Докторски ментор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Докторски ментор — академски работник што упатува аспиранти за докторско звање во научноистражувачка работа[1] на еден факултет. Менторот помага во изборот на градиво, во обликување и уточнување на поддисциплината во која аспирантот пишува дисертација и полага испит.[2] Студентот го одбира менторот зависно од струката и интересите, како и нивната расположивост. За ова самиот ментор треба да даде согласност за ангажманот.[3]

Во некои земји, менторот претседава со комисијата каде студентот го брани докторатот, додека во некои менторот воопшто нема право да биде во комисијата.

Менторот обично е редовен професор, но во некои земји може да биде и вонреден професор, или пак доцент, делувајќи во со соучество на редовен професор како коментор.

Во Македонија[уреди | уреди извор]

Во македонскиот високообразовен систем, менторот се бира согласно потесната област на истражување на аспирантот и е член на советот на студиската програма, и од список на ментори по програми и потпрограми, кој се објавува секоја година.

Според Правилникот за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, менторот ги има следниве задолженија:[4]

  • го советува, го насочува и го води кандидатот/студентот;
  • остварува консултации со студентот;
  • го упатува студентот во литературата;
  • го воведува студентот во методот на решавање на проблемот кој ја третира работата и во методот на научноистражувачката работа воопшто;
  • дава мислења, сугестии, забелешки и предлози во текот на изработката на дисертацијата;
  • му помага на студентот за одредување на обемот, содржината и начинот на излагањата на научните резултати од дисертацијата;
  • поднесува, најмалку еднаш во годината, писмен извештај до соодветниот совет на студиска програма во кој се вреднува успешноста на студентот во неговата работа;
  • учествува во работата на докторските семинари и годишните конференции;
  • ги реализира одлуките на органите и телата на Школата за докторски студии и на органите на Универзитетот;
  • врши и други работи согласно правилникот.

Коментор[уреди | уреди извор]

По предлог на студентот и менторот, соодветниот совет на студиската програма може да му назначи коментор[4] на студентот од друга студиска програма, како и од друг универзитет од земјата или од странство.

Родословие[уреди | уреди извор]

Кај истакнатите научни работници и општествени дејци се зборува за „академско“ или „научно родословие“, кој ја проследува лозата на менторство. Така, на пример, меѓу математичарите, Јохан Фридрих Пфаф му бил ментор на Карл Фридрих Гаус, кој му бил ментор на Кристијан Лудвиг Герлинг — ментор на Јулиус Пликер — ментор на Феликс Клајн — ментор на Фердинанд фон Линдеман, кој пак му бил ментор на Давид Хилберт и тн.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „ментор“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. Miles Taft Bryant (2004), The portable dissertation advisor, Corwin Press, стр. 9–11, ISBN 978-0-7619-4696-0 .
  3. „Првична согласност од менторот“. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје (УКИМ). http://www.ukim.edu.mk/dokumenti_m/555_prvicnasoglasnost_mentor.doc. посет. 18 декември 2015 г. 
  4. 4,0 4,1 Ментор, Чл. 40-44, „Правилник за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на третиот циклус - докторски студии“. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје (УКИМ). 2012. http://www.ukim.edu.mk/dokumenti_m/299_Pravilnik-Boja.pdf. посет. 18 декември 2015 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]