На патот (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

„На патот“ (англиски: On the Road) — роман на американскиот писател Џек Керуак од 1957 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од четири дела, а напишан е во прво лице еднина.

Прв дел (14 глави)[уреди | уреди извор]

Сел (скратено од Славаторе), млад писател од Патерсон, Њу Џерси, раскажува за своето патување низ САД, инспирирано од дружењето со Дин Мориарти — необичен човек од Денвер, кој по излегувањето од поправен дом дошол во Њујорк со својата жена Мерилу, а откако се скарал со неа, се преселил кај него. Дин му оставил голем впечаток на Сел, кој целиот живот се дружел со интелектуалци, така што Дин му всадил нова животна енергија и му отворил нови хоризонти. Пролетта, 1947 година, Дин се вратил во Денвер, а летото, Сел заминал на пат за Сан Франциско. Најпрвин, тој патувал со автобус до Чикаго, а оттаму со автостоп стигнал во Денвер каде се сретнал со старите другари, меѓу кои и со Дин Мориарти, кој живеел истовремено со две жени: Мерилу и Камил. По една забава во туристичкото место Централ Сити на Карпестите Планини, Сел заминал со автобус во Сан Франциско кај својот пријател Реми Бонкер. Таму, тој работел како чувар во една касарна, но набргу го напуштил градот и заминал во Лос Анџелес. Патем, тој ја запознал убавата Мексиканка Тери со која живеел неколку недели, а во меѓувреме работел на полињата берејќи памук. Сепак, еден ден ја оставил и со автобус заминал во Питсбург, а оттаму стопирал до Њујорк каде пристигнал прегладнет и изнемоштен. Кога се вратил дома, разбрал дека Дин штотуку заминал во Сан Франциско.[1]

Втор дел (11 глави)[уреди | уреди извор]

Една година подоцна, околу Божиќ, Сел и тетка му отпатувале во Вирџинија во посета на неговиот брат. Неочекувано, таму пристигнал Дин, кој ја оставил Камил во Сан Франциско и заминал на пат со својот автомобил заедно со пријателот Ед Данкел, патем ја зел Мерилу и така пристигнале во Вирџинија. Ним им се придружил и Сел и сите заедно заминале во Њујорк каде ги поминале новогодишните празници во луди забави, а еден ден, повторно заминале на пат кон Калифорнија. Најпрвин, тие отишле во Њу Орлеанс, во посета на Олд Бул Ли, каде се наоѓала Галатеа, сопругата на Ед. Откако поминале неколку дена во друштво на Бул Ли, Дин, Мерилу и Сел продолжиле понатаму. Минувајќи низ Тексас и низ Аризона, тие зеле со себе двајца стопери и најпосле пристигнале во Сан Франциско. Таму, Дин веднаш заминал кај Камил, додека Сел живеел во евтин хотел со Мерилу. По неколку дена, таа заминала, а Сел гладувал, мечтаејќи да се врати дома. Најпосле, се појавил Дин и Сел се преселил во куќата на Камил. Меѓутоа, штом ги добил парите од стипендијата, веднаш заминал со автобус за Њујорк.[2]

Трет дел (11 глави)[уреди | уреди извор]

Пролетта 1949 година, Сел се преселил во Дневер, со намера да живее таму, но откако добил пари од една богата познаничка, заминал во Сан Франциско. Таму, веднаш го посетил Дин, кој во меѓувреме го повредил палецот и добил дете со Камил, додека Мерилу работела како проститутка, а потоа се омажила. Кога се појавил Сел, Камил го избркала Дин од куќата и двајцата заминале кај Галатеа Данкел и се забавувале низ баровите. По неколку дена, Сел и Дин го напуштиле градот и со автомобил се упатиле кон источниот дел на САД. Притоа, најпрвин, застанале во Денвер каде денгубеле неколку дена, но откако Дин удирл неколку автомобили, тие биле принудени веднаш да избегаат поради заканата од апсење. Со туѓ автомобил се упатиле кон Чикаго при што Дин возел неверојатно брзи и западнал во неколку опасни ситуации. Ноќта во Чикаго ја поминале по баровите, слушајќи џез, а утредента му го вратиле уништениот автомобил на сопственикот и веднаш со автобус заминале во Детроит, а оттаму со автомобил пристигнале во Њујорк. Таму, Дин ја запознал девојката Инес со која набргу добил дете, а во меѓувреме, во Сан Франциско, Камил го родила второто дете од врската со него.[3]

Четврти дел (6 глави)[уреди | уреди извор]

Дин живеел мирен живот во Њујорк, заедно со Инес и детето, а работел на еден паркинг. Сел повторно добил желба за патување, се збогувал со Дин и заминал во Денвер каде повторно се дружел со старите пријатели. Меѓутоа, по некое време, таму пристигнал Дин, заедно со неколку пријатели, меѓу кои и Ед и Галатеа Данкел. Така, повторно се собрало старото друштво, минувајќи го времето во бескрајни забави. Оттука, Сел, Дин и нивниот познаник Стен Шепард заминале на пат кон Мексико. Патем, непознат инсект го каснал Стен, предизвикувајќи му голем оток на раката поради што бил принуден да побара лекарска помош. Конечно, по краток престој во Сан Антонио, тројцата пријатели пристигнале во Мексико. На патот кон Мексико Сити, тие застанале во малото место Грегорија каде го запознале Виктор, кој им набавил марихуана, а потоа ги однел во јавна куќа во која урнебесно се забавувале. Оттаму, тие го продолжиле патот, возејќи низ џунглата при што биле воодушевени од природата и од Индијанците кои ги среќавале патем, а особено бил возбуден Дин. Конечно, тие пристигнале во Мексико Сити каде скитале до вечерта, а тогаш Сел се онесвестил, болен од дизентерија. Во меѓувреме, додека Сел лежел болен, Дин обезбедил документ за развод од Камил, го оставил Сел и го напуштил Мексико.[4]

Петти дел[уреди | уреди извор]

Дин возел сè до Луизијана, каде му се расипал автомобилот, а оттаму се вратил во Њујорк со авион. Таму, тој се оженил со Инес, но веднаш ја напуштил и заминал во Сан Франциско за да живее со Камил. Сел останал во Мексико до есента, а потоа се вратил во Њујорк, каде една ноќ, сосема случајно, ја запознал девојката Лора. Тие планирале да се преселат во Сан Франциско, а еден ден ненадејно ги посетил Дин, кој дошол во Њујорк само за да го види Сел. По неколку дена, Дин пак се вратил кај Камил, а Сел го видел за последен пат на улицата, на пат кон железничката станица. Долго време потоа, Сел мислел на своето неверојатно дружење со Дин.[5]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Романот „На патот“ ужива висок углед во книжевната критика, која го смета за еден од најсилните и најважните романи на нашето време; за книга која ја преобразила американската младина; која извршила огромно влијание врз една цела генерација во САД во младинската супкултура; и која претставува еден од најголемите пресвртни точки на нашето време. Според критичарите, романот претставува сага за бранот на младоста во Америка, за патувањето по сојузните патишта, за истражувањето на полноќните улици на велеградовите, за учењето и запознавањето на големата земја. Ова дело е експлозија на свеста — пат кој го отвора умот за емоцијата и сензацијата, алкохолот, дрогата и сексот, философијата на искуството и поетиката на живеењето.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Džek Keruak, Na putu. Novi Sad: Književna zajednica Novog Sada, 1988, стр. 7-125.
  2. Džek Keruak, Na putu. Novi Sad: Književna zajednica Novog Sada, 1988, стр. 127-203.
  3. Džek Keruak, Na putu. Novi Sad: Književna zajednica Novog Sada, 1988, стр. 205-280.
  4. Džek Keruak, Na putu. Novi Sad: Književna zajednica Novog Sada, 1988, стр. 281-340.
  5. Džek Keruak, Na putu. Novi Sad: Književna zajednica Novog Sada, 1988, стр. 341-346.
  6. Džek Keruak, Na putu. Novi Sad: Književna zajednica Novog Sada, 1988.