Блицкриг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Војна

Александар III МакедонскиАлександар СуворовТенк Т-34

Воена историја по доба
Портал „Војна“  

Блицкриг (германски: Blitzkrieg, во буквален превод „секавична војна“) ― термин кој се користи за да се опише ненадеен напад со користење на бројчано надмоќни и мобилни (оклопни и моторизирани или механизирани) пешадиски формации, во комбинација со непосредна воздушна поддршка, со цел да се пробијат одбранбените линии на противникот, или за да го оневозможат да постави кохерентна одбрана навреме.[1] [2] [3] [4]

За време на инвазијата на Полска, западните новинари го усвоиле терминот блицкриг за да ја опишат оваа форма на оклопно војување.[5] Терминот се појавил во 1935 година, во германскиот воен магазин Deutsche Wehr (Германска одбрана), и се поврзувал со брза или молскавична војна.[1] Според написот, неразвиените и сиромашните држави треба да се стремат „ненадејно да војуваат, и да се обидат да ја решат битката уште од самиот почеток, користејќи ја целосната своја борбена моќ“. Подетална анализа може да се најде во една статија објавена во Military Weekly во 1938 година.

Поради успешните германски маневрски операции во кампањите од 1939-1941 г., терминот Блицкриг во 1940 г. бил често користен во западните медиуми.[1] [6] Блицкриг операциите успевале поради ненадејните пробиви (на пр. пробивот во шумскиот регион на Ардените), општата неподготвеност на непријателот и нивната неспособност да одговараат на темпото на германскиот напад. За време на битката кај Франција, Французите се обиделе повторно да формираат одбранбени линии покрај реките, но биле фрустрирани кога германските сили први пристигнаа и продолжиле понатаму.[6]

И покрај тоа што зборот бил вообичаен во германското и англиското новинарство за време на Втората светска војна, Вермахтот, освен за пропаганда не го користел зборот блицкриг како официјален воен термин.[1] Според Дејвид Рејнолдс, „ самиот Хитлер терминот Блицкриг го нарекол „целосно идиотски збор“ (ein ganz blödsinniges Wort )“. [7] Одредени високи офицери, како Курт Штудент, Франц Халдер и Јохан Адолф фон Килмансег, не ни сметаат дека е тоа воен концепт. Килмансег тврдел дека она што многумина го сметаат за блицкриг не е ништо повеќе од „ад хок решенија кои се носат во дадена ситуација“. Штудент го опишал како идеи кои „природно произлегуваат од тековните околности“ како одговор на оперативните предизвици.[1]

Во 2005 година, историчарот Карл-Хајнц Фризер блицкриг војувањето накратко го опишал како резултат на користење на најнова технологија на најповолен начин според традиционалните воени принципи од страна на германските команданти и користење на „вистински единици на вистинско место во вистинско време“. [1] Современите историчари Блицкриг го разбираат како комбинација на традиционалните германски воени принципи, методи и доктрини од 19 век со воената технологија од меѓувоениот период.[8]

Методи на оперирање[уреди | уреди извор]

Хајнц Гудеријан

„Блицкриг“ стратегијата била усовршена од германскиот генерал Хајнц Гудеријан кон крајот на 1930-тите. Посакуваниот ефект на Блицкриг можел да се постигне само со координирана употреба на пешадија, оклопни возила и авијација, кои дејствуваат заедно за да ги „пробијат“ непријателските одбранбени линии. Првична цел во блицкриг војувањето било да се изнајде „тежинска точка“ (Schwerpunkt) кон која ќе бидат насочени целокупните напори и расположливи сили во операцијата. Тактиката се состоела од план обичните воени единици (пешадијата) да го одржуваат фронтот против непријателот, а голема групација на мобилни единици (тенкови, моторизирана пешадија) со поддршка од тактичкото бомбардирање на воздухопловните сили (на пр. Ju 87 "Штука") да го пробие фронтот во тежинската точка и овие мобилни единици требало брзо да се упатат зад фронтовските линии на непријателот. Откако ќе се најдат од другата страна на фронтот, овие единици требало да ги избегнуваат силно утврдените непријателски позиции и да напаѓаат полесни цели, за да го вознемират непријателот и да го спречат да организира нова одбранбена линија. Тогаш, побавната пешадија ќе помине низ дупката на фронтовската линија и ќе ги консолидира постигнатите придобивки.[9]

На оваа општа Блицкриг тактика, може да има одредени варијации: на пример, цел на напредување може да биде заземање одредено место, отсекување одредена територија, опкружување непријателски единици итн., но општиот план секогаш содржел брзо напредување на оклопните формации.

Воени операции[уреди | уреди извор]

Полска, 1939 година[уреди | уреди извор]

A map of Poland showing the German invasion from eastern Germany, East Prussia and German-occupied Czechoslovakia in September 1939
Во Полска, армиите кои брзо се движат ги опколија полските сили (сини кругови), но не со независни оклопни операции. Користени се комбинирани тенкови, артилерија, пешадија и воздухопловни сили.

Иако новинарите го популаризирале терминот Блицкриг за време на германската инвазија на Полска во септември 1939 година, историчарите Метју Купер и Ј.П. Харис напишале дека германските операции за време на оваа кампања биле во согласност со традиционалните методи. Германските генерали ги распоредиле тенковите за да создадат или да уништат непосредни џебови на полските сили и да пружат оперативен терен на претежно немоторизираната пешадија кога стигнала подоцна.[4]

Иако Вермахтот ги користел расположливите тенковски единици, Штука бомбардерите и концентрирани сили во полската кампања, најчесто во борбите била вклучувана само обичната пешадија и се водела артилериска војна, а повеќето акции на Луфтвафе биле независни од копнената кампања.

Ниски земји и Франција, 1940 г[уреди | уреди извор]

Германците напредуваат за време на битката за Белгија

Креатор на планот за пораз на Франција бил Ерих фон Манштајн, а бил спроведен Гудераин; планот се состоел од моќни тенковски единици кои требало да пробијат низ силно пошумениот регион Ардени во Луксембург и јужна Белгија, предводен од тенкови и моторизирана пешадија. Германската инвазија на Франција се состоела од две фази, Жолта (Fall Gelb) и Црвена операција (Fall Rot). Жолтата операција започнала со напад на Холандија и Белгија со два оклопни корпуси и падобранци. Но, поголемиот дел од германските оклопни сили биле сместени во оклопна дивизија која нападнала низ Ардените. Французите го бранеле ова подрачје релативно слабо и планирале да го зајакнат ако е потребно, пред Германците да донесат тешка и опсадна артилерија.[10] Французите немале време да испратат засилување, зошто Германците не чекале опсадна артилерија, и стигнале до Меуз, а во битката кај Седан за три дена ги пробиле француските одбанбени единици.[1]

По пробивањето на фронтот, тенковските единици јуришале напред со многу голема брзина така што пешадискиот елемент заостанувала (германската армија сè уште била претежно на коњски погон). Поради ова, и неколкуте контранапади од тенковските единици од Де Гол, германската команда се исплашила од пораз и им наредила на тенковите да запрат. Гудераин не ја послушал наредбата и продолжи понатаму. За рекордно време, тенковите кои биле на чело на германската армија стигнале до Ламанш, а многу британски, француски и белгиски сили (најголемиот дел од сојузничката армија) се нашле опколени и отсечени од Франција, и немале друг избор освен да се евакуираат по море. Во операцијата Динамо избегаа околу 330,000 француски и британски војници.[1] Германските сили продолжиле понатаму и го зазеле Париз, а Франција капитулирала.

Источен фронт, 1941–44[уреди | уреди извор]

Употребата на оклопни сили беше клучна за двете страни на Источниот фронт. За време на Операцијата Барбароса, германската инвазија на Советскиот Сојуз во јуни 1941 година, имало многу пробиви и опкружувања од моторизирани сили. Во првите неколку месеци од операцијата (јуни-октомври 1941 г.), германските сили оствариле неверојатни тактички победи. [11] Честопати опколувале и заробувале стотици илјади советски војници, неретко бројчано инфериорни.[12] Сепак, по првичните успеси, било нарушено единството на Вермахтот. На 25 декември 1941 година Хајнц Гудеријан бил ослободен од своите должности, откако одобрил повлекување на своите трупи и покрај наредбата на Хитлер да ја брани секоја освоена територија „до последниот човек“.

Сепак, Блицкриг и понатаму опстојувал и бил во сржта применетите тактики на германската армија до крајот на војната. Битката кај Курск (1943) и Арденската офанзива (1944-45) се само два примери каде оваа тактиката била во основата на целокупниот стратешки план на германската армија.

По Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Блицкриг тактиката целосно го реформирала концептот на војување во западниот свет. До 1939 година, тенковите ја поддржувале пешадијата, а во Блицкриг пешадијата има споредна улога во споредба со тенковите. Сите моќни држави во светот во сопствената доктрина го вклучиле концептот на Блицкриг . И денес, американската војска се потпира на „Шок и стравопочит“ (Shock and Awe) тактиката, која во себе содржи дел од Блицкриг (Shock) поддржана од демонстрација на воздушна супериорност (Awe), и оваа тактика се потпира на огромната бројчана супериорност со цел заплашување на непријателот.

Примери за употреба на мобилни единици и тенкови во акции слични на Блицкриг во последно време се: Шестдневната војна и Војната во Ирак во 2003 година (почетна фаза).

Како резултат на Блицкриг биле извршени многу промени во организацијата, опремата и начинот на функционирање на армиите. Светските велесили вложиле огромни финансиски средства за развивање подобри оклопи и топови за тенковите, и истовремено оружје за нивно уништување. Денес, речиси секоја воена единица има елемент одговорен за противтенковска борба.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Frieser 2005.
  2. Clark 2012.
  3. Fanning 1997.
  4. 4,0 4,1 Harris 1995.
  5. Keegan 1989.
  6. 6,0 6,1 Shirer 1969.
  7. Reynolds 2014.
  8. Mercatante 2012.
  9. Frieser 2005, стр. 344–346.
  10. Liddell Hart 1970.
  11. Glantz 2012.
  12. Tooze 2006.

Библиографија[уреди | уреди извор]

 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]