Отсјајна маглина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Маглината Вештерска Глава (IC2118) која дава отсјај од ѕвездата Ригел.

Отсјајна маглина (рефлексиона маглина) — облаци од меѓуѕвездена маглина кои одбиваат светлина од околна ѕвезда или ѕвезди. Енергијата од околните ѕвезди е недоволна за да го јонизира гасот на маглината и да создаде оддавна маглина, но прави достатно расејување за прашината да биде видлива. Затоа, честотен спектар на отсјајните маглини е сличен на оној од ѕвездите што ги осветлуваат. Меѓу микроскопските честички одговорни за расејувањето има јаглеродни соединенија (на пр. дијамантски прав) и соединенија од други елементи како железо и никел. Овие честопати се сложуваат со галактичкото магнетно поле и предизвикуваат мала поларизација на расеаната светлина.[1]

Откривање[уреди | уреди извор]

Отсјајната маглина IC 2631.[2]

Проучувајќи го спектарот на маглината поврзана со ѕвездата Меропа во Плејадите, американскиот астроном Весто Слајфер во 1912 г. заклучил дека светлината доаѓа од самата ѕвезда, а дека маглината просто ја отсјајува (во случајот, и од ѕвездата Алкиона).[3] Оваа претпоставка ја потврдил данскиот астроном Ејнар Херцшпрунг во неговите пресметки направени следната година.[4] Во 1922 г. Едвин Хабл воспоставил разлика помеѓу оддавните и отсјајните маглини.[5]

Ваквите маглини обично имаат сина боја поради делотворноста на расејувањето на таа боја; од истата причина небото е сино, а залезот е црвен).

Отсјајните и оддавните маглини заеднички се нарекуваат расеани маглини.

Познати се околу 500 отсјајни маглини. Највпечатливи се оние околу ѕвездите на јатото Плејади. Сина отсјајна маглина може да се забележи на подрачјето околу Триделната Маглина, додека пак црвена отсјајна маглина се среќава околу џиновската ѕвезда Антарес, која е многу црвена (од спектралната класа M1).

Маглините од овој вид може да бидат места на ѕвездообразба.

Закон за сјајноста[уреди | уреди извор]

Облаци од вселенска прашина во Месје 78.[6]

Во 1922 г. Едвин Хабл го објавил неговото истражување на сјајните маглини. Еден дел од делото се занимава со неговиот закон за сјајноста кај отсјајните маглини, кој ја доведува во врска аголната големина (R) на маглината со привидна величина (m) на нејзината ѕвезда:

5 log(R) = -m + k

каде k е постојано и зависи од чувствителноста на мерењето.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Kaler, 1997.
  2. „A Star’s Moment in the Spotlight“. http://www.eso.org/public/news/eso1605/. посет. 10 февруари 2016 г. 
  3. Slipher, Vesto M. (1922 г). On the spectrum of the nebula in the Pleiades . „Lowell Observatory Bulletin“ том  2: 26–27. Bibcode1912LowOB...2...26S. 
  4. Hertzsprung, E. (1913 г). Über die Helligkeit der Plejadennebel. „Astronomische Nachrichten“ том  195: 449–452. doi:10.1002/asna.19131952302. Bibcode1913AN....195..449H. 
  5. Hubble, E. P. (1922 г). The source of luminosity in galactic nebulae. „Astrophysical Journal“ том  56: 400. doi:10.1086/142713. Bibcode1922ApJ....56..400H. 
  6. Sifting through Dust near Orion's Belt“ (посет. 2 мај 2012 г).

Литература[уреди | уреди извор]

  • James B. Kaler (1997). Cosmic Clouds -- Birth, Death, and Recycling in the Galaxy, Scientific American Library, Freeman, New York, 1997.