Галија (брод)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Француска галија и холандски men-of-war во близина на пристаниште, Абрахам Вилертс, 17 век

Галија (грчки: γαλέα) бил антички брод кој го управувале веслачи, а се користел при војување и тргување. Постојат извори дека изработката на веслата потекнува од египетското Старо Кралство. Многу галии имале јарболи и весла, кои ги користеле кога ветерот бил поволен.

Во поморското војување на Средоземното Море од Хомеровото време до развојот на топовските бродови околу XV и XVI век. Галиите се бореле во војните кои ги воделе древна Персија, Грција, Картагина и Рим, сè до 4 век. По пропаѓањето на римското царство галиите помалку се користеле во византиската морнарица и останатите наследници на Римското царство, како и од страна на новите муслимански држави. Средновековните средоземноморски држави, забележително италијанските приморски републики, меѓу кои и Венецијанската република, Пиза и Џенова ги користеле галиите, сè додека мановарите не ги истиснале од употреба. Битката кај Лепанто (1571) била една од најголемите поморски битки во кои галиите продолжиле да бидат користени како главна поморска сила, сè додека широкотрупните воени бродови со едра не се појавиле во Средоземното Море во XVII век. Галиите се користеле во помал број до појавата на парната машиина, кога целосно биле исфрлени од употреба.

Историја[уреди]

Античка Грција и Медитеран[уреди]

Првите галии[уреди]

Реконструкција на старогрчки галии

Галиите пловеле по Средоземното Море од околу 3000 години п.н.е. Феникијците и Грците ги граделе и со нив пловеле по Средоземното Море, опремени со четириаголни едра. Првата воена галија опишана во Хомеровите дела и прикажана на цртежи имала еден ред веслачи од двете страни, што овозможувало поголема брзина на бродот.

Првите морнари имале малку навигациски помагала. Поголем број од античките и средновековните бродови пловле покрај бреговите поради полесната навигација, можностите за трговија со локалните крајбрежни места, како и крајбрежните ветрови и струи коишто можеле да бидат искористени. За разлика од бродовите со едра, за галиите била вжна пловидбата во близина на брегот, бидејќи често им биле потребни плитки делови за своите луѓе, а биле и изложени на голема опасност за време на невреме. За разлика од бродовите со едра, галиите можеле да пловат по малите заливи и плажи на пристаништата, да пловат по река, вода длабока само еден метар, па дури можеле да бидат пренесувани по копно за да може да бидат на располагање и при пловидбата по езерата. Тоа ги направило погодни за напади по копно. Во античко време најпознат пренос бил коринтскиот Диолк. Најдоцна до 429 п.н.е. (Туцидид 2.56.2), а веројатно и порано (Херодот 6.48.2, 7.21.2, 7.97), галиите биле прилагодени за превоз на коњи, кои пружале коњаничка поддршка на трупите, кои исто така се возеле на галиите.

Компасот не се користел, сè до XIII век, а секстантот, окстантот, поморските хронометри и математиката за одредување на географската должина и ширина се развиле многу подоцна. Античките морепловци се ориентирале по сонцето и ветровите. До 1 милениум п.н.е. започнале да се користат и ѕвездите за ориентација преку ноќ. До 500 г.п.н.е. поседувале звучна линија (Херодот 2.5).

Како што бродовите се приближувале до бреговите и пробивале низ архипелазите за да не ризикуваат низ отворено море, морале да бидат дизајнирани за такво управување. Масовното веслање овозможувало придвижување на бродот.

Пентеконтери[уреди]

Развојот на носот од бродот околу 800 п.н.е. ја променило природата на морските војувања, кое дотогаш се состоело од префрлување на противничкиот брод и борба човек на човек. Денешните многу поподвижни бродови можеле да ги направат побавните бродови бескорисни, продупчувајќи ги страните. Не е потврдено дали победниците во поморските битки ги потопувале своите противници, бидејќи истиот грчки збор може да значи и „потопен“, но и „натопен“, а сочувани извори покажуваат дека победничките галии ги протерувале своите корисници. Неколку археолошки остатоци од потопените бродови сугерираат дека победниците не ги потопувале поразените. Освен Атлитовиот бронзен нос,[1] единствени други делови од античките галии кои се сочувани се две пунски биреми, најдени близу западна Сицилија[2]. Се проценува дека овие пунски галии биле долги 35 m и широки 4,80 m со капацитет од 120 тони. Овие биреми имаат доказ дека имале лесно скршлив нос, кој повеќе наликувал на асирски цртежи, отколку на Атлитовиот нос. Овој тип на нос можеби бил дизајниран за да го заштити бродот од можноста самиот да се оштети.

Галиите биле извлекувани од вода, кога тоа било можно за да се остават суви, лесни и брзи, слободни од црви и морски треви. Галиите обично преку зима останувале во бродските хангари, од кои останале археолошки остатоци[3]. Постојат докази дека халите на пунските бродоломи биле обложени со олово.

Градењето на галијата претставувало голем технички проблем. Брод кој патува со голема брзина трроши значајна енергија. Колку е подолг бродот, толку може побрзо да плови, но технологијата на Средоземјето во античко време ја отежнувала изградбата на долги бродови. Низ процесот на обиди и грешки - галијата со еден ред на веслачи на обете страни го достигнала врвот на својот развој со појавата на пентеконтерот, кој бил долг 38 m и кој броел по 25 веслачи на обете страни. Историчарите веруваат дека ваквата галија можела да достигне брзина и до 9 чворови (18 km/h), отприлика еден чвор побавно од модерните тркачки веслачки бродови. За да ја сочува силата подолго време, каблите биле врзувани од предниот до задниот дел на бродот; тоа осигурувало крутост без додатна маса. Оваа техника ги држела зглобовите на телото под притисок, затегнати и водоотпорни. Напнатоста кај модерните реплики триреми дека каблите развиваат сила од 300 килоњутна (Морисон стр. 198).

Биреми и триреми[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Трирема.
Асирски воен брод, бирема со истакнат преден дел (700 п.н.е.)

Околу 7 и VI век п.н.е. дизајнот на галијата се променил. Бродоградителите, веројатно Феникијците (поморски народ кој живеел на јужнитот брег на Средоземјето), додале и втор ред на веслачи над првиот и создале биера или бирема (овие термини веројатно не се користеле во тоа време). Идејата била да се создаде поголема сила, а со тоа и поголема брзина, па подоцна бил додаден и трет ред, над биремата. Ваквите три реда на веслачи се познати под името trieres („три реда“) на старогрчки; Римјаните за ваквата поставеност на веслачите го користеле терминот triremis (на македонски трирема). Потеклото на овие промени останало непознато; Туцидид го припишува откривањето на изградбата на бродови на Аменикле од Коринт околу 700 п.н.е., додека некои го отфрлаат ова верување и сметаат дека дизајнот настанал во Феникија. Херодот (484-425 п.н.е.), наведува на првата акција на трирема. Тој споменува дека Поликрат, тиранин од Самос од 535 до 515 година п.н.е. имал трирема во својата флота.

Почетокот на V век п.н.е., градовите-држави во Античка Грција и експанзионистичкото Персиско царство, со кое владеел Дариј I (521-485 п.н.е.) и Ксеркс I (485-465 п.н.е.) дошле до судир.

Персијанците изнајмиле бродови од своите феникиски сатрапи. Атињаните победиле во првата битка на копно против најмоќната воена сила, во битката на Маратон (490 п.н.е.), но виделе дека успесите против толку бројна војска не може да останат долгорочни. Кога стигнале вестите дека Ксерксо започнал да собира голема напаѓачка сила во Мала Азија, грчките градови ја зголемиле својата воена морнарица. Во 482 п.н.е., атинскиот водач Темистокле ја започнал програмата за 200 триреми. Проектот доживеал значаен успех, бидејќи се вели дека 150 атински триреми се бореле во битката на Саламин (480 п.н.е.) и пресудиле за поразот на Ксерксовата морнарица.

Триремите се бореле во поморските битки за време на Пелопонеската војна (431-404 п.н.е.), вклучувајќи ја и битката кај Егоспотами (405 п.н.е.) во која Спарта со своите сојузници ѝ го нанела клучниот пораз на Атина.

Квинквереми и полиреми[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Квинкверема.

За веслање на бродовите со кои се војувало за време на Пелопонеската војна бил потребна голема вештина, а немало ни приближно вешти веслачи, кои би ги снабдувале триремите во IV век п.н.е.. Потрагата по дизајнот, со кој веслачите би можеле да ја користат силата на своите мускули довела, Дионисиј од Сиракуза (владеел 405-367 п.н.е.) да ги надгради веслачките редови со уште еден, именуван како tetreres (квадрирема), односно два, penteres (квинкверенма).

Според современите историчари бројот кој се користел за именување на таквите големи галии, бил бројот на редови од веслачи од обете страни на бродот, а не бројот на веслачи. Поради тоа, квадриремикте имале три можни дизајни: еден ред весла со четири веслачи, два реда весла со по двајца веслачи или три реда весла со по двајца веслачи кои ги повлекувале врвовите на веслата на сите страни. Веројатно постоеле галии во сите три дизајни. Учителите веруваат дека квинкверемите имале три редови весла со по два веслачи, кои ги влечеле веслата на секој крај.

Сликовит приказ од Нимфајон на Крим од III век п.н.е., на кој е претставена полирема со преден и заден дел на лаѓа

Со промената на дизајнот на галијата дошло и до зголемување на самоувереноста во тактиката со префрлување и користење на воените бродови како платформи за артилеријата. Во војните на дијадосите (322-281 п.н.е.), наследниците на кралството на Александар III Македонски граделе побрзи и поголеми галии. Македонија во 340 п.н.е. градела сексиреми (најверојатно со по два веслачи на сите три реда весла), а 315 п.н.е. септиреми кои биле користени во битката кај Сламин на Кипар (306 п.н.е.). Деметриј I Полиокрет (294-288 п.н.е.) водел поморска војна против Птоломеј I Сотир (323-283 п.н.е.), па во три случаи градел осмерци (okteres), деветерци, десетерци, дванесеттерци и шеснаесеттерци. Подоцна Птоломеите го продолжиле овој тренд на проширување, создавајќи дваесеттерци и триесеттерци, за време на владеењето на Проломеј IV и четириесеттерец, долг над 120 m, кој веројатно служел како изложбен примерок. Според деталниот опис на четириесеттерецот, бродот имал два предни и два задни дела, па тој опис со останатите докази довел до тоа дека станува збор за четириесеттерец, а веројатно и дваесеттерец и триесеттерец биле конструирани со доволно простор меѓу труповите во кои веслачите би можеле да веслаат и од средината. Палубата над нив, простирајќи се на два трупа, можела да издржи неколку илјади луѓе.

Политичкото соединување на целото Средоземно Море во Римското царство ја намалило потребата од воени бродови. До 79 година, римската морнарица веројатно немала ништо поголемо од квадрирема, бидејќи Плиниј Постариот, командантот на флотата ја набљудувал ерупцијата на Везув од квадрирема (Плиниј Помладиот 6,16), која веројатно била негов брод и најголема класа во целата флота. Последните споменувани триреми се јавуваат кај Зосим (324), кога Константиновиот син Крисп го поразил Лициниј во битка кај Хелеспонт. Наводно 80 бродови со по 30 веслачи поразиле 200 триреми (Морисон стр.8 дава неточна година). Галиите со две низи на весла биле познати и во 9 и XII век, но континуитетот на развој во средниот век не можел да се пронајде. Кај бродовите во античкиот свет, веројатно вклучувајќи ги и галиите биле конструирани, најпрвин им бил конструиран внатрешниот дел, додека рамката била додавана подоцна. За разлика од нив, кај средновековните бродови, вклучувајќи ги и галиите, најпрвин била конструирана рамката.

Средновековије[уреди]

Технички описи[уреди]

Најраниот технички опис на галија се наоѓа кај Карло I од Сицилија во 1275 година[4]. Вкупната должина изнесувала 39.3 m, должина на кобилицата од 28.03 m и длабочина од 2.08 m. Ширината на трупот изнесувала 3.67 m, а ширината меѓу конзолните греди била 4.45 m. Бродот имал 108 весла, голем број долги 6.81 m, а некои 7.86 m, 2 кормила долги 6.03 m. Предниот и средниот јарбол биле високи 16.08 m, односно 11 m. Опсегот на обата изнесувал 0.79 m. Должината на дворот изнесувала 26.72 m, односно 17.29 m. Вкупниот капацитет на бродот изнесувал 80 метрички тони. Имало два типа на вакви бродови, а подоцна три, со човек на место, на кое го веслал своето весло. Таквиот брод имал многу поголема сила од атинските триреми кои биле долги од 4.41 m до 4.66 m[5]. Атински брод со приближно иста големина бил голем во секој потег.

Средновековните галии имале вградено и топови како додаток, дизајнирани да го разбиијат. Во XVI век, бродовите кои биле нарекувани галии го зголемиле бројот на луѓе на секое весло. [6].

Во битката кај Лепанто во 1571, стандардните венециски воени галии, долги 42 m и 5.1 m (6.7 m со извадени весла) имале провев од 1.7 m и биле 1 m над нивото на водата, а празни тежели околу 140 тони. Големите галии кои биле командни бродови (или лантерни) биле долги 46 m и широки 5.5 m (7.3 m со извадени весла), имале провев од 1.8 m и биле 1.1 m над нивото на водата, а тежеле околу 180 тона. Стандардните галии имаел 24 веслачки клупи на обете страни, а на секоја имало по три веслачи (секоја клупа на обете страни можела да се тргне, со што би се направило место за платформата која преносувала мали чамци и печка). Екипажот на бродот се состоел од 10 офицери, околу 65 морнари, топчии и останати луѓе, меѓу кои и 138 веслачи. Лантерните имале 27 клупи на обете страни и 156 веслачи и екипаж од 15 офицери и околу 105 морнари. Овие регуларни галии носеле еден 50 фунти тежок топ или 32 фунти тешка кулверина на предниот дел, еднаква како 4 лесни и 4 завртени топови. Поголемите лантерни носеле еден тежок топ со 6 кулверини тешки 12 и 6 фунти со осум завртени топови.

Галиите во северна Европа[уреди]

За разлика од античките средоземноморски галии, во делот од северна Европа постојат археолошки докази дека и во овие делови постоеле средновековни галии. Најпознатото откритие е бродот Гокштад. Развојот на викинишките долги бродови и кнорови и средновековните северноевропски галиии, користел четриаголни весла и веслачки редови кои изгледале многу слично на своите нордиски претходници.

Во водите западно од Шкотска, во периодот од 1263 до 1500, господарите на островите ги користеле галиите за војување и превоз околу своите поморски имоти, во кои спаѓале, западниот брег на Шкотска, Хебридите и Антрим во Ирска. Тие ги користеле овие бродови во поморските битки и за време на нападите на дворци и утврдувања изградени на бреговите на морето. Како феудални сениори, господарите на островите барале во служба одреден број и големина на галијата од страна на секој земјопоседник. На пример островот Ман требал да осигура 6 галии за 26 весла, а Слит во Скај требало да осигура една галија за 18 весла.

Врежаните прикази на галија на надгробните споменици од 1350, па понатаму ја покажуваат конструкцијата на таквите бродови. Од XIV век било напуштено користењето на весло кое го заменувало задното кормило со предно кормило. Од некои документи од 1624 самата галија имала од 18 до 24 весла, бирлинот од 12 до 18, а лимфадата нешто помалку.

Употреба како трговски бродови[уреди]

Во XIV и XV век, трговските галии тргувале со многу вредна стока и превезувале патници. Главните патишта биле до Светата Земја, околу Средоземното Море, меѓу Средоземнотот и Црното Море и меѓу Бриж и Саутемптон. Иако тие најпрвин пловеле со едра, се користеле и весла за влез и излез од многу трговски пристаништа. Во 1447, фирентинските галии планирале да поминат 14 пристаништа, на својот пат до Александрија.[6] Постоењето на весла овозможувало пловидба, во близина на брегот, каде што екипажот можел да ги искористува копнените и морските ветрови и морските струи, со што релативно побрзо и посигурно би патувал. Огромниот екипаж, исто така обезбедувал заштита против пиратството. Овие бродови биле многу поподвижни; фирентинската галија, која го напуштила Саутемптон на 23 јануари 1430 се вратила во Пиза за само 32 дена. Тие биле толку сигурни, така што добрата кои се пренесувале со нив често не биле осигурани. Во овој временски период, големината на овие бродови се зголемувала, па со тоа станале пример со кој се развивале галијасите.

Пропаѓање[уреди]

Задниот дел на бродот Réale, престижна галија на кралот Луј XIV.

Опаѓањето на употребата на галиите било долготрајно, а започнало пред развојот на топовите, како моќно огнено оружје и продолжило неколку векови подоцна. Најрано, во 1304 година, бродовите кои ги користела данската одбранбена организација биле променети од галии во когови, бродови со едра од дното (Бас стр. 191). Големите бродови со едра со високи палуби, отсекогаш биле тешка пречка за галиите. Од 413 г.п.н.е., поразените триреми можеле да бараат засолниште кај трговските бродови (Туцидид (7, 41), Недхам 4, 3, стр. 693). На Средоземјето, опаѓањето на употребата на галиите започнало околу 1595-1605. Во тоа време дошло до засилување на холандските и англиските трговци. Нивните бродови биле тешко вооружени и опремени, а поради својата подвижност можеле истовремено да бидат корисни и за трговија и за кражби, како пиратските. Венециските галии едвај можеле да се соочат со пирати преку лето, додека преку зима не можеле да пружат никаков отпор на пиратството (Тенети).

Поради својата ниска висина над водата и малиот капацитет, воените галии обично биле издржливи, крајбрежни и бродови на кратки растојанија. Како што бројот на трговски морнари се зголемувал, така галиите на отворено море и зимско едрење станувале безначајни пред да станат застарени во битките. Галијасите се развиле во едрење, а подоцна и средоземноморските галеони. Галеоните во северна Европа се развивале напоредно со развојот на бродовите, кои личеле на когови.

На крајот од XV век започнале да се развиваат бродовите man-of-war. Тоа биле ввистински океански воени бродови, кои имале напредни едра со можност за прилагодување и прицврстување, зависно од брзината на ветерот, а биле и тешко вооружени со топови. Бродот man-of-war ја направил галијата застарена во сите домени, освен во крајбрежните операции при мирно време. Галиите веќе станале бескорисни на крајот на XVII век, кога капетанот Вилијам Кид го одбрал овој дизајн за својот брод Adventure Galley.

Галиите останале главни бродови за северноафриканските корсарски флоти, кои продолжиле да играат значајна улога во Средоземното Море, сè до XVIII век. Едно од последните појавувања на галија во средоземноморските битки било во битката кај Чесме во 1770 година. Галиите пловеле по плиткото Балтичко Море, а биле користени и во Руско-шведската војна во 1790. Галиите безуспешно ги користеле витезите Болничари, за време на Наполеоновата опсада ма Валета (1798).

Во Америка, галиите се користеле во битката кај островот Валкур во 1776, а исто така биле користени и за време на американската војна за независност од страна на китоловците, кои со своите бродови ги напаѓале британските бродови долж американското крајбрежје. Овие напаѓачки групи биле корисни во снабдувањето на континенталната војска со потребните намирници.

Преживеани примероци[уреди]

Во поморскиот музеј во Истанбул се наоѓа галијата Кадирга која потекнува од владеењето на султанот Мехмед IV (1648-1687). Овој брод бил лична султанска галија, која се користела до 1839 година. Таа е најверојатно единствената сочувана галија во светот, но без својот јарбол. Долга е 37 m, широка 5.7 m, со провев од 2 m, тешка околу 140 тони, со 48 весла, со кои веслале 144 веслачи.

Во 1971, била извршена реконструкција на бродот „Реал“, командниот брод на Дон Хуан од Австрија, кој со него војувал во битката кај Лепанто во 1571. Бродот се наоѓа во музејот Маритим во Барселона. Долг е 60 m и широк 6.2 m, има провев од 2.1 m, празен тежи 239 тони, а го управувале 290 веслачи. Бродот пренесувал 400 членови од екипажот и војници кои се бореле кај Лепанто. Оваа галија била многу поголема од стандардните галии во тоа време.

Поврзани бродови[уреди]

Галијаси[уреди]

Галијас прикажан на Architectura Navalis, 1620

Галеаси или галијаси (во Турција познат под името махони) се бродови развиени од големите трговски галии.

Подготвувани за војна, тие биле повисоки и поголеми од вообичаените („лесни“) галии. Тие имале до 32 весла, а секое весло го веслале петмина веслачи. Обично имале три јарболи на предниот и задниот дел. Многу се работело во Венеција за овие галијаси да се направат што е можно побрзи, со што би можеле да се натпреваруват со обичните галии. Палубата со топови, обично се наоѓала над веслачите, но некои слики покажуваат дека распоредот бил спротивен.

Галијасите обично имале повеќе едра од вистинските галии, со што биле многу посмртоносни; галијата фатена од едната страна на бродот била целосно беспомошна, додека страничното придвижување на галијасот, како и линискиот брод, ги изложувало напаѓачите на топовски напади од галијасот. Галијасите претставувале пример од умерен вид, меѓу галија и вистински man-of-war. За разлика од тоа, биле изградени многу малку галијаси, а еден недостаток било и тоа што сè повеќе се сметало на сигурноста на едрата и нивната положба пред линијата на бродот, но сепак се користеле во битката кај Лепанто (7 октомври 1571). Нивната огнена моќ помогнала во победата на христијанската морнарица, а неколку успешни галијаси биле во составот на шпанската армада 1588 (на пример бродот La Girona).

Во делови од Средоземјето, каде што било плитко и немало опасни ветрови галијасите и галиите продолжиле да се користат, главно во Венеција и Османлиската империја, долго време откако станале застарени. Подоцна „кружните бродови“ и галијасите ги замениле галиите и линиските бродови, кои потекнувале од Атлантик Европа. Првиот венециски брод бил изграден во 1660.

Галиоти и фусти[уреди]

Галиотите се појавиле како мали, лесни видови на галија. Бројот на весла варирал од 18 до 22 на обете страни, додека голем број имале по 25 весла на двете страни.

Фуста била мала галија - низок, лесен и брз брод со мал прорев, мал број на весла и едра. На обете страни имало од 12 до 15 двоседни веслачки клупи, а јарболот бил со латинско (триаголно) едро. Фустата била омилен брод на северноафриканските корсари од Сале и од Варварскиот брег. Брзината на овој брод била, подвижноста и способноста да плови без помош на ветар и можноста да плови во плитки води го направиле идеален за војување и пиратство.

Галеоти[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Галеоти.

Обратно од популарните филмски приказни за закованите осуденици, како во филмот Бен Хур, не постојат докази дека античките морнарици користеле осуденици како веслачи.[7]

Писмените докази покажуваат дека грчката и римска морнарица им давале предност на слободните луѓе на своите галии.[8] [9] Робовите биле задолжувани да веслаат само во исклучителни случаи. Во некои случаи овие робови подоцна биле ослободувани, додека во дриги случаи ја започнувале службата на бродот како ослободеници.

Во раните модерни времниња станало обичај меѓу Средоземноморските сили, криминалците да се осудуваатна веслање во воените државни галии, во почетокот, само во време на војна. Робовите на галиите (галеоти) живееле во многу лоши ослови, а многу умреле иако биле осудени на само неколку години служба или преживеале бродолом и останале живи по битките.

Воените заробеници често биле користени како робови на галијата. Неколку познати историски личности служеле одредено време како робови на галија, откако непријателот ги заробил. Меѓу нив биле отоманскиот корсар Тургут Реис, Големиот мајстор на витешкиот ред Болничари Жан Парисо де ла Валет и авторот на познатото дело Дон Кихот, Мигел де Сервантес.

Наводи[уреди]

  1. http://www.vizin.org/projects/athlit/html/athlit.htm Историја на клунот на галија
  2. (видете Basch & Frost & Frost)
  3. http://www.zeaharbourproject.dk/3/3_09.htm Историја на воените бродови на мрежното место на Zea Harbour Project
  4. (i u Bass & Pryor)
  5. (Морисон стр. 269)
  6. 6,0 6,1 (Приор стр. 57)
  7. Casson, Lionel (1971). Ships and Seamanship in the Ancient World. Princeton: Princeton University Press, 325-326.
  8. Rachel L. Sargent, “The Use of Slaves by the Athenians in Warfare”, Classical Philology, из. 22, бр. 3 (јули, 1927), стр. 264-279
  9. Lionel Casson, “Galley Slaves”, Transactions and Proceedings of the American Philological Association, sv. 97 (1966), стр. 35-44

Белешки[уреди]

  • George F. Bass, ed., A History of Seafaring, Thames & Hudson, 1972
  • L.Basch & H. Frost Another Punic wreck off Sicily: its ram International journal of Nautical Archaeology vol 4.2, 201-228, 1975
  • Bicheno, Hugh, Crescent and Cross: The Battle of Lepanto 1571, Phoenix Paperback, London, 2004, ISBN 1-84212-753-5
  • Lionel Casson, Ships and Seamanship in the Ancient World, Princeton University Press, 1971
  • H.Frost et al. Lilybaeum supplement to Notizae Scavi d'Anichita 8th ser vol 30 1981 (1971)
  • Brian Lavery, Maritime Scotland, B T Batsford Ltd., 2001, ISBN 0-7134-8520-5
  • Michael E. Mallett, The Florentine Galleys in the Fifteenth Century, Oxford, 1967
  • J.S.Morrison et al., The Athenian Trireme 2000 2nd ed. Cambridge University Press
  • John H. Pryor Geography, Technology and War, Cambridge University Press, 1988
  • Alberto Tenenti, Piracy and the Decline of Venice 1580-1615, English transl. 1967
  • Вилијам Једјард Роџерс(William Ledyard Rodgers), Admiral, Naval Warfare Under Oars: 4th to 16th Centuries, Naval Institute Press, 1940.

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Галија (брод)“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).