Хари Потер и Каменот на мудроста (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Хари Потер и Каменот на мудрoста“
Европскиот постер од филмот (лево) и американскиот постер од филмот (десно).
РежисерКрис Колумбус
ПродуцентДејвид Хејмен
СценаристСценарио:
Џ. К. Роулинг
Роман:
Стив Кловс
Главни улогиДаниел Редклиф
Руперт Гринт
Ема Ватсон
Ричард Харис
Роби Колтрејн
Алан Рикман
Меги Смит
Ијан Харт
МузикаЏон Вилијамс
КинематографијаЏон Сиал
МонтажаРичард Францис-Брус
ДистрибутерWarner Bros.
ПремиераОК:
4 ноември 2001
САД:
14 ноември 2001
Времетраење152 минути
ЗемјаОбединето Кралство
САД
ЈазикАнглиски
Буџет$125 милиони[1]
Бруто заработка$976,475,550[2]
СледенОдајата на Тајните

Хари Потер и Каменот на мудроста (англиски: Harry Potter and the Philosopher's Stone, во САД и Индија пренасловен како Harry Potter and the Sorcerer's Stone), е фантастично-авантуристички филм од 2001 година заснован врз истоимениот роман од Џоан К. Роулинг. Режиран од Крис Колумбус, е прв филм од популарниот Хари Потер филмски серијал. Приказната го следи Хари Потер, момче кое на својот единаесетти роденден дознава дека е волшебник и започнува со своето волшебно образование во училиштето за магии и волшебништво Хогвортс. Даниел Редклиф го глуми Хари Потер, наспроти Руперт Гринт и Ема Ватсон, како најдобрите другари на Хари, Рон Визли и Хермиона Гренџер. Возрасниот дел од глумечката екипа е сочинет од Ричард Харис, Меги Смит, Роби Колтрејн, Алан Рикман и Ијан Харт.

Warner Bros. ги купиле правата за книгата во 1999 година. Продуцијата започнува во 2000, со Колумбус одбран како режисер од кратка список на кандидати да го создаде филмот. Писателката Роулинг инсистирала целата глумечка екипа да се состои од Британци или Ирци за да се зачува културниот идентитет на книгата и филмот. Роулинг исто така го одобрила и сценариото напишано од Стив Кловс. Филмот во главно се снимал во Leavesden Film Studios, како и во историски градби низ државата, и конечно беше излезен во САД и Обединетото Кралство во неомври, 2001. Заедно со во поголем дел позитивната критичка прифатеност, филмот заработи 976 милиони долари и три номинации за Оскар. Филмот исто така е петти филм со најголема зараборувачка на сите времиња. Втората, третата, четвртата, петтата и шестата се сите адаптирани во успешни филмови, со седмиот потврден.

Синопсис[уреди | уреди извор]

Хари Потер е навидум обично единаесет годишно момче кое живее со своите запоставувачки роднини, Дарслиеви. На неговиот единаесетти роденден, Хари дознава од мистериозен странец, Рубеус Хагрид, дека тој е всушност волшебник, познат помеѓу волшебното општество поради неговото преживување на нападот од страна на мрачниот волшебник Лорд Волдеморт, кога Хари имал само една година. Волдеморт ги убил родителите на Хари, но нападот врз Хари не успеал, оставајќи му на Хари само лузна во облик на молња на неговото чело и оставајќи се себеси безмоќен. Хагрид му открива на Хари дека е повикан да започне со настава во Хогвортс, училиште за магии и волшебништво.

И покрај противењето на неговите тетка и тетин, Хари оди во Хогвортс каде започнува да изучува магии и да запознава нови пријатели, истовремено и непријатели, меѓу учениците и персоналот во Хогвортс. По нападот на Хари, Волдеморт останал во полумртва состојба и целото време го поминал во криење, но сега решава да си ја поврати силата користејќи го каменот на мудроста, кој му овозможува бесмртност на оној што го поседува. Хари и неговите пријатели, Рон Визли и Хермиона Гренџер го откриваат планот и се обидуваат да ја спречат кражбата на каменот, кој се наоѓа скриен во добро чувана одаја во Хогвортс. Тројцата се сомневаат во професорот Снејп, учител кој поради непознати причини го презира Хари. Но, виновникот е всушност плашливиот учител, Квирл, кои дејстува по наредби на Волдеморт. Хари успева да го порази Квирл, и каменот е засекогаш уништен од Албус Дамблдор и Николас Фламел, спречувајќи ја шансата на Волдеморт да си ја поврати моќта.

Глумечка екипа[уреди | уреди извор]

Роулинг лично инсистирала да глумечката екипа биде исклучиво британска.[3] Сузи Фигс била задолжена за распоредувањето на улогите, работејќи со обајцата Колумбус и Роулинг за време на аудицијата за трите главни улоги Хари, Рон и Хермиона.[4] каде само британските деца биле земани предвид.[5] Главните аудиции биле поделени во три дела, првиот се состоел со читање на една страна од Хари Потер и Каменот на мудроста, потоа ако биле повикани повторно, тие морале да изглумат една сцена од ученичкото пристигнување во Хогвортс, и за крај им биле доделувани неколку страници од сценариото, кои тие ги читале пред Колумбус.[6] На 11 јули 2000 година, Фигс ја напуштила продукцијата, жалејќи се на тоа што Колумбус не сметал ниедно од илјадниците останати деца кои се пријавиле и биле „подостојни“.[7] На 8 август 2000 година, тогаш непознатите Даниел Редклиф, Ема Вотсон и Руперт Гринт биле одбрани од илјада други деца, да ги толкуваат улогите на Хари Потер, Рон Визли и Хермиона Гренџер.[8]

  • Даниел Редклиф го толкува Хари Потер, дете со лузна во облик на громотевица на челото и со способност да прави необични работи да се случуваат околу него. Тој бил одгледан од тетка му и тетин му уште од една година, поради смрта на неговите родители, кои не ги памети, бидејќи бил многу мал. На неговиот единаесетти роденден Хари открива дека е волшебник и почнува да го посетува Хогвортс училиштето за магии и волшебништво. Колумбус го сакал Редклиф за улогата уште од кога го видел на ВВС за аудицијата на Дејвид Коперфилд, но се дознава дека презаштитничките родители на Даниел не сакале да го пуштат Даниел да ја толкува улогата. Редклиф бил повикан да присуствува на аудицијата во 2000 година, кога Хејмен и Кловс ги запознале неговите родители на продукцијата на Камења во неговите џебови во Лондон. Хејмен и Кловс успешно успеале да ги убедат неговите родители дека нивниот син ќе биде заштитен од „нападите“ на медиумите и жолтиот печат и неговите родители се согласиле тој да го глуми Хари. Роулинг прифатила Даниел да биде Хари, изјавувајќи дека „знаејќи го Колумбус била сигурна дека тој нема да може да најде подобар глумец за Хари дури и да сакал“. На Редклиф му биле платени 1 милион долари, иако тој почувствувал дека сумата и не е „толку важна“. Вилиам Мусли, кој е одбран да го глуми Питер Пенсеви во Хрониките на Нарнија исто така се пријавил да го глуми Хари.
  • Руперт Гринт го глуми Рон Визли, цервенокосо момче-волшебник, најмладиот син од сиромашно семејство со седум деца (постар само од една сестра), кој развива големо пријателство со Хари. Како тринаесетгодишник, Гринт бил најстариот глумец од триото. Тој мислел дека е идеален за улогата бидејќи имал црвеникаста ѓумбур коса и бил голем обожавател на книгите. Кога видел реклама на една детска емисија дека има отворено бирање на улогата за Рон тој снимил кратко видео со како тој ги моли да го примат и дека не може да опише колку сака да го глуми Рон. Неговиот обид бил успешен и бил повикан на разговор.
  • Ема Ватсон ја глуми Хермиона Гренџер, екстремно интелигентна вештерка која е со „нечиста крв“ (нејзините родители се неволшебници) која на почетокот иако ги нервира Хари и Рон, по борбата со тролот таа им станува најдобра пријателка. Импресионирана од нејзините изведби на школските претстави, учителката по глума на Ватсон ја пријавила Ема на агентите за бирање на улогата. Ватсон многу сериозно ја сфатила својата аудиција, но никогаш не ни помислила дека таа има шанса да ја добие улогата. Продуцентите биле импресионирани од нејзината самоувереност и изведба и од милион девојчиња ја одбрале токму неа. Роулинг на почетокот била против Ема да ја глуми Хермиона, бидејќи не ѝ се допаѓал првиот аудициски тест што Ема го правела.
  • Ричард Харис го глуми Албус Дамблдор, директорот на Хогвортс и еден од најпознатите и најмоќните волшебници на сите времиња. Тој решава да го остави Хари кај тетка му и тетин му поради смртта на Лили и Џејмс Потер кои биле убиени од Лорд Волдеморт. Харис ја одбивал улогата, сè додека не решил да се согласи бидејќи неговата внука го колнела дека ако не ја прифати улогата никогаш повеќе нема да зборува со него.
  • Роби Колтрејн го глуми Рубеус Хагрид, полуџин и чувар на имотот на Хогвортс. Тој го носи Хари на Зеленика со својот летачки мотор, потоа го зема на неговиот единаесетти роденден да го носи во Хогвортс и оттогаш тие двајца градат цврста врска. Колтрејн бил прв избор на Роулинг. Колтрејн, кој веќе бил голем обожавател на книгите, се подготвувал за улогата разговарајќи со Роулинг за минатото и иднината на Хагрид.
  • Алан Рикмен го глуми Северус Снејп, наставникот по напивки и глава на Слитерин (една од четирите куќи во Хогвортс). Тој го презира Хари поради минатото со татко му. Тој порано бил Смртојад (следбеник на Лорд Волдеморт), но ја има целосно довербата од Дамбладор. Тим Рот бил заинтересиран за улогата, бидејќи неговите деца биле големи обожаватели на книгите, но поради некои причини Алан ја добил улогата.
  • Меги Смит ја глуми Минерва Мек Гонагл, строгата заменичка директорка, глава на Грифиндор и наставничка по преобразување во Хогвортс. Таа е многу моќна волшебничка и знае да се преобразува во мачка, а и во други работи. Таа му помага на Дамблдор да го однесат Хари на Зеленика. Смит била единствен избор на Роулинг.
  • Том Фелтон го глуми Драко Малфој, волшебник од богато семејство. Откако Хари ќе ја одбие неговата понуда за „пријателство“ тие стануваат вечни непријатели. Заедно со Редклиф, Фелтон бил единствениот од младите глумци кој имал претходно искуство пред камерите.
  • Ијан Харт го глуми Професорот Квирл, расеаниот и нервозен учител по одбрана од мрачните сили во Хогвортс. Тој носи турбан за да го скрие лицето на Волдеморт кое се крие на неговата позадина. Дејвид Телвис се пријавил за улогата, но за жал не ја добил. Интересно е тоа што тој подоцна се здобива со улогата на Ремус Лупин во Хари Потер и Затвореникот од Азкабан.
  • Ричард Грифитс го глуми Вернон Дарсли, тетинот на Хари кој го мрази Хари и се грижи само за неговиот син Дадли.
  • Фиона Шау ја глуми Петуниа Дарсли, тетката на Хари која исто како Вернон не го сака Хари.
  • Хари Милинг го глуми Дадли Дарсли, дебелиот, разгален и немирен братучет на Хари.
  • Џон Херт го глуми Г-дин Оливандер, сопственикот на Оливандерс, најдобриот произведувач на волшебни стапчиња. Оливандер ја поседува способноста да го најде идеалното стапче на тој што му треба и тој тврди дека го помни секое можно стапче што го има продадено и на кого го продал.
  • Метју Луис го глуми Невил Лонгботом, мирен ученик кој е пријател со Хари, Рон и Хермиона. Тој е најчесто измачуван од Малфој и неговата банда. На крајот од филмот го открива планот на Хари, Рон и Хермиона и им се заканува дека ќе ги издаде ако отидат по каменот на мудроста.
  • Варик Дејвис го глуми Филиус Флитвик, наставник по магии кој е џуџе и е глава на Ревенкло.
  • Џон Клис го глуми Речиси-Безглавиот Ник, духот на куќата на Грифиндор, интересен и забавен дух кој сите го обожуваат. Наречен е „Речиси-Безглав“ поради тоа што неговата глава се држи на само два сантиметри месо, џелатот одговорен за неговото погубување не ја наострил добро секирата.
  • Џули Валтерс ја глуми Моли Визли, грижливата мајка на Рон. Таа му помага на Хари да стигне до перонот 9¾. Пред да ја одберат Валтерс за улогата, американската глумица Роси О‘Донел одела на разговори со Колумбус за да ја одбере да биде Моли Визли.
  • Ричард Бример го глуми Лорд Волдеморт, најмрачниот волшебник на сите времиња. Тој бил поразен и речиси уништен, со клетвата која пробал да ја искористи на Хари, но таа се одбила и го погодила него. Тој се спојува со еден наставник за да го најде каменот на мудроста и да стане повторно човек од крв и месо. Бремер го игра Волдеморт само во една сцена од минатото додека неговото лице и глас кога ќе се појави на тилот на Квирл се на Ијан Харт.

Рик Мајал бил одбран да го глуми Пивс (Намќорот), но поради некои причини сцените со него биле избришани.

Продукција[уреди | уреди извор]

Развој[уреди | уреди извор]

Во 1997 година, продуцентот Дејвид Хејмен го пребарувал Холивуд за добра книга за деца која би можела да биде адаптирана и добро примена како филм. На почетокот тој планирал да го продуцира Огарот од долу од Диана Вин Џонс, но плановите пропаднале. Неговиот персонал тогаш го предложил Хари Потер и Каменот на мудроста, и на Хејмен му се допаднала идејата. Хејмен ја пренел идејата во Warner Bros. и наредната година, Роулинг ги продала правата на првите 4 книги на компанијата за објавени 1 милион фунти. Роулинг побарала главната глумечка екипа да биде строго Британци, но дозволила и вклучување на ирски глумци како Ричард Харис кој го толкува Дамблдор и за вклучувањето на француски и источноевропски глумци за четвртиот дел, Огнениот пехар, каде и во самата книга тие се така и специфицирани. Роулинг се двоумела околу продажбата на правата, особено на правата на ликовите, затоа што со тоа, студиото би имало право да прави продолженија на филмовите кои не се засновани врз книгите.

Иако на почетокот се воделе преговори со Стивен Спилберг, договорот пропаднал. Спилберг сакал адаптацијата да биде анимиран филм, во кој гласот на Хари ќе го позајми американскиот глумец Хејли Џоел Озмент, или пак филм во кој би биле вклучени елементи и од наредните книги. Спилберг се согласил дека филмот ќе биде успешен и дека очекувањето на профит од него е исто како да „ловиш патки затворени во буре“.

По заминувањето на Спилберг, започнале разговори со други режисери, меѓу кои: Крис Колумбус, Тери Гилиам, Џонатан Дем, Мајк Њуел, Алан Паркер, Волфганг Петерсен, Роб Рајнер, Иван Рајтман, Тим Робинс, Бред Силберлинг и други. Петерсен и Рајнер се откажале во март 2000 година, за на крајот изборот да се намали на Силберлинг, Колумбус, Паркер и Гилиам. Прв избор на Раулинг бил Тери Гилиам, но Warner Bros. го одбрале Колумбус поради неговата претходна работа на други семејни филмови како Сам дома и Г-ѓа Даутфаер. Колумбус својата верзија ја осмислил како двочасовен филм, во кои сакал сцените со маглите (неволшебниците) да бидат со избледени и застарени бои, а оние сцени од волшебничкиот свет да бидат полни со боја, расположение и детали. Инспирацијата ја зел од адаптацијата на Оливер Твист од режисерот Дејвид Лин.

Хари Потер е таков вид на безвременско книжевно дело што се појавува само еднаш во животот. Откако книгите почнаа да бидат следени толку страсно од целиот свет, важно ни беше да најдеме режисер кој има афинитет кон децата и магијата. Не можам да замислам никој подобар за оваа работа од Крис.“
Лоренцо ди Бонавентура[9]

Стив Кловс беше одбран да го пишува сценариото за филмот. Тој го опишува процесот на адаптација на книгата едноставно како „тежок“, затоа што „не се позајмувала адаптација како кај следните две книги“. На Кловс му биле испратени повеќе синопсиси на книги, одбрани за адаптација, кои тој ретко кога ги читал, но Хари Потер му „паднал в очи“. Отишол да ја купи целата книга и веднаш станал голем обожавател на серијалот. Кога зборувал со Warner Bros. тој потврдил дека целиот филм треба да биде британски, вклучувајќи ги и глумците. Кловс бил навистина нервозен кога требал да се запознае со Роулинг, мислејќи дека таа ќе го обвини дека го уништил нејзиното дело. На Роулинг ѝ се допаднал сценаристот и напишаното сценарио, сепак и таа имала голема контрола околу креативниот дел. Студиото ја назначило за извршен продуцент, договор кој не му сметал на Колумбус.

Warner Bros. на почетокот планирале премиерата на филмот да биде преку викендот на 4 јули 2001 година, давајќи многу кратко време за продукција поради што некои од режисерите се повлекле од трката. Но поради мали компликации и одложувања, датумот на премиера била преместен на 16 ноември 2001 година.

Снимање[уреди | уреди извор]

Замокот Алнвик се користел како главна локација за снимање на Хогвортс.
Продавница во Лондон, искористена за снимање на Дупнатиот Котел.

Двајца британски чиновници од филмската индустрија побарале филмот да биде сниман во Обединетото Кралство, нудејќи помош околу обезбедувањето на локации за снимање, можноста за употреба на студиото Leavsden како и промена на законот за деца работници. Warner Bros. ја прифатиле нивната понуда и снимањето започнало во октомври 2000 година во Leavesden Studios, и завршило во април 2001, со конечен завршеток до јули. На почетокот одбрани локации биле железничката станица Гоутленд, во Северен Јоркшир, Кантербериската катедрала и замокот Инвераилорт во Шкотска, како место за снимање на сцените од Хогвортс. Кантербури ги одбиле Warner Bros. поради наводната паганска тема на филмот. На крајот замокот Алнвик и Глочестерската катедрала биле одбрани како главни локации со некои сцени снимани во училиштето Хароу. Други сцени од Хогвортс биле снимани во катедралата Дурхам, во период од две недели. Овде се снимале сцените од ходниците и училниците. Училиштето Оксфорд Дивинити послужило како болничкото крило во Хогвортс, а библиотеката Дјук Хамфри била искористена како хогвортската библиотека. Снимањето на улицата Зеленика било во Брекнел, Беркшир. Подоцна била конструирана посебна сцена во студиото Leavesden што испаднало поевтина варијанта отколку снимањето на локации. Австралија Хаус во Лондон е локација за сцената од банката Гринготс, Лондонската зоолошка е локација за сцената во која Хари случајно ја ослободува змијата и Кингс Крос железницата како што е споменато во книгата.

Поради разликите во насловот на филмот во Америка и Обединетото Кралство, сите сцени во кои се споменува зборот каменот на мудроста се снимени двапати еднаш како глумците велат „philosopher's“ а еднаш „sorcerer's“. Децата поминувале по 4 часа дневно во снимање и 3 часа во училишна работа, како и шминкањето каде им додавале разни вештачки повреди на лицата. Редклиф морал да носи зелени леќи поради неговите сини очи, за разлика од Хари. Во некои од сцените неговите очи се обојувани преку компјутерска анимација, поради проблемите кои младиот Радлиф ги имал со контактните леќи.

Дизајн, специјални ефекти и музика[уреди | уреди извор]

Џудиана Маковски ги дизајнирала костимите за филмот. Таа ги редизајнирала наметките за Квидич откако на почетокот биле планирани да бидат како оние што се покажани на корицата на американското издание на книгата, сметајќи ги за ужас. Како такви, таа ги облекла играчите во џемпери и штитници за раце и нозе од 19 век.[10] Продукцискиот дизајнер Стјуарт Крег ги изградил сцените во студиото Leavesden, кое ја вклучува големата сала во Хогвортс, и иако требало да се снима на вистинската локација, Крег одлучил самиот да ја изгради Дијагоналната уличката базирајќи ја на Тидоровата, Џорџовската и архитектурата на Кралицата Ана.

Колумбус планирал да користи анимотроника и КГС (компјутерски генерирани слики) да ги создава магичните суштества, дури и кучето Флафи.[11] Ник Дадман, кој работел на Војна на Ѕвездите Епизода 1: Фантомска закана, бил задолжен да ги создава моделите и калапите.[12] Џон Копингер изјавил дека волшебните суштества кои требале да бидат дизајнирани за филмот морале да ги дизајнираат повеќепати.[13] На филмот му требале околу 600 видеа со специјални ефекти што значело дека морале да соработуваат со повеќе компании и од секоја земале потребни алатки за снимање. Industrial Light & Magic го направиле лицето на Лорд Волдеморт кое се наоѓа на задната страна на професорот Квирл, Rhythm & Hues го анимирале Норбет и Sony Pictures Imageworks ги обработиле сцените со квидич.

Џон Вилијамс бил избран да ја направи музиката за филмот.[14] Вилијамс го правел саундтракот во неговиот дом во Лос Анџелес пред официјално да го снима во Лондон во август 2001 година. Една од поглавните песни е насловена „Hedwig's Theme“, која Вилијамс ја нарекол „таа песна на сите им се допаѓа“.[15]

Разлики од книгата[уреди | уреди извор]

Колумбус постојано зборувал со Роулинг за да биде сигурен за секој мал детал во филмот е направен како што треба.[16] Кловс го опишува филмот како „многу верен“ на книгата. Тој има додадено некои диjалози, кои Роулинг ги има одобрено. Некои диjалози морале да бидат отстранети по наредба од Роулинг, бидејќи таа рекла дека тие дијалози можеле да откријат некои делови од тогаш не издадената книга Хари Потер и Редот на фениксот.[17]

Покрај ова, во повеќето случаи со правење филм заснован врз некоја книга, секогаш има разлики од синопсисот на филмот и оригиналниот изворен материјал. Првото поглавје во книгата започнува од гледна точка на Вернон и Петунија Дарсли, ова поглавје ни покажува каков им бил животот токму еден ден пред да го добијат Хари и како обичните луѓе реагираат на некој вид магии. Во филмот овој дел го нема, наместо ова, филмот започнува со професорот Дамбладор, професорката Мекгонагл и Хагрид оставајќи го Хари кај Дарслиеви. Следно во книгата гледаме еден месец од летото на Хари, вклучувајќи неколку обиди на тетин Вернон да ги скрие писмата кои доаѓаат од Хогвартс, кои ги нема во филмот. Боата од Бразил од книгата станува анаконда од Бурма во филмот. Не е вклучен конфликтот меѓу Хари и Драко, вклучувајќи го и нивното оригинално прво сретнување во продавницата на Мадам Малкин за училишни униформи. Ликот на Пиерс Полкис (другар на Дадли кој го задева Хари) е избришан и мал дел од улогата на Николас Фламел е изменет или целосно отстранет. Што се однесува до Норбет, тој се појавува во филмот исто колку и во книгата, но во филмот е споменато дека Норбет е всушност предаден на Дамбладор додека во книгата Хари, Рон и Хермиона мораат да одат да го однесат Норбет во астрономската кула и да го предадат на пријатели на Чарли Визли. Раулинг ја опиша сцената како „еден дел од книгата за кој таа почувствувала дека може лесно да биде сменет.“[18] Поради ова, причината за казна во забранетата шума исто така е променета. Во романот, Хари и Хермиона се казнени бидејќи се фатени од Филч како излегуваат од астрономската кула навечер после дозволеното време, додека во филмот, Хари, Рон и Хермиона се казнени бидејќи се фатени од страна на Малфој како навечер се во колибата на Хагрид. Песната на капата бирачка е „отсечена“, како и загатката со напивките на Снејп и собата со тролот на Квирел по пат во собата на каменот. Тетка Петунија и тетин Вернон како и кентаурот Фиренз се визуално изменети. Во книгата се прикажани како поруси луѓе, додека во книгата како потемни.[19]

Маркетинг[уреди | уреди извор]

Првиот постер пуштен за филмот бил на 30 декември 2000 година, додека првиот трејлер бил пуштен преку сателит на 29 февруари 2001, а потоа во кината заедно со филмот Спот. Музиката од филмот била пуштена на 30 октомври 2001 година. Видео игра заснована врз филмот била пуштена во 2001 година од страна на Electronic Arts за неколку конзули. Друга игра за GameCube, PlayStation 2 и Xbox била пуштена во 2003 година. Mattel ги добива правата да произведува играчки засновани врз филмот, и да бидат продавани ексклузивно преку продавниците на Warner Brothers. Warner Bros. потпишале договор вреден 150 милиони американски долари со Coca-Cola да го промовираат филмот, и со Lego да произведе серијал на градби и сцени од филмот, како и Lego Creator видеоигра заснована врз филмот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Џенсен, Џеф; Fierman, Daniel (14 септември 2001). „Во внатрешноста на Хари Потер“. Entertainment Weekly. Архивирано од изворникот на 2008-01-24. Посетено на 7 февруари 2010.
  2. „Хари Потер и каменот на Соркерер“. „Box Office Mojo“. Посетено на 29 мај 2007.
  3. „Harry Potter and the Philosopher's Stone“. Guardian Unlimited. 2001-11-16. Посетено на 2007-05-26.
  4. Linder, Brian (2000-03-30). „Chris Columbus Talks Potter“. IGN. Архивирано од изворникот на 2008-12-06. Посетено на 2007-07-08.
  5. Brian Linder (2000-06-14). Harry Potter Casting Frenzy“. IGN. Архивирано од изворникот на 2009-04-25. Посетено на 2007-07-08.
  6. name=maincasting
  7. name=trouble
  8. „DANIEL RADCLIFFE, RUPERT GRINT AND EMMA WATSON BRING HARRY, RON AND HERMIONE TO LIFE FOR WARNER BROS. PICTURES'"HARRY POTTER AND THE SORCERER'S STONE". Warner Brothers. 2000-08-21. Архивирано од изворникот на 2002-04-14. Посетено на 2007-05-26.
  9. name=columbus
  10. Jess Cagle (2001-11-05). „The First Look At Harry“. Time. Архивирано од изворникот на 2007-10-12. Посетено на 2007-09-19.
  11. name=columbointer
  12. Brian Linder (2001-01-08). „Davis Confirms Potter Role“. IGN. Архивирано од изворникот на 2009-04-26. Посетено на 2007-07-09.
  13. Brian Linder (2001-01-11). „Potter Creature Feature“. IGN. Архивирано од изворникот на 2009-04-26. Посетено на 2007-07-09.
  14. Glen Oliver (2000-08-17). „Harry Potter Composer Chosen“. IGN. Архивирано од изворникот на 2007-10-19. Посетено на 2007-07-08.
  15. name=prelude
  16. name=davis
  17. Brian Linder (2001-02-06). „Screenwriter Kloves Talks Harry Potter. IGN. Архивирано од изворникот на 2007-10-19. Посетено на 2007-07-10.
  18. name=time
  19. Kimberley Dadds; Miriam Zendle (2007-07-09). „Harry Potter: Books vs films“. Digital Spy. Архивирано од изворникот на 2008-07-09. Посетено на 2007-07-10.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Хари Потер и Каменот на мудроста (филм)“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).