Зографско евангелие
| Зографско евангелие | |
|---|---|
| Руска национална библиотека | |
Страна од Зографското евангелие на која започнува Евангелието по Марко "ⰵⰲⰰⰳⰳ[ⰵ]ⰾⰻⰵ ⱁⱅⱏ ⰿⰰⱃⱏⰽⰰ (Єваггєлїе отъ Маръка)" | |
| Година на изработка | Крајот на Х или почетокот на XI век |
| Материјал | пергамент |
| Големина | 304 листа |
| Писмо | Глаголица |
| Содржина | четвороевангелие со синаксар |
Зографско евангелие — средновековен македонски книжевен споменик кое потекнува од X или почетокот на XI век напишано на глаголица и пронајдено во Македонија[1].
Ракопис
[уреди | уреди извор]Ракописот потекнува од крајот на Х или почетокот на XI век и е напишан на 304 листа од пергамент со димензии 180х225 мм.[1] Кон првобитниот текст (272 листови) во XII век на местото на изгубени листови се додадени 16 нови листови испишани со глаголично писмо, а на крајот од ракописот во XIII век е додаден синаксар пишуван на кирилица.[1]
Вториот глаголички дел од ракописот е пишуван врз пергаментни листови од коишто претходно е избришан глаголички текст од X век.[1] Недостасува почетниот дел од ракописот и неколку листа од внатрешниот дел на евангелието. Го пишувале двајца глаголописци - едниот од нив го пишувал основниот дел од ракописот, а другиот - додадениот палимпсестов дел, како и двајца кирилописци - при што едниот го запишувал синаксарот, а другиот кириличните записи во глаголичниот дел на ракописот. Од нив е познато само името на пишувачот на синаксарот - Јоан јереј.[1]
Писмо
[уреди | уреди извор]Писмото на ракописот е обла глаголица. Аглести форми има кај поновиот глаголички текст, а глаголица од висечки тип има кај избришаниот текст од палимпсестовиот дел на ракописот.[1] Користен е архаичен правопис со разделно пишување на ук, употреба на диграфот шт и ретка вокализација на еровите.[1]
Особености
[уреди | уреди извор]Некои од јазичните особеностите на овој ракопис се:[2]
- двоеров правопис
- замена ъ > o и ь > e во силна позиција: cu, cu
- употреба на четири јусови знаци
Содржина
[уреди | уреди извор]
Според содржинската структура претставува четвороевангелие ‒ го содржи целосниот текст на четирите канонски евангелија. Почетокот на ракописот е изгубен, поради што евангелето според Матеј не е целосно.
Кодексот ги опфаќа:[3]
- евангелието според Матеј, почнувајќи од Мт. 3:11 (л. 2 ‒ 76 об.)
- евангелието според Марко (л. 77 ‒ 128 об.)
- евангелието според Лука (л. 129 ‒ 224 об.)
- евангелието според Јован (л. 225 ‒ 288 об.)
- синаксар (л. 289 ‒ 299 об.)
- месецослов (л. 299 об. ‒ 304 об.).
Орнаментика
[уреди | уреди извор]Според орнаментиката ракописот содржи знаменца и коцновки во геометриски стил и плетени иницијали.[1] Содржи и минијатура на апостолите Петар и Павле и уште неколку невешти цртежи.[1] Повезот е нов и потекнува од XIX век и претставува имитација на окована подврзија од XIV век на грчки ракописен зборник од светогорскиот манастир „Пантократор“.[1]
Пронаоѓање
[уреди | уреди извор]
Ракописот е откриен во Зографскиот манастир во 1843 година од австрискиот конзул во Солун - Антун Михановиќ.[1] Во 1860 монашкото братство преку Петар Севастјанов му го подарило на рускиот цар Александар II кој го предал во Руската национална библиотека во Санкт Петербург, каде што и денес се чува под сигнатура Глаг.1.[1] Дигиталната верзија е достапна во нивната дигитална ризница. зографско евангелие
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 Поп-Атанасов, Ѓорѓи (2015). Македонската глаголица (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 54–55.
- ↑ Пандев, Димитар (2020), Ќулавкова, Катица (уред.), Македонска хрестоматија, Скопје: МАНУ, стр. 9–10, ISBN 9786082033013.
- ↑ „Зографско евангелие“. Енциклопедија на македонската книжевност. Посетено на 20 април 2026.
Литература
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Зографско евангелие“ на Ризницата ? |
- „Македонската глаголица“ (МАНУ, Скопје, 2015. 103 страници)
- Зографското евангелие на Викиизвор на глаголица и кирилица