Прејди на содржината

Дервишот и смртта

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Дервишот и смртта“ (српски: Дервиш и смрт) — поетско-психолошки и рефлексивно-филозофски роман на југословенскиот писател Меша Селимовиќ. Романот е награден со многу награди, за него се напишани многу студии и доживеал неколку адаптации: ТВ серии, ТВ филм, игран филм, театарска претстава итн.[1] Романот „Дервишот и смртта“ е пишуван во период од четири години (1962 - 1966), а првото издание било објавено во 1966 година од сараевската издавачка куќа „Свјетлост“. Уште при првото објавување, романот бил примен со воодушевување кај читателската публика, така што доживеал повеќе изданија. Авторот ѝ го посветил романот на сопругата Дарка.[2]

Содржина

[уреди | уреди извор]
Корицата на „Дервишот и смртта“, второ издание (1967).

Романот се состои од 16 глави, поделени во два дела: Првиот дел содржи девет глави, додека вториот дел е составен од седум глави.[3] Дејствието на романот е сместено во XVIII век во типична босанска касаба. Главниот лик на романот е Ахмед Нурудин, дервиш на мевлевијскиот ред, кој доживува лична емотивна, психолошка и човечка драма, а некои негови одлуки и влијанието на средината доведуваат до апасење и смртта на неговиот брат, кој е во судир со апсолутистиката отоманска власт, што води до етички конфликт кај него.

Прв дел (глава 1 - 9)

[уреди | уреди извор]

Ахмед Нурудин, дервиш на возраст од околу 40 години, почнува да пишува за својот душевен немир и за сомнежот што се родил во него. Тој е шеих на теќето, истакнат како чувар на верата. Два месеца претходно, неговиот брат Харун бил затворен и тој станал загрижен за него. Испратен да ја ислуша последната исповед на еден стар угледен човек, Ахмед се сретнал со неговата ќерка, која побарала од него да го убеди брат ѝ Хасан да се откаже од наследството на татко му. По тој разговор, Ахмед за првпат во животот почувствувал необичен немир во душата и голема внатрешна промена. Истиот ден, околу полноќ, во теќето влегол непознат човек кој бегал од потерата на стражарите. Ахмед се колебал како да постапи, но не го предал бегалецот, но утредента му раскажал на еден дервиш за случката, при што тој ги повикал стражарите, но бегалецот веќе побегнал од теќето. Кога во градот пристигнал татко му, Ахмед бил принуден да појде кај муселимот за да се распраша за вината на брат му, но таму не дознал ништо. Сепак, истиот ден, него го посетил Хасан кој му раскажал дека брат му бил затворен зашто случајно го открил фалсификуваниот извештај од сослушувањето на некој бунтовник. Подоцна, Ахмед се сретнал со Хасан, кој предложил да се обидат да го ослободат брат му, а потоа великодушно понудил да се откаже од наследството, со цел да му помогне на Хасановиот брат. Веднаш потоа, Ахмед имал средба со кадијата, но без никаков успех. Сепак, по средбата со Хасан, тој го надминал почетниот немир и цврсто решил да се бори за спас на братот. Една ноќ, пред теќето го пречекал непознат човек, кој му ја пренесол пораката од неговите противници да внимава што прави. Решен да ја бара правдата, Ахмед отишол кај муфтијата, но и таму наишол на студен прием. Набргу, Ахмед дознал дека брат му бил убиен пред неколку дена. Тогаш, тој отишол до портата на тврдината во која бил затворен Харун, а навраќање го пречекале повеќе луѓе кои го придружувале до џамијата каде им одржал проповед. Истата ноќ, непознати луѓе го нападнале Ахмед во близината на теќето, а подоцна дошле стражарите и го затвориле. По некое време, тој бил префрлен во друга ќелија, заедно со друг човек во кој го препознал бегалецот кој своевремено се скрил во теќето (кого го нарекол Исхак), а потоа ненадејно бил ослободен од затворот.[4]

Втор дел (глава 10 - 16)

[уреди | уреди извор]

Овој дел започнува со сеќавањето на Ахмед Нурудин за неговите војнички денови и за дружбата со едно дете чија мајка била стрелана од турската војска. По нејзината смрт, Ахмед го зел детето со себе и го направил дервиш - Мула-Јусуф кој имал голема дарба за калиграфија. Некое време по излегувањето на Ахмед од затворот, Хасан се смирил со татко му и двајцата решиле имотот да им го поклонат на сиромашните и така ја осуетиле намерата на сестрата на Хасан и нејзиниот сопруг (кадијата) да го приграбат имотот. Мула-Јусуф станал близок пријател со Хасан, но нивното пријателство наеднаш се прекинало. Во исто време, Ахмед почнал да собира информации од разни луѓе во градот и открил дека токму Мула-Јусуф, кој бил шпион на кадијата, го наклеветил Харун. Тогаш, Ахмед се соочил со Мула-Јусуф, кој се обидел да изврши самоубиство. Сепак, Ахмед не направил ништо за да му се одмазди напредавникот, но по една случајна средба со муселимот, кај него се разгорела голема омраза кон виновниците за смртта на Харун. Во меѓувреме, тој го откопал телото на Харун и го закопал во близината на теќето, а луѓето од градот почнале да палат свеќи на гробот. Еднаш, од заповедникот на турската војска, кој престојувал во теќето, Ахмед дознал дека синот на златарот Јусуф Синанудин станал највисок царски службеник во Истанбул. Истовремено, низ градот се проширила веста за бегството на неколку затвореници од тврдината. Така, Ахмед добил идеја како да се одмазди за смртта на Харун. За таа цел, тој го натерал Мула-Јусуф да го извести кадијата дека Јусуф Синанудин им помогнал на затворениците да побегнат. Кадијата наседнал на замката и Јусуф Синанудин бил затворен, а Ахмед испратил писмо до синот на Синанудин во Цариград. Во меѓувреме, народот се побунил против власта при што кадијата бил убиен, муселимот побегнал, а Хасан го спасил Јусуф Синанудин. По завршувањето на немирите, Ахмед Нурудин станал кадија, а поранешниот муселим бил затворен и убиен. Штом станал власт, Ахмед бил замразен од народот, а разни страни почнале да прават сплетки против него. Истовремено, тој ја побарал Хасановата сестра за жена, но таа го одбила. Како последица на буната во Посавина, Хасан се променил и купил имоти на кои ги населил настраданите во буната. На тој начин, тој се замерил со валијата и набргу бил осомничен за помагање на својот пријател, трговец од Дубровник, обвинет за шпионажа. Под притисок на валијата, Ахмед потпишал налог за затворање на Хасан. Меѓутоа, фалсификувајќи го потписот на Ахмед, Мула-Јусуф му помогнал на Хасан да побегне, а Ахмед бил осомничен за бегството на Хасан. Поради тоа, наскоро пристигнала наредба од Цариград за погубување на Ахмед. Вечерта, пред смртта, Ахмед го посетило едно момче од родниот крај, синот на неговата дамнешна голема љубов (а можеби и негов син) при што средбата со него му ги разбудило сеќавањата на младоста и на саканата девојка.[5]

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Критиката овој роман го прогласила за книга за сите времиња, а тоа доаѓа од таа длабока, чувствителна сооченост на главниот лик со стапиците на човековото постоење и со неизбежно губење на човечките вредности во апсурдните опшествени тирании и притисок на тоталитарните идеологии. Авторот, кој и самиот имал, речиси, идентична судбина, загубата на братот поради повоеното лудило на средината, малограѓанството и моќта на непромислените, хистерични реакции на масата, во романот ја внел сета своја мисловна длабочина што ова дело го издигнува на највисокиот пиедестал, можеби дури и над самиот Андриќ, иако кандидатурата за Нобелова награда, која што ја иницирале босанските писатели, современици на Селимовиќ, никогаш не била реализирана.

Романот бил повеќепати драматизиран:

  • На 22 декември 1995 година, во театарот во Крушевац била изведена премиерата на истоимената театарска претстава во адпатација и режија на Небојша Брадиќ, додека улогата на Ахмед Нуредин ја играл Милија Вуковиќ.[6]
  • Во 2008 година, во Народниот театар (српски: Народно позориште) во Белград била премиерно изведена истоимената театарска претстава, во режија на Егон Савин, а драматизацијата на романот ја направил Борислав Михајловиќ Михиз. Притоа, ликот на Ахмед Нурудин го играл македонскиот глумец Никола Ристановски.[7]
  • Во 2014 година, во Београдско драмско позориште во Белград била поставена истоимената претстава во режија на Слободан Ќустиќ.[8]
  • На 14 август 2017 година, во Хрватскиот народен театар во Сплит премиерно бил изведен истоимениот балет според либретото на Сашо Димоски а во кореографија на Игор Киров, додека автор на музиката бил Горан Бојчевски.[9]
  • Во 2021 година, врз основа на романот била поставена истоимената театарска претстава во Народниот театар на Република Српска, во режија на Дејан Пројковски.[10]

Романот „Дервишот и смртта“ освоил повеќе награди, како:[11]

Изданија

[уреди | уреди извор]

Романот „Дервишот и смртта“ доживеал бројни изданија, како:[12] [13] [14] [15]

  • исечок од романот, со наслов „Пред таа капија“, бил објавен во сараевскиот весник „Ослобоѓење“ во бројот 5715 од 1,2 и 3 мај 1964 година
  • исечок од романот, со наслов „Разговор со Исак“, бил објавен во белградското списание „НИН“ во бројот 698 од 24 мај 1964 година
  • исечок од романот, со наслов „Разговор со Исак“, бил објавен во сараевското списание „Одјек“ во бројот 1 од 1 јануари 1965 година
  • исечок од романот, со наслов „Таткото замина“, бил објавен во сараевскиот весник „Ослобоѓење“ во бројот 5975 од 1,2 и 3 јануари 1965 година
  • првиот дел од романот, со наслов „Четири златни птици“, бил објавен во сараевското списание „Живот“ во неколку броеви во текот на 1965 и 1966 година
  • исечок од романот, со наслов „Четири златни птици“, бил објавен во скопското списание „Трудбеник“ во бројот 16 од 18 април 1965 година
  • исечок од романот, со наслов „Предавник“, бил објавен во сараевскиот весник „Ослобоѓење“ во бројот 6432 од 30 април и 1 и 2 мај 1966 година
  • прво издание на „Свјетлост“ од Сараево (1966 година), во тираж од 20 000 примероци
  • исечок од романот, со наслов „Тројца луди фаќаат еден бесен“, бил објавен во сараевското списание „Одјек“ во бројот 4 од 15 февруари 1967 година
  • исечок од романот, со наслов „A dervis és halál“ бил објавен во суботичкото списание „7 Nap.“ во бројот 10-11 од 3 март 1967 година
  • во 1967 година, во приштинското списание „Jeta e rë“ бил објавен исечок од романот, со наслов „Dervishi dhe vdekja“
  • исечок од романот, со наслов „Dervishi dhe vdekja“ бил објавен во приштинскиот весник „Rilindja“ во бројот 2827 од 12 февруари 1967 година
  • исечок од романот, со наслов „Dervişul si moareta“ бил објавен во вршачкото списание „Libertatea“ во бројот 7 од 12 февруари 1967 година
  • исечок од романот, со наслов „Preganjani človek“ бил објавен во љубљанскиот весник „Delo“ во бројот 39 од 11 февруари 1967 година
  • исечок од романот, со наслов „Tre te marre e zane njite cmendum“ бил објавен во приштинското списание „Zani irinis“ во бројот 31 од 1967 година
  • исечок од романот, со наслов „Tre te marre e zane njite cmendum“ бил објавен во приштинското списание „Zani irinis“ во бројот 31 од 1967 година
  • исечок од деветтата глава на романот, со наслов „V ječi“ бил објавен во списанието „Kaplje“ во бројот 6 од 1967 година
  • второ издание на „Свјетлост“ (1967 година), во тираж од 5 000 примероци
  • трето издание на „Свјетлост“ (1967 година)
  • четврто издание на „Свјетлост“ (1967 година, на кирилица), во тираж од 6 000 примероци
  • петто издание на „Свјетлост“ (1968 година), во тираж од 6 000 примероци
  • во 1968 година се појавиле две изданија на романот на унгарски јазик (во Будимпешта и во Нови Сад), со наслов „A dervis és halál“
  • истата година, во Приштина се појавило изданието на албански јазик со наслов „Dervishi dhe vdekja“
  • во 1969 година, романот бил објавен во Софија на бугарски јазик
  • истата година, во Прага се појавило и изданието на чешки јазик, со наслов „Derviš a smrt“
  • истата година, во Москва се појавило руското издание на романот
  • истата година, во Љубљана се појавило изданието на словенечки јазик, со наслов „Derviš in smrt“
  • истата година, во Варшава се појавило изданието на полски јазик, со наслов „Derwisz i śmierć“
  • шесто издание „Свјетлост“ (1970 година), во тираж од 4 000 примероци
  • седмо издание „Свјетлост“ (1970 година)
  • издание на „Српска књижевна задруга“ од Белград (1970 година), во тираж од 5 000 примероци
  • во 2000 година, романот бил објавен на македонски јазик од АЕА Издавачи, Матица Македонска, во превод на Миле Ќорвезировски, додека предговорот го напишал Васил Тоциновски; книгата, со обем од 450 страници и со димензии од 20 сантиметри, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-39-120-3.[3]
  1. Даница Андрејевић, Поетика Меше Селимовића. Београд: Просвета, 1996.
  2. Meša Selimović, Derviš i smrt. Sarajevo: Svjetlost, 1967.
  3. 3,0 3,1 Меша Селимовиќ, Дервишот и смртта. Скопје: АЕА издавачи, Матица македонска, 2000.
  4. Meša Selimović, Derviš i smrt. Sarajevo: Svjetlost, 1967, стр. 7-203.
  5. Meša Selimović, Derviš i smrt. Sarajevo: Svjetlost, 1967, стр. 206-384.
  6. DERVIŠ I SMRT – Kruševačko pozorište, Kruševac (1996.) (пристапено на 10.2.2024)
  7. РТС, ТВ Театар: Дервиш и смрт (пристапено на 10.2.2024)
  8. Derviš i smrt - Slobodan Ćustić (BDP) (пристапено на 10.2.2024)
  9. DERVIŠ I SMRT DEATH AND THE DERVISH (пристапено на 10.2.2024)
  10. Дервиш и смрт, промотивни спот (пристапено на 10.2.2024)
  11. „Pоsebna izdanja“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 161-162.
  12. „Pоsebna izdanja“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 162-163.
  13. „Prilozi u periodičnoj štampi, zbornicima, almanasima i dr.“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 174-177.
  14. „Prevodi“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 186-187.
  15. „Prilozi u periodičnoj štampi, almanasima, zbornicima, itd.“, во: Meša Selimović, Magla i mjesečina. Beograd: Sloboda, Rijeka: Otokar Keršovani, 1975, стр. 189-190.