Прејди на содржината

Пак Чон Хи

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Пак Чон Хи
Претседател на Јужна Кореја
На должноста
24 март 1962 – 26 октомври 1979
Претходник Јун По
Наследник Чои Кју
Претседател на Врховниот совет за национална обнова
На должноста
3 јули 1961 – 17 декември 1963
Претходник Чанг До
Наследник укината
Лични податоци
Роден(а) 박정희
朴正熙

30 септември 1917
Гуми, Јужна Кореја
Починал(а) 26 октомври 1979
Сеул, Јужна Кореја
Националност Кореец
Сопружник Ким Хо Нам
Јук Јанг (1925-1974)
Деца Пак Геун
Пак Сео
Пак Ји
Установа Национална академија Кјунгпоок
Империјална јапонска воена академија
Корејска воена академија
Занимање политичар
Професија војник
Вероисповед Будист
Потпис
Воена служба
Прекар Парков [1]
Припадност Империјална армија на Манџоу-Го
Квантунгшка армија
Армија на Република Кореја
Траење 1942 - 1963
Чин генерал
Битки/војни Втора светска војна
Корејска војна
Виетнамска војна

Пак Чон Хи (корејски: 박정희; 30 септември 1917 - 26 октомври 1979) — генерал и претседател на Јужна Кореја. Организирал и предводел државен удар со кој ја освоил власта во Јужна Кореја. Најпрво владеел преку воената хунта наречена Врховен совет за национална обнова, а во 1963 година победил на претседателските избори (со што била создадена Третата република). Бил реизбран за претседател во 1967, 1971, 1972 (кога била основана Четвртата република преку уставот Јушин, создаден за да му овозможи Чон Хи да остане на власт), и 1978 година.

Пак е заслужен за брзиот економски раст на Јужна Кореја преку извозно ориентираната индустријализација [2]. Меѓутоа, тој е контроверзна политичка личност во историјата на Јужна Кореја, поради својот авторитарен начин на владеење со земјата, особено по 1971 година. Во 1999 година, од страна на магазинот Time Пак Чон Хи бил рангиран меѓу стоте највлијателни „Азијци на векот“[3].

На 26 октомври 1979 година, врз него бил извршен успешен атентат[4]. Чон Хи бил убиен од страна на Ким Jae Кју (1926-1980), стар пријател на Чон Хи и директот на Корејска централна разузнавачка агенција. Постои поделеност околу неговото наследство, од една страна се истакнува неговата улога во обновата на Јужна Кореја по катастрофалната Корејска војна, а од друга страна се осудува неговиот авторитаризам, особено силен по 1971 година.

Ран живот

[уреди | уреди извор]

Пак Чон Хи е роден на 30 септември 1917 година, во Гуми, кога Кореја била под јапонска власт. Негови родители биле: Пак Сенг, татко, (тогаш на возраст од 46 години) и Баек Нам-Хуи, мајка (45 години). Имал неколку браќа (Пак Донг-Хи, Пак Му-Хи, Пак Хан-Саенг, Пак Санг-хи) и сестри (Пак Гви-Хи, Пак Jae-Хи). Пак Чон Хи потекнувал од локалниот огранок на кланот Горјеонг Бак.

Пристапил во учителската школа Тегу, која била омилено училиште за потенцијалните идни учители. Се запишал на 8 април 1932 година, а по пет години учење дипломирал, на 25 март 1937 година. Неговите училишни денови се совпаднале со јапонската инвазија врз Кина, која започнала со Манџуријскиот инцидент од 1931 година, а кулминирала со Втората јапонско - кинеска војна од 1937 година. Пак Чон Хи неколку годин работел како учител во Мунгјеонг, а училиштето што го посетувал денес е музеј.

Воена кариера

[уреди | уреди извор]
Чон Хи како јапонски војник

Во април 1940 година, Пак Чон Хи се запишал при Академијата на империјална армија на Манџоу-Го и успешно ги завршил студиите во 1942 година со врвни оценки. Поради својата способност бил избран за офицерско дошколување при Токиската воена академија во Јапонија. Дипломирал како трет во својата класа и како поручник бил назначен во 8 - та пешадиска дивизија при армијата на Манџоу-Го.

Во овој период, како и повеќето други Корејците од тоа времето, Чон Хи имал јапонски име Такаги Масао), но за разлика од многу други Корејците кои биле принудени да имаат јапонски имиња, усвојување на јапонското име од страна на Чон Хи било на доброволна основа. По дипломирањето во Токиската воена академија, Чон Хи го усвоил јапонското име Окамото Минору [1], кое било користено од неговите јапонски претпоставени за време на неговата служба во Манџурија.

Како припадник на Империјална армија на Манџоу-Го учествувал во последниот период на Втората светска војна. Чон Хи како поручник служел во Квантунгшката армија, дел од Јапонската империјална армија, и учествувал во борбите против кинеските комунистички сили на Мао Це Тунг. Квантунгшката армија се борела и против корејските герилци, но не е јасно дали Чон Хи се борел против нив [5].

Писмо на Пак Чон Хи
Чон Хи во американската артилериска школа

По поразот на Јапонија во Втората светска војна, по препорака на својот постар брат, Чон Хи се приклучил во влијателната комунистички група, Работничка партија на Јужна Кореја, која дејствувала на територијата на американската окупација зона, која подоцна станала Јужна Кореја. По војната, пристапил во војската на Јужна Кореја и учествувал во бунт кој избувнал во провинцијата Јеола, предводен од новата армија формирана со поддршка на САД.

Во 1948 година, кога било откриено дека учествувал во дејноста на комунистичка ќелија, организирана во рамките на Јужнокорејската армија, бил осуден смрт. Меѓутоа поради соработка со властите бил помилуван [1], Чон Хи ги понудил имињата на неговите комунистички соработници и бил исклучен од армија, без почести.

За време на Корејската војна се вратил на воена служба и станал експерт за логистика. Меѓутоа бил обвинет дека е комунист. Генералот Паек Сунјеоп, корејски воен херој, го искористил својот ранг и статус во ослободувањето на Чон Хи од овие обвиненија и бришење на дамката од неговото име. Го продолжил военото образование и се стекнал со специјална обука во Fort Sill, Оклахома, Соединетите Американски Држави. Со своите способности во текот на годините постојано напредувал во воената кариера и на крајот го стекнал чинот генерал.

Освојување на власта

[уреди | уреди извор]

Политички тензии

[уреди | уреди извор]
Чанг Мијон
Априлската револуција

Под притисок на 19-то априлско студенско движење, на 26 април 1960 година Јее Сунг Ман, првиот претседател на Јужна Кореја, поднел оставка. На 13 април 1960 година, власта била преземена од нова влада. Меѓутоа, ова било краткотраен период на парламентарно владеење во Јужна Кореја, со симболичниот претседател Јун Бо Сен. Вистинската власт била во рацете на премиерот, Чанг Мијон.

Јун и Чанг немале голем кредибилитет во Корејската демократската партија. Тие не можеле да се согласат за составот на кабинетот, а Чанг се обидел да ја одржи на бледа коалиција, извршувајќи реконструкција кабинет на кабинетот, трипати во рок од пет месеци.

Под притисок на левицата, владата на Чанг започнала со серија на чисти меѓу воените и полициски функционери кои биле обвинети за анти-демократски активности или корупција. За оваа цел бил донесен посебен закон на 31 октомври 1960 година [6][7]. Околу 40 000 луѓе биле ставени под истрага, а од нив, повеќе од 2 200 владини функционери и 4 000 полицајци биле исчистени [6]. Покрај тоа, Владата сакала да го намали персоналот на рмијата за 100 000 души [8]. Иако владата била формирана со поддршка на јавноста, таа не успеала да имплементираа ефективни реформи и отука дошло до социјални немири и политички превирања.

Од една страна владата била притисната од економијата која се наоѓала во тешка положба поради владеењето на Јун Бо Сен, а од друга страна биле студентите кои го собориле Бо Сен. Студентите постојано демонстрирале по улиците и повикувале на политички и економски реформи. Законот и редот не можеле да бидат спроведувани, бидејќи полицијата, долгогодишен инструмент на Јун Бо Сен, била деморализирана и целосно дискредитирана во очите на јавноста. Внатрешно партиските фракциски расправии го нарушиле угледот на Демократската партија меѓу народот.

Државен удар

[уреди | уреди извор]

Фракционерство во војската

[уреди | уреди извор]

Директен фактор во поплочувањето на патот за државен удар било самото фракционерство на Јужнокорејската армија, тогаш една од најголемите во светот со околу 600 000 војници [9]. Армијата добила засебен идентитет, изграден последотвателно од двојната јапонско-американска обука, комбинирајќи го јапонскиот милитаристички етос со американскиот дух на техничка ефикасност, проширувајќи ја својата мисија од одбрана на земјата од комунистичката агресија до изградба на современа нација [9].

Армијата била поделена, од една страна биле регионалните команданти, а од друга страна бил фракциите кои постоеле меѓу офицерите. Највлијателни биле офицерските фракции, а меѓу нив постоел јаз и натпреварувачки дух. Едната фракција била составена од офицери кои дипломирале во Јапонската воена академија и Манџуриското службеничко училиште, а во другата фракција се наоѓале пониските офицери кои завршиле во Корејската воена академија по Втората светска војна [10].

Пак Чон Хи ги посетувал сите три институции и се нашол во уникатна позиција за раководење на воената коалција која го извршила државниот удар. Тој имал екстензивни врски со високите команданти на армијата и помладите офицери [10]. Пак Чон Хи, како висок офицер - генерал-мајор, се нашол во политичките турбуленции и ја искажал својата поддршка за реформисти, а на 2 мај побарал оставака од началникот на Генералштабот Сонг Јо Чан [11][12]. На 24 септември, шеснаесет полковници, предводена од страна на Ким Јонг Пил, побарале оставка од началникот на Здружениот генерал штаб - Чои Јонг-Хуи, во инцидентот познат како "револт против постарите" (하극상 사건) [13]. До овој момент, првичниот план за државен удар веќе бил во напредна фаза, а револтот отстранил важен потенцијален непријател.

Планирање и организација

[уреди | уреди извор]
Јужнокорејски војници

Во почетокот на 1960 година, Чон Хи и реформистичките офицери подготвувале план за државен удар кој требало да биде изведен на 8 мај со цел да се собори претседателот Јее Сунг Ман, меѓутоа тој поднел оставка под притисок студенското движење [14]. Помеѓу мај и октомври 1960 година, Чон Хи собрал голем број офицери за да организира нов план за државен удар, во голема мера врз основа на неговите врски со другите дипломирани студенти од Манџуријската воената академија. Чон Хи успеал да ја обезбеди лојалноста на уредник на дневниот весник Пусан, за да обезбеди пропагандна основа за државниот удар. До октомври, Чон Хи собрал девет основни членови за ударот, а од својот близок соработник Ким Јонг Пил побарал да биде генерален секретар [15]. Заговорниците одлучиле да го искористат анти-корупцијата движење во рамките на војската за оставраување на својата цел. Чон Хи требало да агитира меѓу другите генерали, а другите меѓу младите офицери, на тој начин требало да се изгради заговорничка мрежа во и околу Сеул [16].

Во текот на следната половина на година, плановите за државен удар станале јавна тајна во рамките на војската. Чон Хи не успеал да ја придобие командата на военото контраразузнавање и Деветта оклопна дивизија, но планирањето продолжило непречено. Како што се доближувал крајот на годината, Чон Хи започнал паралелни разговори надвор од основното заговорничко јадро и структурирал лабава мрежа на поддржувачи за неговиот план, а меѓу другото тој разговарал со генерал-мајорот Ли Чу-Ил и се согласиле, по државниот удар, новиот началник на Генералштабот - Чанг До Јонг да застане на чело на Воениот револуционерен комитет, за да се добие поддршкат од целата армија [17]. Чон Хи успеал да обезбеди финансиска поддршка од истакнати стопанственици, во висина од вкупно 7,5 милиони хвани [18].

На 10 април 1961 година, Чон Хи го открил планот за државен удар на началникот на Генералштабот, Чанг До Јонг. Тој индирекно дозволил да се изврши државен удар, односно ја одбил водачката позиција која му била понудена, не ја информирал владата и не наредил апсење на заговорниците. Оваа му овозможило на Чон Хи, да го претстави Чанг како "невидливата рака" на државниот удар. Било одлучено државниот удар да се изврши на 12 мај, меѓутоа акцијата била одложена за 16 мај во 03:00 часот.

Тек на настаните

[уреди | уреди извор]
Чанг До Јонг
Пак Чон Хи (во средина) и војници со задача да го реализираат државниот удар

Заговорот бил обелоденет во раните утрински часови на 16 мај, и била преземена брза акција. Контраразузнавачката команда покренала аларм дека бунт е во тек, а одред на воената полиција бил испратен за апсење на осомничените сторители. Чон Хи се префрлил во Шестиот окружнен армиски штаб за да ја преземе контрола на државен удар и одржал говор пред насобраните војници. Говорот бил успешен, а воената полиција која била испратена да ги уапси бунтовниците преминале на нивната страна. Чон Хи, имајќи под контрола Шестата окружна армија, го избрал Ким Jae Чун да организира претходница за окупација на Сеул и испратил порака до Чанг До Јонг, да одлучи дали ќе се приклучи на државниот удар или да се соочи со последиците поради поддршката на владата. Потоа, Чон Хи заминал во командата на специјалните сили и издал наредба за преминување на реката Хан и заземање на Сината куќа, претседателската резиденција.

Во меѓувреме, артилериската бригада го окупирала централниот армиски штаб и го обезбедила центарот на Сеул и областите северно од Хан. До 04:15 часот, по кратката размена на оган со лојалистите од воената полиција кои биле чувари на мостот преку Хан, силите на Чон Хи ги окупирале административни згради на сите три гранки на власта. Тие ја продолжиле својата акција и ја зазеле зградата на Корејската радиодифузна компанија од каде издале проглас дека власта била заземена од Воениот револуционерен комитет. Во прогласот биле претставени политичките цели државниот удар: антикомунизам, зајакнување на односите со Соединетите Американски Држави, елиминирање на политичката корупција, изградбата на автономна националната економија, обединување на Кореја и отстранување на тогашните политичари. Прогласот бил издаден во име на Чанг До Јонг, како претседател на воениот комитет и без негова согласност.

Утрото, Маринскиот корпус под команда на Ким Јунг Геун, ја освил Сината куќа. Владата се распаднала, премиерот Чанг Мијон избегал од сеул, а претседателот Јун Бо Сен го прифатил државниот удар како свршен чин [19]. Јун продолжил да служи како номинален шеф на државата до 1963 година. Командантот на Првата армија, Ји Хан-Лим, започнал со мобилизирање на резервните сили за да го сузбие државниот удар, но се повлекол плашеќи се од можност удар од страна на Северна Кореја. Два дена подоцна тој бил уапсен. Дваесет тешко вооружени дивизии го поддржале државниот удар во Сеул и ги уништиле сите шанси за задушување на ударот. По три дена криење, премиерот Чанг Мијон објавил оставка на целата влада и отстапување на власта во рацете на новата воена хунта [20]. Армиските кадети промарширале низ улиците и ја објавиле својата поддршка за државниот удар. Чанг До Јанг го прифатил назначувањето за претседавач на Воениот револуционерен комитетот, а државниот удар завршил [20].

Врховен совет за национална обнова

[уреди | уреди извор]
Чанг До Јонг и Пак Чон Хи
Водачите на Воениот комитет. Сликани на 20 мај, четири дена по државниот удар: Чанг До Јонг (лево) и Пак Чон Хи (десно).

Новата власт бил формирана веднаш по државниот удар. Веднаш бил прогласен воен закон. На 20 мај, Воениот револуционерен комитет бил преименуван во Врховен совет за национална обнова, а следниот ден бил формиран советот. Генералот Чанк, претседателот на комитетот останал началник на генералшатбот и ги презел функциите на премиерот и министерот за одбрана со што станал формален шеф на новата власт [21].

Врховниот совет за национална обнова бил формализиран како воена хунта од триесет високо рангирани воени офицери, поделени во поткомитетите, преземајќи широки овластувања: прогласување на законите, надгледување на целата власт и слично. При формирањето на новата влада, дошло до интензивна внатрешна борба за власт, меѓутоа Чон Хи, во следните два месеци успеал да приграби што поголем дел од власта во своите раце. На 6 јуни, Врховен совет донел закон за вонредни мерки за национална обнова, со кој му биле оземени овластувањата на Чанг До Јонг, како министер за одбрана и началникот на Генералштабот. Најголемиот дел од овој закон бил изработен од страна на Ји Сеок Че, кој работел под инструкции Чон Хи, за да го елиминира Чанг [21].

Четири дена подоцна, на 10 јуни, Врховниот совет донел закон со кој било прецизирано дека заменикот на претседателот на Врховен совет, односно Чон Хи, ќе биде претседател на Постојаниот комитет, со што Чон Хи добил дополнителни овластувања. На 3 јули, Чанг бил уапсен под обвинение за заговор за извршување на контраудар, а Чон Хи ги презел Врховениот совет и Постојаниот комитет [21].

Јужна Кореја под Пак Чон Хи

[уреди | уреди извор]

Диктатура

[уреди | уреди извор]
Чон Хи во 1963 година
Денот на вооружените сили на Јужна Кореја (1973)

Веднаш по државниот удар се започнало со подготовки за формирање на една разузнавачка агенција. На 10 јуни стапил во сила на Законот под бр. 619, со кој била формирана Корејската централна разузнавачка агенција, а за директор на агенцијата бил поставен Ким Јонг Пил, близок соработник на Чон Хи. КЦРА била основа за зацврстување на власта во рацете на Чон Хи и Ким Јонг Пил, преку неа бил отстранет Чанг и биле спроведени широки чистки во цивилните институции [22]. На 20 јули бил објавена политичка програма која имала за цел пензионирање на околу 41 000 на бирократи и намалување на бројот на државните службеници за 200 000 души [23]. Основањето на КЦРА и почетокот на чистките претставувале консолидација и развојот на Хиовиот режим

Под притисокот на американската администрацијата на Џон Кенеди, Чон Хи се согласи да се возобнови цивилната власт. Во декември 1962 година се одржал референдум за враќање во претседателскиот систем во државата, референдумот бил наводно донесен со 78% од вкупните гласови [24]. Чон Хи и останатите вени водачи ветиле дека нема да се кандидират на следните избори. Меѓутоа, Чон Хи се кандидирал за претседател како кандидат на новоформираната Демократско републиканака партија, составена главно од членови на Корејската централна разузнавачка агенција. Во 1963 година, се одржале претседателски избори на кој Чон Хи, со тесно мнозинство, победил [25].

Со изборот на Чон Хи за претседател започнала Третата република, а неговата влада најавила петгодишниот план за економски развој кој бил пазарно индустриски ориентиран. Врвен приоритет бил ставен врз развојот и модернизацијата на јужнокорејската економија, а главен слоган станал: Најпрво развој, обединување подоцна. Во 1967 година, Чон Хи повторно се кандидирал на претседателските избори и освоил 51,4% од гласовите. Уставот од 1963 година го ограничувал претседателствувањето на два мандата, а Чон Хи откако бил инаугуриран за вториот мандат, ветил дека ќе ја напушти функцијата во 1971 година. Меѓутоа, со помош на Корејската централна разузнавачка агенција и неговите сојузници во законодавниот дом, успеал да протурка уставните амандмани во националното собрание во 1969 година, му овозможиле да бара трет мандат [26][27]. Против уставните промени избувнале протести и демонстрации, но Чон Хи бил повторно избран за претседател во 1971 година [28].

Веднаш по својата трета инаугурација за претседател, Чон Хи прогласил вонредна состојба "врз основа на опасните од меѓународната ситуација." Во октомври 1972 година, го распуштил парламентот и го суспендирал Уставот. Во декември, бил донесен нов устав, позната како Уставот Јушин (대한민국) со кој била основана Четвртата република. Новиот устав бил потврден со плебисцит во кој имало голем број на нерегуларности и цензура на печатот. Зборот Јушин (维新), Чон Хи го позајмил од периодот Мејџи. Новиот устав драстично ја зголемил моќта на Чон Хи. Изборот на претседател бил пренесен на изборниот колеџ, на Националната конференција за обединување. Претседателскиот мандат бил зголемен за шест години, без ограничување на повторен избор. Уставот го претворил претседателство на Чон Хи во правна диктатура. На изборите во 1972 и 1978 година, повторно бил реизбран без опозиција.

Ким Де-џунг
Парада на вооружените сили во 1973 година, во позадина е ликот на Чон Хи

Две години по претседателските избори од 1972 година, Чон Хи и наредил на Корејската централна разузнавачка агенција да го киднапира водачот на опозицијата, Ким Де-џунг. Тој бил киднапиран од јужнокорејските агенти во хотел во Токио и однесен во брод, каде што, според повеќето верзии на настанот, агентите планирале да го убијат и да го фрлат неговото телото во морето. На Ким му биле врзани очите и бил однесен во Осака, меѓутоа, агентите биле невнимателни и откриени од властите. Бидејќи киднаперите биле фатени на дело, на Ким му бил поштеден животот. Тој подоцна бил пренесен во Јужна Кореја и ставен во домашен притвор од страна на Чон Хи [29]. Ким одлежал шест години затвор, три години во егзил и десет години домашен притвор и набљудување, бидејќи одбил да соработува со владата на Чон Хи.

Кон крајот на 70 - те години на XX век, во Јужна Кореја избувнале демонстрации против системот Јушин кои покажале дека непопуларност на Чон Хи се зголемила во државата. Демонстраците против Чон Хи биле познати "Пу-Ма борба." На 16 октомври 1979 година, студентските демонстрации, кои започнале пред Националниот универзитет во Пусан и се прошириле на улиците, повикале за крај на диктатурата и системот Јушин. Целиот ден на улиците се воделе борби помеѓу студентите и полицијата, а пред градското собрание се собрале околу 50 000 протестанти. Откако бил нападнати неколку јавни функционери и 400 демонстранти биле уапсени, во Пусан била прогласен вонредна состојба на 18 октомври. На 18 октомври, протестите кон Масан. Во демонтрациите во овој град учествувале околу 10 000 души, главно студентите од Универзитетот Кујуннам и работниците кои побарале распушање на сиситемот Јушин. Во Масан биле нападнати полициската станица и канелариите на владејачката партија, по што бил воведен полициски час [30].

Економско чудо од реката Хан

[уреди | уреди извор]

Значењето на Чон Хи

[уреди | уреди извор]
Пораст на јужнокорејската економија

Терминот Чудото од реката Хан се однесува на економскиот развој на Јужна Кореја во периодот помеѓу 1953 и 1996 година. Во текот на овој период, Јужна Кореја од сиромашна земја со неразвиена инфраструктура и екомонија се трансформирала во 13 - та најголема економија во светот и станала пример за многу земји во развој [31].

По Втората светска војна и Корејската војна, милиони живееле во сиромаштија, илијадници невработени луѓе се бореле за основната егзистенција. Кога Пак Чон Хи ја презеде власта во 1961 година, Јужна Кореја имаа приходот по жител, на помалку од 100 долари годишно. Во тој момент, Јужна Кореја најмногу зависела од странска помош, која во најголем дел доаѓа од Соединетите Американски Држави, во замена за вклучување на Јужна Кореја во Виетнамската војна.

Пак Чон Хи е еден од најважните личности кои придонеле за Чудото од реката Хан. Под негова власт, јужнокорејската економија започнала за опоравува. Чон Хи го објавил првиот пет годишен план за економски развој и ги мобилизирал соте ресурси за самохрана економија. Иако тој имал многубројни планови и придонеси за јужнокорејската економија, најважното нешто што Чон Хи го всадил во Јужна Кореја е чувството за самодоверба. Овој психолошки поттик им дал на Корејците надеж и мотивација на патот кон економскиот успех [32]. Новото мото на Чон Хи гласело: "Однесувајте се вработени како семејство". Со ова мото, корејските работници биле 2,5 пати повеќе продуктивни од американските работници, иако корејски работници биле платени со само една десетина од американските плати [33].

Многумина го истакнуваат неговиот придонес за развојот и обновата на јужнокорејската економијата Кореја. Некои дури и го именуваат како најголемиот јужнокорејскиот претседател, но многумина го критикуваат за неговите грубо и сурово диктаторство. Меѓутоа, Јужна Кореја немала да има економска револуција ако не постоел Пак Чон Хи. И покрај неговата груба и сурова политики, тој има клучна улога во економскиот успех на Јужна Кореја [32].

Економски реформи

[уреди | уреди извор]
Чон Хи во посета на руралните области
Претседател Пак Чон Хи, стои третиот од лево, на конвенција СЕАТО во 1966 година

Пак Чон Хи е генерално ја имал клучна улога во развојот на економијата на Јужна Кореја, форсирајќи извозно ориентирана индустријализација. Кога тој дошол на власт во 1961 година, приходите по глава на жител во Јужна Кореја биле само 72,00 $. Северна Кореја имала поголема економска и воена моќ на полуостровот поради наследените јапонски економски објекти како и големите количини на економска, техничка и финансиска помош од другите комунистички земји, како што се Советскиот Сојуз, Источна Германија и Полска.

Пак Чон Хи како офицер во Империјалната армија на Манџоу-Го, го видел економскиот развој на Манџоу-Го преку јапонските инвестиции во инфраструктурата и тешката индустрија. Пак Чон Хи имал намера да добие пари и технологија за Јужна Кореја преку јапонските грантови и поволни кредити, отука тој ги нормализира дипломатските односи со Јапонија во 1965 година, преку Договорот за основните односи помеѓу Јапонија и Република Кореја. Многумина се сомневале во оваа политика на Чон Хи и дошло до немири. Меѓутоа, оваа стратегија успеала да го привлече јапонски капитал и технологијата, како и американска помош, за развој на тешка индустрија и инфраструктура во Јужна Кореја.

Еден од првите проекти на режимот на Пак Чон Хи беше изградбата на автопатот Сеул - Пусан. Овој автопат ги поврзува двата најголеми града во Јужна Кореја, но во времето на неговата изградба тој имал најмногу симболична намена. За да се постигне индустријализација на Јужна Кореја, Пак Чон Хи главно се потпирал врз приватните бизниси т.н Чаебол. Но, во некои случаи, особено на Pohang Iron и Steel Company (POSCO), Чон Хи избрал да ги користат јавните претпријатија. Во однос на челикот, тој се одлучи за јавно претпријатие, поради неуспехот на приватниот бизнис во развивањето на успешна челичната индустрија. Режимот на Чон Хи иницирал успешна програма за индустријализацијата на Јужна Кореја врз основа на извозно ориентирани индустрии кои биле водени и потпомогнати од страна на владата.

Создавање на развојни економски агенции

[уреди | уреди извор]
  • Одбор за економско планирање
  • Министерството за трговија и индустрија
  • Министерство за финансии [1]

Надворешна политика

[уреди | уреди извор]
Источна Азија

Пак Чон Хи испратил над 300.000 јужнокорејски војници во Виетнамската војна [34], најбројни по силите на Соединети Американски Држави [35]. Главни причини на оваа политика биле: одржување на добри односи со САД, спречување на домино-ефектот за ширење на комунизмот во Источна Азија [36] и за подобрување на меѓународната положба на Јужна Кореја. Во јануари 1965 година, Чон Хи објавил дека е "време за Јужна Кореја да се одвикне од пасивната позиција на добивањето помош или очекување на интервенција и дека е време да се преземе проактивна улога во преземањето на одговорност за главните меѓународни прашања [37].

Во 60-те година, Чон Хи одржал говори во кој ги посочил Англо-јапонскиот сојуз и Британска Империја како главни виновници за освојувањето на Кореја од страна на Јапонија [38].

На барање на САД, Пак Чон Хи испратенил околу 320.000 јужнокорејски војници за да се борат заедно со силите на САД и Јужен Виетнам за време на Виетнамската војна, за да го зајакне воен сојуз со САД. Меѓутоа имало и финансиски стимулации за учество на Јужна Кореја во војната. Јужнокорејскиот воен персонал бил финансиран од страна на САД, а нивните плати се биле директно уплатени до Јужнокорејската влада. Во замена за воената обврска, Јужна Кореја добила десетици милијарди долари во форма на грантови, кредити, субвенции и технологија од страна на американските влади на Џонсон и Никсон [39].

Обиди за атентат

[уреди | уреди извор]

Напад врз Сината куќа

[уреди | уреди извор]
Претстедателската резиденција Сината куќа

На 21 јануари 1968 година, триесет и еден припадник на Единицата 124 од корејските народна специјални сили на Северна Кореја, се обиделе да извршат атентат врз Чон Хи и речиси успеале во тоа. Тие биле запрени на само 800 метри од претстедателската резиденција Сината куќа, од страна на полициска патрола, а во судирот биле убиени двајца атентатори, а останатите биле заробени. Како одговор на обидот за атентат, Јужнокорејската влада ја формирала Единицата 684, која имала задача да го убие севернокоресјкиот водач Ким Ил-Сунг, но таа била распуштена во 1971 година.

Втор обид

[уреди | уреди извор]

На 15 август 1974 година, Чон Хи држел говорот во Националниот театар во текот на церемонијата со која се прославувало ослободувањето Кореја од 29 годишната јапонска колонијална доминација. Во текот на говорот, севернокорејскиот таен агент Мун Се Гванг истрелал со пиштолот кон Чон Хи. Куршумите го промашиле претседател, но од заскитаните куршуми биле погодени неговата жена Јук Јан, која починала во текот на денот, и една девојка. Инцидентот бил снимен на видео [40]. Чон Хи го продолжил својот говор иако негова сопруга била ранета и спроведена од сцената [41].

Пак Чон Хи со семејството

На 26 октомври 1979 година, Чон Хи бил застрелан од страна на Ким Jae Кју, директорот на Корејската централна разузнавачка агенција. Ким тврдел дека Чон Хи е пречка за воведување на демократијата во Јужна Кореја, а својот чин го оценил како патриотизам. Потоа Ким го застрелал главниот раководител на телохранителите на Чон Хи, а неговите агенти убиле уште четири телохранители по што целата група била уапсена. Убиството на Пак Чон Хи се оценува како спонтан чин на страст од страна на поединец или како дел од претходно подготвен обидот за државен удар од страна на разузнавачката служба [42]. Пак Чон Хи како будист [43] бил закопан на Сеулските националните гробишта си сите државни почести [44].

Идеологија

[уреди | уреди извор]
Гробот на Пак Чон Хи

Политичката идеологија Чон Хи била мешана. По завршувањето на Втората светска војна учествувал во дејноста на комунистичка ќелија која била организирана во рамките на Јужнокорејската армија. Имало силни сомневања дека Чон Хи е крипто-комунист, а понекогаш медиумите го именувале како Парков ("Parkov"), русизирана верзија на неговото лично име. Иако Чон Хи немал симпатии кон комунистичко движење, тој, според некои автори, имал сталинистички размислувања и погледи [1].

Неговата склоност кон централното планирање и автократската контрола, најверојатно потекнуваат од негово искуство во Јапонската рамија. Јапонската армија не била запознаена со поимите за слободен пазар и при окупацијата на Манџоу-Го спровеле сталинистичка економска програма за развој [1]. Програмата за економски развој Чон Хи најмногу е заснована врз периодот Мејџи и Советскиот Сојуз.

Иако режимот на Чон Хи не ги презел ситните бизниси, биле национализирани банките. Мотивацијата за оваа мерка се состоела во намерата за стекнување на контрола врз протокот на капиталот во земјата и насочување на финансиските средства во секторите кои владата сакала да ги развие. Чон Хи формирал три моќни агенции за надгледување на неговата програма за развој, а тие имале голема сличност со јапонските агенции за економски развој.

Наследство

[уреди | уреди извор]

Голем број на Јужнокорејци, особено оние од реонот Јеонгнам, го сметаат Пак Чон Хи за еден од најголемите водачи во историјата на Кореја, истакнувајќи го големиот индустриски и економски раст Јужна Кореја за време на неговиот режим. Тој се оценува како една од главните личности за доведување на економскиот просперитет во Јужна Кореја. Денес, Пак Чон Хи е признаен и почитуван од страна на некои Корејците како најефикасен водач на својата земја кој е заслужен за претворањето на Јужна Кореја во економска сила [45].

Неговата ќерка Пак Геун Хје била избран за претседател на конзервативната корејската партија Саенури во 2004 година. Таа подоцна поднела оставка со цел да се подготви за претседателска кандидатура на претстојните избори. Меѓутоа таа изгубила од внатрешнопартискиот соперник Ли Мјунг Бак [46]. Кај дел од граѓаните на Јужна Кореја, постои загиженост за претседателствувањето на Ли Мјунг Бак, во однос на изразување на силна авторитарна боја, слична како кај Пак Чон Хи [47].

Семејство

[уреди | уреди извор]

Чон Хи бил во брак со Ким Хо Нам, но подоцна се развел од неа. Потоа, Потоа се оженил за Јук Јанг Соо. Парот имал две ќерки и еден син. Постарата ќерка, Пак Кун-хе подоцна станала познат политичар во Јужна Кореја и претседател на корејската конзервативна партија Саенури, таа е моментален претседател на Република Кореја.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 „San José State University Department of Economics“. Архивирано од изворникот на 2017-07-10. Посетено на 2012-03-30.
  2. Developmental Dictatorship and the Park Chung-hee Era (Homa & Sekey, 2006)
  3. Time Asia: Asians of the Century Архивирано на 19 септември 2010 г., August 1999, посетено на April 20, 2010
  4. BBC News' "On this day"
  5. Park Chung-hee
  6. 6,0 6,1 Nahm (1996, p. 411).
  7. Policies of the 2nd Republic Архивирано на 4 март 2021 г. at Doosan Encyclopedia
  8. Nahm, loc. cit.
  9. 9,0 9,1 Kim & Vogel 2011, p. 41.
  10. 10,0 10,1 Kim & Vogel 2011, p. 39.
  11. Kim 2004, p. 58.
  12. Kim & Vogel 2011, p. 44.
  13. Kim 2004, p. 62.
  14. East Asian History, Issues 25-26. Australian National University, p. 134.
  15. Kim & Vogel 2011, p. 45.
  16. For this paragraph: Kim & Vogel 2011, p. 46.
  17. Kim & Vogel 2011, p. 47.
  18. Kim & Vogel 2011, p. 49.
  19. Kim & Vogel 2011, p. 50"
  20. 20,0 20,1 Kim & Vogel 2011, p. 54.
  21. 21,0 21,1 21,2 Kim & Vogel 2011, p. 89.
  22. Kim & Vogel 2011, pp. 91–92.
  23. Kim & Vogel 2011, p. 92.
  24. Yonhap (2004, p. 271).
  25. Yonhap 2004, p. 271
  26. The Academy of Korean Studies (2005, pp198-201)
  27. Nahm (1996, p. 423); Yonhap, loc. cit.
  28. Nahm (1996, p. 424);
  29. Јужна Кореја со задоцнување призна киднапирање на нобеловец[мртва врска]
  30. Shin, Gi-Wook. "Introduction." Contentious Kwangju: the May 18 Uprising in Korea's Past and Present. Eds. Gi-Wook Shin and Kyung Moon Hwang. Lanham: Rowman & Littlefield Publishers, 2003.
  31. S. Korea Is a Role Model for Africa: Obama The Korea Times, 2009-11-07
  32. 32,0 32,1 Ch'oe, Yong-ho, Peter H. Lee, and Wm. Theodore de Bary “Politics and Economy in South Korea” Sources of Korean Tradition Volume II: From the Sixteenth to the Twentieth Centuries. Columbia University Press, 2006. Pages 370–373.
  33. Cumings, Bruce. Korea's Place in the Sun: a Modern History. New York: Norton, 2005. Print.
  34. Nahm (1996, p. 425)
  35. Developmental Dictatorship and the Park Chung-hee Era p248 (Homa & Sekey, 2006)
  36. Developmental Dictatorship and the Park Chung-hee Era p258 (Homa & Sekey, 2006)
  37. Developmental Dictatorship and the Park Chung-hee Era p260 (Homa & Sekey, 2006)
  38. Dr. J. E. Hoare, providing written evidence to the British House of Commons Select Committee on Foreign Affairs.
  39. http://www.allacademic.com/meta/p_mla_apa_research_citation/1/1/3/6/7/p113675_index.html
  40. Park Chung-hee assassination attempt
  41. Shaw, Karl (2005) [2004]. Šílenství mocných (чешки). Praha: Metafora. стр. 13. ISBN 80-7359-002-6.
  42. 1979: South Korean President killed
  43. „World: A Very Tough Peasant“. TIME. 5 November 1979. Архивирано од изворникот на 2012-09-17. Посетено на 25 February 2012.
  44. „Government Consulting Late Frm. Pres. Kim's Family for Funeral“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2012-03-31.
  45. Gregg, Donald (23 August 1999). „TIME: The Most Influential Asians of the Century“. Time. Архивирано од изворникот на 2007-01-17. Посетено на 2012-03-31.
  46. Scanlon, Charles (2 June 2006). „S Korean famous daughter aims high“. BBC News.
  47. Borowiec, Steven (2011-12-14). „The conflicted legacy of Park Chung-hee“. Asia Times Online. Архивирано од изворникот на 2012-05-12. Посетено на 2012-03-30. The specter of dictatorship is never far off in South Korea. The ruling Lee Myung-bak regime has been accused of reverting to such strong-arm tactics as gagging the media and persecuting critical citizens.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Our Nation's Path: Ideology of Social Reconstruction, by Park Chung-hee. (Hollym Publishers, 1970.)
  • Troubled Tiger: Businessmen, Bureaucrats, and Generals in South Korea, by Mark Clifford. (M. E. Sharpe, 1994.)
  • Developmental Dictatorship and the Park Chung-hee Era (Changbi Publishers Архивирано на 9 март 2012 г., 2003), a collection of essays edited by Lee Byeong-cheon. (English translation published by Homa & Sekey Books, 2006.)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]


Статијата „Пак Чон Хи“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).