Темна маглина (впивна маглина или апсорпциона маглина) — вид меѓуѕвезден облак кој е толку густ што ја прикрива светлината од објектите зад него, како ѕвезди, оддавни или отсјајни маглини. Згаснувањето на светлината е предизвикано од парченцата меѓуѕвездена прашина сместени во најстудените и најгусти делови на молекуларните облаци. Јатата и големите состави од темни маглини се во потесна врска со џиновски молекуларни облаци. Помалите изолирани темни маглини се нарекуваат Бокови глобули. Како и другите меѓувездена прашини или материјал, телата што ги прикриваат се забележливи само како радиобранови или инфрацрвени бранови.
Темните облаци изгледаат вака поради подмикронските честичките од прашина кои се обвиткани со замрзнат јаглерод моноксид и азот и се непробојни за светлина во видливи бранови должини. Застапен е и молекуларниот водород, атомскиот хемиум, C18O (CO со кислород како изотопот 18O), CS, NH3 (амонијак), H2CO (формалдехид), c-C3H2 (циклопропенилиден) и молекуларни јони N2H+ (дијазенилиум), но сите тие се релативно проѕирни. Ваквите облаци се „мрестилишта“ за ѕвезди и планети, па така нивниот развој е клучен за ѕвездообразбата.[1][2]
Обликот на темните облаци е мошне неправилен: немаат јасно одредени граници, а напати имаат завиен и змијолик облик. Најголемите темни маглини се видливи со голо око, како темни дамки на посветла заднина во Млечниот Пат, како што се Вреќа Јаглен и Голем Расед. Ваквите објекти се нарекуваат и темномаглински соѕвездија и носат разни имиња.
Во внатрешноста на надворешните молекуларни подрачја на темните маглини се одвиваат важни настани како образба на ѕвезди и мазери.