Советска инвазија на Манџурија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Советска инвазија на Манџурија
Дел од Советско-јапонската војна во Втората светска војна
Manchuria Operation map-es.svg
Советски придобивки во североисточна Азија, август 1945 година
Датум 9–20 август 1945
Место Манџурија (Манџукуо), Внатрешна Монголија (Менгѓанг), и северна Кореја (Јапонска Кореја)
Исход Советска победа
Територијални
промени
* Советска инвазија на Манџурија, Внатрешна Монголија и Северна Кореја и колапс на јапонски марионетски држави таму.
  • Поделба на Корејскиот Полуостров по 38-та паралела.
  • Поголемиот дел од Манџурија и Внатрешна Монголија се вратени Националната влада на Република Кина.
  • Дел од Манџурија и Внатрешна Монголија се дадени на КПК
Завојувани страни
Сојузници:

Советската инвазија на Манџурија, формално наречена Манџуриска стратешка офанзивна операција (руски: Манчжурская стратегическая наступательная операция) или само Манџуриска операција (Маньчжурская операция), била советска инвазија на јапонската марионетска држава Манџукуо која започнала на 9 август 1945. Тоа било најголема кампања во Советско-јапонската војна од 1945 година, со која биле обновени непријателствата меѓу Сојузот на Советските Социјалистички Републики и Јапонското Царство по речиси шестгодишен мир. Од 1983 година, инвазијата понекогаш се нарекува Операција августовска бура откако историчарот Дејвид Гланц го употребил како наслов за труд на оваа тема.

Заедно со Црвената армија во тоа време дејствувала и Монголската народна револуционерна армија. Советите ги окупирале Манџукуо, Менгѓанг (сега Внатрешна Монголија) и северна Кореја. Влезот на Советите во војната и поразот на Квантуншката армија биле значаен фактор во одлуката за безусловно предавање на јапонските власто, бидејќи станало очигледно дека Советскиот Сојуз нема намера да посредува како трета страна во преговорите по Потсдамскиот ултиматум.[1] [2] [3] [4]

Резиме[уреди | уреди извор]

Според договорот со сојузниците на Техеранската конференција и на Кримската конференција одржана во Јалта, Советскиот Сојуз се приклучил на војната во Пацификот во Втората светска војна три месеци по завршување на војната во Европа. На конференциите Рузвелт побарал Советите да го поддржат во Пацифичката војна против Јапонија. Сталин се согласил да се приклучи во борбата против Јапонија „за три месеци откако Германија ќе капитулира и ќе заврши војната во Европа“. За приклучувањето, Советите требало да ги добијат јужниот дел на Сахалин и Курилските острови, пристаништето Далијан требало да биде интернационализирано, а советскиот закуп на Порт Артур да биде обновен.

Инвазијата започнала на 9 август 1945 година, точно три месеци по германското предавање на мај 8 (9 мај, 0:43 часот по московско време).

Иако инвазијата започнала по американската атомска бомба на Хирошима (6 август) и само неколку часа пред атомската бомба во Нагасаки, сепак времето за започнување на инвазијата било однапред планирано и одредено според договорите меѓу сојузниците во Техеран и Јалта.

На 8 август во 23 часот по Трансбајкалско (UTC + 10) време, советскиот министер за надворешни работи Вјачеслав Молотов го информирал јапонскиот амбасадор Наотаке Сато дека Советскиот Сојуз ѝ објавува војна на Јапонија и дека од 9 август советската влада ќе смета дека е во војна со Јапонија.[5] Една минута по полноќ на 9 август 1945, Советите ја започнале својата инвазија истовремено напаѓајќи на три фронта: од исток, запад и север од Манџурија.

Причини и развој на настаните[уреди | уреди извор]

Руско-јапонската војна од почетокот на 20 век завршила со јапонска победа и Договорот од Портсмут со кој Јапонија ја добила контролата врз Кореја, Манџурија. и Јужен Сахалин. Во доцните 1930-ти имало голем број инциденти на советско-јапонската граница, и конечно во април 1941 година бил склучен советско-јапонскиот пакт за неутралност.[6] [7] Пактот за неутралност им овозможил на Советите да се концентрираат на нивната војна со Германија, а Јапонците да се насочат на проширувањата на југ во Азија и Тихиот Океан.

На 9 мај 1945 година (по московско време), Германија се предала, што значело дека ако Советите го почитуваат договорот од Јалта, ќе треба да влезат во војна со Јапонија до 9 август 1945 година. За Јапонците состојбата продолжила да се влошува и сега тие биле единствената сила на Оската која останала во војната. Тие сакале мир со Советите и продолжување на Пактот за неутралност, [8] но исто така сакале да ја завршат војната. Кон крајот на јуни, им пристапиле на Советите (пактот за неутралност сè уште бил на сила), и ги повикале да преговараат за мир со сојузниците во што ќе ја поддржат Јапонија. Им дале конкретни предлози и за возврат на Советите им понудиле многу атрактивни територијални отстапки. Сталин изразил интерес, а Јапонците го чекале советскиот одговор. Потсдамската конференција се одржала од 16 јули до 2 август 1945. На 24 јули, Советскиот Сојуз ги отповикал сите членови во амбасадата во Јапонија. На 26 јули, на конференцијата била издадена Потсдамската декларација со која Черчил, Хари Труман и Чанг Кај Шек (Советскиот Сојуз официјално не бил во војна со Јапонија) побарале безусловно предавање на Јапонија. Јапонците продолжиле да чекаат одговор од Советите и не одговориле на декларацијата.[8]

Јапонците биле изненадени кога Советите им објавиле војна еден час пред полноќ на 8 август 1945 година.

Инвазија[уреди | уреди извор]

Манџуриска офанзива

Операцијата била изведена како класичен двоен опфат на површина колку и целиот западноевропски театар од Втората светска војна. Во западниот дел, Црвената армија напредувала преку пустините и планините во Монголија, далеку од железниците за нивна логистика. Јапонската воена анализа за советската логистика се покажала како погрешна, а бранителите биле изненадени на неутврдени позиции. Командантите од Квантуншката армија за време на инвазијата биле ангажирани во планирање на воена вежба и биле далеку од своите сили во првите осумнаесет часа од конфликтот.

Јапонската комуникациска инфраструктура била лоша. Сепак, Квантуншката армија имала репутација на жестоки и немилосрдни борци, и иако биле малку на број и неподготвени, пружила силен отпор кај градот Хаилар. Јапонците издржале до 18 август, кога се предале 3.827 преживеани војници.[9] Истовремено, советските воздушни единици ги зазеле аеродромите и центрите на градовите.

Советскиот сили од исток ја преминале реката Усури , напредувале околу езерото Ханка и тргнале кон Суифенхе. Иако Јапонците напорно се бореле и пружиле силен отпор, Советите победиле.

Советски трупи преминуваат во Манџурија, 9 август 1945 година

По еднонеделна борба, при што советските сили длабоко навлегле во Манџукуо, јапонскиот император Хирохито снимил говор кој бил емитуван на радио на 15 август 1945 година. Тој не кажал директно дека Јапонија се предава, туку, навел дека владата добила инструкции во целост да ги прифати условите од Потсдамската декларација.

Главниот штаб на Јапонската царска армија не издал наредба за прекин на огнот до Квантуншката армија. Затоа жестокот отпор од Квантуншката армија продолжил, а Советите продолжиле со напредувањето и на 20 август стигнале до Мукден, Чангчун и Чиќихар. На крајот до Квантуншката армија стигнала наредба за прекин на огнот.

На советското десно крило, советско- монголската коњаничка-механизирана група навлегла во Внатрешна Монголија и брзо ги зазела Долон Нор и Калган. Царот на Манџукуо (и поранешен цар на Кина), Пу Ји, бил заробен од Црвената армија.

На 18 август, Советите пред копнено да напредуваат извршиле амфибиски инвазии: три десанти во северна Кореја, десант во Јужен Сахалин и десант на Курилските острови. Ова значело дека веќе има советски војници кои ги чекаат трупите кои доаѓаат преку копно. Во Јужен Сахалин и Курилите, тоа значело воспоставување на советски суверенитет.

Копненото напредување било запрено на добро растојание од реката Јалу, каде што почнува Корејскиот Полуостров, откако војската не можела да добие логистика ниту преку воздух. Силите кои веќе биле во Кореја успеале да воспостават контрола во северната област на полуостровот. Според претходните договори со американската влада за поделба на Корејскиот полуостров, советските сили застанале на 38-та паралела, а Јапонците сè го контролирале јужниот дел од полуостровот. На 8 септември 1945 година, американските сили се истовариле во Инчеон.

Последици[уреди | уреди извор]

Инвазијата на Манџурија имала улога во предавањето на Јапонија и крајот на Втората светска војна. Освен тоа, по советската окупација на Манџурија и северните делови од Корејскиот Полуостров, власта во тие региони Советскиот Сојуз ја префрлила на локалните комунисти. Контролата на овие региони од комунистички влади поддржани од советските власти ќе влијае на подемот на кинеските комунисти и ќе ја предизвика Корејската војна.

Неколку илјади Јапонци кои биле испратени како колонизатори во Манџукуо и Внатрешна Монголија биле оставени во Кина. Поголем дел од нив биле жени, а овие Јапонки претежно се мажеле за Кинези и станале познати како „заглавени воени сопруги“ (занриу фуџин).[10] [11]

Кон крајот на 1949 година, многу членови од поранешната Квантуншка армија, кои биле заробени во советската инвазија на Манџурија, биле осудени за нивната поврзаност со злосторства против човештвото и употребата на хемиско и биолошко оружје.[12]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Hayashi, S. (1955). Vol. XIII – Study of Strategic and Tactical peculiarities of Far Eastern Russia and Soviet Far East Forces. Japanese Special Studies on Manchuria. Tokyo, Military History Section, Headquarters, Army Forces Far East, US Army.
  2. Drea, E. J. (1984). „Missing Intentions: Japanese Intelligence and the Soviet Invasion of Manchuria, 1945“. Military Affairs. 48 (2): 66–73. doi:10.2307/1987650. JSTOR 1987650.
  3. Robert James Maddox, Hiroshima in History: The Myths of Revisionism, University of Missouri Press, 2007 ISBN 978-0-8262-1732-5.
  4. Tsuyoshi Hasegawa, Racing the Enemy: Stalin, Truman, and the Surrender of Japan, Belknap Press, 2006 ISBN 0-674-01693-9.
  5. "Soviet Declaration of War on Japan", 8 August 1945. (Avalon Project at Yale University)
  6. Soviet-Japanese Neutrality Pact, April 13, 1941. (Avalon Project at Yale University)
  7. Declaration Regarding Mongolia, April 13, 1941. (Avalon Project at Yale University)
  8. 8,0 8,1 Boris Nikolaevich Slavinskiĭ, The Japanese-Soviet Neutrality Pact: A Diplomatic History 1941–1945, Translated by Geoffrey Jukes, 2004, Routledge. (Extracts on-line)
  9. Hastings, Max (2007). Nemesis: The Battle for Japan 1944-45. London: William Collins. стр. 543.
  10. Left Behind: Japan's Wartime Defeat and the Stranded Women of Manchukuo
  11. Mackerras 2003, p. 59.
  12. Sheldon H. Harris, "Factories of Death: Japanese Biological Warfare, 1932–1945, and the American Cover-up (rev. ed)", Routledge, 2002, p. 318.