Петрошница
Петрошница | |
---|---|
Местоположба | |
Држава | Македонија |
Област | Козјачија |
Физички особености | |
Извор | |
• место | Долна Маала, Дејловце, Општина Старо Нагоричане |
• координати | 42°14′6″N 22°1′11″E / 42.23500° СГШ; 22.01972° ИГД |
• надм. вис. | 714 м |
Устие | |
• место | Пчиња кај Војник, Општина Старо Нагоричане |
• координати | 41°49′8″N 21°40′19″E / 41.81889° СГШ; 21.67194° ИГД |
• надм. вис. | 305 м |
Должина | 23 км |
Големина на сливот | ? км2 |
Особености на сливот | |
Течение | Пчиња → Вардар |
Петрошница — река во областа Козјачија[1][2], североисточна Македонија, лева притока на Пчиња. Долга е 23 км[3] и тече во рамките на Општина Старо Нагоричане.
Течение
[уреди | уреди извор]Реката настанува под ридското маало Долна Маала на селото Дејловце, Општина Старо Нагоричане, со слевањето на Трленски Дол и Брлошка Река. Тече во југозападен правец по долина меѓу ридските маала Горинци и Дудманица на селото Жељувино. Продолжува јужно од Мишински Рид кај селото Бајловце, каде од лево го прима потокот образуван од спојот на Кумановачки Дол и Селишки Дол. Реката постепено се спушта во пониски предели во ист правец, и тече низ селото Брешко. Кај Цвиланце Петрошница тече до југоисточните падини на возвишението Големи Пиштерец и од десно ги прима потоците Лачипац и Лисички Дол. Преоѓајќи во атарот на Канарево тече меѓу неговите бројни маала и крај главната црква. Овде реката прави свиок на запад, и по маалото Мачанци нагло свртува во северен правец, а набргу потоа во југозападен.
Под месноста Габер кај с. Макреш го менува текот кон северозапад, и прави значаен свиок ко југозапад околу возвишението на самото село. Одовде продолжува на во северен правец и преку мост го преминува автопатниот огранок А2е, а потоа и самиот државен автопат А2. Тука Петрошница минува низ полето околу 700 м источно од Војник. Во полето од десната страна е наоѓалиштето Петрково, кое претставува некропола од римско време.[4]
Во крајниот потег, Петрошница тече под ридот Венец (од лево), па врти на исток, каде коритото станува обраснато со дрвја и растителност. По неполн километар, реката повторно свртува на север, па за крњтко пак на исток, притоа од лево примајќи ја рекичката која тече низ Стрезовце. Во понатамошните неколку стотини метри тече источно, го пресекува регионалниот пат Клечевце-Секулица (Р29277) па се влева во Пчиња во месноста Орман, на околу 1 км јужно од с. Војник, исто така во Општина Старо Нагоричане.
Екологија
[уреди | уреди извор]Во 2016 г. е извршено чистење на коритото на Петрошница.[5]
Во поречието на реката се работело на отворање на рудник за добивање на злато, сребро, бакар и молибден. Овој потфат наишол на отпор кај дел од јавноста, со тврдење дека ваквите дејности можат да имаат значајни здравствени последици по месното население.[6]
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Козјачија
- Средорек (област)
- Петрошница — истоимен рудник од средниот век во Бохула, Каваадречко
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Според И. Петрушевски и Б. Марковски реката тече низ областа Средорек, што е мошне спорно.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 55. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Риболовна основа за „Слив на Пчиња“ за период 2016 - 2022, Институт за сточарство, Скопје
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 213. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Георгиевска, Елена (9 февруари 2016). „Се чисти коритото на река Петрошница“. ТВ Плус Куманово.
- ↑ „„Спас за Козјачија": Граѓаните немаат добивка од изградбата на рудникот во Куманово, освен последици врз здравјето“. Радио МОФ. 20 јули 2017.