Прејди на содржината

Едгар Кејси

Од Википедија — слободната енциклопедија
Едгар Кејси
Роден 18 март 1877
Беверли, Кентаки, САД
Починалод излив во мозокот 3 јануари 1945
Вирџинија Бич, Вирџинија, САД
Занимање парапсихолог и јасновидец

Едгар Кејси (англ. Edgar Cayce; 18 март 18773 јануари 1945) бил американски парапсихолог и наводен јасновидец. Се тврди дека имал способност да одговара на прашања додека бил во изменета состојба на свест, транс. Иако Кејси се сметал себеси за побожен христијанин и живеел пред појавувањето на движењето Њу Ејџ, некои веруваат дека тој е негов основач и дека извршил големо влијание врз тоа движење.[1]

Кејси станал позната личност пред крајот на својот живот, а популарноста на неговите предвидувања ја засенила неговата работа на полето на теологијата.

Скептиците[2] се споритвставуваат на тврдењето дека Кејси покажувал медиумски способности, а на христијанските верници не им се допаѓаат одговорите на Кејси на некои религиозни теми, кои се спротивни на христијанското учење, како на пример за реинкарнација и Акашките записи. Идејата дека Калифорнија ќе пропадне под океанот му се припишува на Кејси, иако тој никогаш не кажал нешто токму со тие зборови. Денес постојат десетици илјади ученици на Кејси, од кои повеќето се во САД и Канада, а центарот „Едгар Кејси“ веќе постои во 25 други држави.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Едгар Кејси е роден во фармерско семејство на 18 март 1877 година во близина на Беверли, 11 километри јужно од Хопкинсвил, Кентаки.[3]

Период во Кентаки (1877 – 1920)

[уреди | уреди извор]

Во декември 1893 година, семејството на Кејси се сели во Хопкинсвил, Кентаки. Кејси веќе завршил осум години од основното училиште, го открил својот интерес за спиритуалноста, ја напуштил фармата и се вработил.

Со школувањето Кејси застанал до деветто одделение, затоа што семејството повеќе немало пари за да ги покрива трошоците за школувањето.[3] За децата од работничките семејства, деветтото одделение се сметало за вишок. Поголемиот дел од годините во младоста Кејси ги поминал барајќи работа или пари.

Низ целиот свој живот Кејси бил член на „Следбениците на Христос“. Ја читал Библијата секоја година по еднаш, предавал во неделно училиште,[4] регрутирал мисионери, и долго се двоумел околу тоа дали неговите јасновиди способности се духовно веродостојни.

Во 1900 година започнал бизнис заедно со татко му, но се разболел од тешка форма на ларингитис, при што потполно го изгубил гласот.[3] Не бил способен да работи, и живеел со родителите речиси цела година. Тогаш решил да го научи занаетот за фотографирање, па почнал да работи како чирак во студио за фотографии во Хопкинсвил, каде не му било неопходно да зборува.

Во 1901 година, во Хопкинсвил дошла една патувачка група со хипнотизерот Харт, кој чул за ситуацијата на Кејси, па се понудил да се обиде да го излечи. Кејси се согласил, а експериментот се одвивал на сцена пред публика. Гласот на Кејси наеднаш се вратил додека бил под хипноза, но повторно го изгубил откако се разбудил од хипнозата.[5]

Харт морал да замине од градот, бидејќи имал други обврски, а локалниот хипнотизер, Ал Лејн му понудил на Кејси да му помогне. Лејн го прашал Кејси додека бил под хипноза да ја објасни својата ситуација и да каже што да се направи за да биде излечен.[5] Интересно е дека Кејси својата болест ја објаснувал во прво лице множина, наместо во прво лице еднина (зборувал со „ние“, наместо со „јас“).[5]

Во состојба на транс, кажал дека гласот го изгубил поради „психолошка парализа“ и дека може да се поврати доколку се зголеми крвниот проток во главата. Хипнотизерот му сугерирал дека крвниот проток е зголемен во главата, и во тој момент лицето на Кејси се вцрвенило, а исто и грлото и градите.[5] После 20 минути, сè уште во транс, Кејси изјавил дека третманот е завршен. Откако се разбудил од трансот, неговиот глас бил нормален.

Лејн читал за слични хипнотички лечења спроведени од следбениците на Франц Месмер, и сакал да ги истражи границите на исцелувањето преку состојба на транс.[6] Така Лејн дошол на идеја со Кејси да нудат заедно исцелителски совети на народот, но на Кејси не му се допаднала идејата. Сепак се согласил, откако се договориле со Лејн да не наплаќаат за тоа. Започнале со луѓето од градот.

Постигнале голем успех, а постигнувањата на Кејси се нашле и во весниците.[6] Запишано е дека Кејси успешно работел и преку писма со прашања, исто како човекот да се наоѓал пред него. Само преку име и место на живеење на некого, можел да ја дијагностицира физичката и менталната состојба, и да предложи вистински начин за лечење. Станал популарен, и наскоро луѓето од цел свет барале совети од него преку писма.

Откако станал славен и обемот на работата се зголемил, Кејси побарал доброволен прилог за да има од што да живее тој и неговото семејство, и со тоа да им се посвети по цел ден на клиентите. Така Кејси продолжил до крајот на својот живот да работи со клиенти во состојба на транс. Подоцна, хипнотизерот Лејн го замениле сопругата и постариот син на Кејси. Неговата секретарка Гледис Дејвис, ги стенографирала неговите кажувања.[6]

Период во Тексас (1920 – 1923)

[уреди | уреди извор]

Популарноста и успесите на Кејси инспирирале неколкумина да побараат богатство со помош на способностите на Кејси. Еден продавач на памук му понудил на Кејси да му плаќа сто долари секој ден само за дневни известувања во врска со пазарот на памук. И покрај лошата финансиска состојба во која се наоѓал, Кејси ја одбил понудата.[7] Други пак, сакале да дознаат каде да бараат изгубено богатство;[8] некои ги барале резултатите од трките со коњи. Неколкупати Кејси бил убеден да експериментира со таков вид на предвидувања, но тие обиди никогаш не биле успешни. На крајот, тој изјавил дека способностите ќе ги користи само за лечење на болни.[6]

Во 1923 година, издавачот Артур Ламерс го убедил во состојба на транс да одговара на некои филозофски и историски прашања.[9] Во 1925 година, Кејси изјавил дека неговиот „глас“ му рекол да се пресели во Вирџинија Бич, Вирџинија.[10]

Период во Вирџинија Бич (1925 – 1945)

[уреди | уреди извор]
Болницата Кејси, 2006

До 1925 година, Кејси веќе бил професионален јасновидец, со неколкумина вработени и волонтери.[11] Неговите кажувања во состојба на транс, почнале да содржат сè повеќе окултни или езотерични теми.

Во 1929 година, болницата Кејси била отворена во Вирџинија Бич, спонзорирана од еден богат клиент на Кејси, Мортон Блументал. Во 1943 година, Кејси работел со клиенти по осум часа дневно, но откако увидел дека тоа се одразува на неговото здравје, изјавил дека не може да прави повеќе од две сеанси на ден.[12]

Едгар Кејси добил излив на крв во мозокот, и умрел на 3 јануари 1945 година.[13] Закопан е во Хопкинсвил, Кентаки.

Неговите способности

[уреди | уреди извор]

Едгар Кејси е наречен пророк, („заспаниот пророк“), мистик, и јасновидец. Неговиот метод на работа се состоел од легнување на кревет и влегување во состојба на транс или некаква состојба на сон. Во таква состојба, Кејси одговарал на прашања поврзани со здравјето или некој друг проблем на своите клиенти, кои и не морале да бидат присутни. Подоцна, од него се барало да одговара на прашања поврзани со минати животи, да дава совети за бизниси, да толкува соништа и слично.

Објавено е дека до 10 октомври 1922 година Кејси дал 8.056 совети, а после тој датум уште околу 13.000-14.000 пати влегувал во состојба на транс. Кејси изјавил дека не се сеќава што кажувал додека бил во состојба на транс. Според него, неговиот потсвесен ум доаѓал до тие информации, за кои неговиот свесен ум немал поим.

Кејси изјавил дека неговите совети имаат смисла само доколку се побарани за да се подобри животот на клиентот, и исто така предупредил дека не треба неговите кажувања да се сфатат како судбина. Меѓу другите способности кои му се припишуваат на Кејси се влегување во астрална проекција, кажување пророштва, комуникација со мртви, „читање“ од Акашките записи и гледање на аурата на луѓето.[14]

Кажувањата на Кејси

[уреди | уреди извор]

Најбројни се неговите совети во врска со здравствената состојба на клиентите, но оние кои ги интересира езотеријата се фокусираат на следниве теми:

  • Потеклото и судбината на човештвото: „Сите души се создадени на почетокот, и го наоѓаат својот пат назад од каде што дошле.“ [Запис 3744-5] Кажувањата на Кејси велат дека човечките души се создадени со свесноста на нивниот единствен Бог. Земјата со сите нејзини ограничувања, создадена е како арена за спиритуален развој.
  • Реинкарнација: Кејси зборува за реинкарнацијата и кармата како за реалност, но како за инструменти на Господ, а не како за природни закони. Нивната цел е да нè научат на некои лекции. Луѓето никогаш не се реинкарнираат како животни. Во кажувањата (Записи 3744-5), Кејси изјавил: „Човекот не потекнува од мајмун, но се развива, еволуира малку по малку.“
  • Астрологија: Кејси изјавил дека нашите души понекогаш меѓу два живота поминуваат извесно време на другите планети. Позицијата на планетите во моментот на нашето раѓање го покажува тоа.
  • Универзални закони: Душите кои се инкарнирани на Земјата подлегнуваат на исти универзални закони на кармата: „Што ќе посееш, тоа ќе пожнееш“ или „Како им судиш на другите, така ќе ти биде судено“. Ваквите закони се милост божја, без разлика на настаните што ги предизвикуваат. Кејси изјавил дека ако ова го погледнете од повисока димензија, ќе видите дека не постои време и простор, ниту пак минато или иднина, а она што ние го доживуваме како „време“ е илузија која си има своја цел.
  • За непознатиот дел од животот на Исус Христос: Кејси изјавил дека Исус се реинкарнирал на Земјата повеќепати, почнувајќи од мистериозниот човек на Атлантида наречен „Амилиус“, преку познатите библиски личности како Адам, Енох, Мелцезедек, Џошуа и други. Кејси изјавил дека Исус патувал низ Индија во младоста за да ги проучи источните религии, посебно астрологијата.
  • Исус и Христос: Кејси правел разлика меѓу Исус и Христос. Накратко, Исус е душа како нас која се реинкарнирала повеќепати, а „Христос“ е она во што бил прв и дозволил да се манифестира преку неговиот материјален живот, и кон што треба и ние да се стремиме. Кејси го нарекувал Исус „постар брат“.
  • Идеали: Кејси повеќепати нагласувал дека изборот на идеалот треба да ни биде духовен пат. Можеме да избереме било кој идеал што нè привлекува, и треба да го примениме во животот. Тогаш Господ ќе нè води и ќе нè инспирира да го постигнеме идеалот. Највисокиот идеал е Христос.
  • Тело, ум, душа: Кејси често ги споменувал овие три термини кога објаснувал ситуација на некого. „Душата е животот. Умот е градителот. Телото е резултатот.“ (Се споменува во повеќе записи.)
  • Медитација: Кејси понекогаш опишувал медитативни техники на пеење „Аррр--eee-ooммм“ што многу наликува на мантрата Харе Ом, сепак велел дека главната работа е да бидеш отворен за божествените влијанија.
  • Вонсетилно восприемање: Кејси ја прифаќал како природна последица на духовниот развој. Господ може да ни зборува преку соништа, или преку интуицијата. Сепак не го одобрувал спиритуализмот и разговорот со ентитети, туку велел дека треба да се разговара со Христос.
  • Атлантида: Според кажувањата на Кејси, Атлантида постоела, и тоа била земја со напредна технологија, чии бегалци го населиле древен Египет, како и предколумбовска Америка. Според него, многумина денес се реинкарнација на Атлантиѓаните, кои сега се соочуваат со слични искушенија. Рекол дека Атлантида ја погодиле три големи катастрофи, а конечната катастрофа била експлозија на кристалот кој го користеле како извор на енергија.
  • Египет: Древната цивилизација на Египет била составена од бегалци од Атлантида. Тие ги изградиле монументалните градби во Гиза, вклучувајќи ја и Големата пирамида, и оставиле записи за Атлантида во „салата на записи“ која се наоѓа некаде под Сфингата.
  • Промени на Земјата: Кејси известил за серија на катаклизми кои би требало да се случат во наредните децении, меѓу кои изместување на Земјината оска.
  • „Лековите“ на Кејси: Често советувал употреба на масажи, молитви, таблетки од црн јаглен (во медицината познати како лек за прочистување на организмот од отрови), вежби, и еден посебен вид на диета. Диетата се состоела од избегнување на црвено месо, алкохол (освен црвено вино), бел леб, пржена храна, а наместо сето тоа да се користи што повеќе овошје, зеленчук. Интересно е што Кејси неколкупати изјавил дека кафето и цигарите не се голема пречка за здравјето. Самиот не се придржувал постојано на советите за здрава исхрана.
  • Толкување на соништа: Кејси е еден од првите толкувачи на соништа спротивставени на толкувањата на Фројд. Тој велел дека постојат различни видови соништа со различни нивоа на значење, и дека само сонувачот може вистински да си го одгонетне својот сон.[15]
  1. York, Michael (1995). The Emerging Network: A Sociology of the New Age and Neo-Pagan Movements. Rowman & Littlefield. стр. 60. ISBN 0847680010.
  2. Gardner, Martin (1957). Fads & Fallacies In The Name Of Science. Dover Publications. стр. 216–219. ISBN 0486203948.
  3. 3,0 3,1 3,2 Cerminara, Dr. Gina (1999). „The Medical Calirvoyance of Edgar Cayce“. Many Mansions. стр. 13.
  4. Bowden, Henry Warner (1993). Dictionary of American Religious Biography (Second Edition, Revised and Enlarged. изд.). Greenwood Publishing Group. стр. 106. ISBN 9780313278259.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Cerminara, Dr. Gina (1999). „The Medical Calirvoyance of Edgar Cayce“. Many Mansions. стр. 14.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Cerminara, Dr. Gina (1999). „The Medical Calirvoyance of Edgar Cayce“. Many Mansions. стр. 15. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „MM_19“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  7. Smith, A. Robert. My Life as a Seer: The Lost Memoirs. стр. 403.
  8. Cayce, Hugh Lynn (2004). The Outer Limits of Edgar Cayce's Power. стр. 71.
  9. Cerminara, Dr. Gina (1999). „An answer to the Riddles of Life“. Many Mansions. стр. 25–28.
  10. Auken, John Van (2005). Edgar Cayce on the Revelation. Eventually, Edgar Cayce, following advice from his own readings, moved to Virginia Beach, Virginia, and set up a hospital,
  11. Miller, Timothy (1995). America's Alternative Religions. SUNY Press. стр. 354.
  12. Callahan, Kathy L. (2004). In The Image Of God And The Shadow Of Demons: A Metaphysical Study Of Good And Evil. Trafford Publishing. стр. 162.
  13. Browne, Sylvia; Lindsay Harrison. Prophecy: What the Future Holds for You. стр. 67.
  14. Bro, Harmon Hartzell. "Edgar Cayce: A Seer out of Season", Aquarian Press, London, 1990.
  15. Faraday, Ann. The Dream Game. стр. xiv.