Платежна картичка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Платежна картичка (англиски: payment card) е средство за плаќање, издадено од банкарска или друга финансиска институција, кое содржи електронски податоци за лица и електронски генерирани броеви со кои се овозможува вршење финансиски трансакции. Платежните картички претставуваат електронски средства за плаќање, кои содржат информации за паричните средства на имателот на картичката, или пак, се поврзани со компјутерскиот центар во банката. Платежните картички се најраспространетата форма на електронско банкарство. Банките се најголеми издавачи на платежни картички, иако нив ги издаваат и самостојни оператори, како и голем број нефинансиски трговски друштва.

Историја[уреди | уреди извор]

Поимот платежна картичка за првпат бил употребен во 1887 година во футуристичкиот роман на американскиот писател Едвард Белами, кој прогнозирал дека во 2000 година, помеѓу останатите благодети на идниот свет, ќе постои и картичка која ќе служи за безготовинско плаќање.[1] Првите платежни картички се појавиле во САД во 1894 година. Нив ги воведел хотелот „Credit Letter Company“, а подоцна ги воведеле и некои други компании. Веќе во 1920-тите години, кога одделни хотели и нафтени компании почнале да им издаваат картички на нивните клиенти. Сепак, овие картички биле од затворен тип, односно можеле да се користат само во продажните т.е. услужните компании кои ги издале.

Подоцна, во 1950 година, американскиот бизнисмен Франк Макнамара (Frank X. McNamara), директор на компанијата „Hamilton Credit Corporation“. Идејата за ваква фирма се наметнала во 1949 година, кога Макнамара по завршувањето на вечерата со пријателите во еден ресторан не можел да ја плати сметката, бидејќи паричникот го заборавил дома. За да го реши проблемот, тој ја создал картичката „Дајнерс“ и една година подоцна се вратил во истиот ресторан во Њујорк, каде извршил плаќање со неа. Макнамара со двајца свои пријатели ја основал фирмата „Дајнерс клуб“ (Diners Club), која во 1950 година ја издала првата универзална платежна картичка, изработена од картон.[2] Потоа компанијата на Макнамара убедила и други ресторани да ја прифатат картичката, која станала толку популарна што во 1951 година во неа биле вклучени веќе 20.000 компании. Фирмите – кооперанти ширум светот плаќале провизија за услугите на „Дајнерс Клуб“ во износ од 7% од вкупниот износ на трансакцијата, а на корисниците на картичките им наплаќала по три долари годишно.[3]

Во 1958 година се појавиле две нови компании – „Американ Експрес“ (American Express) и „Bank Americard“, кои почнале да издаваат картички. Првиот банкарски систем го иницирала „Бенк оф Америка“ (Bank of America) во 1959 година. Во 1976 година, картичката „BankAmericard“ го сменила своето име во „Виза“, а здружението во „Visa International“, додека во 1979 година „ICA“ го сменила името во „MasterCard International“.[4] Во 1974 година, во Франција биле измислени т.н. „паметни картички“ (smart cards) од страна на Роланд Морено. Бројот на платежните картички со текот на времето се повеќе се проширувал со развојот на електронското банкарство и електронските системи кои го овозможиле електронскиот трансфер на парите и развојот на електронските картички.[5]

Технологија на плаќањето со картички[уреди | уреди извор]

Денес се користат голем број електронски картички. Според локацијата и примената, картичките се делат на: национални и интернационални. Според технологијата на изработката и функционирањето, тие се делат на: магнетни, интелигентни и ласерски, односно оптички картички. Магнетните се пластични со магнетна лента (обично една, а може и повеќе) со три “патеки“ на кои се врши запишувањето на податоците. Ласерската или оптичка картичка ја применува техниката на оптичко меморирање, а измислена е од корпорацијата „Дрекслер“ (Drexler) од САД. Нивниот капацитет е од 2,66 до 6,6 MB, така што еднаш запишаните картички не можат да се менуваат.[6]

Карактеристики на платежните картички[уреди | уреди извор]

Платежната картичка е пластична картичка опремена со магнетна лента или чип на којашто се забележани значајни податоци за нејзиниот корисник, а ја издава банката и со неа можат да се плаќаат стоки и услуги, но и да се подигнуваат готови пари.[7] Платежните картички се изработени од пластика (половинил хлорид или половинил хлорид ацетат) со специфицирани стандардни димензии, кои се специфицирани со ISO/IEC 7810 ID-1 стандард, и изнесуваат 85,60 × 53,98 милиметри и со дебелина од 0,8 милиметри. Секоја картичка е нумерирана со број утврден според ISO/IEC 7812 стандардот за нумерирање. На предната страна на платежната картичка се наоѓа името на банката или друг издавач на картичката, името на сопственикот на картичката, датата до која е важечка картичката, како и логото со коешто картичката е брендирана. На предната страна на „паметните“ картичките исто така се наоѓа EMV (Europay, Mastercard и Visa) чип, којшто е глобално стандардизиран чип за картички според ISO/IEC 7816 стандардот. На задната страна на платежната картичка се наоѓа магнетна лента, место за потпис на сопственикот на картичката, како и безбедносна шифра на картичката, кој најчесто се користи за верификација на картичката при плаќање на интернет и обезбедува дополнителна заштита. Шифрата е трицифрена и уште се нарекува: „card security code“ (CSC), „card verification data“ (CVD), „card verification valu“e (CVV или CVV2), „card verification value code“ (CVVC).[8]

POS (point of sale) терминали[уреди | уреди извор]

POS терминалот преставува систем за електронско безготовинско плаќање т.е. за брз трансфер на финансиски средства од местото на продажба на производите. Првата појава на POS терминал е забележана во 1879 година, кога трговецот Џејмс Рити (James Ritty) конструирал уред за следење на финансиските трансакции направени во неговиот деловен објект. Оваа идеја на Џејмс била со да ги намали проневерите на пари што ги правеле неговите вработени. Набрзо била отворена фабрика за производство на неговите каси за евидентирање на наплатата и тие биле купувани од страна на голем број трговци.[9] Првите компјутерски каси се појавиле во 1970-тите години при што тие биле поврзани со „супер компјутер“ кој ги бележел сите направени трансакции, додека во 1980-тите години тие не биле зависни од компјутерската технологија, бидејќи во себе вклучувале процесор. Денешните POS терминали претставуваваат електронски комуникациски систем кој ги спојува потрошувачот, банката и продавачот на производите. POS терминалот работи на тој начин што се поврзува со мрежата и базите на податоци на банката и овоможува податоците што се впишани на платежната картичка да се проверат за десетина секунди. На овој начин се проверува точноста на платежната картичка, се врши директно задолжување на сметката на корисникот и се зголемуваат средствата на продавачот.

Банкомати (ATM)[уреди | уреди извор]

Банкомат (Automated Teller Machine, АТМ) преставува автоматизиран уред кој на корисниците им овозможува определени финансиски операции без присуство на банкарски службеник. Првиот прототип на банкомат бил патентиран од страна на Лутер Џорџ Симџијан (Luther George Simjian) во 1939 година, но бил недоволно успешен.[10] Првиот современ банкомат бил создаден од страна на Џон Шепард-Барон (Јohn Shepherd-Barron) во 1967 година, а за првпат бил поставен во британската банкаБарклис“ (Barclays) и овозможувал само исплата на готовина.[11] Со текот на времето, банкоматите биле усовршувани и унапредувани со голем број на функции. Освен основната операција т.е. подигнување на готовина, банкоматот им овозможува на неговите корисници и низа операции, како што се: внесување на депозит, пренос на парите од една сметка на друга, разни плаќања, финансиски извештаи во врска со билансот на состојбата, висината на каматите и друго. Во голем број земји, банкоматите можат да вршат и претворање на странски валути во домашната валута. Банкоматот во себе содржи микропроцесор којшто е он-лајн поврзан со базата на податоци од банката, со што банкоматот преставува еден вид на „електронска“ филијала на современите банки. Најпрвин, банкоматот ја чита платежната картичка и му нуди на корисникот да се идентификува со внесување на ПИН-от и на тој начин ги потврдува запишаните информации на картичката.

Видови платежни картички[уреди | уреди извор]

Постојат три типа на платежни картички:[12]

  • Дебитните картички на своите сопственици им овозможуваат да вршат плаќања, само ако имаат доволно пари на банкарските сметки. Сепак, повеќето банки даваат можност за одредено пречекорување на сметката, односно им овозможуваат на сопствениците на овие картички да плаќаат иако немаат пари на сметката (да влегуваат „во минус“, т.е. „во црвено“), со што тие, всушност, користат кредит од банката.
  • Кредитните картички се средство за плаќање со чисто кредитни карактеристики, зашто тие не се поврзани со тековните сметки на луѓето, туку со нивната употреба, сопствениците на картичките веднаш користат кредит од банката. Кај овие картички, потрошувачот има отворена кредитна линија на определен износ, којашто постојано се продолжува. Со други зборови, тој има на располагање одреден износ за позајмување и штом го отплати долгот (делумно или целосно), кредитот повторно му се обновува. Сопствениците на кредитните картички имаат голема флексибилност во отплатата на долгот, т.е. можат наеднаш да го отплатат целиот искористен износ на кредитот или пак да платат само определен процент од кредитот. Притоа, тие плаќаат камата само на искористениот кредит. Всушност, корисникот на картичката има на располагање одреден дополнителен период од 10 до 15 дена во кој може наеднаш да го плати целиот долг и тогаш не плаќа никаква камата. На тој начин, кредитните картички овозможуваат користење бескаматен кредит со рочност до 40 до 45 дена. Наспроти тоа, постои и можност за отплата на определен минимален износ од долгот (обично, од 3% до 5%), но тогаш банката пресметува и наплаќа камата од денот на извршената трансакција.[13]
  • Во продолжение, постојат и други видови картички, како што се картичките со претплата и паметните картички (smart cards). Кај првите, однапред се уплатува одреден износ пари, а потоа при секоја нивна употреба, од претплатениот износ се одзема вредноста на поединечните трансакции, сè додека не се исцрпи износот наведен на картичката. Овие картички се широко распространети и тука спаѓаат телефонските картички, дневните или месечните билети во јавниот превоз итн. Паметните картички поседуваат вграден микрочип којшто овозможува зачувување бројни финансиски информации за сопственикот на картичката. Притоа, секоја уплата или исплата се бележи на самиот чип, а овие картички може ја содржат дури и целата финансиска историја на нивните сопственици.[14]

Издавањето картички е многу привлечна активност за секоја банка, поради две основни причини:

  • прво, преку нив, банките привлекуваат клиенти, коишто потоа користат и други банкарски производи и,
  • второ, картичките претставуваат значаен извор на приходи. Така, на некои картички, банките наплаќаат годишна членарина во одреден износ, којшто обично зависи од прометот направен со помош на картичката. Во продолжение, банките им наплаќаат на трговците одреден надомест, изразен како процент од вредноста на прометот направен со употреба на картичките. Понатаму, како приход се јавува и провизијата што банките ја наплаќаат при повлекувањето готови пари од банкоматите, како и каматата на искористените кредити врз основа на картичките.[15]

Според една студија, американските банки заработуваат околу 24 милијарди долари само од провизијата што им ја наплаќаат на трговците при плаќањата со кредитни картички. Во 2003 година, „Виза“ и „Мастеркард“ се согласиле, во вонсудска спогодба, да им исплатат на трговците отштета од 3 милијарди долари како надомест за превисоките провизии што им ги наплаќале во текот на многу години.[16]

Платежните картички во Македонија[уреди | уреди извор]

Првите ПОС-терминали во Македонија биле поставени во 1996 година, при што банките, за да ги мотивираат трговците за наплата со платежните картички издадени од нив, им ги даваle на користење без надомест. На тој начин, ПОС-терминалите се концентрирале во поголемите продажни места.[17] Употребата на платежните картички во Македонија драстично се зголемила по одлуката на владата за исплата на платите на јавната администрација преку сметките поврзани со банкарски картички. Оттогаш, неколку години по ред, бројот на издадени картички бележи исклучително високи стапки на растеж и веќе во декември 2010 година во употреба биле над 1,4 милиони платежни картички. Од нив, околу 1.050.000 биле дебитни картички, 303.000 кредитни картички, а остатокот отпаѓал на картички што служат само за повлекување готови пари и комбинирани картички. Исто така, употребата на картичките е олеснета од мрежата на речиси 23.000 трговци кои прифаќаат картички и над 32 000 терминали и банкомати. Притоа, во декември 2010 година биле остварени речиси три милиони трансакции со платежни картички во вредност од речиси 10 милијарди денари. Сепак, треба да се забележи дека картичките најчесто се користат за повлекување готовина од банкоматите и од шалтерите на банките, а во помал обем за плаќање на производите во трговските дуќани.

Во Македонија, повеќе се распространети картичките кои содржат магнетна лента и при извршување на плаќањето, информациите директно се пренесуваат од уредот за читање до компјутерскиот центар на банката, така што веднаш се намалува состојбата на сметката. Сепак, во поново време, банките почнаа да нудат картички со вграден микрочип, во кој се сочувани сите информации за состојбата и промените на сметката. Притоа, повеќето банки ги нудат познатите меѓународни картички, како што се ''Виза'' и ''Мастеркард'', додека некои помали банки издаваат сопствени картички коишто се прифатени само во ограничени размери, и тоа само во Македонија. Инаку, како корисници на платежните картички претежно се јавува населението, макар што постојат и картички што се наменети за претпријатијата.[18]


Табела бр. 1: Број на картички во Македонија, 2005-2014[19]

Година Број на картички
2005 129 705
2006 184 519
2007 448 763
2008 783 648
2009 1 061 678
2010 1 294 064
2011 1 421 242
2012 1 453 202
2013 1 508 333
2014 1 535 176

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Shelagh Heffernan, Modern Banking, Cass Business School, City University of London, 2004.
  2. www.denar.mk (пристапено на 15.6.2016)
  3. www.history1900s.about.com (пристапено на 20.6.2016)
  4. www.mastercard.com (пристапено на 15.6.2016)
  5. B. Krstić, Bankarstvo, Prosveta, Niš, 1996.
  6. M. Ćirović, Bankarski menadžment, Beograd, 1995.
  7. Shelagh Heffernan, Modern Banking, Cass Business School, City University of London, 2004.
  8. N. Krishna Veni, Introduction to E-commerce, E-Business & E-Banking, Cherran's Arts Science College.
  9. www.ohiohistorycentral.org (пристапено на 20.6.2016)
  10. www.lemelson.mit.edu (пристапено на 20.6.2016)
  11. www.inventors.about.com (пристапено на 20.6.2016)
  12. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 345.
  13. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 149.
  14. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 345.
  15. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 345.
  16. „The usual channels“, A survey of international banking, The Economist, Vol. 375, No. 8427, 21 May 2005, стр. 16.
  17. „Стратегија за развој на платниот систем на Република Македонија во периодот 2013-2017 година“
  18. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 344.
  19. НБРМ