Златен орел
| Златен орел | |
|---|---|
| Научна класификација | |
| Царство: | Животни |
| Колено: | Хордати |
| Класа: | Птици |
| Ред: | Јастребовидни |
| Фамилија: | Accipitridae |
| Род: | Aquila |
| Вид: | A. chrysaetos |
| Биномен назив | |
| Aquila chrysaetos (Linnaeus, 1758) |
|
| светлокафеаво - презимување кафеаво - размножување |
|
Златниот орел (Aquila chrysaetos) е една од најголемите дневни грабливи птици. Се среќава и во Македонија.
Содржина |
Физички опис [уреди]
Големината на возрасните златни орли може да биде различна. Единките од некои од најголемите подвидови може да бидат доста големи. Повеќето видови се долги 66-100 cm со распон на крилјата меѓу 150 и 240 cm. Тежината се движи од 2,5 до 6,7 kg. Но, забележани се некои примероци во дивината кои се нешто поголеми, дури и до 9 kg во тежина и должина од 102 cm. Како и кај многу други дневни грабливци, и кај златните орли женките се поголеми од мажјаците.
Бојата на пердувите може да биде црнкасто-смеѓа и темно-смеѓа, со златна боја на задниот дел од главата и вратот, по што и го добил името. На горните делови на крилјата постои нешто посветла површина. Младенчињата многу личат на возрасните единки, но поседуваат бел опаш и бели дамки во близина на ножниот зглоб кои полека исчезнуваат со секое митарење и на крајот, во петтата година, потполно ги снемува.
Женката може да достигне тежина и до 6 kg, а мажјаците до 4 kg. Живее на различни места, најмногу на планинските масиви без густа вегетација. Животниот век на златниот орел може да трае и до 50 години.
Исхрана [уреди]
Се храни со зајци, глувци, мрмоти, куни, лисици и желки, но често и со мрши. Можат да јадат и други птици, а некогаш и стока, како јагниња и јариња. Во текот на зимата имаат проблем со пронаоѓањето на храна, па може да јадат и мрши за да се прехранат. Кога нема ни мрши, ќе се обидат да нападнат сови, соколовидни птици и ждери. Постојат записи според кои овие птици јаделе и јастреби и бувови.
Имаат многу добар вид и можат да го забележат пленот од големи далечини. Поседуваат дури 8 пати поголема острина на видот од луѓето. Канџите ги користат за убивање и носење на пленот, а клунот само за јадење. Обично имаат поделба на работата во текот на ловот - еден златен орел го тера пленот кон друг златен орел кој чека во заседа.
Размножување [уреди]
Златните орли обично остануваат со истиот партнер во текот на целиот живот. Градат по неколку гнезда ширум својата територија и ги користат за неколку години. Гнездата се состојат од гранчиња и одозгора се исполнети со трева кога се користат. Постарите гнезда можат да бидат големи и до два метри во пречник и 1 метар во висина, бидејќи орлите секој пат ги поправаат кога нешто им фали и на овој начин низ времето ги зголемуваат. Ако гнездото е сместено на дрво, гранките некогаш од тежината можат да попуштат, така што гнездото се руши. Многу други диви животни со мал раст, кои се толку мали што обично не се интересни за овој голем грабливец, можат да ги користат гнездата на златните орли како засолниште.
Женките полагаат две црни јајца меѓу јануари и септември (во зависност од местото во кое живеат). Лежењето на јајцата започнува практично веднаш штом се снесе првото јајце, и пилињата обично се испилуваат по 45 денови. Тие се потполно бели и родителите ги хранат околу 55 денови пред да се обидат да летаат и ловат. Обично преживува само постарото младенче, додека првото умира пред да го напушти гнездото. Причината е во тоа што постарото младенче нараснува повеќе и се изборува за повеќе храна во гнездото. Ова е корисно за видот бидејќи на овој начин родителите успеваат да донесат доволно храна, а младото пиле е „резерва“ во случај кога постарото угинува набрзо по испилувањето. Родителите вложуваат голем труд во одгледувањето на младите. Ако тие преживеат неколку години, голема е веројатноста дека ќе доживеат старост. Меѓутоа, смртноста меѓу штотуку испилените пилиња е голема, па голем број од нив угинува во првите неколку недели.
Подвидови и нивна распространетост [уреди]
Денес постојат шест подвидови на златни орли кои малку се разликуваат во големината и бојата на пердувите. Можат да се најдат во различни делови на светот:
- Aquila chrysaetos chrysaetos (Linnaeus, 1758) – Евроазија, освен Пиринејски Полуостров, на исток до западен Сибир.
- Aquila chrysaetos canadensis (Linnaeus, 1758) – Северна Америка.
- Aquila chrysaetos daphanea (Severtzov, 1888) - Од јужен Казахстан на исток до Манџурија и југозападна Кина; Индија и Пакистан.
- Aquila chrysaetos homeryi (Severtzov, 1888) – Пиринејски Полуостров и северна Африка, на исток до Турција и Иран.
- Aquila chrysaetos japonica (Severtzov, 1888) – Јапонија и Кореја.
- Aquila chrysaetos kamtschatica (Severtzov, 1888) – Источен Сибир, од Алтај до Камчатка. Обично се вбројува во Aquila chrysaetos canadensis.
Големите златни орли од средниот плеистоцен од подрачјето на денешна Франција се нарекуваат палеоподвид Aquila chrysaetos bonifacti, а крупните примероци од горниот плеистоцен на денешен Крит, од пештерата Лико, носат име Aquila chrysaetos simurgh.