Градежен занает
Градежен занает — традиционален занает што опфаќа изградба, одржување и санација на објекти и конструктивни елементи од камен, тула, бетон и други градежни материјали, со примена на рачни техники, стручни вештини и утврдени градежни стандарди. Градежниот занает, познат и како градежништво, е општ термин што означува уметност и наука за формирање на објекти, системи или организации. Доаѓа од латинскиот збор „конструкцио“ (лат. constructio) (во превод: „заедно“ и „да се натрупува“) и старофранцускиот збор конструкција. Да се „конструира“ е глагол – чинот на градење, а именката „конструкција“ означува како нешто е изградено или природата на неговата структура.[1]
Во својот најшироко користен контекст, градежниот занает ги опфаќа процесите вклучени во изградбата на згради, инфраструктура, индустриски капацитети и придружни активности до крајот на нивниот животен циклус. Обично започнува со планирање, финансирање и дизајнирање, што продолжува додека објектот не биде изграден и подготвен за употреба. Изградбата опфаќа поправки и одржување, проширување и подобрување на објектот, како и негово евентуално уривање, демонтирање или деактивирање.[2][3]

Историја на занаетот
[уреди | уреди извор]Градежништвото било античка човечка активност која започнала околу 4000 п.н.е. како одговор на човечката потреба за засолниште. Со текот на времето еволуирало и претрпело различни трендови, обележани со неколку клучни принципи: издржливост на употребените материјали, зголемување на висината и распонот на зградата, степенот на контрола на внатрешната средина и, конечно, енергијата достапна за процесот на градење.[4][5]
Првите колиби и засолништа биле изградени рачно или со едноставни алатки. Како што растеле градовите за време на бронзената епоха, се појавила класа на професионални занаетчии, како ѕидари и столари. Повремено, робовите биле користени за градежни работи. Во средниот век, занаетчиите биле организирани во еснафи. Во XIX век се појавиле машини на пареа, а подоцна и возила со дизел и електричен погон, како што се кранови, багери и булдожери.[6]
Брзиот развој на градежништвото станал сè попопуларен во XXI век. Некои проценки укажуваат дека 40% од градежните проекти подоцна биле градби изведени со забрзани процеси.
Историјата на градежништвото ги следела промените во градежните алатки, методи, техники и системи кои се користеле во областа на градежништвото. Опфаќала неколку области, вклучувајќи структурно инженерство, градежно инженерство, раст на градовите и пораст на населението, кои се сродни со гранките на технологијата, науката, историјата и архитектурата. Овие области овозможувале да се анализираат и модерната и античката градба, како и структурите, градежните материјали и употребените алатки.
Историјат на занаетот во Македонија
[уреди | уреди извор]Населението во Македонија постојано одело на печалба. Од Западна македонија познати се градежните занаетчии од селата на Дримкол, Струшко. По својата професија, печалбарите – занаетчии биле претежно градежни работници. Занаетчиите – градежни работници од овој регион работеле низ целиот Балкан, Мала Азија, Европа, Австралија, Америка.[7]
Велешките градежни мајстори оставиле бројни познати дела на Балканот: Врање, Пирот, Ниш, Санџак, Косово, Мостар, Сараево, итн.[8]
Луѓето од селата на Долни Дримкол најповеќе биле познати како каменоресци. Повеќе векови ѕидале цркви низ целиот Балкански Полуостров и мостови од делкани камења. Посебно барани мајстори од овој крај биле вевчанците како одлични мајстори за најделикатните градежни активности.[9]
Градежните работи во Скопје секогаш биле добро застапени. Градителите го употребувале обичниот кршен камен и тула. Во XVIII и XIX век трговските врски на Скопје овозможиле подобрување на стандардот на населението, а тоа се рефлектирало и на градежништвото.[10] Староградската куќа за живеење од XIX век во Скопје била естетски целосно оформена градба.[11]
Градежната дејност меѓу двете светски војни, во Скопје, била ориентирана во неколку делови: на левиот брег на реката Вардар, Старо Скопје, градот на десната страна од реката Вардар, Маџар Маало, Дебар Маало, Буњаковец, Ново Маало. Старо Скопје останало исто, освен кејот, како за време на Турците, додека главната улица добила неколку модерни згради. За градежништвото во Скопје во овој период значајна била и работата на општинскиот каменолом кој давал неисцрпни количини камен за сите видови градежни активности во градот (особено познат Вардарскиот песок).[12]
Податоци за градежниот занает во Велес датираат од крајот на XVIII до почетокот на XX век. Овој занает се поврзува со преселување на Мијаци во Велешкиот крај. Во Велешко постоеле градителски тајфи што работеле на градба и украсување на велешките куќи.[13]
Организација на работата на градежниот занает
[уреди | уреди извор]Работата на мајсторите и помошниците била организирана на традиционален начин – во ѕидарски тајфи. Оформените мајстори биле од типот на старите мајстори – дулѓери, и обично знаеле да ги изведуваат сите техники: градење, дрводелство, столарија, зографство, резба, каменоделство итн. Подоцна можело да се забележи дека поедини мајстори се појавиле во улога на архитекти, зографи и други.[14]
Занаетчиите од областа на градежништвото во Скопје биле претежно од дебарскиот крај. Тие биле со најразлични специјалности: варџии, тулаџии, ѕидари, каменоресци, фасадери, молери, зографи, водоинсталатери, калдрмаџии, дограмаџии и други.[15]
Статистика
[уреди | уреди извор]Околу 70% од сите печалбари од струшкиот крај биле градежни занаетчии.[16]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Etimonline
- ↑ Global Construction 2030
- ↑ Construction
- ↑ History of Building
- ↑ History of construction
- ↑ Construction
- ↑ д-р Павле Митрески, Занаетчиството во Охридско-Струшкиот регион,1918-1970, НИО „Студентски збор“- Скопје, 1983, стр.115
- ↑ Анета Светиева, Македонски фолклор, година XXI, број 42, Скопје 1988, стр. 176
- ↑ д-р Павле Митрески, Занаетчиството во Охридско-Струшкиот регион,1918-1970, НИО „Студентски збор“- Скопје, 1983, стр.116
- ↑ Д-р Киро Дојчиноски, Занаетите и еснафите во Скопје, Матица Македонска- Скопје, 1996, стр.118
- ↑ Д-р Киро Дојчиноски, Занаетите и еснафите во Скопје, Матица Македонска- Скопје, 1996, стр.120
- ↑ Д-р Киро Дојчиноски, Занаетите и еснафите во Скопје, Матица Македонска- Скопје, 1996, стр.121
- ↑ Анета Светиева, Македонски фолклор, година XXI, број 42, Скопје 1988, стр. 174/175
- ↑ Анета Светиева, Македонски фолклор, година XXI, број 42, Скопје 1988, стр. 176
- ↑ Д-р Киро Дојчиноски, Занаетите и еснафите во Скопје, Матица Македонска- Скопје, 1996, стр.122
- ↑ д-р Павле Митрески, Занаетчиството во Охридско-Струшкиот регион,1918-1970, НИО „Студентски збор“- Скопје, 1983, стр.116
| ||||||||||||||||||||||||||||||||||