Прејди на содржината

Штедилница

Од Википедија — слободната енциклопедија

Штедилница (англиски: Thrift, Savings bank) претставува финансиска институција која нуди финансиски услуги (прибира депозити и дава кредити), претежно работејќи со населението. Штедилниците спаѓаат во групата на депозитни институции. Во Македонија, банка не може да основа штедилница, а штедилница не може да работи под називот банка.

Штедилниците во Република Македонија

[уреди | уреди извор]

Штедилниците го сочинуваат вториот сегмент на банкарскиот систем на Република Македонија. Меѓутоа, штедилниците не успеваат до крај да ја вршат својата функција во финансискиот систем и економијата пошироко, односно мобилизирање на слободните парични средства од населението. Со тоа, улогата на штедилниците во банкарскиот систем и понатаму се маргинализира. Тргнувајќи од овие претпоставки, штедилниците не беа покриени со новата законска регулатива за банки. Со новиот Закон за банките[1] штедилниците не се опфатени. Притоа, беше донесена одлука за утврдување на обемот и начинот на работење на штедилниците[2], со кој се утврдува дека за штедилниците основани со Законот за банки и штедилници, покрај одредбите на Законот за банки и штедилници (Службен весник на РМ бр.29/1996 и 37/1998) кои се останати во важност, ќе се применуваат и одредени одредби од постојниот Закон за банки.

Законската регулатива за работењето на банките важи и за штедилниците во следниве области: штедни влогови, заштита од перење пари, внатрешна ревизија, сметководство и ревизија, надзор на работењето, стечајна постапка, ликвидациона постапка, деловна тајна, кривични дела и прекршок.[3]

Тековно во Република Македонија постојат 2 штедилници:[4]

  1. ФУЛМ штедилница д.о.о. - Скопје
  2. Можности - Скопје

Основање на штедилница

[уреди | уреди извор]

Согласно постојната законска регулатива, штедилницата се основа како акционерско друштво, односно друштво со ограничена одговорност и за тоа задолжително е потребна дозвола од Народна банка. Штедилница може да основаат домашни правни и физички лица. Штедилницата се основа со донесување акт за основање и правила за работење на штедилницата. Во актот за основање се определува износот на паричните средства што основачот е должен да ги вложи во основачкиот капитал на штедилницата кој не може да биде помал од 250.000 евра во денарска противвредност, пресметано по среден курс на Народна банка на денот на уплатата.[5]

Функции на штедилниците

[уреди | уреди извор]

Штедилницата во споредба со банката е доста ограничена во својот делокруг на работа и во најголем дел е упатена на работа со население, односно штедилницата ги врши следниве работи:

  • прибира денарски штедни влогови на физички лица;
  • одобрува кредити на физички лица и на поединци кои вршат самостојна дејност без својство на правно лице;
  • зема кредит од банки и штедилници;
  • врши економско-финансиски консалтинг;
  • врши други работи утврдени со закон.

Средствата што штедилницата нема да ги искористи за давање кредити на физички лица можат да се користат за купување и продавање на краткорочни хартии од вредност и за одобрување кредити на правни лица, и тоа исклучиво преку банка и со банкарска гаранција.[6]

  1. Службен весник на РМ бр.63/2000
  2. Службен весник на РМ бр.111/2000
  3. Љупчо Трпески, "Банкарство и банкарско работење”, Скопје:Скенпоинт, 2009, стр. 314-316.
  4. Штедилници во Македонија
  5. Љупчо Трпески, "Банкарство и банкарско работење”, Скопје:Скенпоинт, 2009, стр.315.
  6. Љупчо Трпески, "Банкарство и банкарско работење”, Скопје:Скенпоинт, 2009, стр.315-316