Грб на Нов Зеланд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Грб на Нов Зеланд
Варијанти

Грбот по стар стил (1911 - 1956)
Подробно
ГрбоносецЕлизабета II, Кралица на Нов Зеланд
Усвоен1911 (1956)
ЧеленкаКруна на Св. Едвард
ШтитТри брода, Јужниот Крст, Руно, Сноп жито и вкрстени чекани
ДржачиЕвропска жена и Маорски поглавар
ПодножјеДва листа сребрена папрат
Мотоанглиски: NEW ZEALAND

Грбот на Нов Зеланд е официјален симбол на Нов Зеланд. Првиот грб бил доделен од кралот Џорџ V на 26 август 1911, додека моменталната верзија била доделена од кралицата Елизабета II во 1956.

Историја и дизајн[уреди | уреди извор]

Сѐ до 1911, Нов Зеланд се служел со грбот на Обединетото Кралство. Кога во 1907 г. Нов Зеланд станал доминион, било решено дека треба да се има свој грб, па така се одржал конкурс на грбови. Од добивањето на сопствен грб во 1911, па до денес, грбот на Нов Зеланд останува многу сличен, со мали промени во 1956.

Уште од 1911, штитот е непроменет: поделен е на четири дела, каде во првиот стојат четири ѕвезди кои го симболираат соѕвездието Јужен Крст, како што е прикажано на државното знаме, но ѕвездите се со поинакви пропорции; во вториот дел стои златно руно кое го симболизира сточарството; во третиот дел стои сноп жито кое го симболизира земјоделството; на четвртиот пак, стојат два вркстени чекани кои го претставуваат рударството. По средината вертикално (како ординарија) лежи бел широк појас, со три бродови кои ја симболизираат важноста на поморската трговија, како и доселеничкото потекло на Новозеланѓаните.

Пред 1956 г. штитот бил сосем ист, но неговото окружување било поинакво. Челенката била полулав (горната половина од буен лав) кој го држел британското знаме, а на подножјето на штитот имало лента со државното мото „Onward“ (Напред). Наместо листови папрат имало стилизирани завои.

Првичните штитодржачи исто така по малку се разликувале. Жената имала црвенкасто-кафена коса, а двете фигури гледале напред наместо во штитот. Иако не постојат непосредни документарни докази, веројатно е дека модел за жената на грбот била велингтонската џетсетерка Алис Спрег. Моделот за маорскиот воин е непознат.

Штитот денес го држат две фигури, русокоса европска жена која го држи новозеландското знаме, и маорски воин кој држи таиаха (маорско церемонијално копје). Врз штитот стои круната на Св. Едвард, а под штитот има два сребрени папрата и лента со зборовите „New Zealand“ (Нов Зеланд).

Според биографијата на поранешниот премиер на Нов Зеланд, Сер Џон Маршал, жената на обновениот грб била нацртана според ликот на Грејс Кели, неговата омилена глумица.

Грбот е основа за кралскиот стандард на Кралицата на Нов Зеланд.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]