Синајски псалтир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Страна од Синајскиот псалтир

Синајски псалтир - средновековен македонски книжевен споменик кој потекнува од X или почетокот на XI век напишано на глаголица[1].

Општи податоци за ракописот[уреди | уреди извор]

Ракописот потекнува од Х или почетокот на ХI век и е пишуван на 209 пергаментни листови со димензии 151х155 мм[1]. Првобитниот кодекс содржел околу 216 листови [1]. По листот 81 недостасува еден лист, кој содржел дел од текстот на псалм 67 (стихови 19-36)[1]. Го пишувале неколку книжевници, а на листот 23 е зачуван запис на еден од пишувачите на ракописот - Θома Лоукаваръ[1].

Писмо[уреди | уреди извор]

Пишуван е со обла глаголица со аглести елементи[1]. Повеќето од пишувачите употребуваат висечко глаголичко писмо од архаичен тип. Кај еден од пишувачите се јавува знак за означување на мекиот изговор на некои палатални консонанти[1]. Во правописот е присутна вокализација на еровите од македонски тип (ъ>о, ь>е)[1]. Има случаи на деназализација, како и замена на носовките, карактеристична за писмената традиција на книжевните центри на Охридската книжевна школа (особено ѧ>ѫ после ч)[1].

Содржина[уреди | уреди извор]

Ракописот претставува најстар зачуван препис на Кирилометодиевскиот превод на псалтирот и го содржи полниот текст на оваа старозаветна библиска книга, вклучително и неканонскиот 151 псалм[1]. По текстот на псалмите, се поместени, покрај традиционалните девет библиски песни , уште пет библиски песни, преземени од грчкиот превод на 70та (Септуагинта) , при што 11 се од текстот на Стариот завет и три од текстот на Новиот завет (од Евангелието според Лука)[1]. По библиските песни, доаѓа Господовата молитва „Оче наш“ - еден од најстарите преписи на кирилометодиевскиот превод на молитвата и дел од почеток на вечерна богослужба според византиската богослужбена традиција[1].

Орнаментика[уреди | уреди извор]

Орнаментиката на овој ракопис е скромна, содржејќи иницијали и неколку цртежи во жолта, портокалова и зелена боја[1].

Откривање[уреди | уреди извор]

Основниот дел на ракописот (177 листови) е откриен ос Порфириј Успенски во 1850 година во библиотеката на Синајскиот манастир „Св. Катерина“, додека помал фрагмент од псалтирот (32 листа)во 1975 година открил израелскиот палеославист Моше Алтбауер во криптата на црквата Свети Ѓорѓи на истиот манастир[1]. Ракописот се чува во библиотеката на Синајскиот манастир под сигнатура Cod.slav.38 (177 л.) и N°2/N (32 л.)[1].

Наводи[уреди | уреди извор]