Електронска музика
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Историски гледано, електронската музика започнува уште во почетокот на XX век. Во 1913 година, Лујџи Русоло (Luigi Russolo), деклариран како футурист, во манифестот "L'arte dei Rumori" ("Уметноста на шумовите") пишува дека шумот ќе биде револуционерен момент во концертните сали. Тој вели, "Сево ова ќе направи уживателите на 'музиката' да вриштат...". Ќе ги изгради механичките музички инструменти наречени Intonаrumori, кои се инструменти што создаваат шумови.
До 50-тите години на 20 век ќе бидат патентирани повеќе електрични и електронски инструменти (како теремин (Theremin), мартенови бранови (Ondes Martenot), траутониум (Trautonium), органата хамонд (Hammond Organ) итн.), што значи дека се развиваат нови потреби во музиката. Академските композитори се интересираат сè повеќе околу овие инструменти и пишуваат дела кои ќе останат во класичниот концертен репертоар на 20 век. Оливие Месијан (Olivier Messiaen), Дариус Мијо (Darius Milhaud), Едгар Варез (Edgard Varèse), Пиер Булез (Pierre Boulez) ќе напишат дела за мартенови бранови кој е единствен електричен инструмент кој ќе се изучува на Конзерваториумите во Франција; Трутониумот ќе биде интересен за германскиот композитор Пол Хиндемит (Paul Hindemith). Истиот инструмент ќе биде искористен во Хичкоковиот "Птици" итн. Хамонд органата, која е можеби и најупотребуваниот електричен инструмент, најчесто од поп, рок и џез изведувачите, ќе биде привлечен и за композиторот Џорџ Гершвин (George Gershwin).
Во 1939 година, Џон Кејџ (John Cage), смело ќе го напише првото електронско дело "Imaginary Landscape#1" во кое како инструменти се користат два грамофони со можност за варирање на брзината на вртежите во секунда, перкусии и шум. Со ова јасно се предвидуваат диџеите.
Во 1948, Пјер Шафер (Pierre Schaeffer) ќе направи дело од звуци од парни машини, свирења на локомотиви и други звуци на возови. "Etude aux Chemins de Fer" (Железничка Етида). Ова ќе биде прва снимка на обработка на повеќе звуци во историјата. Така ќе се создаде "musique concrète" (конкретна музика), која значи дека со звуците се работи директно (конкретно), а не преку абстрактниот нотен запис. До 1951 година тој работи со грамофони, за да од 1951 се фокусира на магнетофонските ленти кои ќе останат основен медиум уште долго време.
Во САД, во 1952 година ќе биде организиран првиот концерт на електронска музика во МоМА (Музејот за Модерна Уметност во Њујорк). На концертот ќе бидат изведени дела на Ото Луенинг (Otto Luening) и Владимир Усашевски (Vladimir Ussachevsky).
Во 1953 година во Западноeвропскотo Радио (WDR - Westdeutscher Rundfunk) во Германија официјално ќе се отвори најзначајното студио за електронска музика во тој период, опремено со генератор на синусоидни звуци, генератор на бел шум, мелокорд (Melochord) и монокорд (Monochord) и снимачи на ленти. Тука германскиот композитор Карлхајнц Штокхаузен (Karheinz Stockhausen) ќе ги напише првите целосно електронски дела со помош на есенцата на звукот, синусоидите. Од почеотокот на 50-тите години започнува поинтензивно и посериозно да се пројавува интерес за електронската музика. Веќе магнетофонските ленти масовно стануваат дел од класичните концерти. Се пишуваат дела за електронски музички медиуми. Во 1958 година, Philips на Светскиот Саем во Брисел ќе изгради павиљон каде што ќе бидат изведени две многу важни електронски дела, "Poème Electronique" од Едгар Варез и "Concrète PH" од Јанис Ксенакис (Iannis Xenakis). "Poème Electronique" e мегаломанско дело кое во својата изведба вклучува 400 звучници за репродукција на звукот во простор, проекции на звуци и светла во боја. Ова е едно од позначајните електронски дела кое ќе го најави добата на surround-от . САД во перидот на 50-тите години се развива во друг правец, што ќе биде можеби и најголемата револуција во 20 век; компонирање музика со компјутер. Лабораториите на Бел Телефоун (Bell Telephone Labs) уште во 1957 година, предводени од Макс Метјус (Max Matthews) ќе ја напишат првата компјутерска програма за генерирање на дигитално аудио, наречена Music I. Во наредните години ќе се напишат и Music II, Music III и Music IV. Жан Клод Рисе (Jean-Claude Risset) во истите лаборатории со помош на Music IV за првпат успешно ќе синтетизира акустичен звук, во овој случај звук на труба. Со ова се започнува на големо, истражувањето во физичките можности на звукот и во дигиталната синтеза на звукот. Макс Метјус, Жоан Милер (Joan Miller) и други ќе создадат и синтетизираат и човечки гласови.
Првиот синтетизер е создаден од Роберт Моуг (Robert Moog) во 1964. Тој се состои од модуларни компоненти како осцилатори, филтри, генератори на енвелопи, засилувачи, миксери и како посредник за свирење се користи тастатурата. Овој инструмент, кој активно се користи и денес, ќе го привлече вниманието на поп, рок и електро сцената.
Веќе од 60-тите години постои зрела средина за создавање на сериозни и комплексни електронски дела. Со текот на времето, овие електронски уреди стануваат парично сè попристапни и со тоа се зголемува нивната употреба во популарната музика. Од друга страна, авангардната сцена, сè повеќе работи на мултимедијалноста.
Во 1970 година, тогашниот претседател на Франција, Жорж Помпиду (Georges Pompidou), ќе го покани композиторот Пјер Булез да го создава и води првиот Институт за Музички Истражувања во асоцијација на новоформираниот Национален Центар за Современа Уметност. Овој центар ќе стане познат како "Centre Pompidou", а институтот како IRCAM (Institut de Recherche et Coordination Acoustique/Musique). Се работи за троспратна подземна градба која содржи канцеларии, лаборатории, студија за снимање, 'глуви' простории и познатата концертна сала со променливи ѕидови кои овозможуваат различни акустики за различни потреби. Овој институт и денес претставува главен центар на сите мултимедијални истражувања.
Раните 80-ти години се од огромна важност за технологиите во музиката. E-Mu за првпат ќе го најави Systems Emulator кој е првиот успешно конструиран семплер.
Во 1981 година, електронскиот музички маркет ќе стане пренатрупан и хаотичен. Икатуро Катекаши (Ikaturo Kakehashi), основачот и главниот на Roland, ќе види потреба од воспоставување на индустриски стандард. Заедно со Sequential Circuits, Yamaha и други ќе го дефинираат првиот дигитален универзален протокол наречен МИДИ (Musical Instrument Digital Interface). Првата МИДИ 1.0 спецификација ќе биде издадена во 1983. Со ова се овозможува за првпат да се воспостави мрежа на сите електронски уреди. Така истата година, Yamaha ќе го создаде првиот МИДИ синтетизер. Истиот ќе биде и прв кој ја употребува и познатата ФМ (честотна модулација) за генерирање на звуци.
Генерално гледано, музиката во 20 век станува сè попристапна. Денес е веќе ректост да се чуе музика без каква било електронска манипулација. Од раните 80-ти години кога за првпат се јавува dance музиката, уште повеќе се засилува и развива употребата на овие уреди.
Простирајќи се назад во 70-тите години за да ги зграби деловите од диското и фанкот, како и направите за електронско компонирање, набрзо електронската музика станува целосно нов ентитет. Во нејзиниот дводецениски развоен пат таа создава нови звуци и поджанрови во бескрај.
Нејзините почетоци се јавуваат во пост-диско средините на Чикаго/Њујорк и Детроит, градови кои ги “родиле“ хаусот и техното (секој посебно) во текот на 80-тите. Подоцна во таа декада луѓето од Велика Британија кои оделе по клубовите најмногу се држеле до спојот на механичкото и сензуалното. Така тие “им ја вратиле услугата на гладните Американци“ со нови стилови како џангл/драм енд бејс и трип-хоп.
Иако во раната фаза скоро целата електронска музика била за играње, во почетокот на 90-тите години продуцентите правеле музика и за слушање (на слушалки), како и за чилаут зони (зони за разонода, релаксација). Сето тоа резултирало со десетина стилски споеви како амбиент-хаус, експериментално техно, тек-хаус, електро-техно, и така натаму. Типично за многуте стилови насобрани под еден чадор било фокусирањето кон играчките елементи (danceable grooves), слободната (лабава) структура на песната, а кај многу продуценти и непопустливата желба да најдат нов звук, без оглед на тоа колку бил млак резултатот.
Во рамките на електронската музика спаѓаат: хаус, техно, транс, брејкбит, џангл, хардкор и даунбит, со нивните многубројни поджанрови.
Kraftwerk и Jean Michel Jarre се едни од пионерите на електронската музика. Други претставници: Depeche Mode, New Order, Erasure, The Prodigy, Orbital, Carl Cox, Paul Oakenfold, Tiësto, Paul van Dyk, Derrick May, LTJ Bukem.
Електронската музика во Македонија
[уреди | уреди извор]- Артисти/продуценти
- Диџеи
- Промотерски куќи
- Изданија (албуми и синглови)
- Податоци за изданија Архивирано на 19 април 2023 г. на електронска и денс(Dance) музика од Македонија, евидентирани од ВБУ Музички Регистар.
Поврзано
[уреди | уреди извор]
|