Мариинско евангелие

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мариинско евангелие
Руска државна библиотека
Страна од Мариинското евангелие
Година на изработкаКрајот на Х или почетокот на XI век
Материјалпергамент
Големина173 листа
ПисмоГлаголица

Мариинско евангелие — средновековен македонски книжевен споменик кое потекнува од X или почетокот на XI век напишано на глаголица и пронајдено во скитот „Св. Дева Марија“ на Света Гора.

Ракопис[уреди | уреди извор]

Ракописот потекнува од крајот на Х или почетокот на XI век и е напишан на 173 листа од пергамент со димензии 212-215х172-180 мм[1].Без почеток и крај. Има 23 кватерниони, при што од првиот се зачувани само два листа (оние од Виена), додека рускиот дел од ракописот ги содржи следните 22 кватерниона[1]. Целосно се зачувани кватернионите од 2 до 21, од 22от кватернион недостасува 1 лист, а од 23от недостасуваат 4 листа, додека листот 134 од московскиот дел на ракописот е изгубен и на негово место во XIV век е додаден лист напишан на кирилица[1].

Писмо и записи[уреди | уреди извор]

Писмото на ракописот е обла глаголица од македонски тип.[1]. Според начинот на пишување на писмото се забележува дека тоа потекнува од познатата Охридска книжевна школа[1]. Повеќето записи се кирилични, но најчесто со типикарска содржина[1].

Правопис[уреди | уреди извор]

Правописот на ракописот е со четири носовки и јотувана мала носовка во првична и поствокалска позиција[1]. Буквата Ѕело се употребува на своето етимолошко место[1]. Постои паралелна употреба на лигатурно и диграфно шт при што второто преовладува, особено во вториот дел на ракописот[1]. Присутна е вокализација на еровите од македонски тип (замена на големиот ер со о и на малиот ер со е), како и деназализација (замена на големата носовка со чисти вокали - о и оу)[1]. Регистрирана е архаична лексика, наследена од првобитниот кирилометодиевски превод на евангелскиот текст[1].

Содржина[уреди | уреди извор]

Првобитниот текст на ракописот го содржел полниот текст на четирите евангелија[1]. Сега недостасуваат делови од Евангелието според Матеј (1-5,23) и Евангелието според Јован (18,14-29)и 21,17-25)[1]. Виенските листови содржат дел од евангелието според Матеј (5,23-6,16)[1].

Орнаментика[уреди | уреди извор]

Според орнаментиката ракописот содржи знаменца, коцновки-плетенки и иницијали, со флорални елементи[1]. Содржи и минијатури на Марко, Лука и Јован[1].

Пронаоѓање[уреди | уреди извор]

Ракописот е откриен во 1845 година од Виктор Григорович во скитот „Св. Дева Марија“ на Света Гора[1]. Евангелието го добило своето име - Мариинско евангелие според местото на неговото пронаоѓање[1]. Основниот дел на ракописот се чува во Руската државна библиотека во Москва, во збирката на Григорович под сигнатура Григ.6/Муз. 1689, а 2 листа има во Австриската национална библиотека во Виена под сигнатура Cod.slav.146[1]. Овие листови уште пред 1845 се наоѓале во збирката на Антун Михановиќ, кој подоцна му ги подарил на Франц Миклошич[1]. Овие два листа се последни од првиот кватернион на ракописот[1].

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 Поп-Атанасов, Ѓорѓи (2015). Македонската глаголица (PDF). Скопје: МАНУ. стр. 57–59.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]