Генетски истражувања на Бугарите

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Преовладувачки Y-ДНК хаплогрупи меѓу Европејците
Мрежа од 29 популации изградени на базата на FST оддалеченост врз основа на варијација на автосомни SNP.
Балто-словенска споредба базирана на А (автосомна ДНК), B (Y-ДНК) и C (мтДНК).
Дополнителна анализа на база на автосомни SNP во глобален контекст на ниво на резолуција од 7 претпоставувани древни племиња.
Примероци од три праисториски европски групи од кои потекнуваат денешните Европејци во споредба со модерните народи.

По развојот на популационата генетика во 21. век, почнуваат истражувања за бугарскиот ДНК-профил. Меѓу праисториските настани наведени во набљудуваните халпогрупи, најголем е придонесот на земјоделците од неолитот. Бугарскиот генетски фонд носи исто така траги од постледникова реколонизација од различни палеолитски засолништа и експанзијата на неолитски земјоделци од Блискиот Исток. Според резултатите од анализата на Y-ДНК и мтДНК, Бугарите им припаѓаат на групата на европските народи, но се наоѓаат малку настрана од главното јато. Генетски, денешните Бугари се потесно поврзани со соседните балкански народи (Македонци, Срби, Романци, Грци и Албанци), отколку со другите Европејци.[1][2][3][4][5]

Истражувања и резултати[уреди | уреди извор]

Според комбинирани ДНК тестови, конструирани на основа на автосомна ДНК, хаплоидна ДНК, Y-ДНК и мтДНК, кои даваат најдобра идеја за „потеклото“ и „сличноста“ помеѓу популациите, во балканскиот генетски кластер постојат неколку генетски субкластери, така во источниот спаѓаат Бугарите со Македонците и Романците. Иако Бугарите се дел од словенската група, тие како и повеќето други Јужни Словени се карактеризираат со доминантен генетски супстрат кој е различен од оној на Западните и Источните Словени. Овој феномен се објаснува со јазичната асимилација на бројно домородно балканско население од средновековните словенски доселеници.[6][7][8][9] Некои од пројавите кои ги разликуваат генетски и јазиково западната и источната подгрупа на Јужните Словени можат да се објаснат со два одделни миграциски бранови на различни племенски групи на идните Јужни Словени преку западниот и источниот дел на Карпатите, како и од различните племиња со кои тие доаѓаат во контакт на Балканот.[10]

Според анализа на достапните податоци од големи Y-ДНК студии, Бугарите се најслични со Македонците, Романците, Гагаузите, Црногорците и Србите, додека пак генетски растојанието калкулирано од СНП податоци на повеќе автосоми, за најслични со Бугарите ги рангира Србите, проследени од Македонците, Црногорците, Романците, Гагаузите, македонските Грци, останатите Јужни Словени, Унгарците, Словаците, Чесите, а потоа од Грците од Централна Грција и Пелопонез. Во однос на мтДНА Бугарите ги споделуваат своите позиции најмногу со Македонците, Чесите, Романците и Унгарците. Автосомни студии ја откриле и врската меѓу современите Бугари и Северните Словени, што е резултат на миграциите не порано од пред 1500 години. И покрај различните инвазии на турко-алтајски народи во Европа, тие речиси немаат генетско влијание на бугарското население.

Во однос на Y-ДНК, повеќето Бугари им припаѓаат на три неповрзани хаплогрупи, 22% од нив на I-M423 (I2a1b), 18% на Е-V13 (E1b1b1a1b1a) и 17,5% на R-M17 (R1a1a). Други хаплогрупи присутни сред Бугарите се: R-M343 (R1b)~11%; J-M172 (J2)~10,5%; G-P15 (G2a)~5%; I-M253 (I1)~4%; J-M267 (J1)~3.5%, E-M34 (E1b1b1b2a1)~2%; T-M70 (T1a)~1.5% и под 1%: C-M217 (C2), H-M82 (H1a1), N-M231 (N), Q-M242 (Q), L-M61 (L), I-M170 (I), E-M96 (E) R-M124 (R2a), E-M81 (E1b1b1b1a), E-M35 (E1b1b1) и тн. Постои и една хетерогеност меѓу бугарските области со различни од главните хаплогрупи. Една област (Хасковска) на пример, е генетски поблиску до чешкото население отколку до која било друга од обласите во Бугарија по Y-ДНК. Најголемата по обем бугарска Y-ДНК студија (n = 808) ги одредува Романците најблиску до Бугарите, но филогенетската анализа не се однесува на Србите и Македонците. Од друга страна, најголемата по обем студија за Романците (n = 147), ги позиционира Бугарите подалеку од Романците отколку Украинците и Унгарците, а најголемата по обем Y-ДНК анализа на Унгарците (n = 219) тврди дека најблиски им се Бугарите, но истата студија ги одредува „Jугословените“ (Србите и Црногорците), како најблиско население до Бугарите. Според Y-ДНК податоци на стотици Македонци, тие имаат најголема генетска близина со бугарската популација (0,0815).

Бугарија покажува многу сличен мтДНК профил со тој на останатите европски земји - доминиран од страна на митохондријалните хаплогрупи Hg H (~ 42%), Hg U (~18%), Hg JT (~18%), Hg K (~ 6%), Hg N (~ 5%), Hg Х (~ 2%), Hg М (~ 1%) и тн. Како и повеќето Европејци, Н1 преовладува меѓу Бугарите, а повеќето припадници на U им припаѓаат на U5 и U4. Најголемата по размери бугарска студија за мтДНК има утврдено дека Бугарите се во најкусо растојание од Полјаците, проследено од другите Словени, како што се Хрватите, Украинците и Чесите, а друга студија тврди дека Бугарите се најблиски до Унгарците, Хрватите, Украинците и Словаците. Во прилозите на алтернативни податоци од други студии, Бугарите се ситуирани најблиску до соседните Македонци или Романци, а алтернативни податоци ги сметаат најблиски до Словаците или до Албанците.

Два тракиски остатоци од Бугарија се дефинирани од страна на големите Y-ДНК хаплогрупи присутни кај современите Бугари, имено Е-Z1919 (родител на Е-V13) и J-M410 (J2a). По извршена споредба со повеќето европски популации со десетици средновековни примероци на словенски мтДНК од денешна Полска и Словачка, резултатите на современите Бугари излегле најблиску до нив, но во секој случај модерното словачко и полско население е подалеку од нив отколку модерните Бугари. 13 примероци од скелети од средновековна Бугарија биле наводно претставени како прабугарски, но не постои доказ за тоа. Повеќето од нив излегувале од европската мтДНК хаплогрупа H, вклучувајќи H1a2, H1r1, H1t1a1, H2a2a1 Х5, H13a2c1, HV1, Ј, J1b1a1, Т, Т2 и U3, без да се најдени хаплогрупи од Источна Азија меѓу нив. Прикажано е кратко генетско растојанието помеѓу овие примероци и модерните Бугари.

Последните истражувања на античка ДНК тврдат дека Бугарите се главно наследници на две групи земјоделци кои припитомувале животни и го ширеле земјоделство од Блискиот Исток (~ 65%). Првата група е главна и таа во неолитот се отселува од Анадолија, а втората, подоцнежна група доселеници, со помал принос, влегува во бронзеното доба од Источниот Медитеран. Втората компонента кај Бугарите е европска мезолитска компонента на локални ловци-собирачи (~ 33%). Кон овие подоцна се приклучуваат мали групи со потекло од Источна Азија, чиј придонес кон денешната бугарска популација е не повеќе од 2%.

Присуството на овие источноазиски компоненти во Европа е оценето како последица на преселувањето на мали групи азиски номади во раниот среден век. Според генетско истражување насочено кон изолирање на источноазијатска ДНК во словенските народи, словенските популации „речиси секогаш“ содржат монголоидна ДНК. Дел од неа е добиена уште пред поделбата на Балтите и старите Словени во периодот 2000-3000 година п.н.е. и е резултат на нивното мешање со Фино-Угрите во Источна Европа. Според истражувањето монголоидната компонента меѓу Јужните Словени, која е од 1 до 3%, расте за време на миграцијата на степските народи во средниот век, како Хуни, Авари, Прабугари, Монголци и др. Во овој поглед, некои научници сугерираат дека генетскиот придонес на Прабугарите на Балканот бил симболичен и практично е тешко да се утврди.

Според истражувањето словенската компонента кај денешните Бугари е околу 40%, за разлика од Белорусите на пример, кадешто достигнува 90%, како периодот на мешање на Словените со локалното население е пресметан помеѓу 500 и 950 година.[11] Од друга страна, други големи студии од 2014 година на два тима од генетичари и археолози, кои вклучуваат исто анализа на античка ДНК, споредувајќи ги со денешните Европејци, ги даваат следните заклучоци: околу 30% од гените на денешните Бугари се наследени од Индоевропејците, дојдени во бакарното време од евроазиските степи.

Според комплексен тест на генетскиот проект на Нациолнална географија (National Geographic), 47% од бугарските гени се од Источниот Медитеран, а 20% се од Југозападна Азија, како овие две групи го одразуваат силното влијание на неолитските земјоделци кои навлегле во Европа пред 8-10 000 години. Според ова истражување 31% од бугарските гени се од Северна Европа и најверојатно се наследство од мезолитските ловци, кои го населиле континентот пред повеќе од 35 000 години, а околу 2% се од Источна Азија и прикажуваат пенетрација на мали групи носители на монголоидни гени во регионот во средниот век.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Five polymorphisms of the apolipoprotein B gene in healthy Bulgarians.Department of Chemistry and Biochemistry, Medical University of Sofia, Bulgaria.PMID: 12713147
  2. Bulgarian Bone Marrow Donors Registry—past and future directions - Asen Zlatev, Milena Ivanova, Snejina Michailova, Anastasia Mihaylova and Elissaveta Naumova, Central Laboratory of Clinical Immunology, University Hospital “Alexandrovska”, Sofia, Bulgaria, Published online: 2 June 2007
  3. From Asia to Europe: mitochondrial DNA sequence variability in Bulgarians and Turks. Ann Hum Gen.1996.Jan;60 (Pt 1):35–49.
  4. HLA polymorphism in Bulgarians defined by high-resolution typing methods in comparison with other populations.
  5. Distributions of HLA class I alleles and haplotypes in Bulgarians – contribution to understanding the origin of the population. M. Ivanova, P. Spassova, A. Michailova, E. Naumova. Division of Clinical and Transplantation Immunology, Medical University, Sofia, Bulgaria.
  6. Genetic Heritage of the Balto-Slavic Speaking Populations: A Synthesis of Autosomal, Mitochondrial and Y-Chromosomal Datap Alena Kushniarevich et al., September 2, 2015, Plos One, http://dx.doi.org/10.1371/journal.pone.0135820
  7. Standing at the Gateway to Europe - The Genetic Structure of Western Balkan Populations Based on Autosomal and Haploid Markers, Lejla Kovacevic et al, Plos One, August 22, 2014, http://dx.doi.org/10.1371/journal.pone.0105090
  8. Y-STR variation among Slavs: evidence for the Slavic homeland in the middle Dnieper basin, Krzysztof Rebala et al. Japan Society of Human Genetics and Springer 2007, DOI 10.1007/s10038-007-0125-6
  9. Expansions: Competition and Conquest in Europe Since the Bronze Age, Reykjavíkur Akademían, 2010, ISBN 9979992212, p. 194.
  10. The Slavic Languages, Roland Sussex, Paul Cubberley, Publisher Cambridge University Press, 2006, ISBN 1139457284, p. 42.
  11. Garrett Hellenthal et al [1] A genetic atlas of human admixture history.

Извори[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]