Прејди на содржината

К-15

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од K-15)
К-15
Жанркомедија
Создадена одВаско Тодоров, Љупчо Бубо Каров, и Бранко Огњановски
Композитор(и)Васко Тодоров
Љупчо Бубо Каров
Трио Гранде
Земја на потеклоМакедонија Македонија
Првичен јазикмакедонски
Бр. на сезони19
Производство
Времетраење4 — 10 мин. (еден скеч)
Прикажување
Првична мрежаА1 (1994 — 2001)
Сител (2002 — 2006)
Канал 5 (2006 — 2007)
МТВ 1 (2007 — 2008)
К-15 ТВ (2008)
Алфа ТВ (2009 — 2013)
Сликов формат4:3 (1994 — 2008)
16:9 (2008 — 2013)
Првично прикажување23 ноември 1994 – 30 март 2013
Надворешни врски
Мрежна страницаyoutube.com/user/panikamile

К-15 — култна македонска хумористична телевизиска емисија што започнала да се прикажува во средината на 1990-тите години и претежно во формат на епизоди составени од кратки хумористично-сатирични скечеви на македонски јазик. К-15 како израз се користи и за други проекти, не само во контекст на хумористичните ТВ-серии, туку и кој било друг настап на познатата група, како на пример песните на Дуо трио, рекламите што тие ги снимале или гостувањето во други емисии и филмови како Бал-кан-кан.[1]

К-15 е основано и изворно го сочинуваат Васко Тодоров, Љупчо „Бубо“ Каров и Бранко Огњановски, но често се појавуваат и други глумци. Тројцата основачи се исто така и дел од сценаристите и режисерите. На 26 декември 2023 г., претседателот на Македонија Стево Пендаровски им доделил Ордени за заслуги.[2]

На 20 ноември 2024 г., најавено било дека К-15 ќе се врати.[3]

Содржина

[уреди | уреди извор]
Тошо Малерот, Цацко и Миле Паника (од лево)

Во текот на своето прикажување, К-15 се занимавало со широк опсег на теми, вклучувајќи политика, поп-култура, спорт и секојдневен живот. Хуморот на серијата често се потпира на апсурдни ситуации, игра на зборови и пародија за да се истакнат општествените проблеми во Македонија и да се оцрнат личностите во очите на јавноста. Со текот на годините, емисијата К-15 се развивала, приспособувајќи го својот хумор за да ги одрази промените во македонското општество и прифаќајќи нови формати и технологии. Останала сакана емисија кај македонските гледачи, гледана до ден-денес.

Историја

[уреди | уреди извор]

Тројцата ликови решиле да создадат единствена работна можност за себе — неделна хумористична емисија што не само што ќе им обезбеди месечна плата, туку и ќе ги забавува сите оние што живеат, знаат, или имале искуство со општествената и културната ситуација во Македонија.[4] Првата епизода била прикажана на 23 ноември 1994 г. на А1-телевизија. Емисијата К-15 оттогаш обезбедува силна општествена, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката трпеливост, стереотипите, табу-темите и животната средина. Емисијата К-15 била прикажувана на повеќе телевизиски канали, имено на МТВ 1, Сител, А1, Алфа ТВ, К-15 ТВ, Канал 5.[1] Во 2008 година, уредниците на К-15 се одлучиле да основаат свој независен телевизиски канал познат како телевизија „К-15“. Каналот претежно прикажувал македонска музика со повремено прикажување на скечеви и реклами од К-15. Каналот бил достапен и преку сателитската телевизиска мрежа. По низа финансиски проблеми на самото производство, последниот циклус завршува на 30 март 2013 г.[5] Воедно тоа е и датумот на последната прикажана епизода.Одлуката за престанокот на емисијата следува неколку месеци подоцна соопштена од Љупчо Бубо Каров, на големо разочарување на сите гледачи.[6]

Сезони (циклуси) по број и име Бр. на

епизоди

Почеток Крај Канал на прикажување
01 13 23 ноември 1994 17 јуни 1995 А1-телевизија
02 8 25 ноември 1995 24 февруари 1996 А1-телевизија
03 (Оплеменувачи на иверици) 15 23 ноември 1996 7 јуни 1997 А1-телевизија
04 (Далтонисти) 15 22 ноември 1997 6 јуни 1998 А1-телевизија
Новогодишна епизода (надвор од сезона) 1 31 декември 1998 А1-телевизија
05 (К-15 за сите) 8 18 март 2000 24 јуни 2000 А1-телевизија
Новогодишна епизода (надвор од сезона) 1 31 декември 2000 А1-телевизија
06 (12:05) 7 21 април 2001 7 јули 2001 А1-телевизија
Новогодишна епизода (надвор од сезона) 1 31 декември 2001 А1-телевизија
Предизборна епизода (надвор од сезона) 1 7 септември 2002 Сител-телевизија
07 (К-15 шооУ!!) 6 21 декември 2002 1 март 2003 Сител-телевизија
08 (К-15 ТХЕ БЕСТ ОФ) 9 17 мај 2003 12 јули 2003 Сител-телевизија
09 (К-15 ШОУ!) 8 6 декември 2003 17 април 2004 Сител-телевизија
10 (10 години К-15) 14 20 ноември 2004 25 јуни 2005 Сител-телевизија
11 (Фарбање) 8 4 декември 2005 11 март 2006 Сител-телевизија
12 (Фарбање — Втора рака) 6 22 април 2006 1 јули 2006 Канал 5
13 (Шмирглање) 16 18 ноември 2006 3 март 2007 Канал 5
14 (На прва) 12 21 април 2007 7 јули 2007 МТВ 1
15 (Втора на прва) 16 17 ноември 2007 1 март 2008 МТВ 1
16 (К-15 на К-15 ТВ) 8 17 мај 2008 5 јули 2008 К-15 ТВ
17 (Рекапитулација) 20 12 декември 2009 12 јуни 2010 Алфа ТВ и К-15 ТВ
18 (Лубриканти) 12 10 декември 2011 25 февруари 2012 Алфа ТВ
19 (Лубриканти 2) 16 16 декември 2012 30 март 2013 Алфа ТВ
Љупчо Бубо Каров

Главни ликови

[уреди | уреди извор]
  • Миле Паника (Бранко Огњановски) — еден од трите најкарактеристични и најпопуларни ликови, особено популарен на почетоците на К-15. Миле Паника има карактеристичен изговор (или говорна мана) и често употребува српски (југословенски) изрази за дополнителен хумористичен ефект на неговите реплики.
  • Тошо Малерот (Васко Тодоров) — еден од трите најкарактеристични и најпопуларни ликови, особено популарен на почетоците на К-15. На Тошо најчесто му се случуваат незгоди и неправди, па оттаму и неговиот прекар „Малерот“. Тошо често користи скопски жаргон и е познат по фразата „батка“, која ја користи кога се обраќа некому, но и по навика.[7]
  • Цацко Конопишки (Бубо Каров) — еден од трите најкарактеристични и најпопуларни ликови, особено популарен на почетоците на К-15. Цацко потекнува од Конопиште, Кавадаречко (како и Бубо Каров, кој е од Кавадарци) и често зборува со особен кавадаречки дијалект за дополнително хумористично дејство на неговите реплики.
  • Ристо (Васко Тодоров) — еден од двајцата ликови што претставуваат стереотипичен македонски земјоделец. Ристо е од струмичко-радовишкиот крај и зборува на дијалект. Исто така често (и смешно) во својот говор ја користи фразата „разбираш“ како дел од жаргонот или дијалектот.
  • Блажо (Бранко Огњановски) — еден од двајцата ликови што претставуваат стереотипичен македонски земјоделец. Блажо е исто така од струмичко-радовишкиот крај и зборува со соодветен дијалект. Најчесто Блажо се појавува во тандем со Ристо.
  • Полицаецот (Васко Тодоров) — лик што го одликува стереотипот за полицајците во Македонија. Најчесто неименуван, тој има одлики на смотан и не многу учен човек.
  • Албанецот (Бранко Огњановски) — стереотипичен лик што најчесто се појавува во скечеви каде што се прави сатирична критика на меѓуетничките односи меѓу Албанците и другите националности во Македонија (претежно Македонците). Овој лик некогаш е именуван иронично како Зоран (што е нетипично албанско име, особено изговорено со неговиот акцент) и е познат по тоа што е снаодлив и успева да излезе како добар и умен, иако не секогаш е. Ликот е познат по тоа што има изговор како стереотипичниот Албанец од Македонија.
  • Гркот (Бранко Огњановски) — лик што најчесто се појавува со перика од долка виткана (налик на афрофризура) коса и ги изговара македонските зборови со особен акцент како Грк. Овој лик некогаш е именуван како Јорго и има улога на надреден и е на повисоко општествено ниво од Македонците и често има навредлив и понижувачки однос кон нив.
  • Охриѓанецот (Бранко Огњановски) — лик што претставува стереотипичен охриѓанец и познат е по охридскиот дијалект и нетрпеливоста со скопјаните, особено во туристички контекст. Овој лик некогаш, но ретко е именуван како Климе (или Наум, Наумче)
  • Џони Џанак (Бранко Огњановски) — стереотипичен македонски наркоман, често е прикажан издрогиран или во криза, говори споро со наркомански жаргон и ја користи фразата ,,џони".

Други ликови

[уреди | уреди извор]
  • Бапчо (Емануел Тасев) — лик што настапувал заедно со групата во периодот 1994 — 1997 г. Посебно се истакнува во третиот циклус ,,Оплеменувачи на иверици'' во таканаречените долгометражни епизоди. Бапчо бил особено популарен, а во една прилика, Бранко Огњановски изјавил дека тој е извонреден лик. По завршувањето на третиот серијал се повлекува целосно од К-15, од непозната причина за јавноста.

Општествено влијание

[уреди | уреди извор]

К-15, македонска хумористична телевизиска емисија позната по својот сатиричен хумор и остри општествени коментари, оставила забележителна трага во македонското општество од своето основање. Емисијата, која првпат се прикажала во 1994 г., станала составен дел од македонската популарна култура, влијаејќи на јавниот говор, политичкото сознание и културната самоличност.

Културно влијание

[уреди | уреди извор]

К-15 навлегло во македонската културна свест, придонесувајќи изрази (на пример „батка“, „не јади бурек“ итн.), ликови и скици што влегле во националната лексика. Нивните комични прикази на секојдневниот живот и општествените норми одекнале кај публиката низ поколенија, обликувајќи ја комичната чувствителност на Македонците и поттикнувајќи заедничко културно доживување.

Будење во општеството

[уреди | уреди извор]

К-15 служело како платформа за решавање на итни општествени прашања како што се корупцијата, невработеноста и културните стереотипи. Со користење на хуморот за расветлување на овие теми, емисијата поттикнала разговори и расправи во македонското општество, придонесувајќи за поголема општествена свест и разбирање.

Единство и сплотеност

[уреди | уреди извор]

К-15 служело како обединувачка сила во македонското општество, зближувајќи ги луѓето преку смеа и споделени културни упатувања. Без оглед на политичките или општествените разлики, гледачите на К-15 можат да најдат заеднички јазик во нивното ценење за хуморот на емисијата, придонесувајќи чувство на единство и сплотеност.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 „Неповторливи, незаменливи и никогаш заборавени — 26 години од појавата на легендарните К-15“. CRNOBELO.com. Архивирано од изворникот на 2024-02-21. Посетено на 2024-02-20.
  2. „(ФОТО) Пендаровски им додели признанија за заслуги на триото од „К-15", тројца глумци и на Албанскиот театар“. 360 степени. 2023-12-26. Посетено на 2024-02-21.
  3. „„К-15" СЕ ВРАЌААТ НА ЕКРАНИТЕ! Поминаа 30 години од првата сезона“. Info.mk. 23-11-2024. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  4. ВАСКО КАЈ ЛАЗАРОВ (ПОТКАСТ) на YouTube
  5. „„К -15 Продукција" и официјално замина во историјата“. Фактор Портал. Посетено на 2024-02-21.
  6. „Згасна „К-15", хуморот исчезна од Македонија“. time.mk. Архивирано од изворникот на 2024-02-21. Посетено на 2024-02-21.
  7. „Васко Тодоров за култниот К15 лик – Тошо Малерот“. mk.tv21.tv. 2020-10-14. Посетено на 2024-02-21.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]