Исламско банкарство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Исламско банкарство (англиски: Islamic Banking) претставува начин на организација на банкарството во согласност со начелата на исламската религија.

Поим и карактеристики на исламското банкарство[уреди | уреди извор]

Исламското банкарство претставува дел од исламската економија. Исламскиот финансиски систем настојува рамномерно да ги распредели општествените и моралните димензии со цел да се обезбеди благосостојба во општеството. Неговите темелни принципи се изведени од основните принципи на Шеријатот според кои кредитирањето во исламските земји се заснова на потполно покритие на сите влогови од страна на населението и на позајмување пари без камата. Имено, во Исламот е дозволена трговијата, но не и лихварството.

Согласно ова, исламските банки на своите клиенти им нудат финансирање без оврска за камата. Во XX век се појавил сомнеж кај некои исламски економисти дали поимот „реба“ што на арапски јазик значи „камата“, е исто што и англискиот поим „intrest“, односно дали секаков вид на камата е забранет. Подоцна било заклучено дека било каков вид на камата е исламски забранета.[1] Според Ебу Хамид ел Газали, каматата ги спречува парите да ја вршат својата вистинска функција како средство за мера на вредноста и средство за размена, а додека функцијата на парите како средство за натрупување на богатство ја смета за лоша функција и непожелна за опшеството. Според исламското банкарство парите, сами по себе, не може да произведуваат пари. Ебу ала ел Мавдудија вели: „Кој рационален принцип, која логика, кој законски пропис и кој исправен економски принцип може да си даде за право да на оние кои го трошат своето време, енергија, капацитет и ресурси, а чии што напори и способности ги сочинуваат нивниот деловен напредок, не им биде гарантиран профит во некој фиксен износ, а на оние кои што само ги позајмуваат своите слободни средства, притоа обезбедени од било какви ризици и загуби, да им биде однапред гарантиран профит во фиксен износ“.

Суштината на исламските банки е посредување помеѓу оние кои имаат вишок средства а немаат каде, или не знаат како да ги пласираат и оние кои немаат доволно пари да ги задоволат своите инвестоциони или потрошувачки потреби. Всушност, тоа е и суштината и на конвенционалните банки. Но за разлика од нив, исламските банки не им исплаќаат на своите депоненти камата, туку им нудат преку инвестиционите депозити да учествуваат во деловните потфати на банката, и на тој начин сразмерно нивниот влог да учествуваат во распределба на добивката, но и на загубата од тој деловен потфат. Треба да се напомене дека освен што е забрането да се исплаќа, забрането е и да се прима било каков вид на камата. Исто така важно е да се напомене дека овие банки работат за да остварат профит, па така тие заедно со клиентите учествуваат во поделбата на добивката, или покривањето на загубата, но исто така земаат и провизија за вршење на некои банкарски услуги.[2] Според Шеријатот, освен каматата, на исламските банки им се забрануваат и сите видови на шпекулативни активности, како и инвестирање на банките во сектори кои со Исламот се забранети, како што се производство на свински производи, алкохолни пијалоци, дрога, цигари и слично.

Појава и развој на исламските банки[уреди | уреди извор]

Исламското банкарство односно принципите врз кое функционира тоа датираат многу одамна, но исламското банкарство како финансиска институција е релативно млад поим. Во 1963 година, во Египет била основана првата исламска банка „Мит Гламур Савинг Банк“, но многу набргу го напуштила својот експеримент и се претварила во конвенционална банка. Малку потоа, во 1972 година, повторно во Египет, се отварила втората исламска банка „Nasser Social Bank“, со поддршка на египетската влада, која го овозможила нејзиниот опстанок. Всушност, таа претставувала владина банка, чии цели биле повеќе опшествени отколку комерцијални.

Оттогаш, отварањето на исламски банки претставува главна тема на разговор на речиси сите исламски конференции. Со поддршка на владата на Саудиска Арабија во 1975 година, е установена Исламската развојна банка, како исламска зајмодавна установа за унапредување на економскиот развој и трговијата помеѓу исламските земји. Нејзиното седиште се наоѓа во Џеда, Саудиска Арабија, но таа има и свои претставништва во Мароко и во Малезија. Треба да се напомене дека за една финансиска година се смета една хиџретска година, односно година според лунарниот систем. Официјален јазик бил арапскиот, а додатно се користеле и англискиот и францускиот јазик како работни јазици. Капиталот на банката се проценува на 10 милијарди исламски динари. Истата година се формирала и првата приватна банка „Dubai Islamic Bank“, како и „FAISAL Islamic Bank“ во Судан, која на својот прв работен ден прибрала депозити во вредност од 10 милиони долари.

Исламското банкарско движење не било ограничено само на исламските институции во муслиманските земји. Така во 1978 година, во Луксембург била основана првата исламска банка под називот „Islamic Banking System“, која воедно претставува и првата исламска банка во Европа. Веднаш потоа следувале и исламските банки во Германија и во Австралија. Денес, со исламско банкарство се занимаваат дури и најголемите светски банки како „CitiBank“, „ABN Amro Bank“ и други кои користејќи ја девизата „купувачот е секогаш во право“ на своите богати арапски клиенти почнале да им нудат услуги од сферата на исламското банкарство. Денес, исламското банкарство опфаќа пазар вреден 500 милијарди долари, и остварува годишна стапка на пораст од 15%, што говори за зголемениот интерес за овој вид на банкарство. На Балканот, единствената банка која работи врз основа на исламските начела е „Bosna Bank International“. Во Југоисточна Европа, освен „ББИ“, постои и една мала банка во Албанија, која работи врз основа на исламските начела.[3]

Основни принципи на исламското банкарство[уреди | уреди извор]

Основните принципи на кои што се базира исламското банкарско работење се следниве:[4]

  • Апсолутна забрана за било какво плаќање или наплата на камата. Банката не може да учествува во било каква работа според која ќе треба да прима, или да дава камата. Нејзината работа треба да опфаќа реален деловен потфат, а притоа треба да се напомене дека таа не може однапред да гарантира некој фиксен износ, како и дека треба да предупреди на заедничко учество во добивка или загуба на деловниот потфат.
  • Обврска за разделба на добивката или загубата. Заемодавачот има право за распределба на добивката, но и обврска за покривање на загубата, која произлегува од деловниот потфат во кој се вложени парите.
  • Нема заработка без преземање на ризик. Ова се однесува како на работата, така и на капиталот. Без преземање на деловен ризик не може да се земе плата или да се обезбеди награда од вложената инвестиција.
  • Парите не може да креираат пари. Создавањето пари со пари во Исламот е строго забрането. Парите претставуваат само средство за размена и преминуваат во капитал само кога се вложени во реален деловен потфат. Дотогаш тие претставуваат само куповна моќ.
  • Забрана за коцкање, неодреденост, претеран ризик и шпекулација. Доколку овие работи би се случувале би можело да дојде до измама, односно да му се нанесе штета на некој учесник во деловниот потфат.
  • Забрането е финансирање или соработка со компании кои се занимаваат со производство или активности кои во Исламот се забранети(харам). Банката своите работи ги врши на законит начин. Тоа значи дека таа нема да врши активности кои во Исламот не се дозволени. Според тоа таа нема да врши корупција,да пере пари, или да финансира активности како отварање на ноќни клубови, казина, производство на алкохол, ниту пак ќе поддржува производство на производи забранети со Исламот( дрога, алкохол, свинско и сл.)

Методи на финансирање на исламските банки[уреди | уреди извор]

Методите со кои што исламските банки ги прибираат средствата, може да се поделат главно во пет групи и тоа:[5]

  • Метод на продажба - мурабаха, истисна и салам
  • Метод на наем - иџара
  • Метод на партнерство- мушарака
  • Метод на поделба на профитот - мудараба
  • Метод на доброволно позајмување - кард хасан

Мурабаха[уреди | уреди извор]

Претставува најважен модел на финансирање на банките. Денес, 70 % од кредитните активности на банките се финансираат на овој начин. „Мурабахата“ во основа е краткорочно финансирање. Овој принцип претставува договор за продажба, во кој производот се продава по набавната цена зголемена за профитот на банката. Поимот „мурабаха“ потекнува од арапскиот збор „рибх“ што значи профит.

Тоа всушност претставува договор во кој клиентот и наложува на банката да купи некој производ, бидејќи тој самиот не е во можност да го направи тоа поради недостаток на средства. Клиентот во налогот точно ѝ кажува на банката за каков производ се работи, а потоа се обврзува кон банката дека откако таа ќе го купи производот, тој ке го купи од неа. Со овој договор, банката е обврзана да му ја соопшти на клиентот набавната цена по која ја купила стоката, како и износот на нејзиниот профит.

Потоа, банката на себе ја презема одговорноста да ја купи стоката по најповолни услови за клиентот. По Шеријатот, таа мора да стане нејзин сопственик пред да му ја предаде на клиент. Значи, таа не може да ја купи за своја сметка, а на име на купувачот. Висината на провизијата која банката ја зема за себе многу ретко преминува над 10%. Клиентот на банката ѝ плаќа на рати. Притоа, треба да се напомене дека ако клиентот задоцни со плаќањето, тој не плаќа затезна камата, како што е случај со конвенционалните банки. Тука често се поставува прашањето, како тогаш банката ќе се осигура самата себе од ризикот дека клиентот нема да плати. Во случај на доцнење, банката има право да бара да се плати износот наеднаш. Доколку тоа не се направи, клиентите одат на суд. Но, ова право банките најчесто го применуваат ако клиентот не платил повеќе од шест рати. Мурабахата најчесто се користи за краткорочно финансирање на трговијата.

Истисна[уреди | уреди извор]

„Истисна“ се појавува во случај кога производителот прифаќа нарачка која во иднина ќе се случи, со или без уплата на аванс, а која ќе на изврши сам или со изнајмување на други лица. За да постои овој модел потребно е да се исполнат два услова и тоа:

  • Во моментот на склучување на договорот, производот физички да не постои
  • Износот не мора да биде платен во целост, може да се даде аванс но не мора, а некогаш може да се плати однапред во целост

Ваков начин на финансирање се користи претежно за финансирање на проекти. Тука, банката има улога на посредник помеѓу производителот и купувачот и се склучуваат два истисна договори. Трошоците за набавката на материјали и слични работи ги сноси исклучиво производителот. Клиентот на банката ѝ плаќа на рати. Притоа, партнерите немаат право да се откажат од договорот, освен ако производот не одговара на бараните карактеристики.

Салам[уреди | уреди извор]

Како и кај „истисна“, и тука станува збор за порачка која треба да се случи во иднина, но овде, цената на производот мора да биде однапред исплатена и во целост. Предности за производителот се тоа што однапред ќе обезбеди финансиски средства за процесот на производство, како и за покривање на други трошоци. Предности на купувачот се тоа што на овој начин остварува пониска цена и се заштитува од ризикот на пораст на цената до денот на нејзината испорака. „Саламот“ се користи за финасирање на индустриското производство, како и стимулирање на извозот. Се користи и за занаетчиско производство, а својата примена ја наоѓа и во градежништвото и трговијата. Банката тука повторно има улога на посредник.

Метод на наем - „Иџара“[уреди | уреди извор]

Овој вид на финансирање претставува деловен однос во кој банката купува предмети и ги изнајмува на своите клиенти. Во „иџара“, договорот се наведуваат сите битни елементи, а пред се предметот и периодот на изнајмување, како и закупнината. Периодот за закупот се регулира со договорот меѓу банката и клиентот, а кој може да трае од три месеци до пет или повеќе години.

Постојат два вида „иџара“ работи, и тоа:

  • Оперативни „иџара“ работи - тука банката купува или изнајмува некој предмет и му го изнајмува на клиентот. Откако тој ќе го врати го изнајмува на друг итн. Тука нема пренесување на сопственоста од страна на банката на клиентот. Тука, банката се соочува со двоен ризик, поради постоење на можност да дојде до намалување на пазарот на побарувачка на тој производ, како и технолошка застареност на средствата. Овој вид на „иџара“ работи се користи најчесто кај опрема или имот кој е поскап и клиентот не може да си дозволи да го купи.
  • „Иџара“ работи со купување - сличен е како и оперативниот метод само што тука по истекот на периодот за изнајмување сопственоста над производот преминува од банката на купувачот. Значи, тука банката мора да го купи производот пред да го изнајми. Притоа, банката пресметува одредена провизија за себе, вклучени во наемнината. На крајот на истекот на периодот, банката може да одлучи да му го поклони производот на клиентот, или да му го продаде по намалена цена и сопственоста се пренесува на клиентот.

Метод на партнерство - „Мушарака“[уреди | уреди извор]

„Мушараката“ претставува здружување на банката со клиентот со цел успешна реализација на проектот. Тука, тие се партнери и заедно одлучуваат и го водат проектот. Со договорот за партнерство се определува рокот на траење на проектот, секторот во кој се вложува како и односот на распределба на добивката и покривање на загубата. Профитот се дели после завршувањето на проектот, на финансиската година или на друг временски интервал на кој ќе се договорат партнерите. Секако, тие не можат да гарантираат однапред фиксен износ на профит.

Постојат два основни вида на „мушарака“ договори и тоа:

  • Трајни „мушарака“ договор - настанува со трајно учество на банката во фермата со сопственички влог, или со акционерски удел. Траењето на фирмата не е временски ограничена и престанува само по одлука на основачите или со друг акт предвиден со законот.
  • Привремена или опаѓачка „мушарака“ - претставува постемено смалување на капиталот на банката во заедничката фирма. Со договор утврдено е учеството на банката во фирмата и динамиката на смалување на нејзиниот влог се до нејзино конечно повлекување од проектот. Според уделот на банката и следи и дивиденда.

Модел на поделба на профитот - „мудараба“[уреди | уреди извор]

Претставува договор на банката со претприемач да финансира определен проект, но не и да има учество во управувањето. Сето тоа го врши претприемачот кој вложува опрема, знаење, објект и се друго што е потребно за извршување на проектот а банката се јавува во улога на финансиер. Но, таа во „мудараба“, договорот има право да постави услови кои претприемачот мора да ги исполни и испочитува. На пример, таа има право да му забрани да прима или дава камата, како и да и забрани парите кои таа ги инвестира да ги вложува во недозволени сектори според Исламот. Претприемачот не смее да ги користи средствата за лични цели, туку само за потребите на проектот како и за распределба на профитот. Мударабата има посебно место во исламското банкарство. Тоа е еден од развиените модели на финансирање кој се смета дека ќе најде најголема практична примена кај исламските банки. Својата примена ја наоѓа во производството, занаетчиството и трговијата.

Метод на доброволно позајмување - „Кард хасан“[уреди | уреди извор]

Тоа се кредити кои банката им ги нуди на клиентите, со обврска тие по истекот на определен рок да го вратат долгот, но не и каматата. Значи, ако клиентот земеме кредит од 100 000 ден. за рок од една година, по истекот на годината, банката ќе наплати само 100 000 ден. Овој метод најчесто се користи за финансирање на студенти или други економски послаби клиенти, со цел нивно финансиско зајакнување и пружање можност тие да отпочнат сопствен бизнис.

Други работи кои ги вршат исламските банки[уреди | уреди извор]

Може да се каже дека сите услуги кои ги нудат конвенционалните, ги нудат исламските банки, од отварање на тековни сметки, па до работи со хартии од вредност, кредитни картички и др.

Извори на капитал на исламските банки[уреди | уреди извор]

Постојат три основни вида на капитал и тоа:

Сопственички капитал[уреди | уреди извор]

Овој капитал претставуваат влоговите на сопствениците на банката. Тие очекуваат да остварат профит со учество во банката.

Трансакциски депозити[уреди | уреди извор]

Првенствено го сочинуваат штедните влогови при што парите од штедните депозити банката може да ги користи само со дозвола од депонентот, но банката им гарантира само полн повраток враќање на парите, но не и фиксен надоместок за тоа што ги искористила нивните средства. Но, со цел да бидат конкурентни на пазарот, некои од банките доброволно им поклонуваат пари во вид на подарок на депонентите од овој вид или влогови кои директно се однесуваат на тековните плаќања по налог на коминтентот (овие средства се користат исто како и кај конвенционалните банки, а банката наплаќа провизија за извршените услуги).

Инвестициски депозити[уреди | уреди извор]

Претставуваат главен извор на капитал за исламските банки. Се примаат на определен или неопределен временски период. По својата природа се поистоветуваат со акционерски капитал, бидејќи не постои обврска за фиксна цена, ниту пак гаранција за повраток на депозитот. Затоа, постои договор со кој се определуваат условите на распределба на добивката и загубата. Депонентите кои своите средства ги депонираат во овој вид имаат за право да одлучат точно во кој проект на банката сакаат да бидат вклучени нивните средства. Поради тоа што овој вид на прибирање на капитал е доста важен за банките, нивниот персонал со посебно внимание ги третира проектите, како и оправданоста на инвестицијата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Abdullah Saeed, Islamic Banking and Interest, A Study of the Prohibition of Riba and Its Contemporary Interpretation, Brill, 2011.
  2. Islamic banking
  3. Biznis 101
  4. Islamic Banking
  5. Islamic Finance in the Global Economy, Second Edition, Edinburgh University Press, 2010.