела деценија порано, но оние кои ја откриле, ја чувале тајната од комунистите, кои тогаш биле на власт, да не дознаат за нивното откритие. Кога гробницата била отворена наместо очекуваните единаесет, биле пронајдени девет скелети. Се очекувало дека тука се погребани: царот, царицата Александра, престолонаследникот Алексеј, четирите големи кнегињи, дворскиот лекар Евгениј Боткин и 3 слуги). Според форензичарот Вилијам Маплу во гробницата недостасувале Алексеј и Анастасија. Руските научници верувале дека недостасува големата кнегиња Марија. Русите ја идентификувале Анастасија во гробот користејќи компјутерска програма со која ги споредувале фотографиите од Анастасија и скелетите во гробницата. Американските научници сметале дека оваа метода не е точна.[44] Американците ги проценувале женските скелети и староста на забите. Освен тоа Анастасија била најмала од сестрите. Кога во 1998 г. конечно е погребано царското семејство Романови, Анастасија е погребана како личност од 145 cm, а научниците на основа на фотографиите веруваат дека таа била висока 132 cm.[45] ДНК тестирањето покажало дека тоа се скелетите на царското семејство и нивните слуги. Меѓутоа, судбината на двете деца останува неизвесна.[46] Судбината на Анастасија и понатаму останува мистерија.
Канонизација
[уреди | уреди извор]Процесот на канонизација на семејството Романови започнал во 1981 година, кога странска првославна црква, членовите на семејството ги прогласила за маченици. Подготовката за канонизација во Русија, започнала во 1991 година, кога била пронајдена масовната гробница на семејството во месноста Ганина јама. Со благослов на архиепископот на Мелхиседек на 7 јули истата година, бил воведен богослужбенички крст.[47] На 17 јули 1992 г., првиот епископ бил на местото на закоп на членовите на семејството.
Во ноќта на 17 јули 1995 год. била одржана божествена литургија, која се одржува секоја година.
Во 2000 година, одлуката за канонизација била донесена од страна на Руската православна црква.[48] Во истата година со благослов на патријархот започна изградбата на манастирот „Ганина јама“.
Се надевам дека изградбата на манастирот на местото на уништувањето на телата на царските мачениви во Ганина јама, каде во скоро време ќе се вознесе црковна молитва (возноситься церковная молитва) се потчинува на последиците од страшните казни извршени на многустрадалната уралска земја.[49]
На 1 октомври 2000, архиепископот од Екатеринбург и Верхотурск Викентиј го поставил камен-темелникот на манастирот посветен на царските маченици. Манастирот бил изграден претежно од дрво, има седум главни цркви, меѓу кои најзначајни се главниот храм во чест на царските маченици, црквата посветена на Светиот Серафим Саровски и други.
Канонизацијата на Романови била критикувана бидејќи царевата слабост како владетел довела до болшевичката револуција. Меѓутоа канонизацијата има врска со тоа што Романови биле убиени. Телата на царот Николај II, царицата Александра и три од нивните ќерки се погребани на 17 јули 1998 во Санкт Петербург во соборната црква Свети Петар и Павле, точно 80 години од нивното убиство.[50]
Ликот на Анастасија Николаевна во народната литература
[уреди | уреди извор]Стихови на Николај Гумиљов
[уреди | уреди извор]Рускиот поет Николај Гумиљов, кој за време на Првата светска војна бил знаменосец на руската армија, а во 1916 престојувал во царскоеселската болница ѝ посветил неколку стихови на големата кнегиња Анастасија Николаевна.
Филмови за Анастасија
[уреди | уреди извор]Во САД биле снимени неколку филмови за Анастасија Николаевна:
- Облеката ја создава жената (1928);
- Анастасија (1956); и
- Анастасија: Загатката за Ана (1986).
Исто така познат е и филмот Анастасија (1997), како и Тајната на Анастасија, кој е снимен врз ознова на верзијата на Ана Андерсон. Ликот на Анастасија се појавува и во анимираната серија Крв+.
Друго
[уреди | уреди извор]Меѓу другото, ликот на Анастасија се споменува и во култниот филм од 1997 Титаник. Во музиката, Анастасија е спомената во песната „Sympathy for the Devil“ од The Rolling Stones[51], како и во песната од Жана Бичевскаја „Песна за светите царски маченици“.
Потекло и предци
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Massie (1995), стр. 194–229
- ↑ Massie (1967), стр. 153
- ↑ Kurth (1983), стр. 309
- ↑ Massie (1967), стр. 134
- ↑ 5,0 5,1 King and Wilson (2003), стр. 50
- ↑ 6,0 6,1 Vyrubova, Anna. „"Memories of the Russian Court"“. alexanderpalace.org. Посетено на 13 December 2006.
- ↑ Eagar, Margaret, "Six Years at the Russian Court"
- ↑ 8,0 8,1 King and Wilson (2003), стр. 250
- ↑ Lovell (1991), стр. 35–36
- ↑ Christopher, Kurth, Radzinsky (1995), стр. 88–89
- ↑ Kurth (1983), стр. 106
- ↑ Maylunas, Andrei, Mironenko, et al. (1997), стр. 327
- ↑ Vorres (1965), стр. 115
- ↑ Massie (1967), стр. 199-200
- ↑ 15,0 15,1 Maylunas, Andrei, Mironenko, et al. (1997), стр. 330
- ↑ Massie (1967), стр. 208
- ↑ Moss, Vladimir (2005). "The Mystery of Redemption". St. Michael's Press. Посетено на 21 февруари 2007
- ↑ Radzinsky (2000), стр. 129-130
- ↑ Mager, Hugo. "Elizabeth: Grand Duchess of Russia," Carroll and Graf Publishers, Inc., 1998
- ↑ Sams, Ed. „"Victoria's Dark Secrets"“. alexanderpalace.org. Архивирано од изворникот на 2007-01-07. Посетено на 31 декември 2006.
- ↑ Christopher, Kurth, Radzinsky (1995), стр. 115
- ↑ Christopher, Kurth, Radzinsky (1995), стр. 116
- ↑ Maylunas and Mironenko (1997), стр. 511
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 78-102
- ↑ 25,0 25,1 Kurth (1983), стр. xiv
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 140-141
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 276
- ↑ Christopher, Kurth, Radzinsky (1995), стр. 177
- ↑ Maylunas and Mironenko (1997), стр. 619
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 251
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 203
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 353-367
- ↑ 33,0 33,1 Radzinsky (1992), стр. 380-393
- ↑ Kurth (1983), стр. 33 - 39
- ↑ Massie (1995), стр. 145-146
- ↑ Kurth (1983), стр. 44
- ↑ 37,0 37,1 Kurth (1983), стр. 43
- ↑ Occleshaw (1993), стр. 46
- ↑ 39,0 39,1 Occleshaw (1993), стр. 47
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 314
- ↑ 41,0 41,1 Kurth (1983), стр. 339
- ↑ Kurth (1983), стр. 289-358
- ↑ Massie (1995), pp. 194-229
- ↑ Massie (1995), стр. 67
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 434
- ↑ King and Wilson (2003), стр. 469
- ↑ „Слово наместника монастыря“. Архивирано од изворникот на 2008-09-15. Посетено на 2009-11-14.
- ↑ Податоци на руското црковно мрежно место „Правая“ Архивирано на 19 јуни 2008 г. (руски)
- ↑ „ЛЕТОПИСЬ ПОЧИТАНИЯ СВЯТЫХ ЦАРСТВЕННЫХ СТРАСТОТЕРПЦЕВ НА УРАЛЕ: МОНАСТЫРЬ НА ГАНИНОЙ ЯМЕ - МАЛЕНЬКИЙ ОСТРОВОК "ДЕРЕВЯННОГО ЦАРСТВА" СТАРОЙ РУСИ“. Архивирано од изворникот на 2008-09-14. Посетено на 2009-11-14.
- ↑ Shevchenko, Maxim (2000). „"The Glorification of the Royal Family"“. NezavisiMaya Gazeta. Архивирано од изворникот на 2005-08-24. Посетено на 10 December 2006.
- ↑ Текст, „Sympathy for the Devil“, The Rolling Stones (англиски)
Литература
[уреди | уреди извор]- Bokhanov Alexander, Knodt Manfred, Oustimenko Vladimir, Peregudova Zinaida, Tyutynnik Lyubov (1993). The Romanovs: Love, Power, and Tragedy . Leppi Publications. ISBN 0-9521644-0-X
- Christopher Peter, Kurth Peter, Radzinsky Edvard (1995). Tsar: The Lost World of Nicholas and Alexandra. Little Brown and Co. ISBN 0-316-50787-3
- Dehn, Lili (1922). The Real Tsaritsa. alexanderpalace.org.
- Eagar, Margaret (1906). Six Years at the Russian Court. alexanderpalace.org.
- Gilliard, Pierre. Thirteen Years at the Russian Court alexanderpalace.org.
- King Greg, Wilson Penny (2003). The Fate of the Romanovs. John Wiley and Sons, Inc. ISBN 0-471-20768-3
- Kurth, Peter (1983). Anastasia: The Riddle of Anna Anderson. Back Bay Books. ISBN 0-316-50717-2
- Lovell, James Blair (1991). Anastasia: The Lost Princess. Regnery Gateway. ISBN 0-89526-536-2
- Mager, Hugo (1998). Elizabeth: Grand Duchess of Russia. Carroll and Graf Publishers, Inc. ISBN 0-7867-0678-3
- Massie, Robert K. (1967). Nicholas and Alexandra. Dell Publishing Co. ISBN 0-440-16358-7
- Massie, Robert K. (1995). The Romanovs: The Final Chapter. Random House. ISBN 394-58048-6
- Maylunas Andrei, Mironenko Sergei (eds), Galy, Darya (translator) (1997). A Lifelong Passion, Nicholas and Alexandra: Their Own Story. Doubleday. ISBN 0-385-48673-1
- Occleshaw, Michael (1993). The Romanov Conspiracies: The Romanovs and the House of Windsor. Orion Publishing Group Ltd. ISBN 1-85592-518-4
- Radzinsky, Edvard (1992). The Last Tsar. Doubleday. ISBN 0-385-42371-3
- Radzinsky, Edvard (2000). The Rasputin File. Doubleday. ISBN 0-385-48909-9
- Sams, Ed. Victoria's Dark Secrets Архивирано на 7 јануари 2007 г.. curiouschapbooks.com.
- Shevchenko, Maxim. The Glorification of the Royal Family Архивирано на 24 август 2005 г.. NezaviseMaya Gazeta, May 31, 2000.
- Vorres, Ian (1965). The Last Grand Duchess. Scribner. ASIN B-0007-E0JK-0
- Vyrubova, Anna. Memories of the Russian Court. alexanderpalace.org.
- Zeepvat, Charlotte (2004). The Camera and the Tsars: A Romanov Family Album. Sutton Publishing. ISBN 0-7509-3049-7
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Анастасија Николаевна Романова“ на Ризницата ? |
- Вистината за лажната Анастасија Архивирано на 24 јануари 2009 г.
- Принцот Алексеј[мртва врска]
Статијата „Анастасија Николаевна Романова“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |
|