Банка на Словенија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Банка на Словенија
Banka Slovenije
Logo Banka Slovenije.svg
СедиштеЉубљана
Основана25 јуни 1991
ПретседателМарко Крањец
Централна банка наСловенија
НаследникЕвропска централна банка (2007)1
Мрежно местоwww.bsi.si
1 Многу од функциите на банката сега се во надлежност на Европската централна банка.

Банка на Словенија (словенечки: Banka Slovenije) — централна банка на Република Словенија.

Историја[уреди | уреди извор]

Банката на Словеније е основана со Законот за Народната банка на Словенија, донесен на 25 јуни 1991 година. Нејзин прв гувернер бил Франција Архар (1991-2001), кого го наследиле Митја Гаспари (2001-2007) и Марко Крањац (2007-2013). Банката на Словенија е јавно правно лице која самостојно располага со свои сопствени средства. Банката и членовите на нејзиното тело за одлучување се потполно независни во извршувањето на своите функции и не се обврзани со одлуки, ставови и насоки од Владата или било која власт, ниту пак може да побара било какви инструкции или насоки. Сепак, таа е должна да поднесува периодичен извештај за своето работење на Националното собрание на Република Словенија. Банката на Словенија е во државна сопственост, со автономија во финансиите и управувањето.[1] Сметки во Банката на Словенија имаат само државата, државните институции, општините, банките, штедилниците и брокерските друштва. Република Словенија, преку нејзината сметка во централната банка (банка на Словенија), врши трансакции, го прима приливот на средства од даноци и други јавни давачки и ги подмирува своите обврски.

Зградата во која се наоѓа седиштето на Банката на Словенија е изградена во модерен стил. Нејзината изградба траела од 1920 до 1923 година, а таа е дизајнирана од чешкиот архитект Франк Красни. Зградата на Банката на Словенија е заштитена како културно богатство и е запишана во регистарот на недвижностите на културното наследство (EŠD 20032 Љубљана, Словенска Палата 35).[2]

Словенечки толар[уреди | уреди извор]

Словенечкиот толар бил официјална валута на Словенија од 1991 до 2007 година. Бил воведен во 1991 година наместо југословенскиот динар. Името настанало како комбинација од зборовите „талер“ и „долар“. На 8 октомври 1991 година, Банката на Словенија издала привремени банкноти, пуштајќи ги во промет како привремена валута. Во септември 1992 година, првите толарни банкноти биле пуштени во промет, проследено со монети во јануар 1993 година.Од 2004 година, курсот на толарот бил врзан за курсот на еврото. На 1 јануари 2007 година, толарот бил заменет со еврото, со што Словенија станала првата нова земја-членка на ЕУ која ја вовела заедничката валута. Од тој момент, толарот како платежно средство важел само уште две недели, а задолжителното двојно означување на цените на производите (во толари и евра) престанало на 30 јуни 2007 година. Толарите ги издавала Банката на Словенија, а еден толар се делел на 100 стотини. Банката на Словенија издала и повеќе комеморативни изданија за одбележување на разни комеморативни настани, како што се политички, историски, научни, културни, спортски, хуманитарни и други слични настани од национално значење за Словенија или со пошироко меѓународно значење.[3]

Раководство[уреди | уреди извор]

Банката на Словенија е во целосна државна сопственост. Органите за управување на Банката на Словенија се Гувернерот и Управниот одбор на Банката на Словенија. Управниот одбор се состои од пет члена: Гувернерот и четворица вицегувернери. Членовите на Управниот одбор ги именува Националното собраниe чиј мандат изнесува 6 години, на предлог на Претседателот на Република Словенија и можат да бидат именувани повторно.[4]

Управниот одбор ги врши следниве функции:[5]

  • одлучува за прашања што според Законот за Банката на Словенија и другите закони спаѓаат во надлежностите и одговорностите на Банката на Словенија;
  • го предлага надворешниот ревизор;
  • ги регулира правата и обврските поврзани со вработувањето на членовите на Управниот одбор;
  • утврдува дали членството во управниот одбор е компатибилно со другите функции;
  • одлучува за внатрешните административни работи на Банката на Словенија.

Гувернерот е претседател на Управниот одбор. Тој ја организира работата и делува како законски застапник на Банката на Словенија. Тој е одговорен за спроведување на одлуките донесени од Управниот одбор и донесува поединечни и општи акти кои не спаѓаат во надлежност на Управниот Одбор. Гувернерот, исто така, издава упатства за спроведување регулативите на Управниот одбор.[6]

Функции на Банката на Словенија[уреди | уреди извор]

Како членка на Евросистемот, Банката на Словенија ги извршува следниве функции:[7]

Исто така, Банката на Словенија ги врши и следниве функции:[8]

  • Банката на Словенија има ексклузивно право да лиценцира и/или одзема лиценци за вршење на банкарски работи, како и да ги регулира и надгледува банките кои работат во Словенија;
  • Управува со Централниот кредитен регистар, централната национална база на податоци за долговите на поединците и деловните субјекти;
  • Обезбедува набавка на пари во цела Словенија;
  • Банката на Словенија е одговорна за промовирање и гарантирање на непречено функционирање на националниот платен систем;
  • Собира и обработува статистички податоци за ЕЦБ, кои се од значење за функционирањето на монетарниот и финансискиот систем.

Распределбата на вишокот на приходот на Банката на Словенија над трошоците се врши врз основа на членовите 50 и 50а од Законот за Банката на Словенија. Во членот 50а е утврдено дека вишокот на приходите над трошоците треба да се подели помеѓу општите резерви и државниот буџет. Во членот 50 се предвидува односот на поделба: 25% од вишокот на приходите е наменет за државниот буџет, а остатокот е наменет за општите резерви на Банката на Словенија.[9]

Монетарна политика[уреди | уреди извор]

Главна задача на банка на Словенија е да се грижи за стабилноста на домашната валута и да обезбеди ликвидност за плаќањата во земјата и во странство. Таа е единствениот емисионен институт во Словенија и ја има клучната улога во водењето на словенската економија. Таа, исто така, делува како супервизор на банкарскиот систем, т.е. ја следи и регулира дејноста на другите банки за да ја одржи стабилноста на банкарскиот систем. Од воведувањето на еврото во 1 јануари 2007 година (кое настапи како замена за толарот, кој дотогаш бил официјална валута на Словенија), работењето на Банката т.е извршувањто на нејзините должности е целосно во согласност со одредбите од Статутот на ЕСЦБ и ЕЦБ. На денот на воведувањето на еврото, Банката на Словенија постанала членка на Европскиот систем на централни банки, кој е составен од Европската централна банка и националните централни банки на земјите членки на ЕУ. Во согласност со Договорот за основање на Европската заедница и погореспоменатите статути, Банката на Словенија ги врши следниве задачи:[10]

  • Соуправување на официјалните девизни резерви на земјите-членки во согласност со договорот за основање на Европската заедница
  • Спроведување на заедничката монетарна политика со ЕЦБ
  • Промовирање на непречено функционирање на платните системи
  • Издавање банкноти заедно со ЕЦБ
  • Собирање статистички податоци за ЕЦБ

Финансиска стабилност[уреди | уреди извор]

Банката на Словенија ја промовира финансиската стабилност земајќи ги во предвид принципите на пазарна економија и слободна конкуренција. Во 2004 година, во рамките на Банката на Словенија бил формиран департманот за финансиска стабилност со следниве задачи:

  • Да собира информации за појави кои влијаат на финансиската стабилност
  • Да ги обработува, анализира и презентира податоците на Управниот одбор на банката и на пошироката јавност.

Аналитичката работа на департманот за финансиска стабилност е фокусирана на работата на банките, небанкарските финансиски институции (осигурителни компании, пензиски фондови, инвестициони фондови, друштва за лизинг) и финансиската инфраструктура. Овој департман ја анализира и изложеноста на ризик од други слични групи на финансиски институции и можноста тој ризик да се пренесе кон други сектори во националната економија - домаќинства, претпријатија итн. Еднаш годишно, департманот спроведува посеопфатна внатрешна анализа за финансиската состојба на домашната економија. Во јуни, департманот поднесува извештај за финансиската стабилност за да се процени стабилноста на словенечкиот финансиски систем, а на есен ја оценува издржливоста на банкарскиот систем на можни шокови во форма на стрес-тестирање.[11]

Меѓународна соработка[уреди | уреди извор]

Зголемената важност што ја има финансиската стабилност и влезот на Банка на Словенија во Евросистемот - ЕСЦБ [12] придонеле да се развие нејзината меѓународна соработка. Директорот на одделот за Финансиска стабилност на Банката на Словенија е член на комитетот за банкарска супервизија при ЕЦБ „Банкарски надзорен комитет“, и заедно со професионалци од таа област работи на макропрудентни економски анализи. Директна соработка, исто така, се одвива во форма на билатерални средби со експерти од други национални централни банки. Соработката на работно ниво е дополнета со професионални обуки, најчесто со ЕЦБ и националните централни банки на земјите членки на ЕУ.

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]