Тајната интеграција

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Тајната интеграција“ — збирка раскази на американскиот писател Томас Пинчон. Збирката е објавена во 2004 година од издавачката куќа Темплум и претставува скратено издание (без расказот „Ситниот дожд“) на збирката „Бавниот ученик“ (Slow learner) од 1984 година. Преводот е дело на Никола Гелевски и Жарко Јордановски.[1][2]

Технички податоци[уреди | уреди извор]

Книгата е објавена како 21 книга на библиотеката „Магма“. Таа е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 191 страница. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи ознаката ISBN 9989-902-45-3. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“, а книгата е испечатена во печатницата „Винсент графика“. Автор на сликата на корицата е Гада Амер, а на задната корица се наоѓа мал осврт кон авторот.[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката содржи четири раскази:

  • Ентропија: Во февруари 1957 година, Митбол Малиген веќе два дена прави забава во својот стан во Вашингтон. Меѓу другите, на забавата е присутен неговиот другар Калисто, кој во прегратката држи птица со намера да ја стопли. По некое време, во станот доаѓа уште еден пријател на Митбол — Сол, кого го напуштила сопругата по една кавга. Наскоро, во станот влегува и група морнари кои слушнале дека тука се одвива добра забава. По некое време, морнарите започнуваат тепачка, но Митбол успева некако да ги смири присутните. Најпосле, птицата на Калисто умира, а неговата девојка Обад со рака го крши прозорското стакло.[4]
  • Под розата: Парпентајн е англиски шпион на задача во Александрија, кој е во постојана борба со противничкиот шпион Молдверп кој работи за германската влада. Неговиот колега Гудфелоу го запознава со девојката Викторија Рен, со нејзиниот татко и сестра ѝ, а наскоро го запознава и археологот Бонго-Шафтсбери. Утредента, сите заминуваат со воз за Каиро, каде Гудфелоу и Викторија стапуваат во љубовна врска. Во театарот, Парпентајн открива дека Бонго-Шафтсбери е еден противничките шпиони. Притоа, Парпентајн и Гудфелоу се уапсени, но тие лесно ги онеспособуваат полицајците и се враќаат во театарот, каде Парпентајн пука кон шпионите. Таму, тој го среќава шефот на противничките шпиони — Молдверп, кој заедно со Бонго-Шафтсбери и друг шпион бега од театарот. Тогаш, Парпентајн и Гудфелоу тргнуваат во потера по нив, а патем им се придружува и Викторија. Потерата завршува кај Кеопсовата пирамида, каде Парпентајн се соочува со противничките шпиони кои го убиваат, додека на Гудфелоу и Викторија им дозволуваат да си заминат. Шеснаесет години подоцна, поради предупредувањето дека е можен атентат врз престолонаследникот Франц Фердинанд, Гудфелоу доаѓа во Сараево со цел да ја спречи катастрофата што му се заканува на светот.[5]
  • Нозоземје: Еден ден, Денис Фленџ решава да не оди на работа, туку да го помине денот во друштво на ѓубреџијата Роко со кого слушаат музика и пијат. Тој е веќе седум години во брак со Синди, а живеат на морскиот брег во Лонг Ајленд. Денис редовно го посетува својот психијатар, а единствената утеха му е морето при што во текот на три години служел на еден воен брод. Кога на вратата се појавува неговиот стар другар Пиг Бодајн, Синди ги брка тројцата надвор од куќата и Роко ги носи на градскиот отпад кај својот пријател, чуварот Болингброун, кој ги прима Денис и Пиг да преспијат. Ноќта, тие пијат и раскажуваат приказни, а доцна во ноќта Денис го буди непознат женски глас. Тој излегува надвор и ја среќава Нериса, Циганка која е висока само еден метар. Таа го води со себе низ отпадот, па низ подземни ходници и така пристигаат до нејзиниот дом, каде живее со еден стаорец. Нериса го моли да остане со неа, а Денис прифаќа.[6]
  • Тајната интеграција: Тим Сантора, Гровер Шуд, Хоган и Етјен се четири деца кои имаат тајна дружина. Еден дождлив октомвриски ден, тие се собираат кај Гровер, кој е најстарото и најумното дете, каде се договараат за Операцијата Спартак, а потоа одат надвор до градот, во големата напуштена куќа која им служи како скривалиште. Од таму, Тим и Хоган одат во хотелот за да му помогнат на еден алкохоличар-Црнец, господинот Мекејф. Додека тие разговараат со него, во хотелската соба пристигаат и Гровер и Етјен и сите го убедуваат да се откаже од пиењето. Него го фаќа криза и ги замолува децата да ѝ телефонираат на Џил, жената со која живеел во минатото, но тогаш во собата доаѓаат двајца полицајци кои го притвораат Мекејф како скитник. По неколку дена, дружината собира повеќе деца со маски и ги заедно ги плашат патниците на еден воз. Летото, во нивната населба се доселува црнечко семејство, а нивните родители негодуваат против тоа, додека дружината на Тим другарува со измисленото црно другарче Карл. Еден ден, родителите на децата го фрлаат отпадот пред куќата на црните соседи, а децата стануваат свесни за расната нетрпеливост.[7]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во поговорот кон збирката „Бавниот ученик“, Пинчон соопштува дека повеќето од расказите биле напишани во 1958-1960 година, додека тој бил студент, додека расказот „Тајната интеграција“ го напишал во 1964 година, кога веќе бил зрел писател. Според неговото признание, кога повторно ги прочитал своите први раскази, тој извикал: „О, боже!“, проследено со физички симптоми, а потоа помислил одново да ги напише расказите. Тој ги предупредува читателите дека расказите се претенциозни и приглупи и дека во нив има многу почетнички и здодевни пасуси, па така, нивната корист се состои во тоа што можат да послужат како илустрација типичните почетнички проблеми при пишувањето проза и како предупредување за некои пропусти што треба да ги избегнуваат младите писатели. На пример, неговите адолесцентски сфаќања за вредностите го уништиле симпатичниот лик на Денис Фленџ во „Низоземје“, кој повеќе е скица за лик отколку расказ. Бидејќи во тоа време Пинчон немал брачно и родителско искуство, во ликот на Фленџ тој ги одразил тогашните машки сфаќања застапени во списанието „Плејбој“. Според Пинчон, расказот воопшто не требало да биде приказна за Фленџ, кој бил замислен како спореден лик, а главниот лик требало да биде Пиг Бодајн, насликан според вистински морнар од времето кога Пинчон служел во американската воена морнарица. Притоа, одбивното ниво на прото-фашизам, расизам и вулгарност со кое се одликува ликот на Бодајн, всушност, ги одразува тогашните ставови на Пинчон. Незадоволството на Пинчон уште повеќе се однесува на расказот „Ентропија“, кој го нарекува пример за процедурална грешка на писателите-почетници. Темата во овој расказ е преземена од книгите „Човечката употреба на човечките суштества“ на Норберт Винер и „Образованието на Хенри Адамс“. Според признанието на авторот, и во овој расказ ликовите испаднале вештачки и недоволно живи, а освен тоа, расказот е преопширен со голем број непотребни зборови преземени од разни лексикони за кои верувал дека ќе предизвикаат ефект, иако не знаел што значат. Главниот извор на информации за Египет, искористени во расказот „Под розата“, бил туристичкиот водич на Бедекер од 1899 година, кој Пинчон го пронашол во библиотеката на Универзитетот Корнел. Според него, и во овој расказ е присутен истиот проблем како во „Ентропија“ — почнување со нешто апстрактно, а дури потоа развивање на ликовите и на содржината, така што и овој расказ претставува само почетнички обид. При неговото пишување Пинчон бил под големо влијание на Џон Бакен, Едмунд Вилсон, Макијавели и неколку други автори. Според признанието на Пинчон, освен со бледата добронамерност, овој расказ не му е толку здодевен како претходните раскази, зашто во него ликовите се подобри и не се толку вкочанети, иако останува проблемот со дијалозите, полни со стереотипни и неавтентични „духовити“ изрази. Името на главниот лик Порпентајн е преземен од „Хамлет“, а уште едно влијание е она на надреализмот. Најпосле, Пинчон признава дека расказот „Тајната интеграција“ повеќе му се допаѓа токолку што не му се допаѓа, иако и тој се одликува со произволно компонирани сцени со нееднаков квалитет. Исто така, во расказот има повеќе непотребни надреалистички делови.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 3-4.
  2. „Белешка за авторот“, во: Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 191.
  3. Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 2.
  4. Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 7-28.
  5. Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 29-74.
  6. Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 75-100.
  7. Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 101-163.
  8. Томас Пинчон, „Наместо поговор“, во: Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 165-185.