Џиро ди Ломбардија 2015

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џиро ди Ломбардија 2015
Детали за трката
Издание109. Џиро ди Ломбардија
НатпреварувањеСветска турнеја на UCI 2015 1.UWT
Датум4 октомври 2015
Растојание245 км
ДржаваITA Италија
ПоаѓалиштеБергамо
ОдредиштеКомо
Екипи25
Возачи на почеток198
Возачи на крај99
Просечна брзина39,047 км/ч
Добитници на наградите
ПобедникITA Винченцо Нибали (Астана)
ВторопласиранESP Даниел Морено (Катјуша)
ТретопласиранFRA Тибо Пино (ФДЖ)
◀20142016▶
Документација

Џиро ди Ломбардија 2015 (позната и како Трка околу Ломбардија 2015) — еднодневен велосипедски класик кој се одржал околу езерото Комо во Ломбардија, северна Италија, на 4 октомври 2015 година. Било 109. издание на еднодневната велосипедска трка Џиро ди Ломбардија и бил завршен велосипедски монумент на сезоната 2015, како и завршна трка во сезоната на Светската турнеја. Трката била организирана од RCS Sport, кој е организатор и на Џиро ди Ломбардија.

Патеката била тешко, преминувајќи неколку тешки искачувања на растојание од 245 километри, вклучувајќи го познатото искачување Мадона дел Гизало. Започнала во градот Бергамо и до езерото Комо стигнала на половина од рутата на патеката. Завршните 75 километри ги содржеле најголемите искачувања, а завршното искачување било во последното десет километри. По ова следел спуст до целта во Комо.

Имало агресивно возење од искачувањето на Мадона дел Гизало и на тешкото Муро ди Сормано кое следело. Мала група се издвоила до завршните искачувања. Винченцо Нибали (Астана), кој ја целе трката по неговото исфрлање од Вуелта а Еспања, нападнал на претпоследното искачување. И покрај тоа што изгубил некое време во однос на групата зад него на завршното искачување, стигнал до целта сам, освојувајќи прва победа на некој монумент. Даниел Морено (Катјуша) бил втор, а Тибо Пино (ФДЖ) го заокружил подиумот, на третото место.

Позадина[уреди | уреди извор]

Џиро ди Ломбардија била завршна трка во Светската турнеја 2015. Ова било промена во однос на неодамнешните години, кога Трката околу Пекинг била завршна трка.[1] Поединечната победа во Светската турнеја веќе била обезбедена од Алехандро Валверде (Мовистар Тим). Валверде освоил два еднодневни класици кои се одржале на почетокот на сезоната (Флеш Валон и Лиеж-Бастон-Лиеж) и завршил помеѓу првите десет на обете големи трки, Тур де Франс и Вуелта а Еспања. Катјуша предводеле во екипниот пласман пред Мовистар и Тим Скај, додека Шпанија водела во националниот пласман пред Колумбија и Велика Британија.[2]

Џиро ди Ломбардија е исто така и последниот од низата италијански класици.

Екипи[уреди | уреди извор]

Седумнаесетте UCI World Tour екипи биле автоматски поканети и се обврзани да учествуваат на трката.[3] Организаторите на трката, исто така, поканиле осум професионални континентални екипи со специјални покани. Во нив се нашле и петте екипи со специјална покана од Џиро д’Италија, четири од нив биле италијански. ЈунајтедХелткер и Колумбија добиле покани откако биле одбиени за Џиро, додека Бора-Аргон 18 ги добила последното место.[4] Секоја екипа се очекувало да настапи со по осум возачи.[5] Двајца возачи не успеале да ја започнат трката, па така главната група првично имала 198 возачи. 99 возачи ја завршиле трката.[6]

Екипи кои настапиле на трката биле:[7]

Екипи од Светската турнеја

Професионални континентални екипи

Рута[уреди | уреди извор]

Рутата за Џиро ди Ломбардија била објавена на 11 септември 2015 година, на само три недели пред почетокот на трката, со бројни промени од минатогодишното издание. Трката се одржала во областа Ломбардија, северна Италија, на 4 октомври на растојание од 245 километри, со најтешките искачувања во втората половина.[8]

Белаџо на брегот на езерото Комо

Рутата започнала во Бергамо, каде завршила трката во 2014 година. Имало неутрална зона која ги водела возачите јужно и надвор од градот. Потоа, рутата продолжува на исток и на север. По 43,6 километри, возачите го достигнале Ентратико, каде се приклучила на долината во насока север-исток. До оваа точка, рутата била скоро целосно рамна. Меѓутоа, по шест километри од долината, рутата вртела кон запад и го имала своето прво искачување, Коле Гало (7,4 километри со просечен наклон од 6%). По спустот од искачувањето, рутата продолжувала западно и се враќала кон Бергамо. До тука, возачите поминале 79 километри.[9]

Рутата повторно го напуштила Бергамо, овој пат кон север-запад, и поминала низ Валбрембо. Потоа, рутата вртела кон запад и дошла до второто искачување, Коле Бријанца. Ова било умерено искачување (околу 3,9 километри со наклон од 4%) и спустот потоа ги одвел возачите северно кон Пескате, каде дошле до брегот на езерото Комо по првпат. Тука, рутата вртела постепено повторно кон југ, поминувајќи долж источниот брег на езерото Аноне и околу неговиот јужен раб. Ова било на половина пат од трката. Повторно, рутата се упатила кон север, поминувајќи низ Оно и Белаџо, повторно долж езерото Комо. До оваа точка, возачите поминале 172 километри. Останатите 73 километри биле поридести и најтешки во трката.[9][8]

Поглед на градот Комо од врвот на претпоследното искачување, Чивилјо. Последното искачување е во позадина, додека целта е на брегот на езерото.

Првото искачување било Мадона дел Гизало. Имало искачување од 8,6 километри со просечен наклон од 6,2%. Меѓутоа, три километри во средината биле рамни, па така останатите 5,6 километри имале просечен наклон од 9% и делови стрмни и до 14%. Веднаш по спустот, возачите се соочиле до Колма ди Сормано. Првите пет километри од искачувањето имале просечен наклон од 6,6%. По ова, дошол Муро ди Сормано, кој бил долг 1,9 километри со просечен наклон од 15,8% и делови од скоро 30%. На врвот на искачувањето преостанувале 50,4 километри до целта.[9][8]

По спустот до бреговите на езерото Комо, имало околу 16 километри рамен дел кој ги носел возачите југозападно во градот Комо. После тоа се вртело кон исток за претпоследното искачување. Ова било Чивилјо (4,2 километри со 9,7%), на врвот имало уште 16,6 километри до целта. Потоа имало спуст до Комо, на кој останувале уште 10 километри. Потоа се одело на запад и се искачувало Сан Фермо дела Баталја (2,7 километри со 7,2%). Од тука преостанувале 5,3 километри. Следел спуст до градот.[9]

Фаворити пред трка[уреди | уреди извор]

Алехандро Валверде (Мовистар Тим), фотографиран по победата на Лиеж-Бастон-Лиеж 2015, бил фаворитот за победа на трката.

Бранителот на трката бил Даниел Мартин (Канондејл-Гармин), кој ја освоил трката во 2014 година со напад при крајот. Меѓутоа, паднал на Вуелта а Еспања и бил приморан да се повлече од трката поради повреда. По опоравувањето од повредата, возел само еднаш: завршил на 14. место на Милано-Торино. Џиро ди Ломбардија била последна трка во сезоната на Мартин и негова последна за екипата Канондејл-Гармин.[10]

Бидејќи формата на Мартин била несигурна, фаворитот за трката бил Алехандро Валверде. Не само што бил силен на ридестите класици во почетокот на сезоната 2015, бил близу успех на Џиро ди Ломбардија во минатото: завршил втор на трките во 2013 и 2014 година. Макс Шијандри, спортски директор на Ванти-Груп Гобер, изјавил дека потешката трка во 2015 година му годела на Валверде: „сега е подобна за искачувачи и добри спусташи отколку за возачи на класици ... [Валверде] може да се искачувам да се спушта и е добар во спринтерски завршници“.[11] Cycling Weekly објавил дека способноста на Валверде да се опорави на време од Вуелта за Џиро ди Ломбардија може да биде во негова корист.[12] Хоаким Родригес (Катјуша) исто така бил силен фаворит за трката: ја освоил трката во 2012 и 2013 година и бил втор на Вуелта. Меѓутоа го повредил своето колено за време на тренинг и бил приморан да се откаже од трката.[13]

Винченцо Нибали бил исто така наведен како можен победник на трката, по тешката сезона. Имал тешкотии на Тур де Франс и подоцна бил исфрлен од Вуелта за држење на автомобилот на трката.[14] Потоа целе на Џиро ди Ломбардија.[12] Нибали се покажал солидно на другите италијански класици, додека неговата екипа ја покажала својата сила поддржувајќи го Диего Роза за победа на Милано-Торино. Фабио Ару, кој ја освоил Вуелта, не учествувал; наместо тоа, возел на Трката околу Астана.[14]

Со отсуството на Родригес, други двајца поранешни прваци ја започнале трката: тие биле Филип Жилбер (BMC), победник во 2009 и 2010 година и Дамијано Кунего (Нипо-Вини Фантини), кој ги освоил изданијата во 2007 и 2008 година. Жилбер бил особено сметан за можен победник на трката.[12] Други фаворити за победа на трката биле Тибо Пино (ФДЖ), Руј Кошта и Диего Улиси (Лампре-Мерида), Сајмон Геранс (Орика-ГринЕЏ), Рафал Мајка (Тинкоф-Саксо), Роберт Гесинк (Лото НЛ-Џамбо), Варан Баргиј (Џајант-Алпецин), Доменико Поцовиво и Ромен Барде (Аг2р-Ла Мондијал), Михал Квјатковски (Етикс-Квик Степ) и Тим Веленс (Лото-Судал).[11]

Извештај од трката[уреди | уреди извор]

Трката започнала во Бергамо со облачно време и дожд. На почетокот имало напади; со што се издвоило бегство од единаесет возачи, како членови на првичното бегство. Во него биле вклучени Штефан Шумахер (ЦЦЦ-Спранди-Полковице), Енрико Барбин (Бардијани-ЦСФ), Јан Поланц (Лампре-Мерида), Матео Бусато (Саутист Про Сајклинг), Денис ван Винден (ЛотоНЛ-Џамбо), Зимон Гешке (Џајант-Алпецин), Пјерпаоло де Негри (Нипо-Вини Фантини), Марко Канола (ЈунајтедХелткер), Чезаре Бенедети (Бора-Аргон 18), Жером Копел (ИАМ Сајклинг) и Оскар Гато (Андрони Џокатоли). Бегството имало водство од над осум минути по Коле Бријанца, додека главната група главно била контролирана од Астана, со мала помош од Мовистар и Тим Скај. До подножјето на Мадона дел Гизало, водството било намалено на само две и пол минути.[6][15]

Мадона дел Гизало било местото на неколку напади. Во бегството, Бенедети, Канола, Ван Винден и Барбин се одвоиле од другите возачи. Михал Квјатковски бил првиот кој нападнал од главната група: потоа му се приклучиле Матео Трентин, Карлос Верона, Лукаш Вишњовски (сите од Етикс-Квик Степ), Том-Јелте Слагтер (Канондејл-Гармин), Јон Изагире (Мовистар), Роберт Гесинк, Тимо Росен (ЛотоНЛ-Џамбо), Џакомо Ницоло (Трек Фактори Рејсинг) и Тим Веленс. По ова искачување стигнало Муро ди Сормано. Бенедети и Канола воделе на почетокот на искачувањето, но набрзо биле претекнати од Квјатковски и Веленс. Веленс имал тешкотии да се одржи со Квјатковски. Во меѓувреме, Астана возела силно во главната група, намалувајќи ја на околу 20 возачи. Филип Жилбер и Даниел Мартин биле помеѓу возачите кои не успеале да останат со групата, и и покрај напорите на Жилбер, не успеале да се повратат.[6][15]

Винченцо Нибали (Астана), фотографиран во текот на Тур де Франс 2015, нападнал на претпоследниот спуст и го освоил својот прв монумент.

На спустот од Сормано, Квјатковски и Веленс воделе, додека Диего Роза ја предводел главната група во корист на Нибали. Предноста на водечкиот двоец била намалена на спустот и уште повеќе на рамниот дел кон Комо. Кога започнало искачувањето на Чивилјо на 20 километри пред целта, Квјатковски нападнал сам; меѓутоа, бил достигнат од групата по само еден километар подоцна. Астана продолжила да ја предводи главната група; нивното темпо ја намалило групата на само седум возачи. Роза бил помеѓу возачите кои отпаднале, но соработувал со Серхио Енао (Скај) да се вратат во групата. Потоа, бил еден од возачите кои нападнале кон крајот на Чивилјо, заедно со Микел Ниеве (Скај), Нибали и Пино. Ниеден од нападите не бил успешен, откако Даниел Морено (Катјуша) ги достигнал другите возачи и групата стигнала заедно на врвот.[6][15][16]

Нибали повторно нападнал по врвот и возел сам на спустот. И покрај што за малку ќе се судрел со мотор, ги користел своите силни вештини за спуштање да постигне предност пред групата.[15] Ја користел целата ширина на патот и стигнал многу блиску до пречките покрај патот на неколку моменти. Во меѓувреме, Роза бил на чело на групата во обид да ја забави потерата. Водството на Нибали на крајот на спустот било околу 40 секунди.[15][17]

Кога започнало последното искачување на 7,5 километри пред крајот, Нибали бил сè уште на околу 40 секунди пред групата зад него. Пино нападнал но набрзо бил достигнат и претекнат од Морено, кој тргнал сам во потера по Нибали. Морено добил одредено време во текот на искачувањето, но не успеал да го достигне. На спустот кон целта во Комо, надмоќта на Нибали во спустот му дозволила да остане пред Морено и сам да стигне на целта за победа. Морено завршил 21 секунда зад него, додека Пино доцнел дополнителни 11 секунди. Валверде го освоил спринтот за четвртото место пред Роза и Ниеве.[6][15]

Резултати[уреди | уреди извор]

Велосипедист Екипа Време Бодови за
Светската турнеја
1  Винченцо Нибали (ИТА) Астана 6ч 16' 28" 100
2  Даниел Морено (ШПА) Катјуша + 21" 80
3  Тибо Пино (ФРА) ФДЖ + 32" 70
4  Алехандро Валверде (ШПА) Мовистар Тим + 46" 60
5  Диего Роза (ИТА) Астана + 46" 50
6  Микел Ниеве (ШПА) Тим Скај + 46" 40
7  Тони Галопен (ФРА) Лото-Судал + 56" 30
8  Естебан Чавес (КОЛ) Орика-ГринЕЏ + 56" 20
9  Серхио Енао (КОЛ) Тим Скај + 56" 10
10  Џанлука Брамбила (ИТА) Етикс-Квик Степ + 1' 10" 4

По трката[уреди | уреди извор]

Тибо Пино (ФДЖ), фотографиран во текот на Тур де Франс 2015, завршил трет, обезбедувајќи го првиот пласман помеѓу првите десет на некој монумент.

Реакции[уреди | уреди извор]

Нибали по трката изјавил дека неговата победа на Џиро ди Ломбардија го направило неговото исфрлање од Вуелта „добра работа“, бидејќи му помогнало да најде лутина. Изјавил дека неговиот успех ја вратил неговата сезона назад, особено што бил првиот Италијанец кој освоил еден монумент во долг период.[18] Последен Италијанец кој освоил некој од велосипедските монументи бил Дамијано Кунего на Џиро ди Ломбардија 2008.[19] Нибали ја опишал победата добра како и победата на Лиеж-Бастон-Лиеж; исто така, изјавил дека и покрај ризиците кои ги презел за време на спустот од Чивилјо, Петер Саган бил „полуд“ од него при спуштањето.[18]

Пино се опишал себеси како „горд“ на крајот на трката, бидејќи Џиро ди Ломбардија била голема цел за него. Го опишал Нибали „најсилниот, најпаметниот и најприкриениот“ возач на трката.[20] Било првпат Пино да заврши помеѓу првите десет на монумент.[21] Даниел Мартин, кој не успеал да ги следи водечките возачи на Муро ди Сормано, ја завршил трката со цел да ја оправда довербата на екипата по повредата во почетокот на сезоната. Завршил на 52. место, скоро десет минути зад Нибали и изјавил дека не бил доволно силен да ги следи нападите на искачувањето.[22]

Светска турнеја на UCI[уреди | уреди извор]

И покрај освоените бодови од второто место на Морено, Катјуша не успеале да освојат доволно бодови за победа на екипниот пласман на Светска турнеја. 60. бода кои ги освоил Валверде биле доволни за обезбедување на победата во екипниот пласман, како и зголемување на сопствената предност во поединечниот пласман.[23] Третото место на Пино му донело 70 бода и се искачил до десеттото место во пласманот на Светската турнеја, додека успехот на италијанските возачи ја поместило Италија пред Колумбија и Велика Британија, завршувајќи втора зад Шпанија во националниот пласман.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „UCI го потврди календарот на Светската турнеја 2015“. Cycling News. Посетено на 4 јануари 2015.
  2. Вин, Најџел (14 септември 2015). „Алехандро Валверде „ја освои" Светската турнеја на UCI 2015“. Cycling Weekly. Посетено на 1 октомври 2015.
  3. „Велосипедски одредби UCI: Дел 2: Друмски трки“ (PDF). Меѓународен велосипедистички сојуз. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 јули 2015. Посетено на 20 август 2015.
  4. Браун, Грегор (19 јануари 2015). „Џиро објави пет екипи со специјални покани; вклучени четири италијански екипи“. Velonews. Архивирано од изворникот на 2015-10-02. Посетено на 30 септември 2015.
  5. RCS 2015, стр. 32.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 О’Ши, Садб (4 октомври 2015). „Нибали го освои Џиро ди Ломбардија“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 6 октомври 2015.
  7. „Џиро ди Ломбардија 2015 - Класик“. ProCyclingStats. Посетено на 30 септември 2015.
  8. 8,0 8,1 8,2 „Завршницата во Комо најавена за Трката околу Ломбардија 2015“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 11 септември 2015. Посетено на 30 септември 2015.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 RCS 2015, стр. 12–27.
  10. Бенсон, Даниел (3 октомври 2015). „Даниел Мартин го предводи Канондејл за последен пат на Ломбардија“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 6 октомври 2015.
  11. 11,0 11,1 Фаранд, Стивен (3 октомври 2015). „Валверде прогласен за фаворит за Трка околу Ломбардија“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 6 октомври 2015.
  12. 12,0 12,1 12,2 Падикомб, Стивен (2 октомври 2015). „Преглед на Џиро ди Ломбардија 2015“. Cycling Weekly. Time Inc. UK. Посетено на 6 октомври 2015.
  13. „Повреда на коленото го примора Родригес да се откаже од Ломбардија“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 3 октомври 2015. Посетено на 6 октомври 2015.
  14. 14,0 14,1 Фаранд, Стивен (4 октомври 2015). „Астана се надева да ја контролира Трка околу Ломбардија за Нибали“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 6 октомври 2015.
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 15,4 15,5 Стоукс, Шејн (5 октомври 2015). „Винченцо Нибали победи на Џиро ди Ломбардија со извонреден напад на спуст“. Cyclingtips.com.au. Wallace Media Pty Ltd. Посетено на 6 октомври 2015.
  16. Фаранд, Стивен (5 октомври 2015). „Роза го покажа својот талент додека го поддржуваше Нибали на Ил Ломбарда“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 6 октомври 2015.
  17. Вин, Најџел (4 октомври 2015). „Гледај: Неверојатниот спуст на Винченцо Нибали на Џиро ди Ломбардија“. Cycling Weekly. Time Inc. UK. Архивирано од изворникот на 2015-10-05. Посетено на 6 октомври 2015.
  18. 18,0 18,1 Фаранд, Стивен (6 октомври 2015). „Нибали горд на победата на Џиро ди Ломбардија“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 6 октомври 2015.
  19. „Giro di Lombardia, fantastico show di Nibali: vola in discesa e trionfa“. La Gazzetta dello Sport (италијански). RCS MediaGroup. 4 октомври 2015. Посетено на 6 октомври 2015.
  20. Фаранд, Стивен (5 октомври 2015). „Џиро ди Ломбардија: Пино задоволен со местото на подиум на најтешкиот класик во сезоната“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 6 октомври 2015.
  21. „Тибо Пино“. ProCyclingStats. Посетено на 6 октомври 2015.
  22. Фаранд, Стивен (6 октомври 2015). „Даниел Мартин ја завршил Џиро ди Ломбардија да ги поздрави Канондејл-Гармин“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 6 октомври 2015.
  23. „Валверде им помогна на Мовистар да ја запечатат својата трета победа на Светската турнеја“. Cyclingnews.com]. Immediate Media Company. 5 октомври 2015. Посетено на 6 октомври 2015.

Извори[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]