Прејди на содржината

Спомен-костурница (Удово)

Координати: 41°20′35.9″N 22°26′35.7″E / 41.343306° СГШ; 22.443250° ИГД / 41.343306; 22.443250
Од Википедија — слободната енциклопедија
Спомен-костурница (Удово)
Поглед на спомен-костурницата (2017 г.)
Карта
Координати41°20′35.9″N 22°26′35.7″E / 41.343306° СГШ; 22.443250° ИГД / 41.343306; 22.443250
МестоУдово, Македонија
Завршен1936
Отворен1 ноември 1936
Посветен назагинатите српски војници во валандовско-удовската акција

Спомен-костурница во Удовоспомен-костурница и православен параклис во валандовското село Удово. Објектот е сместен на влезот од селото, од десната страна покрај патот кој води од селото Јосифово, на височинка која доминира во однос на остатокот од селото. Спомен-костурницата е подигната во чест на загинатите српски војници во валандовско-удовската акција на Велики петок, 20 март (2 април) 1915 година, како и на останатите загинати српски војници во ова подрачје во периодот на Првата светска војна.

Спомен-костурницата денес е заштитена со Законот за заштита на културното наследство на Македонија.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Валандовско-удовска акција

[уреди | уреди извор]

Со започнувањето на Првата светска војна, Бугарија се решила да ја заземе страната на Централните сили, кои ѝ ја ветиле целата територија на Македонија по завршувањето на војната. Во таа насока, бугарската држава сакала да ги исползува на своја страна македонски организации како ВМРО заради исполнување на нејзините намери, па во тој период се започнало со интензивни подготовки за навлегување на комитските чети на територијата на Македонија под српска власт и изведувањето на терористички и атентаторски акции. По целата должина на српско-бугарската граница во делот кон Вардарска Македонија од страна на ВМРО биле возобновени старите канали за снабдување со оружје и обновени пограничните пунктови преку кои требало да се извршат нападите. Раководството на ВМРО за таа цел се поврзало и со турски и албански комитети, кои се приклучиле со свои вооружени чети во заедничките напади против Србија. Тие вооружени напади се одвивале на тој начин што четите на ВМРО и турските чети навлегувале во Источна Македонија, додека албанските чети се судирале со српските вооружени формации во Западна Македонија.[2]

Поглед на предната страна од спомен-костурницата

Како геостратегиски најважно подрачје за изведување на вооружените акции било оценето дека е просторот во близината на Валандово, кое се наоѓало најблиску до тогашната српско-бугарска граница. Комбинираниот напад на четите на ВМРО и турските чети, потпомогнати од специјалисти за експлозив и пиротехника од Австроунгарија бил извршен токму во овој дел на Македонија на Велики петок, 20 март (2 април) 1915 година.[3] Околу 400 четници и 600 лица од селската милиција или вкупно околу 1.507 лица во текот на утрото ги нападнале трите утврдени пункта во Валандово, Пирава и Удово. Во борбата за заземање на Валандово, српската војска во жестоките престрелки со комбинираните комитско-турски единици била десеткувана, при што ранетиот мајор Милијашевиќ успеал да ги евакуира оние малку српски жители во градот и да ги испрати во Гевгелија. Во вечерните часови, вооружените чети на ВМРО заедно со турските чети се повлекле на бугарска територија, со што бил ставен крај на оваа вооружена акција, која повеќе имала за цел да предизвика вовлекување на Бугарија во војната на страната на Централните сили.[4] Во судирот загинале 40 комитски и турски четници и милиционери од едната страна, а од друата страна загинале 470 српски војници и 7 офицери, а 353 војници и 8 офицери биле заробени.[а]

Изградба на спомен-костурницата

[уреди | уреди извор]

По Валандовскиот земјотрес на 8 март 1931 година, југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ го посетил погоденото подрачје и дал иницијатива за изградба на спомен-костурница на загинатите српски војници во валандовско-удовската акција извршена од страна на ВМРО на Велики петок, 20 март (2 април) 1915 година. Спомен-костурницата била завршена во 1936 година и била осветена на 1 ноември истата година. Во неа се положени коските на 281 загинат српски војник во валандовско-удовската акција, како и на уште околу 2000 српски војници кои загинале во Гевгелиско, Дојранско, Струмичко и Неготинско.[5]

Архитектура

[уреди | уреди извор]

Градбата на спомен-костурницата претставува крстокуполен храм чија купола е со осумстран тамбур. На секоја од страните на куполата има по едно окно коешто е врамено во полукружен лак. Влезот во храмот е сместен од западната страна, додека на останатите страни има по една шестстрана апсида. Објектот е изграден од камен.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  • а За тоа колку човечки жртви имало по завршувањето на овој вооружен судир помеѓу четите на ВМРО и српските воени единици постојат повеќе податоци. Според српски сознанија, од нивна страна имало 181 загинати војници и офицери како и голем број на ранети, а според друг извор, исто така од српска провиниенција, во битката имало 281 убиен и 67 ранети српски војници и офицери, додека загубите кај четите на ВМРО изнесувале околу 40 и голем број на ранети. Од друга страна, според бугарски извори, бројот на загинатите на српска страна изнесувал 470 војници и 7 офицери.[6]
  1. Заборављене српске светиње Архивирано на 22 ноември 2015 г.“. Васељенска ТВ. 23 август 2012.
  2. види Петар Стојанов, „Македонија во времето на Балканските и Првата светска војна (1912-1918)“, Скопје, 1969, 242.
  3. МАКЕДОНИЯ-история и политическа съдба (1912-1941), том II, редакција Петър Петров, София, 1998.
  4. Виолета Ачковска и Никола Жежов, „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.
  5. Спомен костурница Удово Архивирано на 23 август 2018 г.“. СрбТел.
  6. Апостолов, А. „Внатрешната македонска револуционерна организација од 1908 до 1918 година“. Златна книга-100 години ВМРО. Скопје, 1993.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]