Старица (Тверска област)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Старица ( руски: Старица) е град на северозапад на европскиот дел на Руската Федерација. Сместен е во јужниот дел на Тверската област и е административен центар на Старичкиот реон .

Успенскиот манастир во Старица

Според проценките на Националната статистичка служба, во градот во 2014 година живееле 8 265 жители, или околу 40% од вкупното население на Старичкиот реон.

Географија[уреди | уреди извор]

Градот Старица се наоѓа во источниот дел на Валдајските ридови, на југ од Тверската област, во подрачјето познат како регионот Старичко-Ржевско Поволжје. Лежи на левиот брег на реката Волга, околу 65 километри југозападно од административниот центар на областа, градот Твер.

Историја[уреди | уреди извор]

Според пишани извори, сегашната населена област ја основал во 1297 година тверскиот кнез Михаил Јарославич како важна тврдина на бреговите на реката Старица (лева притока на Волга). До почетокот на XVI век, населбата била позната како Городок или Городеск (во буквален превод мал град ).

Постојат две легенди за потеклото на името на градот, а според едното, името потекнува од реката на која се наоѓа. Според легендата, на местото на денешната населба, се наоѓал древниот град Љубим ( руски: Любим ) кој во 1292 година бил урнат до темелите за време на инвазијата на Татарите. Само една старица која се криела во една од многуте пештери го преживеала уништувањето на градот, а новата населба подоцна била именувана по неа.

Во 1485 година населбата Старица, заедно со целото Тверско кнежевство, станала дел од Големото Московско Кнежевство, а во периодот помеѓу 1505 година и 1566 година Старица била центар на Старичкото Кнежевство. Интересно е што рускиот цар Иван Грозни живеел во овој град во периодот 1579-1581 година за време на војните со полскиот крал Стефан Батори.

Во 1708 година Старица станал град во Смоленската губернерија, а од 1775 година окружниот центар на тогашната Тверска губернерија. Во текот на XVIII и XIX век, градот бил важно пристаниште на водниот пат на Волга кон Санкт Петербург. Во непосредна близина на градот во тоа време, постоел каменолом каде се вадел таканаречениот старички мермер .

Според податоците од серускиот попис на населението од 1897 година во градот живееле 6 368 жители, имало 10 цркви, 21 фабрика и дури 124 продавници.

За време на Втората светска војна, градот бил окупиран од германски фашисти во периодот меѓу 12 октомври 1941 година до 1 јануари 1942 година.

Од 1929 година градот е седиште на Старичкиот реон во Тверската област.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според податоците од пописот во 2010 година во градот живееле 8 607 жители, додека според проценките за 2014 година градот имал 8 265 жители.

Движење на бројот на жителите
1897 година 1939 година 1959 година 1970 година 1979 година 1989 година 2002 година 2010 година 2014 година
6 368 4 500 4 905 6 244 7 518 9 120 9 125 8 607 8 265

Градски знаменитости[уреди | уреди извор]

Еден од најважните градски симболи е Манастирот Успение на Руската православна црква, основан во 12 век. Манастирот е опкружен со камен ѕид и ја вклучува Успенската соборна црква од 1530 година, Троицкиот собор и Рожденската црква од 1570 година. Исто така постои и историско-археолошки музеј во рамките на Рожденската црква. Црквата посветена на Јован Богослов датира од 1594 година.

Познати Старичани[уреди | уреди извор]

Види повеќе[уреди | уреди извор]

Користена литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]