Византиска кујна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Византиска кујнахраната присутна на територијата на Византија во текот на нејзиното постоење, која преставувала мешавина од римската гастрономија. Со подемот на царството и меѓународната трговија, оваа кујна се збогатила со разни зачини, шеќер и нови видови зеленчук.

Готвачите испробувале нови храни и со време настанеле два стила: источниот (малоазиски и источноегејски), кој се состоел од византиските јадења дополнети со разни производи на трговијата и поедноставен месен стил според народните кујни во разните краишта на царството.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Византиски садови од IX-XIII в.

Исхраната на населението во Византија се разликувала според сталежот. Царскиот дворец бил центар на зачините и егзотичните јадења; гостите се послужуваче со овошје, колачи со мед и слад. Обичниот народ јадел попроста храна. Кај него, главни биле лебот, зеленчукот, легумите и житарките, подготвени на разни начини. Салатите биле многу застапени низ целото општество; при посетата на царот Јован VIII Палеолог на Фиренца во 1439 г., домаќините биле вчудоневидени кога царот побарал да му се послужува салата со јадењето.

Се произведувале разни видови сирење, претежно бело. Се јаделе и школки и риби од морски и слатководен тип. Од јајца се правеле познатите омлети за кои напишал Теодор Продром. Секое домаќинство чувало живина.

Благородништвото јадело дивеч фатен во лов со загари и јастреби, но и со разни стапици. Поголемите животни биле поскапи и поретки како храна. На почетокот на зимата, народот колел свињи и месото го ставал во саламура, во маст и правел колбаси.

Само високата средна класа и погорните сталежи можеле да си дозволат јагнешко месо. Говедското ретко се јадело бидејќи говедата се чувале за орање. Средната и нижите класи во градовите како Цариград и Солун јаделе во крчми. Храната најчесто се приготвувала во вариво, а како додаток нашироко бил застапен солениот рибин исцедок гар и течноста „мури“, ферментирана од јачмен слично на соиниот сос во азиските кујни. Италијанскиот дипломат Лиутипранд Кремонски во служба на Отон I ја опишува храната како прелиена со „многу лош рибин напиток“[1], каде мисли на гарот.

Многу проучувачи се на ставот дека византиските јадења од кори „коптоплак“ и „плакутна тетиромен“ се претходници на денешните баклава и бурек.[2][3][4]

Благодарение на местоположбата на Византија долж најзначајните трговски патишта, кујната претрпела влијанија од разни краишта како лангобардска Италија, Персија и Арапското царство. Оваа мешавина на влијанија продолжила и во османлиско време, па се прелеала во турската, македонската, арапската, грчката и другите балкански кујни кои се мошне слични една на друга.

Пијалаци[уреди | уреди извор]

Византиско шише, VI в.

Главен пијалак во Византија било виното. Најценети биле вината од Македонија, кои ги купувале високите сталежи. За време на крстоносните војни и по нив, скапите византиски вина биле омилени на западноевропските елити. Најпознат пример на вакво скапо вино кое се прави и денес е командаријата од Кипар, која се служела на свадбата на англискиот крал Ричард Лавовско Срце.[5] Други познати извозни сорти биле критските мускати, т.н. „ромејско вино“ (кое се правело во Метони, западен Пелопонез) и малвазијата (веројатно од Монемвазија). Покрај ова, на трпезите се служело и денес познатото вино рецина, збогатено со борова смола. Ова вино им било мошне чудно на странските посетители, што може да се утврди од реакцијата на Луитпранд при неговата посета на Цариград во 968 г.[6]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  • Dalby, Andrew (2003), Flavours of Byzantium, Totnes, England: Prospect Books, ISBN 1-903018-14-5

Надворешни врски[уреди | уреди извор]