Андреј Платонов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Платонов во 1938 г.

Андреј Платонович Платонов (руски: Андрей Платонович Платонов; 28 август 18995 јануари 1951) — руски писател од советскиот период, чии дела се сметаат за предвесник на егзистенцијализмот.

Биографија[уреди | уреди извор]

Платонов (вистинското презиме му било Андреј Платонивич Климентов) е роден на 1 септември 1899 година во преградие на Воронеж. Татко му бил механичар и машинист, а мајка му била длабоко религиозна жена. Неговиот дом се наоѓал на стотина метри до железничката пруга, така што своето детство Платонов го поминал во возење на скалите на возовите. Исто така, омилена забава му било да слуша приказни за светите места и за христијанството, воопшто. Од 1906 до 1914 година, Платонов учел во црковното училиште, но веќе на 14 години започнал да работи во градските фабрики како машинист. Во 1918 година се запишал на железничарскиот факултет, на катедрата по електротехника. Есента 1926 година, бил назначен за раководител за наводнување при земјоделската управа на Тамбовската околија, но следната година, тој се вратил во Москва.

За време на Сталиновите чистки, во 1938 година бил уапсен неговиот 15-годишен син, кој бил осуден како политички непријател. По бројните ургенции, син му бил ослободен во 1941 година, но две години подоцна, тој умрел од туберкулозата, добиена во логорите.[1]

Гробот на Платнов на Ерменските гробишта во Москва.

Творештво[уреди | уреди извор]

Платонов започнал да пишува поезија уште додека бил ученик, а песните започнал да ги објавува во 1917 година, во градските весници. Во 1918 година станал активен учесник во книжевниот живот на Воронеж: држел говори во рамките на Комунистичкиот сојуз на новинарите, како и печател песни, написи и раскази во повеќе списанија и весници.[2]

Во 1921 и 1922 година, Платонов ги објавил првите две публицистички книги, а потоа, поради посветеноста на практичната работа, привремено се оддалечил од книжевноста. Во 1927 година, кога повторно се вратил во Москва, тој се обидел да живее како писател и соработувал со повеќе московски и сојузни литературни списанија. Сепак, неговиот обид наишол на бројни тешкотии, особено по критиката на неговите раскази од страна на Руското здружение на пролетерски писатели. Како последица на тоа, Платонов не само што не можел да ги објави бројните завршени дела, туку подоцна, за време на Сталиновите чистки, тој бил оценет како “идеолошки неблагонадежен писател”. Изолацијата на Платонов траела до крајот на неговиот живот, при што, единствено имал можност да објавува во детските весници и списанија. Дури во 1960-тите, со подемот на самиздатите, делата на Платонов се стекнале со поголема популарност, но тој бил официјално рехаблитиран дури во 1980-тите, кога бил воздигнат како класик на руската литература.[3]

Раната проза на Платонов била во духот на залагањето за изградба на социјализмот. Подоцна, неговите дела биле оценети како идејно неподобни, бидејќи во нив најчесто се опишува судбината на човекот во тоталитарниот режим, неговото претворање во дел од општата машинерија.[4] Во своите дела, Платонов изградил посебен книжевен јазик којшто нема паралела во литературата. Така, тој намерно употребувал неспоиви поими, се служел со фина иронија и сарказам, го употребувал новинарскиот речник специфичен за неговата епоха, како и официјалната политичка лексика. Притоа, неговите реченици често имаат искривена лексичка и синтаксичка структура, па дури и нарушена логика, но Платонов намерно се служел со тие јазични прекршувања за да ја прикаже апсурдноста на настаните. Во таа смисла, Јосиф Бродски, во предговорот на книгата Чевенгур, напишал дека ... Платонов не може да се преведе, додека Ј. Безелански сметал дека јазикот на Платонов е ... прекрасно тежок, но тоа е тежината на благороден метал.[5]

Кусиот роман на Платонов, под наслов "Девствено море" (Ювенильное море) е објавен на македонски јазик во 2013 година, од страна на издавачката куќа "Темплум", а во превод на Павел Попов.[6]

Споменикот на Платонов во Воронеж.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Андреј Платонов, Девствено море, Скопје: Темплум, 2013, стр. 135-137.
  2. Андреј Платонов, Девствено море, Скопје: Темплум, 2013, стр. 136.
  3. Андреј Платонов, Девствено море, Скопје: Темплум, 2013, стр. 136-138.
  4. Андреј Платонов, Девствено море, Скопје: Темплум, 2013, стр. 136-138.
  5. Андреј Платонов, Девствено море, Скопје: Темплум, 2013, стр. 141-142.
  6. Андреј Платонов, Девствено море, Скопје: Темплум, 2013.

Поврзано[уреди | уреди извор]