Масакр во Ваташа

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Масакрот во Ваташа)
Прејди на: содржини, барај

Масакрот во Ваташа е крвав настан кој се случил на 16 јуни 1943 година[1] кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 12 км од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и одреди полиција, под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По потекло Апостолов бил од Крива Паланка.[2] По тоа време од 40 до 60% од војниците во полковите на Петтата армија се локални регрутирани младинци,[3] исто како и голем дел од полицијата, која била составена од месни кадри.[4][5]

Настан[уреди]

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента, никој да треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и од полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.

Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот не собираше од куќите со готов список, сите не имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека се биле сите заедно со партизаните на 1 Мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште.[6] Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Очигледно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат.

Најстариот од сите, Васо насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата 'оган'. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Четирите девојки што исто така биле уапсени - Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева - ги тргнале настрана.[7] Полицискиот началник Оперков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојчињата, а капетан Борис Жеглов го поддржувал Оперков и така тие биле спасени.[8] Војниците ги вратиле девојките назад во селото и издале наредба убиените младинци да не се носат назад, туку да се закопаат на место.

Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, тие се откопани и преместени на друго место, а по трет пат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.

Судење[уреди]

По две години Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков. Пред тоа сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти. Апостолов, кој бил командант на војската и ја издал наредбата за стрелање, тврдел дека не е виновен за ваташкиот масакр. Тој бил суден за повеќе злодела и сите ги признал, но за ваташкиот масакр кажал дека добил листа со имиња, а на неа стоело дека младинците се партизани уапсени во шумата, а не собрани од нивните куќи.[9] Раскажал и за улогата во настанот на четворица ваташанци-предавници, тројца мажи и една жена.

Одбележување[уреди]

Во спомен на настанот, изградена е спомен костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето подигнат е спомен парк со површина од 7 ha, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. За настанот испеана е народна песна: Ми заплакало селото Ваташа.

Споменикот во последниве години често пати е осквернавуван.[10] Последен пат во март 2012 година кога поголемиот дел од релјефот бил уништен од вандали.[10][11]

Жртви[уреди]

Дванаесетте млади од селото се: Перо Илов (15 г.), Ванчо Гурев (19 г.), Данко Давков (18 г.), Илија Димов (18 г.), Ристо Гондев (18 г.), Блаже Ицев (20 г.), Пане Мешков (18 г.), Герасим Матаков (18 г.), Ферчо Попѓорѓиев (26 г.), Васо Хаџиjорданов (28 г.), Диме Чекоров (20 г.) и Пане Джунов (18 г.).[12]

Литература[уреди]

  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 249.
  2. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 75
  3. Воена Академиja "Г. С. Раковски" - Учество на Бугарија во Втората светска војна (Буг.).
  4. Пламен Димитров, Бугарската администрација во Вардарска Македонија, стр. 190-191.
  5. Весна Јаневска: „11 Октомври, сите сме го прифатиле во Република Македонија. И јас, со задоволство. Го славиме како Ден на востанието на македонскиот народ против фашистичката окупација. Како ден кога македонскиот народ се приклучи на Антифашистичката коалиција. Сте се прашале ли, почитувани пратеници, кој на кого пукаше? Ќе ве потсетам. Претпоставувам дека повеќето знаат. Но, ќе ве потсетам дека еден прилепски комунист пукаше на еден Македонец од Смилево, кој, облечен во жандармериска униформа стоеше на стражарско место пред Учестокот во Прилеп. Почитувани пратеници, ако ова му го кажете на били кој современ европски политиколог или социолог, ќе ви каже дека тоа беше братоубиствена војна.“ Стенографски белешки од Тринаесеттото продолжение на Четиринаесеттата седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 17 јануари 2007 година
  6. Годишнина од убиството на ваташките младинци“, Утрински Весник, понеделник, 18 јуни 2007 (конс. 17 ноември 2009).
  7. Ги лажеа дека ќе ги сликаат за полесно да ги убијат. Дарко Јаневски.
  8. Македонски репортажи - Заплакало е село Ваташа.
  9. Меѓу другото во упатствата, кој се издадени од командантот на Петтата армија, генерал - мајор Васил Бојдев и кои се испратени на 6 октомври 1941 година до бугарскиот воен контингент во Македонија се вели: „Партизаните треба да бидат уништувани со користење на сите средства на располагање... Во борбата против нив да не се применува Женевската конвенција. Таа останува во сила само во случај на фаќање на сојузнички падобранци. Партизаните да се ликвидираат на место, а заробеници да не се земаат.“
  10. 10,0 10,1 Осквернавен Споменикот на стреланите ваташки младинци, 1 март 2012“, Утрински Весник (конс. 29 март 2012).
  11. Вандали го оштетија релјефот од спомен-обележјето во Ваташа, 1 март 2012“, Дневник (конс. 29 март 2012).
  12. "Енциклопедија на Македонија", стр. 273.

Надворешни врски[уреди]