Сатрап

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Сатрап (персиски: ﺳﺎ تراپ) е назив за управител на покраина во древните Медејска и Ахаменидска империја и во државните творби наследници на овие две империи, како што се Сасанидската империја и наследничките на Македонската империја.

Титулата сатрап е со потекло од Медеја и била користена за да ги опише вазалните кралеви во Медејската империја. Медејските и персиските кралеви за контрола и надгледување на своите сатрапи испраќале надзорници кои носеле титула "кралско око".

Зборот сатрап исто така често се користи во медерната литература за светски водачи или управители кои се под силно влијание на големите светски суперсили или хегемонии и делуваат како нивни сурогати.

Етимологија[уреди]

Зборот „сатрап“ има авестански корен и е сличен со санскритскиот збор кшатрапа. На старо персиски 𐎧𐏁𐎰𐎼𐎱𐎠𐎺𐎠 xšaθrapāvan („заштитник на покраината“), од xšaθra ("подрачје" или "покраина") и pāvan ("заштитник"). На старо-грчки јазик, зборот бил изговаран како σατράπης, сатрапес, и бил романизиран како satrapes, од старо-персискиот xšaθrapā(van)). Во современиот персиски јазик зборот еволвирал во شهربان (shahrbān). "Sharbān", преведено од современиот персиски јазик, буквално значи "градски чувар"; (ﺷﻬﺮ "шахр", со значење "град", بان "бан" со значење "чувар"). Зборот најверојатно е деривација од древниот индо-персиски јазик.

Медо-персиски сатрапи[уреди]

Широката примена на сатрапиите или покраините, датира од периодот на првото персиско кралство за време на Кир Велики, околу 530 гпне. Но, административната организација на покраини потекнува од ерата на Медеја, најверојатно околу 648 гпне.

Се до освојувањето на Медеја од страна на Кир Велики, медејските владетели управувале со потчинетите територии преку "вазалски кралеви" и гувернери. Основната разлика била во тоа што концептот за крал во персиската култура бил неделив од божјото, божјиот авторитет му ги давал сите права и бил кодифициран со "божјите права на кралот". Дваесете сатрапи за време на Кир Велики никогаш не биле кралеви туку вицекралеви (поткралеви), кои владееле во негово име. Во одредени политички околности повеќето од нив ја користеле и најмалата прилика за да си обезбедат дополнителна моќ, независно од кралот. Дариј I воспоставил нова организација на сатрапиите на тој начин што го зголемил нивниот број на 23 и им наметнал плаќање на годишен данок.

Сатрапот бил на чело на администрацијата во својата покраина (сатрапија). Прибирал данок, ги контролирал локалните намесници, припоените градови и народи и бил врховен судија во покраините во сите граѓански и криминални спорови. Бил одговорен за сигурноста на патиштата и должен да ја елиминира секоја буна или отпор.

Во неговите работи му помагал Советот на Персијците, кадешто членувале и локални советници. Советот бил контролиран од страна на кралски секретари и лични емисари на кралот, посебно од страна на "кралското око", кој спроведувал годишна инспекција.

Од голема помош но и противтежа на секој сатрап, покрај писарот бил и неговиот главен финансиски чиновник (старо-персиски: ganzabara), додека генералот задолжен за регуларната војска во покраината и утврдувањата бил независен и одговорен лично на кралот. На сатрапите не им било забрането да имаат и сопствени трупи потчинети лично нему.

Поголемите сатрапии најчесто биле поделени во помали региони, чии гувернери исто така се нарекувале сатрапи или хипарси (од грчки Hyparkhos - понизок намесник). Честопати доаѓало до прерасподелба на големите сатрапии, па се случувало две сатрапии да бидат под власт на еден сатрап.

Со оглед на тоа дека покраините на големите империи настанувале како резулатат на постојаните освојувања (матичната територија имала посебен статус и била изземена од плаќање на покраински даноци), сатрапиите најчесто биле во старите граници на покорените држави или етно-религиските идентитети. Една од клучните причини за успехот на Ахаменидите, како една од светските империи кои опстанале најдолго на историската сцена, била нивната отвореност и толеранција спрема културите и религиите на покорените народи. Во таа смисла, препознатливата персиска култура најповеќе трпела притисоци во поглед на својата постојаност поради настојувањата на Големиот крал културите на сите свои поданици да ги спои во нова империјална култура. Тоа најдобро можело да се види во изгледот на главниот градот Персеполис.

Секогаш кога централната власт во империјата ќе ослабела, сатрапот се обидувал да избори независност, на тој начин што спротивно на сите правила ја преземал улогата на главен заповедник над војската. Побуните на сатрапите станале зачестени од средината на петтиот век пред нашата ера. Дариј I, за време на своето владеење помеѓу 521 и 485 гпне, честопати се соочувал со побуни, а за време на Артаксеркс II (владетел на Персија од 404 - 358 гпне) повеќе пати доаѓало до отворени побуни во поголемиот дел на Мала Азија и Сирија. Последните големи побуни биле за време на владеењето на Артаксеркс III (343 - 338 гпне), кој безуспешно обидувајќи се да ја сочува Персија од граѓанска војна ги погубил сите свои роднини, со воена интервенција ја вратил под контрола Египетската сатрапија, но сепак на крајот бил убиен од страна на еден свој министер.

Македонски сатрапи[уреди]

Сатрапската администрација и титула ја обновил Александар Македонски, кој гo покорил персиското царство а границите на своето царство ги проширил далеку зад границите на персиското. Наследниците на Александар Македонски (дијадосите), после неговата смртт ги прекроиле границите на големата империја. Посебно во Селевкидската империја се владеело преку сатрапи со покраините.

Партијански и Сасанидски сатрапи[уреди]

Во Партијанската империја моќта на кралот се засновала на подршка на аристокраските фамилии кои управувале со големите поседи, а за возврат ја снабдувале војската и плаќале даноци. Градовите-држави во рамките на кралството имале одреден степен на самоуправа, но и тие му плаќале данок на кралот.

Администрацијата во Сасанидската империја била далеку поцентрализирана од онаа во Партијанската империја. Делумно независните кралства и градови-држави со сопствена управа од времето на Партијанската империја биле заменети со системот на "кралски градови" кои служеле како седишта на централно назначените гувернери (нарекувани shahrabs) и истовремено биле седишта на воените гарнизони. Шахрабите управувале со градот и руралниот регион околу градот.

Источнатa римска империја исто така ја адаптирала титулата "сатрап", за полуавтономните принцови кои управувале со една од Ерменските провинции, Сатрапија.

Други сатрапи[уреди]

По аналогија, зборот сатрап анахронистички се користи за различни гувернери, посебно на Ориентот, чија вистинска титула е етимолошки независна, како на пример shaknu и bel pihati во стара Асирија (а подоцна и во Вавилон?)

Во поново време, најчесто погрдно, зборот сатрап се користи за да се обележат поданиците и соработниците на некоја моќна личност или субјект во политиката или бизнисот.

Видете исто така[уреди]

Литература[уреди]

  • A. T. Olmstead, Историја на Персиската империја, 1948. (англиски)
  • Robert Dick Wilson. The Book of Daniel: A Discussion of the Historical Questions, 1917. Достапно на home.earthlink.net. (англиски)

Надворешни врски[уреди]