Норберт Винер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


Норберт Винер
Роден ноември 26, 1894(1894-11-26)
Колумбија, Мисури, САД
Починал март 18, 1964(1964-03-18) (на 69 год.)
Стокхолм, Шведска
Националност Американска
Полиња Математика
Кибернетика
Установи Институт за Технологија во Масачусетс
Образование Факултет Туфтс 1909
Универзитет Харвард Докторат 1912
Докторски ментор Карл Шмит
Џосаја Ројс
Докторанти Амар Босе
Колин Чери
Шикао Икеара
Норман Левинсон

Норберт Винер (англиски: Norbert Wiener) бил професор по математика и инженерство на еден од најистакнатите универзитети во светот – Институтот за Технологија во Масачусетс (англиски: Massachusetts Institute of Technology (MIT)). Норберт Винер, освен тоа што е многу познат математичар, се смета за еден од основачите на компјутерската етика, а има свои големи придонеси и во полињата на електронското инженерство и електронските комуникации . [1]

Интересно е тоа што иако Норберт Винер се смета за основач на компјутерската етика, може да се каже дека во тоа време била позната под кибернетика, односно се уште не била позната под сегашното име. [2]

За жал, како што често се случува, поради тоа што Норберт Винер бил многу пред своето време и бил еден вид на чудо од дете, многумина од неговите колеги, и луѓето како целина, го сметале за ексцентричен научник кој премногу фантазира.

Биографија[уреди]

Детство[уреди]

Норберт Винер е роден на 26ти ноември, 1984 година, во градот Колумбија, во Мисури. Татко му бил Лео Винер, кој имал многу голем удел врз подоцнежното образование на Норберт. Во еден период од животот дури и го подучувал Норберт во полето од математиката. Лео Винер бил професор по јазици на Универзитетот Харвард. Мајкатa на Норберт се викала Берта Кан. [3]

Уште од раното детство на Норберт станало очигледно дека тој е чудо од дете. Токму поради тоа, постоеле проблеми во врска со неговото школување. Тој имал премногу напредно знаење од некои области, додека со други области бил запознат многу помалку. Го почнал своето образование директно со трето одделение, но набрзо бил префрлен во четврто. Секако дека ова донело и негативни последици. Бил приморан да учи аритметика, која воопшто не му одела од рака. Поради тоа, неговиот татко заклучил дека е најдобро Норберт своето образование да го продолжи во домашни услови, каде би можел да се фокусира на области во кои бил добар, поконкретно, на алгебрата. [4]

Одлуката на таткото се покажала како исправна, бидејќи равојот на знаењето на Норберт бил експоненцијален. Сепак, тој пак се запишал на училиште и го завршил средното образование на четиринаесет годишна возраст. Веднаш потоа се запишал на Харвард.

Студии[уреди]

Норберт Винер започнал да студира зоологија на Харвард. Татко му Лео Винер воопшто не се сложувал со одлуката на синот во врска со насоката која тој ја одбрал. Речиси сигурно поради тоа, Норберт се префрлил на студии по филозофија. [5]

И покрај тоа што имал неуспеси за време на студиите, Норберт успеал да докторира на Харвард на осумнаесет годишна возраст. Неговата докторска дисертација била од областа на математичката логика, а ментор му бил Карл Шмит, а во помали граници и Џосаја Ројс.

Девет години подоцна, познатиот Полски математичар Казимирц Куратовски предложил поедноставување на теоријата која Винер ја изнел во својата докторска дисертација. Денес, повеќе се употребува теоријата на Куратовски. [6]

Норберт Винер започнал да предава филозофија на Харвард, а краток период работел и како новинар. [7]

Првата Светска Војна[уреди]

Винер бил голем активист во Првата Светска Војна. Тој два пати се безуспешно се пријавувал како учесник во војната (воен офицер) од страна на Америка. Секогаш бил одбиван од страна на Владата, и покрај тоа што присуствувал на камп за обука за воени офицери. Бидејќи бил одбиван, тој продолжувал да работи како математичар заедно со уште неколку негови соработници.

Третиот пат се пријавил да учествува во војната како обичен војник, за разлика од претходните два пати, кога се пријавувал на позицијата воен офицер. Овој пат, пријавувањето било успешно. Но, војната завршила само неклолку дни откога тој започнал со неговото активно учество во неа. [8]

Периодот помеѓу двете светски војни[уреди]

Норберт Винер не можел да добие постојано работно место на Харвард, а исто така бил одбиен и за постојано вработување на Универзитетот во Мелбурн. Така, тој се вработил како инструктор по математика на Институтот за Технологија во Масачусетс (англиски: Massachusetts Institute of Technology (MIT)). Тој на MIT ќе остане целиот негов живот, со тоа што со тек на време го унапредиле од инструктор во професор.

Набрзо потоа, во 1926та година, Норберт се оженил со Маргарет Енгеман. Таа била емигрантка од Германија. Бракот бил договорен од страна на неговие родители. Норберт и Маргарет имале две ќерки. [9]

Можеби поради тоа што неговата сопруга била од Германија, Норберт набрзо заминал во Европа. Таму продолжил да се занимава со наука, а посебно внимание обратил на хармоничната анализа, Таубериските теореми, Брауновото движење итн. [10]

Трудовите на Винер се релативно тешки за читање и разбирање. Тој трошел многу време и место за да докаже некои тривијални работи. Но, за некои релативно тешки резултати воопшто не пишувал доказ или објаснување, или доколку го пишувал, тој бил неприкладно краток, како да е многу очигледен. [11]

Втората Светска Војна[уреди]

За време на Втората Светска Војна, Норберт Винер работел на контрола на престрелки. Се верува дека точкму оваа дејност го зачнала подоцнежниот развој на науката наречена кибернетика. Најверојатно додека работел на анти-авионската пожарна контрола, Винер се здобил со идејата дека е возможно на водечкиот механизам да додаде дополнителна стабилност и поддршка. Ова веќе било во употреба за тогашните механички системи и електрични кола. [12]

Во овој период Винер се одвоил од соработниците. Почнал да работи сам на информатичката теорија и кибернетиката. Набрзо, благодарение на него, МИТ оформил истражувачки тим од математичари, невропсихолози и биофизичари. Сите овие луѓе имаат свој придонес во полето на компјутерските науки и вештачката интелигенција. Набрзо потоа, на општото зачудување, Винер ги прекинал сите контакти со остатокот од тимот. [13]

Подоцнежни години[уреди]

Откако Втората Светска Војна завршила, Норберт Винер се заинтересирал за влијанието на политиката врз научните истражувања и влијанието на војската врз науката. Потоа го објавил својот текст по име “Научник се бунтува” во јануарското издание на списанието Атлантикот Месечно (англиски: The Atlantic Monthly). Влијанието на овој текст било неочекувано големо. Со него тој ги поттикнува научниците да мислат и да обрнат внимание на етичкитерезултати од нивната работа. [14]

За разлика од раните години од неговиот живот, Винер станал пацифист. Откако војните завршиле, тој не прифатил да работи на проекти за војската, а исто така не прифаќал средства од владата за неговите проекти.

Во подоцнежните години од животот, Норберт Винер развил многу од теориите во многу науки, како што се кибернетика, роботика, компјутерска контрола итн. Со тоа што тој продолжил да има соработници, но овојпат значително повеќе Руси, тој бил осомничен за време на Студената Војна. [15]

Винер има делумно улога и во развојот на Индија во тој период, на тој начин што Индиската влада примала негови совети и се консултирала со него. Тој бил голем поборник за подобрување на стандардот на живеење на луѓето со процесот на автоматизација. Исто така, тој сакал да се стави крај на економската неразвиеност.[16]

Норберт Винер починал на 18ти март, во 1964та година, во Стокхолм, Шведска. [17]


Работа[уреди]

Норберт Винер покажувал интереси кон многу области. Такви биле кибернетика, квантна теорија, комуникациски технологии, роботика, автоматика, математиката, компјутерска контрола итн.

Кибернетика[уреди]

Влијанието на Норберт Винер е најверојатно наголемо во денешната компјутерска етика. Тој создал нова наука, предок на денешната компјутерска наука, на која и го дал името кибернетика.

Винер за време на Втората Светска Војна работел на анти-авионската пожарна контрола и се верува дека така ја добил идејата за кибернетиката. Тој ја дефинирал кибернетиката како наука за контролата и комуникацијата во животинското и во машинското. Секако дека подоцна кибернетиката добила многу други дефиниции и била развивана се повеќе и повеќе. Но, и покрај се, зачеток на оваа наука е книгата “Кибернетика”, чиј автор е токму Норберт Винер. [18]

Kибернетиката како наука придонела до зголемување на популарноста на начинот на размислување во комуникациските технологии. Но, не треба да се заборави и дека таа исто така придонела на ширење на погрешни идеи за вистинското значење на математиката.

Математика[уреди]

Записите на Норберт Винер, напишани претежно на почетокот од неговата кариера, покажуваат филозофски интерес за математичкиот начин на размислување и можните ограничувања.

Уште во неговите рани дваесетти години, тој започнал со моделирањето на Брауновото движење. Денес, еднодимензионалното Брауново движење се нарекува и Винеров процес. Винеровиот процес има многу голема примена во праксата. На тој начин, Винер во математиката го вовел терминот за Винеровата мерка. Тој го поттикнал развојот за таканаречениот “диференцијален простор” . [19] Потоа, Винер ја објавил својата генерализирана хармонична анализа, која понатаму имала влијание врз коваријансните функции и врз Фуриеровите трансформации, а најмногу врз хомогениот хаос. Најпосле, Винер го дефинирал апстрактниот Винеров процес, а независно, но во исто време, тој и Стефан Банах ја развиле идејата за Банаховиот простор. [20]

Едни од најважните идеи на Норберт Винер се Винеровата равенка и Винеровиот филтер. Винеровата равенка е едноставно математичко претставување на Брауновото движење. Со неа се претставува моменталната брзина на варирање на течни честички. Винеровиот филтер има примена во сигналното процесирање. Неговата намена е намалување на сумата на врева која се наоѓа во сигнал, споредбено со проценување на посакуваниот безвучен сигнал. [21]

Награди и признанија[уреди]

Норберт Винер бил еден од учесниците на конференциите Мејси англиски: Macy conferences. Но, не бил еден од поканетите да учествува на проектот Менхетен англиски: Manhattan Project.[22]

Ќе наброиме само неколку од неговите добиени награди и признанија: [23]

  • Националната награда за книга во САД, во 1965 година. Тој ја добил оваа награда во категоријата наука, филозофија и религија, за неговото дело “Бог и Голем: Коментар за одредени точки каде кибернетиката и нанесува удар на религијата”.
  • Кратерот Винер на Месечината е именуван по него.
  • Неговото име го носи и еден центар за хармонична анализа. Центарот се вика “Центар за Хармонична Анализа и Примени – Норберт Винер”. Се наоѓа на Универзитетот во Мериленд англиски: University of Maryland.
  • Во негова чест, секоја година се доделuва Норберт Винер награда за социјални и професионални одговорности. Оваа награда првпат е доделена во 1987 година, во чест на работата на Винер со која тој ги поттикнувал компјутерските професионалци на етичка употреба на компјутерите. [24]

Како што може да се забележи, влијанието на Норберт Винер е многу големо врз многу од современите науки. Тој исто така извршил влијание врз многу познати научници, како на пример Станислав Лем, Грегори Бејтсон, Маргаред Мид, Амар Босе, Колин Чери, Шикао Икехара, Норман Левинсон и уште многу други.

Наводи[уреди]

  1. Статија за компјутерската етика Компјутерска етика, http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9A%D0%BE%D0%BC%D0%BF%D1%98%D1%83%D1%82%D0%B5%D1%80%D1%81%D0%BA%D0%B0_%D0%B5%D1%82%D0%B8%D0%BA%D0%B0 
  2. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener (1894-1964), http://www.isss.org/lumwiener.htm 
  3. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener (1894--1964), http://www.isss.org/lumwiener.htm 
  4. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener, A1909, H1946, http://www.tufts.edu/as/math/wiener.html 
  5. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener, http://www.britannica.com/EBchecked/topic/643306/Norbert-Wiener 
  6. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener, http://en.wikipedia.org/wiki/Norbert_Wiener 
  7. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener, http://www.angelfire.com/co/1x137/cyber.html 
  8. Статија за чуда од деца Ex-Prodigies and Antiaircraft Guns, http://www.rheingold.com/texts/tft/5.html 
  9. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener, http://www.nndb.com/people/229/000103917/ 
  10. Статија за научници National academy of sciences, http://archive.is/20121209151825/http://webcache.googleusercontent.com/search?q=cache:Qe1SUXyMSQ0J:books.nap.edu/html/biomems/nwiener.pdf+&hl=en 
  11. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener, http://www.gap-system.org/~history/Biographies/Wiener_Norbert.html 
  12. Статија за Норберт Винер како татко на кибернетиката Norbert Wiener Invents Cybernetics, http://www.livinginternet.com/i/ii_wiener.htm 
  13. Книга за информатичката технологија и за моралната филозофија Information technology and moral philosophy, http://www.scribd.com/doc/51447362/2/Norbert-Wiener-and-the-Rise-of-Information-Ethics 
  14. Книга за историјата на кибернетиката Norbert Wiener’s politics and the history of cybernetics, http://www.scribd.com/doc/51447362/2/Norbert-Wiener-and-the-Rise-of-Information-Ethics 
  15. Книга за Руски скандали Russian Scandals, http://web.mit.edu/slava/homepage/articles/Gerovitch-Russian-Scandals.pdf 
  16. Водич низ делата на Норберт Винер Guide to the Papers of Norbert Wiener, http://libraries.mit.edu/archives/research/collections/collections-mc/pdf/mc22.pdf 
  17. Биографија на Норберт Винер Biography of Norbert Wiener, http://132.187.98.10:8080/encyclopedia/en/wienerNorbert.pdf 
  18. Статија за Кибернетичката теорија на Норберт Винер Norbert Wiener's Cybernetic Theory and Parental Control, http://132.187.98.10:8080/encyclopedia/en/wienerNorbert.pdf 
  19. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener, http://www.ams.org/notices/199506/mandrekar.pdf 
  20. Статија за влијанието на Норберт Винер The legacy of Norbert Wiener, http://books.google.mk/books?id=_G4k2onFlQwC&pg=PA18&lpg=PA18&dq=norbert+wiener+india&source=bl&ots=n89r9nKEn_&sig=3zT8v9yE4bACHuwEsSSbqbbhyic&hl=en&sa=X&ei=6DxZT5ufCoqs0QXJ25nZDQ&redir_esc=y#v=onepage&q=norbert%20wiener%20india&f=false 
  21. Статија за Винеров филтер Wiener filter, http://en.wikipedia.org/wiki/Wiener_filter 
  22. Статија за кибернетика Cybernetics, http://www.scholarpedia.org/article/Cybernetics 
  23. Статија за Норберт Винер Norbert Wiener, http://en.wikiquote.org/wiki/Norbert_Wiener 
  24. Листа на добитници на наградите Norbert Wiener Award for Social and Professional Responsibility, http://en.wikipedia.org/wiki/Norbert_Wiener_Award_for_Social_and_Professional_Responsibility