Ден на востанието на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ден на востанието на Македонија
Ден на востанието на Македонија
Могилата на непобедените во Прилеп
Наречен и11 Октомври, Ден на народното востание
Го празнува(ат)Македонија Македонија
ЗначењеЗапочнало востанието против фашистичкиот окупатор
Датум11 октомври
ПрославаСенароден собир, концерти, спортски настани, доделување награди
ОбичаиПоложување на венци
ПоврзаноИлинден

Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомвридржавен празник[1] кој се празнува на 11 октомври во Македонија. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

Историја на настанот[уреди | уреди извор]

По фашистичката агресија од страна на Германија и Бугарија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор.

И пред 11 октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски фашистички војник, на 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски - Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски - Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.

Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани,[2] распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората - затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.

Во акцијата на првата група бил убиен еден бугарски, фашистички стражар од участокот во Прилеп. Потоа, Аспарух Јосифовски фрлил бомба врз стражарницата. Меѓутоа, надвор се нашол уште еден војник и отворил оган врз групата и со тоа овозможил стражарите да се извлечат. Потоа настанала вооружена престрелка, а групата успеала да се извлече по речното корито. Помеѓу партизаните немало загинати.[5]

Втората група нападот го започнала точно во 22 часот. Во предвиденото време незабележана групата се доближила до затворот и во моментот кога ја слушнала престрелката пред полициската станица по фрлената бомба јуришала на затворот. Од затворот било возвратено со оган. Откако било констатирано дека не може да се влезе во затворот за да се ослободат затворениците биле фрлени бомби со што било овозможено без губитоци групата да се повлече по тесните улици.[5]

Третата група со спојување на телефрафските и електричните жици успешно го прекинува телефонскиот сообраќај[5] за да не може воениот бугарско-фашистички гарнизон во Прилеп да биде информиран за нападот.[6]

По изведените акции сите три групи се повлекуваат без губитоци на зборното место наречено Средоточна вода во текот на ноќта додека во градот сѐ уште се слушаат истеели од огнено оружје.[5]

Според оптужницата на бугарскиот, фашистички воен суд против учесниците на нападот на полициската станица групата се обучувала во близина на Марковите Кули. Напаѓачите располагале со околу дваесет пушки со неколку бомби, со 300-400 куршуми, со леб и со други намирници.[6] Во оптужницата се вели дека во текот на нападот со три куршуми бил убиен стражарот Петар Дамев Колев во текот на извршување на стражарската должност. Стражарот Стојан Иванов Георгиев бил ранет во левата нога и во градниот кош пред полициската станица. Како резултат на отпорот кој бил даден, се вели во оптужницата, напѓачите фрлиле рачна бомба која експлодирала, но не повредила никого.[6]

Дејствија има и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред - на 17 октомври.[7] Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени.[8] Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.

Прослава[уреди | уреди извор]

Во Македонија[уреди | уреди извор]

Импровизиран напад на участокот кој секоја година го организира АРМ заедно со граѓаните
Огномет во Прилеп на празникот

Поради самиот факт дека се работи за голем настан од Македонската историја, низ државата се организираат разни свечености и прослави. Традиционално се одржуваат свечени концерти. Повеќе делегации од Македонското Собрание положуваат цвеќе на гробот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, во Паркот на Револуцијата во Прилеп, како и на Спомен-костурницата на паднатите борци од народноослободителната борба во Куманово.[9] Во Прилеп секоја вечер спроти празникот се одржува традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на историските настани од предвечерјето на 11 октомври 1941 година. Во Прилеп постои и Меморијален музеј „11 октомври“ во кои се изложени неколку стотици фотографии и значајни документи од народно-ослободителната борба.[10] Прилепскиот градски оркестар организира маршрута од центарот на градот кон Могилата на непобедените. Каде покрај движечкиот оркестар се организира и спектакуларен огномет.[11]

Посебна важност има и свечено положување цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје од страна на повеќе делегации на Владата, на Собранието, на Претседателот на Македонија, на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија, делегација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата и на Град Скопје.[12]

Не изостанува и редовната свечена академија и обраќање на повеќе македонски државници и поранешни партизани во Домот на АРМ во Скопје.[13] Исто така се изведуваат и крводарителски акции.[14]

Во дијаспората[уреди | уреди извор]

Празникот се прославува не само во Република Македонија, туку и во целиот свет каде што живеат Македонци. Традиционална прослава има секоја година во главниот град на Велика Британија, Лондон.[15] Македонските друштва од Германија секоја година организираат прослави со богата културно-уметничка програма, каде настапуваат повеќе естрадни ѕвезди од Македонија.[16]

Награда 11 Октомври[уреди | уреди извор]

По повод на овој празник во Република Македонија традиционално се доделуваат наградите „11. Октомври“ за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности. Традиционално наградите се доделуваат во зградата на Македонското Собрание.[17] Според Законот за државните награди на Република Македонија[мртва врска] со државната награда „11 Октомври” со оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата. Под условите определени во конкурсот може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

Во чест на празникот[уреди | уреди извор]

Грбот на Општина Прилеп го има симболот на востанието, „Могилата на непобедените“

Поради големото значење на тој настан во македонската историја, многу училишта во Македонија го носат името „11 Октомври“ (ОУ „11 Октомври“ - Куманово, ОУ „11 Октомври“ - Ново Село, ОУ „11 Октомври“ - Урвич, ОУ „11 Октомври“ - Центар), како и многу улици и јавни претпријатија. Најголемо претпријатие беше фабриката за автобуси „ФАС 11 Октомври“ од Скопје.

Празнични цитати[уреди | уреди извор]

... 11 Октомври е ден од македонската историја, кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Наша должност останува да го чуваме она за што тие го дадоа својот живот. Нашата историја нè мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе... [18]
... Во најубавата приказна за слободна Македонија се вградени судбините на огромен број млади луѓе. Затоа, ова наше востание мора да стои на пиедесталот на макеоднскиот народ во создавањето на вистинската приказна за македонската република... [19]

Споменици кои го величат настанот[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Закон за празниците на Република Македонија
  2. „Првата пушка ја испукаа 16 прилепски храбри момчиња“ Архивирано на 27 октомври 2015 г., Утрински весник
  3. Ице Ацески – Рапеш „Нескршливите“, Прилеп, 1991, 46 стр.
  4. Љубен Георгиевски - Љупта, „Тарцан: монографија за Трајко Бошкоски-Тарцан–Илинденски“, Скопје, 1994, 200 стр.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Дане Петковски, Владо Стрезовки, Борбена дејства у западној Македонији: 1941-1944, Војноиздавачки завод, Београд, 1983
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Зборник докумената и података о народноослободилачком рату Југословенских народа - Борбе у Македонији, уредници: Крсте Црвенковдки, Лазо Мојсов, Иван Мазов, Стево Маодуш, Јован Вујошеви, Лазо Богески, том VII, книга 1, Издавач: Војноисториски институт Југословенске Народне Армије, година: 1952.
  7. Ванчо Николовски „НОВ без догми 1941-1942“, „Глобус“, Скопје, 1997, 127-128 стр.
  8. Антон Колендиќ „Не бевме комити“, „Млад борец“, 20 јуни 1989, 37 стр.
  9. Македонија го прослави Денот на народното востание[мртва врска], Утрински весник
  10. Во Прилеп одбележан „11 Октомври“[мртва врска], Канал 5 Телевизија
  11. idividi.com.mk „Прилеп го одбележа 11 Октомври“
  12. Македонија го празнува Денот на народното востание - Преспа Скај
  13. Премиерот Груевски ќе има обраќање на Свечената академија по повод 11 Октомври[мртва врска]
  14. Честит 11 Октомври!, ohridnews.com
  15. Влатко Стефановски во клубот „Булевар“ во Лондон[мртва врска]
  16. Анета Наковска патува за Германија -Утрински Весник
  17. Македонците денес го празнуваат Денот на народното востание[мртва врска]
  18. Бранко Црвенковски, поранешен Претседател на Република Македонија
  19. Гавро Пановски, Претседател на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија
  20. Владо Ивановски, „Исклучувањето на Методија Шаторов“, Разгледи, година XIII, бр. 5, Издаваштво „Скопје“, мај 1971
Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Ден на востанието на Македонија“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).