Гимнастика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Разни гимнастички дисциплини

Гимнастикаспорт во кој се изведуваат физички вежби за кои е потребна комбинација на физичка сила, брзина и кондиција. Во современата гимнастика се изведуваат вежби на разбој, греда, партер, коњ со рачки и без рачки (прескок), кругови и вратило. Гимнастиката се развивала врз основа на вежби кои се изведувале во античко време, како јавнување и симнување од коњ и циркуски вештини. Раководниот орган на гимастиката во Македонија е Федерацијата на гимнастички спортови (ФГСМ).

Етимологија[уреди | уреди извор]

Зборот гимнастика потекнува од грчкиот збор γυμναστική(гимнастике) што значи „фонд на физички вежби“[1], од γυμνάσια (гимназија) што значи „вежба“[2] и γυμνός (гимнос) што значи „гол"[3], бидејќи физичките вежби се изведувале со голо тело.

Историја[уреди | уреди извор]

Стар век[уреди | уреди извор]

Гимнастиката за прв пат се појавила во Египет, но тогаш се сметало дека тоа биле само акробации. Во 2 милениум п.н.е. на островот Крит, како дел од минојската култура многу мажи и жени почнале да скокаат преку бикови. Ваквата опасна вежба се состоела во скок кон бикот кој е во фаќање, држење и испуштање од неговите рогови по што следувале акробации во воздух.

Во римската држава гимнастиката исто така била популарна како и во стара Грција, а таа главно се практикувала во подготвувањето на војската. Со укинувањето на Античките олимписки игри во 393 година од страна на римскиот император Теодосиј Велики, гимнастиката како и останатите спортови останала заборавена со векови.[4]

Современа гимнастика[уреди | уреди извор]

Во 1774, Прусот Јохан Бернард Базедов вовел неколку телесни вежби во рамките на наставата во училиштето во Саксонија во коешто работел. Од тој момент започнува осовременувањето на гимнастиката. Во германските држави спортот брзо се развивал. Започнале да се создаваат и првите помагала, а пионери во тоа биле Швеѓанецот Јохан Фридрих Гуц Мут (1759-1839) и Фридрих Лудвиг Јан (1778-1852). Јан создал и неколку техники од кои произлегле и денешните вежби (вратило, разбој, греда, скокови). Швеѓанецот Пер Хенрик Линг воведува и вежби со кругови, стапови и топчиња каде што се важни ритамот и координацијата. Во Европа, првиот клуб е отворен во Берлин во 1881 година, а во САД, овој спорт бил актуелизиран пред граѓанската војна од страна на Дадли Ален Сарџент кој бил учител по гимнастика на неколку американски универзитети. Но, сепак слободно може да се каже дека во САД гимнастиката била пренесена од емигрантите од Европа.

Во современата гимнастика исклучени се способностите трчање, пливање и подигање тегови кои биле дел од гимнастиката во античко време.

Првите натпреварувања[уреди | уреди извор]

Се смета дека првиот гимнастички натпревар на помагала се одржал во 1877 година во Австро-Унгарија (поточно во Чехословачка). Во 1888 е создаден и Меѓународната гимнастичка федерација (ФИГ). Седиштето на овој сојуз е во Швајцарија, а во него членуваат повеќе од 150 земји. Со неговото создавање започнале да се осмислуваат гимнастичките дисциплини и помагалата кои се потребни за нив.

Гимнастиката како олимписки спорт[уреди | уреди извор]

Настап на женскиот гимнастичка екипа на Велика Британија на Летните олимписки игри - 1908 во Лондон.

Гимнастиката била планирана и се реализирала како спорт од олимписката програма на првите современи Летни олимписки игри 1896 година во Атина. Оттогаш, па до денес, гимнастиката редовно е вклучена во олимписката програма. Мажите настапувале уште од првите современи олимписки игри, а жените тоа го сториле дури на Летните олимписки игри - 1928 одржани во Амстердам.

Натпреварите во гимнастика во XX век и денес[уреди | уреди извор]

На почетокот на минатиот век, во 1903 одржано е Првото светско првенство во гимнастика во Антверпен. Првото европско првенство се одржало во 1955 во Франкфурт. Како и на олимписките игри, така и на овие големи натпреварувања на почетокот учествувале само мажите. Жените на светските првенства за прв пат настапиле на првенството одржано во 1934 во Будимпешта, а на европските, на првенството одржано во 1957 година во Атина.

Форми[уреди | уреди извор]

Спортска гимнастика[уреди | уреди извор]

Во артистичката гимнастика постојат натпреварувања во машка и женска конкуренција. Мажите се натпреваруваат во 6 дисциплини: партер, кругови, вратило, разбој, коњ со рачки и прескок; а жените во 4: партер, греда, двовисински разбој и прескок.

Женски дисциплини[уреди | уреди извор]

Даниеле Хиполито на Панамериканските игри во 2007 година
Прескок : Во прескок, гимнастичарките трчаат 25m (околу 82 стапки) до прескочниот коњ или отскочна табла од која држејќи се со рацете изведуваат вежба во воздух префрлајќи се од другата страна на помагалото. Егзибицијата во воздух може да вклучува едно или две повеќекратни салта или култови, или пак може да биде само вртење на воздух. При доскокот многу е важно гимнастичарката стабилно да застане со две нозе, бидејќи во спротивно тоа се казнува од страна на судиите.
Во 2001 година, старото помагало „коњ“ беше заменето со ново, отскочна табла која е поцврста, постабилна и со поголема површина (1m со 1m) и овозможува поголема стабилност и сигурност при изведувањето на прескокот. Со оваа промена на помагалото, гимнастичарите се обидуваат да изведат посложени и потешки вежби.[се бара извор]
Двовисински разбој : Во дисциплината двовисински разбој, гимнастичарките изведуваат вежби на две хоризонтални шипки со различна висина којашто е фиксно утврдена за разлика од растојанието помеѓу нив кое може да биде различно. Гимнастичарките на шипките се нишаат, кружат, поместуваат, движат под и над шипката и скокаат од една на друга за време на својот настап којшто го завршуваат со скок со кој потребно е да се приземјат со двете нозе. Гимнастичарките често се качуваат на шипките користејќи помошна даска.
Греда : На греда гимнастичарките во рок од 60 до 80 секунди изведуваат разни скокови, движења, вежби и акробации. Според Меѓународната гимнастичка федерација, гредата треба да биде долга 500cm, широка 10cm и поставена на висина од 125cm. За настап на греда потребна е рамнотежа, флексибилност и сила.[5]
Партер : Оваа дисциплина се состои од вежби на партер во форма на квадрат со димензии 12m со 12m во рок од 70 до 90 секунди кои гимнастичарките ги изведуваат со придружба на музика.

Машки дисциплини[уреди | уреди извор]

Партер : Како и гимнастичарките така и гимнастичарите во оваа дисциплина изведуваат вежби на партер во форма на квадрат со димензии 12m со 12m, но во пократок рок од 60 до 70 секунди. Исто така, тие настапуваат и без придружба на музика. Правилата велат дека гимнастичарот при својата вежба на партер смее само еднаш да биде во аголот на квадратот.
Момче настапува на коњ со рачки
Коњ со рачки : Оваа дисциплина е една од најтешките во гимнастиката. Таа се изведува на помагалото коњ со рачки кое е долго 163cm и е поставено на висина од 110cm. Гимнастичарот со двете раце се држи за рачките или на самото помагало и изведува кружни движења и движења со своите нозе. Вежбата завршува со акробација во воздух и доскок кој треба да биде стабилен со двете нозе. Оваа дисциплина најверојатно настанала со цел да се проверат способностите на идните коњаници. За оваа дисциплина потребна е сила, брзина, издржливост и добра подготвеност.
Кругови : Круговите се помагала поставени на висина од 250cm, а се со должина од 325cm, односно се заврзани на висина од 575cm од подот. Растојанието помеѓу круговите е 50cm. На нив гимнастичарите, држејќи се со двете раце изведуваат различни вежби со движење на своите нозе и превртувања. За дофат на високопоставените кругови, гимнастичарите се подигнуваат од друго лице. За време на вежбата, круговите не смеат да се нишаат, што бара голема сила и издржливост. Вежбата на овие помагала завршува со доскок.
Прескок : Прескокот гимнастичарите го изведуваат со помош на коњ без рачки или отскочна плоча до којашто стигнуваат со трчање на растојанието долго 25m. Држејќи се со рацете за помагалото, гимнастичарите со скок, во воздух изведуваат вежба која содржи повеќекратни салта или пак само вртење. Вежбата завршува со доскок од другата страна на помагалото којшто треба да биде стабилен. Многу е важна и поставеноста на рацете и рамената, како и целосната рамнотежа на телото од што всушност и зависи квалитетот на изведените акробации.
Изведување вежба на вратило
Разбој : Дисциплината разбој содржи вежби кои главно се состојат од скокови во воздух, кружења, поместувања и движења под и над две паралелно поставени шипки на утврдена висина од 175cm.
Вратило : Ова е најспектакуларната од шесте машки дисциплини. Се изведува на пречка во форма на шипка со должина од 240cm и поставена на висина од 255cm. За да се фатат на неа, гимнастичарите се помогнат со кревање од друго лице, слично како и во дисциплината кругови. На пречката, тие изведуваат различни вежби: поместувања, вртења, скокови, салта и др.

Ритмичка гимнастика[уреди | уреди извор]

Ритмичка гимнастика

Ритмичката гимнастика е нова гимнастичка форма којашто се развила во последно време и стана многу популарна. Во неа настапуваат само жените, но постои и ритмичка гимнастика во машка конкуренција со потекло од Јапонија. Изведбата е на поголема површина од партерот, а гимнастичарките со придружба на музика која може да има вокали, но не и зборови и со помош на хулахопи, ленти, топки и јажиња го имаат својот настап. Изведбата е групна, а настапот се оценува од судиите со максимални 20 поени.

Скокови на трамбулина[уреди | уреди извор]

Скоковите на трамбулина се нова гимнастичка дисциплина која првото светско првенство го има доживеано во 1964 година, а од неодамна е и дел од олимпиоската програма. Скоковите се изведуваат во 4 видови на натпревари: поединечни, синхронизирани, мини двојни и моќни превртувања; но само поединечните скокови се дел од олимписката програма. Во индивидуалните скокови на трамбулина, гимнастичарот изведува 10 последователни скокови без пауза со кои би добил висина за да може да започне со изведбата на вежбата. Настапот се оценува со максимални 10 поени, а можни се и се доделуваат додатни поени во зависност од квалитетот на изведбата. Синхронизираните скокови се изведуваат слично со тоа што и двајцата натпреварувачи треба да имаат синхронизирани движења, како би добиле подобри оцени. Во мини двојните скокови, скоковите се изведуваат на помала трамбулина со загревање. Се извршуваат две движења, а оцените се доделуваат на сличен начин како и кај индивидуалните скокови. Во моќно превртување, гимнастичарите изведуваат моќни скокови, превртувања и движења на свиткана подлога. Оценувањето е слично како кај индивидуалните скокови.

Корективна гимнастика[уреди | уреди извор]

Корективната гимнастика содржи повеќе вежби кои ги изведуваат лица на сите возрасти со цел да ги отстранат деформитетите на своето тело. Повеќе луѓе вежбаат заедно во групи од 6, па и над 150 луѓе. Вежбите се изведуваат синхронизирано и се категоризирани. Групите може да бидат составени од лица од ист пол, но најчесто се мешани. Најголем настан е Светската гимнаестрада која за прв пат се одржала во 1939 година и се одржува на секои 4 години.

Аеробичка гимнастика[уреди | уреди извор]

Аеробичка гимнастика (порано позната како Спортска аеробика) е вид на гимнастика во кој групи од повеќе од 6 лица изведуваат вежби за чијашто изведба е потребна сила, флексибилност и издржливост и се менуваат на секои 60 до 90 секунди.

Акробатска гимнастика[уреди | уреди извор]

Акробатска гимнастика (порано позната како Спортска акробатика), или акроспортови е вид гимнастика во кој се натпреваруваат мажи и жени во парови од по двајца, тројца или четворица при што изведуваат вежби со главата, рацете и нозете на своите партнери. Може да се избере и сопствена музика, но лириката е забранета. Натпреварувачите се натпреваруваат во А и B категорија, а потоа во нивоата 1, 2, 3, 4 и 5; од 3, 4 и 5 две рутини се постигнати, баланс и темпо.

Екипна гимнастика[уреди | уреди извор]

Екипната гимнастика потекнува од Скандинавија и овој вид на гимнастика бил на некои големи настани повеќе од 20 години.[се бара извор] Екипите се составени од 6 до 12 членови, мажи или жени или мешано. Настапуваат во 3 дисциплини: партер, трампета и превртување.

Во натпреварите на трампета и во превртување настапуваат 6 членови од екипата. Тие ги покажуваат своите способности еден по друг многу брзо. За најдобар се оценува последниот потег. На партер се настапува со придружба на музика.

Партер:Настапуваат сите членови на екипата. Станува збор за мешавина од танцување, флексибилност и вештини. Потребна е категоризација во вештините, а судиите обрнуваат внимание на промените во острината. Потребно е да има барем 2 брана со тело, едно вртење, 2 баланси и неколку останати гимнастички акробации. Изведбата е придружувана со музика.
Трампета:Во оваа дисциплина се користи трампета. Има две компоненти прескок и самата трампета. Постојат вкупно 3 дела, а само еден треба да биде прескок. Останатите делови треба да го содржат истиот потег од сите гимнастичари. Така е најчесто во првиот дел. И тука изведбата е со придружба на музика.
Превртување: И тука има 3 делови. Едниот вклучува предни серии изведувани од сите 6 гимнастичари. Останатиот дел исто така треба да содржи елементи кои сите гимнастичари ги изведуваат, а секоја серија мора да има најмалку 3 различни акробации.

Оценување според ФИГ[уреди | уреди извор]

Правилник[уреди | уреди извор]

ФИГ има свој правилник за оценување чијашто основна цел е објективност во вреднувањето на вежбите, но исто така и сигурност во препознавањето на најдобриот натпреварувач, како и насочување на тренерите и гимнастичарите во креирањето на вежбите. Судиите формираат комисија која се состои од претседател, членови на А комисија (2), членови на В комисија (6), додатни судии и помошници (линиски судии на партер, мерач на време, администратор, оперативец за пресметка и др. што зависи од натпреварувањето, а да биде според правилникот на ФИГ). За сите судии постои процедура како се избираат, но откако ќе бидат именувани остануваат во тој состав до крајот на натпреварувањето. Големината на комисијата може да биде различна на натпреварувања од различен карактер. Во таков случај се применува правилото на дозволена разлика на средна вредност. На натпреварувањата со помалку од 4 судии, членови на В комисија, разликата помеѓу средните оцени не смее да биде поголема од:

>0,00 – 0,40 (0,10)
>0,40 – 0,60 (0,20)
>0,60 – 1,00 (0,30)
>1,00 – 1,50 (0,40)
>1,50 – 2,00 (0,50)
>2,00 (0,60)

Задачи за судиите на помагала[уреди | уреди извор]

Задачи на претседателот:

  • ја координира и надгледува работата на сите членови на комисијата од судии на помагала;
  • посредува помеѓу комисијата за помагала и претседателот на натпреварувањето;
  • се грижи за ефикасноста на натпреварувањето на помагалото за кое е надлежен, вклучувајќи го и времето за загревање;
  • дава знак за почеток на натпреварувањето кое мора да започне најдоцна 30 секунди по дадениот знак;
  • го потврдува крајот на изведената вежба;
  • активно и објективно дава почетна оцена за вежбата на помагалото за кое е надлежен на начин како и комисиите А и В;
  • ги потврдува сите оцени, како и конечната;
  • се грижи натпреварувачот да добие објективна оцена ( да е во согласност со правилникот и со одобрување на претседателот на натпреварувањето којшто може да казни и некои необјективни судии);
  • Посредува помеѓу двата члена на комисијата А во одредувањето на оцената доколку тие не можат да се сложат;
  • одредува казни и одземање на поени доколку натпреварувачот направи грешка (излезе од партер или направи дисциплински прекршок) во согласност со правилникот;
  • го применува правилникот во поглед на почитувањето и конзистентноста на судиите.

Од двата члена на комисијата А, еден е технички асистент именуван од ФИГ. Неговите задачи се:

  • му помага на претседателот на комисијата за помагала и е координатор на комисијата А;
  • го известува претседателот за посебни вредности и останати одземања од почетната оцена;
  • дава почетна оцена и го известува претседателот дека членовите на комисијата А не можат да се согласат околу нејзиното одредување;
  • на крајот од натпреварувањето поднесува извештај до претседателот во врска со евентуални проблеми;
  • во рок од 2 месеца по натпреварувањето на еден службеник на ФИГ му го поднесува извештајот од претседателот на комисијата за помагала со содржина од сите вежби кои ги судел.

И двата члена на комисијата А работат независно, но може да се договараат. Нивни задачи се:

  • оценување на содржината на вежбите и вреднување на сите елементи согласно одредбите;
  • за правилно да ја извршат својата задачи, мораат точно да ја забележат содржината на вежбата.

Членовите на комисијата В своите мислења ги донесуваат независно од другите судии. Секоја оцена се изнесува 10 секунди по завршувањето на вежбата и тоа така што другите судии не би ја забележале оцената. Членовите на комисијата В ги оценуваат сите елементи на изведената вежба и одредуваат намалување на оцената поради техничките и естетски грешки.

Линиските судии мораат да го известат претседателот на комисијата за помагала доколку воочат некој прекршок, а за истото треба да поднесат и писмен извештај.

Оценување на вежбите[уреди | уреди извор]

За сите помагала одредени се две посебни комисии (А и В). Комисијата А го проценува квалитетот, тежината на вежбата, посебните вредности и дава додатни поени. Исто така, таа ја одредува и почетната оцена на вежбата, започнувајќи од 0,00 поени. Комисијата В пак ја оценува изведбата на вежбата (техниката и поставеноста на телото). Оценувањето од страна на судиите започнува со оценката 10,00 од која се одбиваат поени поради направените грешки кои можат да бидат изразени во десетинки или стотинки (пр.0,1 или 0,01). Највисоката и најниската оцена се одбиваат, а од останатите оцени се пресметува аритметичка средина. Конечната оцена е збир на оцените на комисиите Аи В.

Судијата ја вреднува техниката и разновидноста на елементите на вежбата. Секое помагало има 5 елементи означени со I, II, III, IV и V. Секој натпреварувач во својата изведба мора да внесе најмалку по еден од секој елемент што комисијата А го наградува со 0,50 поени. Доколку елементот недостасува, истата комисија тоа го казнува со одземање на поени. Оваа комисија натпреварувачите ги наградува со додатни поени за изведба на тешки вежби без големи грешки.

Еден елемент во една вежба не смее да се повторува освен ако вежбата не е прекината надвор од контрола на натпреварувачот. Ако натпреварувачот падне од помагалото може да избере дали ќе ја понови вежбата или не. Елементот не смее да се повторува со цел да се оневозможи зголемување на тежината на вежбата и додатни поени од еден ист изведен елемент. Ова правило се применува и на поврзани елементи (освен коњ со рачки и кругови).

Комисијата В ги оценува техничките и естетските грешки кои може да бидат мали, средни и големи. Вредноста на одбивањето на поени е секогаш ист во зависност од карактерот на грешката, а независно од тежината на вежбата:

мала грешка – 0,10
средна грешка – 0,30
голема грешка – 0,50
пад од помагало – 0,80

Тренинг[уреди | уреди извор]

Гимнастичарите со спортот гимнастика започнуваат да се занимаваат уште како деца. Тоа е така поради држењето на ‘рбетот кај децата кој има пресудна улога во понатамошниот развој на телото. Гимнастичарите мора да бидат лесни, не многу високи, физички цврсти, брзи, силни и добро кондиционо подготвени. Врвните резултати во гимнастиката не се постигнуваат подеднакво кај мажите и кај жените. Гимнастичарите своите најдобри резултати може да ги постигнат како и кај повеќето физички спортови, за разлика од гимнастичарките кај кои врвната форма трае сè до 25-тата година, а подоцна опаѓа. Во развојот и напредокот на еден гимнастичар исто така голема улога игра и тренерот кој мора да биде стручен и кадарен. Тренингот на еден гимнастичар е долг, исцрпувачки и за да се совлада техниката потребен е многу поголем вложен труд за разлика од кај некои други спортови.

Опрема[уреди | уреди извор]

Гимнастичарите се облечени во тренерки и маичка без ракави, а носат и чорапи и имаат обуено патики, но може и да настапат боси. Гимнастичарките пак се облечени во трико и тие носат чорапи и имаат обуено патики без кои можат да настапат и тие.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Гимнастика“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).



Ова е избрана статија. Кликнете тука за повеќе информации.
Одлична статија Статијата Гимнастика е избрана статија на порталот за спорт за јули 2008.
Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија.