Персиско Царство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Персиското царство околу 490 п.н.е.

Персија или Персиско Царство (персиски: امپراتوری ایران) се нарекуваат низата царства кои постоеле на Иранската Висорамнина и натаму во југозападна Азија, Средна Азија и Кавказот во периодот од VI век п.н.е. до XX век.

Најраспространето од тие царства, кое постоело од 550-330 г. п.н.е. била Ахајменидското Царство, едно време под водство на Дариус I и Ксеркс I - познати во антиката како непријатели на грчките градови. Таа била воспоставена од Цирус Големиот, кој го отфрлил Царството на Медите и освоил голема територија од Средниот Исток, вклучувајќи ги Вавилон, Асирија, Феникија и Лидија. Ова царство завршило со освојувањата на Александар Македонски.

За името на Персија[уреди | уреди извор]

Персија традиционално се нарекува државата Иран, нејзиниот народ и претходните царства, уште од 600 г. п.н.е. Ова име потекнува од античкото грчко име за Иранската поморска провинција наречена „Фарс“ или „Парс“.[1] Персис е хеленизираното, а Персија латинизираното име на оваа провинција, од која и целото царство го добило името во европските јазици.

Од антички времиња сите странци земјата ја нарекувале Персија, сѐ до 21 март 1935 година кога Шахот Реза Пахлеви побарал сите да ја нарекуваат земјата Иран - име кое домашните го користеле уште од времето на Сасанидската династија (III-VII век). Иран значи земја на Аријците. Во 1959, Шахот Реза Мохамед одобрил да се користат и Иран и Персија во западните јазици.

Медејско Царство 729-550 г. п.н.е.[уреди | уреди извор]

Медејското Царство околу 600.г.п.н.е.

Најстариот запис за Персијците доаѓа од Асирија од написи од околу 844.г.п.н.е. кои ги нарекуваат Парсу[2] и ги лоцира во регионот на Езерото Урмија (денес во северозападен Иран близу Турција), заедно со друга група - Медејци.[3] Следните два века, Персијците и Медејците повремено биле притока на Асирците. Регионот на Перс бил анектира од Саргон од Асирија околу 719 г. п.н.е. Конечно Медејците дошле до формирање на свое царство, а Персијците им биле потчинети.

Медејското Царство постоело од 727 до 549 година п.н.е., веројатно настанало со здружување на номадски племиња и појава на кралска династија. Царството околу 600.г.п.н.е. се раширило сѐ до Мала Азија.

Ахејменидското Царство 550 - 330 г. п.н.е.[уреди | уреди извор]

Персиска уметност
Ликовна уметност
Сликарство
Минијатури
Декоративна уметност
Накит
Вез Мотиви
Плочкарство Ракотворби
Грнчарство
Книжевност
Книжевност Митологија
Фолклор
Друго
Архитектура Кујна
Ќилими Градини
Изведбена уметност
Танц Музика
Филм

Околу 653 г. п.н.е. Медејците потпаднале под власта на Скитите и Тесп, синот на Ахајмен, веројатно ги повел номадските Персијци да се населат во јужен Иран во ова време и така ја воспоставил првата организирана Персиска држава. Цирус II Велики ги обединил раситнетите групи околу 559 г. п.н.е. Во тоа време Персијците сѐ уште биле дел од Медејското Царство управувано од Астијаг. Во 550 п.н.е. Цирус ги обединил Персијците и го поразил Астијаг, и со тоа Персија стекнала контрола врз Медеја.

Ахејменидското царство во најголемиот територијален подем.

Во следните години, Цирус ја освоил Лидија во Мала Азија, ја проширил територијата во Средна Азија, и конечно го освоил Вавилон во 539.п.н.е.

Синот на Цирус, Камбис II, го анектирал Египет кон Ахајменидското Царство. Царството достигнало најголема експанзија под водство на Дариј I. Тој ги предводел освојувачките војски по долината на реката Инд и во Тракија во Европа. Предводел и казнена експедиција против грчките градови која запрела со Маратонската битка. Неговиот син Ксеркс имал успеси и со Термопилската битка, но потоа ја загубил поморската моќ по Битката кај Саламис и ја повлекол главнината од своите сили од Грција. Преостанатите конечно биле победени во 479 п.н.е.

Дариј I го поделил царството на 23 сатрапии (провинции) раководени од сатрапи, вовел даночен систем за провинциите, го презел Асирскиот поштенски систем и го доразвил, исто така развил сопствена шпионска мрежа. Покрај тоа, го подобрил Кралскиот Пат (патот од Суса во Персија до Сардија во Мала Азија, на брегот на Средоземното Море, долг 2700 км) и со тоа ги поврзал краевите на царството.

Ахајменидското Царство ги обединило народите и кралствата од сите поголеми цивилизации од тоа време во Југозападна Азија и Североисточна Африка.

Хеленистичка Персија 330 - 250 г. п.н.е.[уреди | уреди извор]

Ахајменидската династија никогаш не ја покорила Грција, но често се ставала на страната на едни или на други во меѓусебните војни помеѓу Грчките градови. Филип II, кој ги покорил грчките држави и создал доволен потенцијал, прв решил да го искористи слабото водство на Персија од Артаксеркс III во 338 п.н.е. и ги нападнал Персијците. Неговиот наследник Александар III Македонски во 336 година ги продолжил нападите на Персија. Иако неговиот противник, Дариј III, бил искусен воин со репутација за храброст, тој не бил дораснат на Александар: За само 8 години овој ја освоил целата Персиска држава.

Map-alexander-empire.png

По смртта на Александар, неговиот генерал Селек I Никатор се обидел да ја преземе контролата врз Персија, Месопотамија, Сирија и Мала Азија. Неговото владеачко семејство е познато како Селекова Династија. Но, во 281. п.н.е. бил убиен од Птоломеј Керавн пред да ја освои Грција и Македонија.

И во следните 30 години Персија останала под силно културно влијание на Стара Грција, а трговијата помеѓу Кина и Европа (тнр. Патот на свилата) цветала. Покрај тоа, влијанијата од Будизмот од Индија, Зороастризмот од Грција и јудаизмот нашле место во уметноста и културата.

Околу 250 п.н.е. Персија сепак се распаднала, и била освоена од Партија од исток и од Рим од запад.

Партија 250 г п.н.е. - 226 г.н.е.[уреди | уреди извор]

Партија.
Метална статуа на принц од Партија (се смета дека е Сурена), 100 г. н.е. од Народниот Музеј на Иран во Техеран.

Водачите на Партија, кои ја освоиле Персија од исток, припаѓале на иранско племе кое се населило таму во времето на Александар. Тие прогласиле независност од Селеците во 238.п.н.е., но нивните обиди да го обединат Иран останале неуспешни сѐ до доаѓањето на власт на Митриад I на престолот, околу 170 п.н.е.

Партијската конфедерација се граничела со Рим по реката Еуфрат. Двете држави станале големи соперници, особено околу контролата на Ерменија. Војните биле многу чести, при што Месопотамија постојано служела како бојно поле. Овој период се одликувал со слабо политичко единство и постојани војни помеѓу едни вазали со други. Меѓусебните војни и војните со Римјаните постепено ја истоштиле земјата.

Во 224 г. Персискиот вазалски крал се побунил и две години подоцна го освоил Ктеспион со што ставил крај на Партија. Со ова започнало и второто Персиско Царство, раководено од Сасанидските кралеви. Тие биле од провинцијата Персис, од каде што била и првата Персиска Империја и Ахајменидите.

Сасанидско Царство (226. - 651.)[уреди | уреди извор]

Сасанидското Царство во 610.

Сасанидското Царство (персиски:ساسانیان) било основано од Ардашир I по победата над Партијскиот крал Артабанус IV. Тој повел востание против Партија во обид да ја возобнови славата на Персија и да ја озакони хеленизираната форма на Зороастриската религија која се практикувала во Југозападен Иран. По победата, се прогласил за шах на новото Персиско Царство.

Сасанидските цареви се гледало себеси како наследници на Персија од времето на Дариј и Цирус. Тие презеле агресивни експанзионистички политики и ги повратиле источните земји кои Кушаните ги имале освоено во времето на Партија. Сасанидите продолжиле да војуваат со Рим, дури и го заробиле римскиот цар Валеријан во 260. год.

За разлика од Партија, новото царство било мошне централизирано. Народот бил цврсто организиран во кастински систем: свештеници, војници, писари и обични луѓе. Зороастризмот станал официјална државна религија и се раширил надвор од Персија кон провинциите. Повремено имало и прогони на верници од други религии. Источната православна црква била особено прогонувана, но ова било делумно и поради нејзината поврзаност со Источното Римско Царство. Несторијанските христијани биле толерирани, а понекогаш и фаворизирани во Царството.

Војните и верската контрола кои првобитно го поттикнале развојот на царството, подоцна придонеле за негов пад. Источните региони биле освоени од Белите хуни во доцниот V век. Приврзаниците на некои секти се побуниле во истото време. Царот Косрау I подоцна успеал да ја консолидира Персија и ги освоил Антиохија и Јемен. Помеѓу 605. и 629 г. Сасанидите го анектирале и Левант и Египет, а потоа се рашириле и во Анадолија.

Сепак, следната војна со римјаните конечно го уништила царството. Во текот на долгиот конфликт, Сасинидските војски стигнале до Цариград, но не успеале да ги победат Византијците. Во меѓувреме Византискиот цар Хераклиј ги заобиколил персиските главнини во Мала Азија и ја нападнал заднината во Северна Месопотамија. Сасанидите биле принудени да ги предадат освоените земји и да се повлечат.

Поради ширењето на Исламот и падот на Сасанидското Царство, Персијците потпаднале под власт на арапски владетели во тек на скоро два века, пред да можат повторно да се ослободат. Во овој период извесен број мали и бројно послаби арапски племиња мигрирале во Иран.[4] Исто и некои турски племиња се населиле во Персија во периодот од IX-XII век.[5]

Падот на Персиското Царство[уреди | уреди извор]

Поразот од Византија коинцидирал со експанзијата на Исламот и на Арапскиот Калифат, и земјата била освоена во периодот 643.-650. Последниот Сасанидски цар, Јаздгерд III, се обидел да се одбрани од муслиманите склучувајќи сојузи со Турците, а потоа и со Кинезите, но без успех.

Персија во 900. година поделена помеѓу Саманидите, Сафаридите и Абасидите. Сликата е од Томас А. Лесман.

Умајадската династија владеела со Персија во следните 100 години, следени од Абасидската династија. Во 913. западна Персија била освоена од Бувахидската племенска конфедерација од бреговите на Касписко Море. Тие го прогласиле за главен град градот Шираз.

Во 1037 Турците-Селџуци извршиле инвазија од североисток и создале големо царство. Нив ги замениле друга група турски племиња од Кварезмија, околу Аралското Море, кои владееле следните два века.

Во 1219 Џингис Кан ја нападнал територијата на Персија, а неговата инвазија ја довршил неговиот внук Хулагу Кан до 1258., и Персија станала дел од големото Монголско Царство. Бидејќи монголите не успеале да создадат организирана држава, во следниот период Персија се распаднала, а нејзините деловите потпаднале под власт на разни племиња и држави во регионот.

Сефевидска династија (1500 - 1722)[уреди | уреди извор]

Сефевидскиот шах Исмаил го отфрлил владеењето на Акојунлу Турците во регионот на Азербејџан и го возобновил Персиското Царство. Тој ја проширил државата и таа ги вклучувала териториите на денешните Азербејџан, Иран, Ирак и поголем дел од Авганистан. Проширувањето на Исмаил било сопрено од Отоманското Царство во Битката кај Чалдиран во 1514 и оттогаш Персија била во постојана војна со Отоманското Царство.

Плоштадот Нагш-и-Јахан е еден од спомениците од сефевидската ера.

Во 1588 Шахот Абас I вовел културна и политичка ренесанса. Склучил мир со Турција, го преселил седиштето во Исфахан, кој станал центар на верата и културата,ја реформирал војската, ги протерал Узбеците во денешен Узбекистан и со помош на Англичаните го освоил стратешкиот остров Хормуц во Арапскиот Залив од Португалците.[6]

Сефевидите биле шиитски муслимани, и под нивно водство Иран станал и до денес останал најголема шиитска земја во исламскиот свет. Под Сефевидите, Персија го доживеала својот последен период како голема империјална сила. Во 1639 била исцртана конечната граница со Отоманското Царство, која и до денес е границата помеѓу Иран и Турција и Иран и Ирак.

Сефевидското Царство пропаднало во 1722 г.

Иран и Европа (1722 - 1914)[уреди | уреди извор]

Во 1722 година, Петар Велики од Русија ја нападнал Персија со цел да овладее со центална Азија. Русите го освоиле Баку. Отоманците ги следеле Русите и го освоиле Исфахан. Англо-рускиот договор од 1907 година ги формализирал зоните на влијание на Русија и Англија. Персија нашла релативна стабилност под водството на династијата Каџар, која владеела од 1779 до 1925, но немала можност да се натпреварува со индустриските сили од Европа, особено притисната од Русија на север и Англија на југ. Секоја од нив откинала парчиња од Персија, кои подоцна станале: Бахреин, Азербејџан, Туркменистан, Ерменија, Грузија и Узбекистан. И покрај неколкуте краткотрајни обиди да се возобнови царството, Персија останала на удар на европските колонијални империи во доцниот XVIII и целиот XIX век. Иако таа не била никогаш директно освоена, постепено станала економски зависна од Европа.

Персија како тема во уметноста и популарната култура[уреди | уреди извор]

Персија се јавува како тема во уметноста и во популарната култура:

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Akbarzadeh, D.; A. Yahyanezhad (2006). The Behistun Inscriptions (Old Persian Texts) (персиски). Khaneye-Farhikhtagan-e Honarhaye Sonati. стр. 57. ISBN 964-8499-05-5.
  2. Hammond, N. G. L.; M. Ostwald (1988-11-24). The Cambridge Ancient History Set: The Cambridge Ancient History Volume 4: Persia, Greece and the Western Mediterranean, c.525-479 BC: Persia, Greece and ... C.525-479 B.C. Ed.J.Boardman, Etc v. 4. John Boardman, D. M. Lewis (eds.) (2. изд.). Cambridge University Press. стр. 15. ISBN 0521228042.
  3. Parpola, Simo. „Assyrian Identity in Ancient Times and Today“ (PDF). Assyriology (англиски). Journal of Assyrian Academic Studies. стр. 3. Етнонимите како „Арапски“ (Arbāyu), „Медејски“ (Mādāyu), „Египетски“ (Muşurāyu) и „Урарски“ (Urarţāyu) се од доцниот VIII век п.н.е. наваму, и ги носат Асиризирани влијателни луѓе на високи позиции.
  4. Zarinkoob, pp. 355-357
  5. Zarinkoob, pp. 461, 519
  6. „European Domination of the Indian Ocean Trade“. Архивирано од изворникот на 2013-01-06. Посетено на 2007-01-10.
  7. „Белешка за писателот“, во: Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 137.
  8. Knizara.com, Persijanci (пристапено на 24.1.2016)
  9. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 51.
  10. IMBd, Prince of Persia: The Sands of Time (2010) (пристапено на 26.1.2016)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]